Достапни линкови

Трамп: САД ги „зароби“ венецуелскиот претседател и неговата сопруга, Иран и Русија ги осудија нападите


Напади врз Каракас
Напади врз Каракас

Претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, објави на својот профил на социјалните мрежи Truth Social дека Соединетите Американски Држави извршиле „голем воен напад врз Венецуела“ и „го заробиле нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, и неговата сопруга“.

„Соединетите Американски Држави успешно извршија голем напад врз Венецуела и нејзиниот лидер, претседателот Николас Мадуро, кој беше заробен и изнесен од земјата заедно со неговата сопруга. Оваа операција беше спроведена во соработка со американските органи за спроведување на законот“, напиша тој.

Деталите за настаните сè уште се појавуваат, но американскиот сенатор Мајк Ли изјави дека американскиот државен секретар Марко Рубио го информирал оти Мадуро бил уапсен од американски сили за да му се суди по кривични обвиненија во Соединетите Американски Држави.

„Тој [Рубио] не очекува понатамошни дејствија во Венецуела сега кога Мадуро е во притвор во САД“, напиша Ли на X по разговорот на 3 јануари со највисокиот дипломат на Вашингтон.

Рубио сè уште не коментирал јавно за нападите, но повторно објави изјава од минатиот јули на својот X профил каде што рече дека „Мадуро НЕ е претседател на Венецуела и неговиот режим НЕ е легитимна влада“.

На почетокот на 3 јануари, експлозии го потресоа главниот град Каракас по месеци закани од претседателот Доналд Трамп кон венецуелскиот претседател Николас Мадуро.

Владата на Венецуела соопшти дека нападите покрај Каракас се случиле и во Миранда, Арагуа и Ла Гваира, што го натерало Мадуро да прогласи вонредна состојба и да ги мобилизира одбранбените сили.

Според новинарските извештаи на Ројтерс и снимките што циркулираат на социјалните мрежи, експлозии, авиони и црн чад можеле да се видат низ Каракас од околу 6 часот наутро (по средноевропско време) во траење од приближно 90 минути.

Иран и Русија го осудуваат нападот на САД врз Венецуела

Москва, која одржува блиски врски со Венецуела, изјави дека е исклучително загрижена од извештаите дека Мадуро и неговата сопруга биле насилно отстранети од земјата за време на „агресивни дејствија“ од Вашингтон.

„Апелираме за итно разјаснување на оваа ситуација“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи од 3 јануари.

„Ваквите дејствија, доколку навистина се случиле, претставуваат неприфатливо кршење на суверенитетот на независна држава, чие почитување е клучен принцип на меѓународното право“, се вели во соопштението на министерството

Владата на Венецуела не го потврди апсењето на Мадуро, но потпретседателката Делси Родригез изјави дека локацијата на Мадуро и првата дама Силија Флорес се непознати.

Во телевизиските коментари, Родригез побара доказ за живот од Вашингтон и рече дека во нападот се убиени функционери, воен персонал и цивили низ целата земја.

Венецуела е најважниот партнер на Москва во Латинска Америка и со години обезбедува дипломатска поддршка, како и одредено ниво на воена помош за режимот на Мадуро, додека тој се соочува со меѓународен и домашен притисок поради оспорувани избори и тековна економска криза.

Руското Министерство за надворешни работи ги нарече ударите од 3 јануари „чин на вооружена агресија против Венецуела“ од страна на Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека сите „изговори“ што се наведуваат за оправдување на ваквите дејствија се „неодржливи“.

„Ја потврдуваме нашата солидарност со венецуелскиот народ и нашата поддршка за курсот на боливарското раководство насочен кон заштита на националните интереси и суверенитетот на земјата“, се вели во соопштението на министерството.

Во него се додава дека Латинска Америка мора „да остане зона на мир“.

Иран, уште еден клучен сојузник на Венецуела, го осуди американскиот воен напад, објави иранскиот државен медиум Press TV.

Иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека наводниот напад го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Венецуела, како и Повелбата на Обединетите нации, пренесе Press TV.

„Американската воена агресија врз независна држава која е членка на Обединетите нации претставува грубо кршење на регионалниот и меѓународниот мир и безбедност, чии последици ќе влијаат врз целиот меѓународен систем“, се наведува во соопштението на министерството.

Трамп со месеци најавуваше воени операции врз Венецуела

Потезите на САД доаѓаат по месеци на зголемен притисок врз Мадуро поради обвинувања за трговија со дрога и нелегитимитет на власт.

Трамп често најавуваше копнени операции во богатата со нафта јужноамериканска земја, која Мадуро ја владее од 2013 година.

Соединетите Американски Држави, венецуелската опозиција и бројни други земји тврдат дека Мадуро ги фалсификувал минатогодишните избори за да остане на власт.

Трамп во понеделникот изјави дека би било „мудро“ Мадуро да се повлече. Пентагон ги упати новинарите во Белата куќа, која одби да коментира.

Венецуелската влада во соопштението изјави дека нападот имал за цел САД да ја преземат контролата врз нафтата и минералите во земјата. Додаде дека САД „нема да успеат“ да ги заземат тие ресурси.

Соединетите Американски Држави извршија големо воено засилување во регионот, вклучувајќи носач на авиони, воени бродови и напредни борбени авиони стационирани во Карибите.

Трамп повика на „блокада“ на венецуелската нафта, ги прошири санкциите против владата на Мадуро и изврши повеќе од дваесет напади врз бродови за кои САД тврдат дека биле вклучени во трговија со дрога во Тихиот Океан и Карипското Море.

Минатата недела, Трамп изјави дека САД нападнале област во Венецуела каде што се товарат бродови со дрога. Тој не кажа дали ЦИА ги извршила нападите.

Дел од американските медиуми објавија дека разузнавачката агенција стои зад нив.

Трамп ја обвини Венецуела дека ги преплавува САД со дрога, а неговата администрација со месеци бомбардира бродови со потекло од Јужна Америка за кои вели дека превезуваат дрога.

Бројни земји ги осудија нападите, додека владата на Мадуро постојано негираше каква било поврзаност со трговијата со дрога.

XS
SM
MD
LG