Достапни линкови

Kако Западен Балкан реагираше на нападот на САД на Венецуела?


Знамето на Венецуела
Знамето на Венецуела

Земјите од Западниот Балкан изразија различни реакции на нападот на Соединетите Американски Држави врз Венецуела во саботата, кој му претходеше на апсењето на венецуелскиот лидер Николас Мадуро и неговото спроведување во притвор во Њујорк.

Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека Соединетите Американски Држави ќе „управуваат“ со Венецуела до „соодветен трансфер на власта“ и ќе ги искористат нејзините големи нафтени резерви, по соборувањето на Мадуро.

Мадуро во неделата беше префрлен во притворски центар во Њујорк, а се очекува во текот на неделата да се појави пред суд за да се соочи со обвиненија за кривични дела поврзани со дрога и оружје.

Пред нападот, Соединетите Американски Држави континуирано го обвинуваа дека води „нарко-држава“ и дека манипулирал со изборниот процес.

Во продолжение ги пренесуваме реакциите на земјите од Западниот Балкан:

Северна Македонија

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, неколку часа по приведувањето на Мадуро изјави дека Скопје ја „поздравува“ објавата на Трамп дека Мадуро е уапсен и дека ќе се соочи со правдата.

„Исто така му честитам на државниот секретар Марко Рубио за неговото лидерство во борбата против нарко-криминалните мрежи на режимот на Мадуро. Одговорноста е важна“, напиша Муцунски на Икс.

Ден потоа со реакција се огласи и премиерот Христијан Мицкоски кој посочи дека „Влада апсолутно стои до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави“.

Тој поддршката ја поврза со македонскиот контекст и меѓународното право за спорот со името кој државата го имаше со Грција, и за кој поведе постапка пред меѓународниот суд во Хаг.

„Преседанот е направен уште кога се менуваше знамето на оваа држава за да биде земја членка на ОН. Кога се менуваше Уставот, кога се менуваше уставното име и се лажеа луѓето дека за рок од три-четири години ќе станеме членка на Европската Унија, членка на НАТО итн. Тоа се вистински преседани... Имаше и Хашка пресуда дека не треба да се блокира Македонија, па се блокираше и тогаш имаше громогласна тишина од сите тие што денеска коментираат... А дали ова е преседан или не е, ние како Влада апсолутно стоиме до аргументите и потезите на нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави“, изјави Мицкоски.

Косово

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, на социјалната мрежа Икс напиша дека Косово цврсто стои зад Соединетите Американски Држави и претседателот Трамп во поддршката на нивните потези против „нарко-терористичкиот режим“ во Венецуела.

„Претседателот Трамп застана на страната на народот на Венецуела и се спротивстави на нарко-државата на Мадуро, штитејќи ги Америка и остатокот од светот од картелите и организираниот криминал“, напиша Османи во саботата.

Во меѓувреме, косовскиот премиер во технички мандат, Албин Курти, изјави дека Косово ја поддржува американската анти-наркотична операција во Венецуела.

„Повикот на одговорност на државните актери вклучени во трговијата со дрога е клучен за успехот во борбата против оваа појава“, напиша Курти на Фејсбук.

Албанија

Министерката за европски прашања на Албанија, Елиса Спиропали, на Икс напиша дека Албанија без двоумење стои зад Соединетите Американски Држави и Трамп во нивните „одлучни потези против нарко-терористичкиот режим во Венецуела“.

„Силно го поддржуваме лидерството на државниот секретар Марко Рубио во соочувањето со авторитаризмот, корупцијата и транснационалните криминални мрежи. Народот на Венецуела има неоспорно право на слобода, демократија и владеење на правото, а меѓународната заедница не смее да остане нема пред репресијата и стравот“, додаде таа.

Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го критикуваше апсењето на неговиот сојузник Мадуро, наведувајќи дека е „јасно“ оти меѓународниот правен поредок и Повелбата на Обединетите нации „не функционираат“.

Вучиќ изјави дека Србија „сака пријателство со САД, но дека е наша должност да укажеме кога доаѓа до кршење на меѓународното право“.

„Денес во светот владее законот на силата, законот на посилниот. Тоа е единствениот принцип на современата политика што денес постои во светот“, изјави Вучиќ во неделата во Белград, по седницата на Советот за национална безбедност на Србија.

Босна и Херцеговина

Министерството за надворешни работи на Босна и Херцеговина во неделата повика „сите актери да дејствуваат рационално, одговорно и воздржано, со цел да се спречи понатамошна ескалација и страдање“.

„Изразуваме поддршка за народот на Венецуела и стабилноста во земјата и поширокиот регион“, соопшти Министерството на Икс.

Во соопштението се наведува дека „Николас Мадуро е диктатор кој владеел преку страв, употреба на сила, војска и полиција, целосна контрола врз медиумите и други репресивни инструменти“, додавајќи дека неговото останување на власт не се темели на слободни и фер избори, туку на изборни измами и манипулации, како и на систематска репресија врз политичките противници и студентскиот активизам.

„Сите политички диктатори се однесуваат на сличен начин и ги користат истите репресивни методи, вклучително и оние од нашата политичка реалност во овој дел од светот. Соединетите Американски Држави се најважниот стратешки партнер и пријател на Босна и Херцеговина.“

Хрватска

Министерството за надворешни работи на Хрватска во саботата соопшти дека внимателно ја следи ситуацијата во Венецуела, во координација со партнерите од Европската унија.

„Ќе се залагаме борбата против меѓународните незаконски активности да се води во согласност со меѓународните правила и основните принципи, како и со заштита на цивилното население. Посебно внимание посветуваме на безбедноста и благосостојбата на хрватските државјани кои живеат во Венецуела, како и на хрватските иселеници во таа земја“, наведува Министерството.

Во соопштението се додава дека „режимот на Николас Мадуро нема легитимитет кој произлегува од демократски спроведени избори“, како и дека длабоките внатрешни политички поделби и различните пристапи на меѓународната заедница дополнително ја усложниле и онака комплексната ситуација во земјата.

„Состојбата во Венецуела со години е обележана со длабока политичка, економска и институционална криза, што се одразува преку сериозно нарушено функционирање на државните институции, економски пад, кршење на човековите права и тешка хуманитарна криза која поттикна масовни миграции на населението.“

Црна Гора

Црна Гора досега нема официјална реакција.

XS
SM
MD
LG