Достапни линкови

Вести

Европската комисија е загрижена поради измените на Кривичниот законик

Илустрација, Кривичен Суд Скопје
Илустрација, Кривичен Суд Скопје

Европската комисија е загрижена поради измените на Кривичниот законик кои како што пишува во реакцијата се донесени забрзано и со злоупотреба на европското знаменце. Забележуваат дека таквите измени директно ќе влијаат врз повеќе случаи за корупција на високо ниво и нивно застарување.

„ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените на Кривичниот законик усвоени на забрзан начин од Собранието на Северна Македонија, а кои ги намалуваат максималните законски казни и имаат импликации врз примената на застареноста ќе влијае на голем број случаи на корупција на високо ниво. Жалиме поради недостатокот на сеопфатни консултации со домашните чинители и со Европската комисија пред нивното усвојување, како и за употребата на процедурата за знаменце на ЕУ, која треба да биде конзистентна и јасно поврзана со законите кои првенствено имаат за цел усогласување на националното право со ЕУ“, се вели во ставот на Европската комисија.

Дека измените се разгледуваат во Брисел денеска најави и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој истакна дека наскоро ќе има реакција по ова прашање. Пратениците во Собранието со 48 гласови „за“, 36 „против“ и еден воздржан, пред една недела ги донесоа измените и дополнувањата на Кривичниот законик кои предизвикаат сериозни реакциии во јавноста.

Измените што ги предложи власта значат намалување на затворски казни за злоупотреба на службена положба за лична корист, можност за порано да застарат дела, бришење на членови кои предвидуваат казни за злоупотреба на јавни набавки, оштетување на Буџетот, а пониски казни се предлагаат и за делото злосторничко здружување.

Денешната реакција на Европската комисија доаѓа како одговор на прашање поставено од Телевизија 24 на темата и во него уште се вели дека Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста.

Поради ова како што пишуваат во одговорот санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, пропорционални и разубедувачки.

„Во овој контекст, зајакнувањето на довербата во правосудниот систем и несмалено справување со корупцијата, вклучително и преку солидно досие во истрагата, гонењето и конечното осудување на случаите на корупција на високо ниво е од клучно значење“, се вели во одговорот.

Од Европската комисија велат дека внимателно ќе продолжат да го следат развојот на владеењето на правото, ставајќи го во контекст на пристапните преговори. Инаку станува збор за предмети во кои се инволвирани поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, екс шефот на УБК, Сашо Мијалков, ексминистерката за култура, Елизабета Канческа – Милеска, градоналачникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски и многу други.

види ги сите денешни вести

Зеленски во Тирана, Албанија поготвена за самитот за Украина

Тирана подготвена за самитот Украина-Југоисточна Европа, 27 февруари 2024 година
Тирана подготвена за самитот Украина-Југоисточна Европа, 27 февруари 2024 година

Во главниот град на Албанија, Тирана, денеска (28 февруари) се одржува самитот Украина-Југоисточна Европа, на кој меѓудругите ќе присуствува и украинскиот претседател Володомир Зеленски, кој пристигна во Тирана.

Ова е прва посета на Зеленски на Тирана, која доаѓа само неколку дена по втората годишнина откако Русија започна целосна инвазија на Украина.

Дел од украинската делегација ќе биде и министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба.

Како што јавуваат медиумите, Тирана е под силни безбедносни мерки. За самитот се ангажирани речиси 1600 полицајци, вклучително и интервентни тимови и антитерористичката служба, уште 400 припадници на гардата ќе бидат на готовност, а антиексплозивни групи ќе ја следат ситуацијата.

Се очекува Зеленски да има повеќе билатерални средби, меѓу кои и со албанскиот премиер Еди Рама и со претседателот Бајрам Бегај.

По самитот на Украина и Југоисточна Европа, на кој ќе учествуваат и претставници на балканската шесторка, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион.

Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Продолжување на важноста на пасошите, избор на член на ДИК, законот за игри на среќа - на дневен ред во Собранието

илустрација
илустрација

Собранието денеска треба да ја започне 145-та седница на која на дневен ред, меѓу другите, се измените на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, по итна постапка, предложен од ВМРО-ДПМНЕ, како и Предлог на закон за изменување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица во Република Македонија и Предлог на закон за изменување на Законот за пратениците, предлози на пратениците на СДСМ кои се однесуваат на функционерските плати.

На прашањето дали мнозинството во законодавниот дом ќе даде поддршка за продолжување на важноста на патните исправи, претседателот на македонското Собрание, Јован Митрески вчера одговори дека меѓународните договори не можат да се менуваат со друг закон.

„Според информациите што ги добивам е дека тој закон нема да ги реши проблемите и дека е спротивен на членот 118 од Уставот во смисла на тоа дека меѓународните договори дека се дел од внатрешниот правен промет и фактички дека не можат да се менуваат со друг закон, така да конечната одлука ќе биде соопштена во текот на денот“, изјави Митрески.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ минатата недела повика на поддршка од владеjачкото мнозинство за продолжување на важноста на патните исправи. Според нив, потребни се 15 пратеници од власта, кои заедно со пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ќе го изгласаат законот за продолжување на важноста на пасошите.

На дневен ред денска се и Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, во трето читање и избор на член на Државната изборна комисија.

На седницата се очекува Абдуш Демири да биде избран за член на највисокото изборно тело во земјата. За тој да биде избран потребна е поддршка од повеќе од 80 пратеници.

Закон за изменување и дополнување на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, трето читање е ставен повторно на дневен ред, откако претседателот Стево Пендаровски не го потпиша указот за него. За да се изгласа овој закон, на парламентарното мнозинство ќе му биде потребен 61 глас.

Соборени пет дрона на Хутите во Црвено Море

илустрација
илустрација

Американската војска соопшти дека нејзин авион, помогнат од воен брод, соборил пет офанзивни беспилотни летала во Црвеното Море, што биле лансирани од областите под контрола на јеменските бунтовници Хути.

Дроновите „претставуваа непосредна закана за трговските бродови и бродовите на американската морнарица и коалицијата во регионот“, се наведува во соопштението на американската Централна команда (Центком).

Хутите, кои го контролираат поголемиот дел од Јемен, почнаа да ги напаѓаат трговските бродови во Црвеното Море и Аденскиот Залив на 19 ноември во знак на протест против израелската воена операција во Газа.

САД и Велика Британија од минатиот месец почнаа со воздушни напади врз воените позиции на Хутите во Јемен, како што наведоа, заради намалување на способноста на бунтовниците да напаѓаат трговски бродови во Црвеното Море.

Стејт департмент: Не сакаме ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах

илустрација
илустрација

САД не сакаат понатамошна ескалација на тензиите меѓу Израел и Хезболах, соопшти синоќа американскиот Стејт департмент, додавајќи дека Израел го уверил Вашингтон дека сака дипломатско решение.

Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, на брифинг за медиумите изјави дека десетици илјади Израелци на северот на земјата се соочуваат со реална безбедносна закана која треба да се реши и дека Вашингтон се стреми кон дипломатско решение на ситуацијата.

„Не сакаме да видиме ниту една страна да го ескалира конфликтот на северот. Израелската влада јавно кажа и приватно не увери дека сака да стигне до дипломатски пат. Значи, тоа е она што ние ќе продолжиме да го следиме, а тоа на крајот ќе ја направи воената акција непотребна“, рече Милер.

Тој говореше откако Хезболах соопшти дека лансирала низа од проектили врз базата за воздушно набљудување на Израел вчера како одговор на нападот на Тел Авив на најдлабоката територија на Либан до сега. Нема извештаи за ракетни жртви веднаш по нападот.

Хезболах од 8 октомври речиси секојдневно разменува оган со Израел долж јужната граница на Либан, еден ден по крвавиот напад на Хамас врз јужен Израел што доведе до израелска копнена, воздушна и поморска офанзива на Појасот Газа.

Од октомври, околу 50 цивили се убиени во израелските напади во Либан, како и околу 200 борци на Хезболах.

Поранешен адвокат на Навални приведен во Москва

Људмила Навалнаја, мајка на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, и адвокатот Василиј Дубков пристигнуваат во регионалниот оддел на рускиот Истражен комитет во градот Салехард во регионот Јамал-Ненец, Русија, 17 февруари 2024 година.
Људмила Навалнаја, мајка на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, и адвокатот Василиј Дубков пристигнуваат во регионалниот оддел на рускиот Истражен комитет во градот Салехард во регионот Јамал-Ненец, Русија, 17 февруари 2024 година.

Руските медиуми на 27 февруари објавија дека полицијата во Москва го привела поранешниот адвокат на починатиот опозициски политичар Алексеј Навални, Василиј Дубков, под неодредени обвиненија. Тој бил одведен во полициската станица под обвиненија дека го нарушил јавниот ред и мир.

Дубков по пуштањето од полициската станица не ги коментираше околностите на инцидентот, но за изданието „Верстка“ изјави дека притворот го смета за попречување на адвокатските активности.

Дубков минатата недела ја придружуваше мајката на Навални, Људмила Навалнаја, во арктичкиот град Салехард, додека таа го бараше телото на нејзиниот син. Телото и беше предадено на 24 февруари.

Василиј Дубков е адвокат од Новосибирск. Тој повеќепати дејствувал како бранител во политички случаи и соработувал со иницијативата ОВД-Инфо, која обезбедува правна помош на приведените на политичките протести.

Тројцата поранешни адвокати на Навални, Вадим Кобзев, Игор Сергунин и Алексеј Липстер, беа уапсени во ноември под обвинение за екстремизам. Во средината на ноември, московскиот суд издаде налог за апсење на уште еден бранител на Навални, адвокатката Олга Михајлова, под обвинение за екстремизам.

Продолжена забраната за влез на руски туристи во Латвија до март 2025

Граница меѓу Латвија и Русија
Граница меѓу Латвија и Русија

Владата на Латвија (Летонија) на 27 февруари соопшти дека ја продолжила забраната за влез на руски државјани во балтичката земја до март 2025 година. Како причина ја наведуваат руската инвазија на Украина, за која тамошните власти велат дека „продолжува да претставува закана за внатрешната безбедност на Латвија“.

Во соопштението од Кабинетот на премиерката Евика Силина, се наведува дека влезот на руски државјани во Европската унија и Латвија како туристи ќе биде забранет до понатамошно известување, но на некои Руси ќе им биде дозволен влез, вклучително и оние со дозвола за престој, важечка во Латвија или во друга земја-членка на ЕУ или Руси чиј влез е поврзан со хуманитарни причини како што се политички десиденти.

Во септември 2022 година, Полска заедно со другите балтички земји - Естонија, Латвија и Литванија постигнаа заеднички договор за ограничување на бројот на руски државјани кои влегуваат во нивните земји за да се спречат евентуални безбедносни ризици по почетокот на војната во Украина.

Латвија, членка на ЕУ и НАТО што се граничи со Русија, е дом на значителен број припадници на етничкото руско малцинство, кое сочинува околу 25 отсто од вкупното население на земјата од 1,9 милиони жители. Балтичката земја порано беше популарно место за одмор, а нејзиниот главен град Рига, популарна викенд дестинација за руските туристи.

Стано - Косово и Србија нема да напредуваат кон ЕУ доколку не ги спроведат договорите

Портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.
Портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.

Косово и Србија не можат да напредуваат на европскиот пат, доколку нема напредок во имплементацијата на минатогодишниот Договор за нормализација на односите, како и сите останати постигнати во рамките на дијалогот, изјави портпаролот на Европската унија (ЕУ), Петер Стано.

„ЕУ жали за досегашниот ограничен напредок во имплементацијата на Договорот, што може целосно да им се припише на двете страни“, рече Стано во одговорот на Радио Слободна Европа.

Косово и Србија на 27 февруари 2023 година го прифатија Договорот за нормализација на односите врз основа на предлогот на ЕУ, која посредува во дијалогот.
Потоа, на 18 март 2023 година, двете страни се договорија за Анекс документот за негова имплементација.

Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими ја обвини Србија дека одбива да го спроведе Договорот за нормализација на односите и истакна дека официјален Белград не сака да го потпише.


Иако не е потпишан, ЕУ соопшти дека договорот е правно обврзувачки, а обврските кои произлегуваат од него станаа составен дел на европскиот пат за Косово и Србија.
Договорот меѓу Косово и Србија, меѓу другото, предвидува взаемно почитување на независноста и територијалниот интегритет, признавање на документи, дипломи, регистарски таблички, како и продлабочување на соработката на полето на економијата, владеењето на правото, здравството и исчезнатите лица.

Исто така, Србија се обврза да не го блокира членството на Косово во меѓународните организации, додека Косово ја прифати обврската да и обезбеди на српската заедница одредено ниво на самоуправување, односно да формира Заедница на општини со српско мнозинство.

Прекин на Телеграм во Русија, но се вратија Инстаграм и Фејсбук

Логото на Телеграм.
Логото на Телеграм.

Привремен прекин на Телеграм, најпопуларната апликација за пораки што се користи во Русија, е регистриран на 27 февруари. Прекинот е од необјаснети причини.

Додека имало прекин на Телеграм, пак некои од претходно блокирани апликации за социјални медиуми, како Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија.

Центарот за мониторинг на руската јавна комуникациска мрежа соопшти дека нивните специјалисти забележале „масовен пропуст“ на Телеграм, иако не е веднаш јасно зошто.

Руското Министерство за дигитална технологија соопшти дека веднаш започнала работа за обновување на Телеграм и голем број други услуги во Русија, додавајќи дека имало пропусти на апликацијата и надвор од Русија.

„Работиме на утврдување на причината за инцидентот. Што се однесува до руските телекомуникациски оператори, нивните мрежи работат нормално“, се вели во соопштението.

Дописниците на Ројтерс во Москва забележале прекини од околу 90 минути на апликациите Телеграм, Јутуб и Вконтакте.

Набргу по прекинот, неколку претходно блокирани апликации за социјални медиуми, вклучувајќи ги Инстаграм и Фејсбук, одеднаш станаа достапни во Русија, велат новинарите на Ројтерс во Москва.

Регулаторот за комуникации Роскомнадзор по руската инвазија на Украина во февруари 2022, го спречи пристапот до тогашен Твитер и ги забрани Фејсбук и Инстаграм на компанијата Мета.

Бочварски - Професионалните превозниците ќе имаат приоритет за пасоши

 Пасоши
Пасоши

Приоритет за издавање пасош ќе имаат превозниците кои вршат патнички товарен транспорт и од Министерството за транспорт и врски имаат сертификат за професионален возач, соопшти ресорниот министер Благој Бочварски.

Владата на седница попладнево ја усвои информацијата на Министерството за пасошите на превозниците, соопшти министерот.

Цената ќе биде за редовна постапка за возачите да не бидат оптоварени финансиски да плаќаат за итна постапка, додаде Бочварски.

Претходно превозниците на средба со министерот побараа да се забрза процесот за добивање пасоши за нивните членови.

Министерот Бочварски во изјава за МИА соопшти дека Владата на седница го задолжила Министерството за внатрешни работи кое веќе утре од Министерството за транспорт и врски ќе го добие списокот на возачи со сертификат кои немаат патна исправа. Здруженијата на транспортери, рече Бочварски, до нив доставиле список со 120 возачи, дел од нив веќе се во постапка за издавање пасош, а дел треба да ја почнат постапката.


Тој очекува за десетина дена да биде завршена процедурата од започнување до издавање на пасоч на возачите.

Во земјава има околу 16 000 возачи со сертификат за професионален возач издаден од Министерството за транспорт и врски.

Пасошите со името Република Македонија не важат по 12 февруари годинава. Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година.
За термини за нов пасош се чека со месеци, фалеа и обрасци, па и оние кои се фотографирале за нови документи чекаат да си го подигнат.

Лајчак - Многу прашања за уредбата на ЦБК за динарот остануваат неодговорени

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.
Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак.

Претставникот на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, на 27 февруари, рече дека разговорите за указот на Централната банка на Косово (ЦБК) за забрана на употребата на српскиот динар на Косово се „важен прв чекор“, но дека „многу политички прашања остануваат неодговорени“.

Со негово посредство денеска во Брисел се сретнаа претставниците на Приштина и Белград.

„Ќе бидат потребни дополнителни состаноци“, рече Лајчак во објава на мрежата „Х“.

Тој не појасни дали двете страни имаат некаков договор, но ја поздрави нивната посветеност за изнаоѓање одржливо решение за заедниците погодени од декретот на Централната банка на Косово.

Гувернерот на Централната банка на Косово, Ахмет Исмаили, рече дека на состанокот во Брисел не се разговарало за регулативата со која се забранува употребата на српскиот динар во Косово, туку се претставени технички модели за тоа како Србија може да продолжи со финансирањето од нејзините буџет преку законски и транспарентни канали.

Тој посочи дека предлогот бил да се плаќа на банкарските сметки на корисниците во евра, „како што Централната банка на Косово и предложила на Народната банка на Србија“.

„Не прифативме други разговори“, рече Исмаили.

Регулативата на Централната банка на Косово, која стапи на сила на 1 февруари, го предвидува еврото да е единствена валута за готовинско плаќање во Косово и забранува употреба на српскиот динар.

Според Европската унија, оваа одлука предизвикала практични проблеми на српската заедница во Косово, која го користела динарот и добивала помош од Србија во таа валута.

Затоа Европската унија денеска одржа состаноци за да се најде решение за ова прашање.

Сепак, разговорите со посредство на пратеникот на Европската унија за дијалог Мирослав Лајчак завршија без конкретни резултати.


Главниот преговарач на Србија, Петар Петковиќ, изрази уверување дека тоа е проблем што треба да се реши на политичко ниво.

„Средбата покажа дека одлуката на таканаречената Централна банка на Косово подразбира решение на политичко ниво. Затоа јас бев тука, но не и Бислими [Бесник, главен преговарач на Косово]. Последиците од таквата одлука се политички“, изјави Петковиќ.

„Точно е дека за динарот никогаш досега не се разговарало во дијалогот, но со оглед на тоа што одлуката на таканаречената Централна банка на Косово директно ги засега Србите, се разбира за тоа ќе се разговара во Брисел“, додаде Петковиќ.

На заедничката средба присуствуваа само финансиски експерти од Приштина и Белград.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG