Достапни линкови

Шеми и дилеми


Илустрација
Илустрација

Њузлетер, 11 август 2023 - Се прелева ли ривалството меѓу Еди Рама и Албин Курти на македонски терен? Се намалува ли инфлацијата ако растат цените? Линеарно покачување на пензиите или поголем пензиски минималец? Ѝ помагаат ли на руската пропаганда во Северна Македонија „домашни актери“? Овие дилеми и „шеми“ беа тематскиот фокус изминатите 7 дена

Ривалството меѓу Рама и Курти се прелева на македонски терен?

Во пресрет на создавање на нова опозициска партија во албанскиот блок, во неформална посета на Скопје и Тетово доаѓа косовскиот премиер Албин Курти. Средби со владејачките партии не се во агендата. Според аналитичарите ова значи политичка поддршка за окрупнување на опозициските партии во земјава.
„Ова ќе биде политичка средба за продлабочување на соработката и поддршка на албанската опозиција во земјава. Во Чаир ќе биде поставена табла со име на политичкиот ментор на Курти, Адем Демачи и со присуство на семејствата на Демачи и Адем Јашари. Ќе се разговара и за актуелните политички случувања како и за поделбите околу Отворен Балкан и ние кои сме заинтересирани заедно со Курти за Берлинскиот процес,“ изјави за РСЕ, лидерот на „огнените“, Изет Меџити.

ДУИ и Владата не дадоа коментар.
Политичкиот аналитичар Џељал Незири смета дека со најавената посета Курти искажува конкретна политичка поддршка кон опозициските партии на Албанците во Северна Македонија.
Претходно во јули во посета на земјава беше и албанскиот премиер Еди Рама. Лидерот на опозициската Беса, Биљал Касами, изјави дека одбива средба со Рама уште пред тој да пристигне во земјата.
Според политичкиот аналитичар Џељал Незири, ваквите коментари и средба на Рама со власта, а на Курти со опозицијата за помалку од еден месец само укажуваат на прелевање на нивното ривалство во албанскиот политички блок на македонско тло. Токму тоа што Курти и политичката партија „Самопределување“ како радикално левичарски настроена партија имаат добри односи со конзервативниот десничарски ешалон во албанскиот опозициски блок во Македонија може да се толкува само како поддршка кон напорите на опозициските партии за обединување во коалиција.

„Домашни актери“

Социјалната мрежа „Фејсбук“ е еден од центрите во кој се развиени и се координираат мрежи кои ја засилуваат руската пропаганда, дезинформациите и манипулациите со информации во Северна Македонија. Во тој „центар“ забележано е масовно пренесување и присуство на претставници на Кремљ.
Ова го покажува студијата „Една година од руската агресија врз Украина“, изработена од граѓанската асоцијација МОСТ, а во која се анализираат руската пропаганда, влијание и дезинформации во Северна Македонија по почетокот на руската инвазија врз Украина, во периодот март 2022 година – февруари 2023 година.

Во оваа студија, која е прва ваква во земјава и во регионот, биле анализирани и идентификувани над 10.000 постови на фејсбук во овој контекст и утврдено е дека во функција на ширење на руската пропаганда во земјава се вклучени и „домашни актери“, кои го овозможуваат и засилуваат тоа, или ги пренесуваат пораките.

Може ли да паѓа инфлацијата ако цените растат?

По јазот што минатата недела се направи меѓу официјалните податоци за, според Владата, намалената инфлација и реалните трошоци за живот, кај граѓаните се отвори дилема - прашуваа дали може ли да паѓа инфлацијата ако цените растат, експертите објаснуваа.
Инфлацијата, според власта, во јули била намалена, но синдикалната потрошувачка кошничка за истиот месец е зголемена. Владата се пофали дека нејзините мерки даваат резултат против инфлацијата, но синдикатите и економските експерти сметаат дека реално намалување на цените нема.
Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека инфлацијата во месец јули изнесува 8,4 проценти, што е намалување во однос на јуни кога индексот на трошоците за живот изнесуваше 9,3 отсто. Владата вели дека инфлацијата паѓа бидејќи нејзините економски мерки го „даваат посакуваниот резултат“, но од друга страна, синдикалната потрошувачка кошничка се зголемува, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Податоците на ССМ покажуваат дека овој јули на едно четиричлено семејство му биле неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошничка. Тоа е зголемување за 441 денар во однос на пресметките за потрошувачката кошничка претходниот месец јуни.
Од ССМ за Радио Слободна Европа велат дека ова зголемување на потрошувачката кошничка „реално удира по џебот на работниците и граѓаните“, и покрај тоа што официјалната статистика покажува намалување на инфлацијата.
„Намалувањето на инфлацијата не се гледа во однос на трошоците на живот според пресметката на минималната кошница на ССМ. Најголемото зголемување го има кај домувањето, односно кај комуналните трошоци за 2,4 отсто и кај исхраната и пијалаците за 1 отсто“, вели Светлана Димоски – секторот за економско-социјални прашања во ССМ.

Затворска казна

Дилеми и бура од реакции во јавноста предизвика и одлуката на Апелација од 18 да му се намали на 8 години затворската казна на Ангелче Николов од Велес, кој во пијана состојба, лани во декември, ја прегази 11-годишната Магдалена Иванова и побегна од местото на настанот, а притоа возел и со брзина повисока од пропишаната.
Велешкиот суд го осуди на 18 години затвор, но по неговата жалба Апелацискиот суд во Скопје му ка скрати казната за 10 години.
Судскиот совет реагираше дека поради таквата разлика во пресудата - ќе го разгледува случајот.

Но, ова е само последниот во низата контроверзни одлуки на судовите кога сторители на исто дело добиваа ниски казни или дури и условни.
Прегледот на судските одлуки неколку години на назад покажува дека и јавноста и фелата и експертите реагирале на повеќе вакви или слични случаи, познати според имињата на загинатите во сообраќајните несреќи или по местата каде се случиле сообраќајките - Фросина Цековска, Иван Билински, Сити мол, Млечен...
Правникот Дарко Аврамовски од „Коалиција сите за правично судење“, вели дека главниот проблем поради кој во јавноста, како што вели со право се реагира за големи разлики во пресудите на првостепениот суд и Апелација, како што е случајот со малата Магдалена, всушност лежи во тоа што ниту едниот ниту другиот суд не даваат темелни образложенија зошто е донесена таква пресуда.

Линеарно покачување на пензиите или поголем пензиски минималец

Дилема и кај пензионерите. Некои се за линеарно покачување, некои за покачување на минималната пензија. И додека се дебатираше за линеарно или процентуално покачување, протестите на пензионерите се проширија, а со тоа и обвинувањата за политичка заднина на пензионерските протести. Пензионерите беа децидни: Ова не се партиски протести.
Сојузот на пензионери се изјасни против линеарното покачување, ќе предложи зголемување на минималната пензија.

Протестите почнаа во Прилеп каде незадоволните пензионери побараа линеарно покачување на пензиите од 3.500 денари наместо најавеното покачување од 6 отсто во септември. По нив на протест излегоа и тетовските и светиниколксите пензионери, а неколку дена претходно на улица беа и пензионерите од Штип, Кочани, Куманово и Велес.

Шеми и дилеми и на регионално и светско ниво?

Радио Слободна Европа направи истражување кое го изложува механизмот за набавка на системи за јавен видео надзор во повеќе од 40 градови и општини низ Србија, начинот на кој се трошат парите од локалните буџети, но и како, под радарот на јавноста, плоштадите и улиците биле преплавен со „паметни“ камери од кинеско производство. Според анализата, се купува скапа опрема, но не може да се дознае точно на колку места и на кој начин моментално се користи.

За купување на оваа стока од буџетот на локалните самоуправи се инвестирани околу 27 милиони евра. Во процесот на јавни набавки оваа опрема најчесто е купувана од белградската компанија Macchina Security, која на тендерите ретко кога имала конкуренција.
Невена Ружиќ, експерт за заштита на лични податоци, која со години вршела анализи за користење на видео надзор во канцеларијата на комесарот за достапност на информации и заштита на лични податоци, вели дека на Србија, која го следеше „големиот брат и се случиле мали сестри“...

Во светски рамки, Украина продолжува да биде во фокусот. Москва продолжи со ракетирање на украинската територија, но се пофали и дека речиси секој ден соборува по неколку беспилотни летала кои се обиделе да дојдат до Москва, а биле „диригирани од Киев“.

Мир во Скопје, љубов во Крива Паланка

За разлика од мирот кој во Украина не е на повидок, 25-годишниот Пакистанец Алираза Куреши го нашол својот мир. Во Скопје. А вели, љубовта ја нашол во Крива Паланка.
Пакистан го напуштил сам, на 13-годишна возраст, во потрага по подобар живот. Во премрежињата на мигрантските рути, тепани, смрзнувани, апсени... сонувал за Германија.

Но, сонот му се остварил во Македонија. Се вдомил во Скопје, полиглот е, па преведува за судови, за Црвен крст, за полицијата... И решил - останува во Македонија. Свадба вели - ќе има. И тука и во Пакистан, каде живее неговото семејство.

XS
SM
MD
LG