Достапни линкови

Билатерални прашања, историја и емоции или исполнување на критериумите – како да се влезе во ЕУ?


Лидерите на состанок на процесот брдо-Бриони во Скопје, 11 септември 2023
Лидерите на состанок на процесот брдо-Бриони во Скопје, 11 септември 2023

Добра атмосфера меѓу лидерите учесници на Брдо – Бриони рекоа денеска домаќините на самитот претседателите на Северна Македонија, Словенија и Хрватска. Прифатиле „две конкретни акции“. Но, јавноста се интересираше, како во ЕУ? Со решавање на билатерални прашања или исполнување на критериуми.

Состанокот на лидерите на земјите учеснички од процесот Брдо-Бриони кој се одржа во Скопје поминал во „конструктивен и мирен тон“, со разговор на теми кои соединуваат. Ова е речиси идентичниот став на тројцата претседатели по состанокот, домашините, претседателот на Северна Македонија Стево Пендаровски, и ко – домаќините претседателката на Словенија Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ. Акцентот беше ставен на смирувачките тонови по претходните самити кои заради непремостливи разлики завршуваа и без заеднички документ.

Но, во фокусот на интерес на јавноста беа отворените прашања меѓу земјите од Западен Балкан и тоа дали решавањето на билатералните прашања се побитни за влез во ЕУ од исполнувањето на критериумите кои ги бара Унијата. За двајцата претседатели на земјите кои се веќе членки на ЕУ, Хрватска и Словенија е добро се додека се разговара на тие теми.

„ И едното и другото е важно. Отворени прашања постојат, како што е на пример прашањето меѓу Косово и Србија, кои меѓусебно не се признаваат. Но, тоа е процес кој се одвива паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зошто тоа практично значи „смрт за дијалогот“, изјави Зоран Милановиќ.

Во 2022 година се одржа самитот Брдо-Бриони во брдо кај Крањ на кој домаќини беше словенечкиот претседател Борут Пахор заедно со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Тогаш учесниците донесоа шест заеднички заклучоци поврзани со важноста на проширувањето на ЕУ и заложбите за побрз процес на интеграција во ЕУ согласно добро познатите услови за членство.

Сега и словенечката претседателка Пирц-Мусар не смета дека билатералните проблеми треба да се причина за одолговлекување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан. Но, за претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски билатералниот проблем кој земјава го има со Бугарија ја покрива „за жал“ целокупната традиционална европаска агенда за пристапување.

„Во однос на нашиот пат до сега јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу критериумите и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Тоа е особено истакнато во последниве три години со отвореното прашање со Република Бугарија. Ние се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени, бидејќи ако инсистирате на Западниот Балкан билатералните спорови да бидат решени посебно ако се потпираат на историја и на емоции тогаш ниту еден нема да влезе од Западен Балкан било кога во Европската Унија“, рече Пендаровски.

Во врска со изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон кој неодамна рече дека ЕУ треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“, тројцата лидери се согласија дека не се работи за формален предлог до Брисел и дека доколку биде поднесен како формална иницијатива до ЕУ, нема да ја добие согласноста од голем број земји членки.

Изјава со доза на иронија за влезот на земјите од западен Балкан во ЕУ даде и претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ. Рече дека и покрај тоа што се разговарало за европската иднина на регионот едни имаат поголем ентузијазам, а едни помал.

„Ова се убави желби, но кој сум јас да го уништам оптимизмот и да им ја намалам амбицијата на некои други. Одлично ако е така, но не сум сигурен“, рече Вучиќ.

Лидерите на процесот, преку Декларација од Скопје, бараат забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ и се обрзуваат да го интензивираме стратешкиот дијалог со европските институции, со цел да се спречи занемарување на регионот. „ЕУ, како и Западен Балкан, треба да биде подготвена за проширување во најкус можен рок, но не подоцна од 2030 година за да се постигне оваа цел“, се наведува во декларацијата.

На средбата учествуваа и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, претседателката на Косово, Вјоса Османи Садриу, претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ и членовите на претседателството на Босна и Херцеговина: Жељко Комшиќ, Денис Беќировиќ и Жељка Цвијановиќ.

Сепак состанокот поминал поразлично од минатогодишниот кога немаше конечна декларација бидејќи хрватскиот претседател побара во документот да се спомене уставот на трите народи во Босна и Херцеговина. Една година пред тоа учесниците прифатија само компромисен текст на завршната изјава поради расправиите меѓу косовската претседателка, Вјоса Османи и српскиот лидер, Александар Вучиќ.

После денешниот самит претседателите објавија дека одлучиле на декларациите и заложбите се приклучиле и конкретни акции и тоа за воведување европски роаминг за земјите од Западен Балкан и да се приклучат на механизам на европска унија за реакции при природни катастрофи.

Процесот Брдо-Бриони прв пат се одржа во 2013 година на заедничка иницијатива на претседателите на Република Словенија и Република Хрватска, во Брдо кај Крањ. Главната цел на процесот е целосна интеграција на земјите од регионот во Европската Унија, стабилизирање на состојбите во Западен Балкан преку јакнење на регионалната соработка и решавање на отворените прашања. Лидерите на земјите од Процесот Брдо-Бриони се состануваат најмалку еднаш годишно.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG