Достапни линкови

Вести

Џафери: Седницата за уставни измени ќе продолжи кога ќе има услови

Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери
Претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери

Можноста дваесет пратеници да побараат свикување нова седница не е и обврска за претседателот на Собранието да свика седница, изјави претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, на почетокот на денешната 125-та седница, одговарајќи на барањето на пратеничката Дафина Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ да се свика продолжение на 123-тата седница за да се гласа за уставните измени.

На почетокот од 125 седница во Собранието, претседателот одговори дека основот на барањето е несоодветен.

„За нова седница е неспорно, можете да побарате, но, тоа е повторно можност да побарате, но не и обврска за да се свика седница. Правниците тоа си го знаат. Свикување седница, покрај другото може да побараат 20 пратеници. Претседателот може да свика седница по барање на 20 пратеници. Може, што значи и не мора. Така што, да сме начисто со тоа. Ниту множев, ниту делев, а кој се множи сам себеси, тоа си е негов проблем,“ рече Џафери.

Тој дополни дека продолжението на прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието.

„Ставот 5 од членот 81 е јасен, прецизен и дециден во смисла на тоа дека прекината седница е во исклучива надлежност на претседателот на Собранието, кога ќе продолжи со таа седница. Впрочем, како што и многу други седници стојат и чекаат продолжение поради одредени работи кои што и вам и на јавноста претходно им се познати, а тоа е поради неработењето на соодветните комисии“, рече Џафери.

Тој дополни дека 123-тата седница ќе продолжи тогаш кога ќе има услови да продолжи.

Стојановска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека седницата на 18 август била затворена без никакво образложение и побара од Џафери, повикувајќи се на член 67 став 2 од Деловникот и согласно потписите од дваесет пратеници од оваа партија да се свика продолжение на оваа седница.

Собранискиот спикер ја прекина седницата за уставните измени на 18 август. Дневниот ред на седницата во Собранието за отпочнување на процедурата за уставни измени беше усвоен со 70 гласа „за“, а по исцрпувањето на дискусијата за предлог-одлуката за пристапување кон измена на Уставот, претседателот Џафери го одложи гласањето до обезбедување двотретинско мнозинство.

Официјална Софија лани го повлече ветото на македонските евроинтеграции наметнато поради поради историски, јазичен и идентитетски спор со Скопје. Но за да почне земјава да отвора кластери во преговорите со ЕУ треба да го промени Уставот и во него да ги вклучи и Бугарите.

види ги сите денешни вести

Убиен е вооружениот напаѓач во Сиднеј, петмина загинати

Илустрација
Илустрација

најмалку пет луѓе и еден осомничен беа убиени во напад со нож во трговскиот центар во Сиднеј на 13 април. При вооружениот инцидент беа беа ранети и повеќе луѓе, вклучително и едно мало дете, соопшти полицијата.

Нападот настанал кога еден човек со нож прободел девет луѓе, по што полицаец го убил, изјави помошник полицискиот комесар Ентони Кук.

„Пет жртви загинаа,“ рече тој.

Кук рече дека осомничениот делувал сам и дека нема „постојана закана“.

Тој рече дека официјалните лица сè уште не знаат кој е сторителот и нема индикации за мотивација.

Најмалку 50 илјади загинати руски војници во војната во Украина

Илустрација
Илустрација

Над 50 илјади загинати луѓе, припадници на рускиот воен персонал од почетокот на руската инвазија врз Украина, документира независниот руски медиум „Медиазона“. Според нивните податоци од почетокот на инвазијата која трае повеќе од две години, се претпоставува дека оваа бројка е поголема за десетици илјади.

Медиазона, која ги следи руските воени жртви во соработка со Би-Би-Си врз основа на смртни случаи евидентирани во јавно достапни извори, во своето последно ажурирање вели дека 50.471 член на руската војска загинале во војната од нејзиниот почеток во февруари 2022 година.


„Ги знаеме имињата на повеќе од 3.300 офицери на армијата и другите безбедносни сили. Од нив, 390 имаат чин потполковник и погоре. Вистинскиот број на загинати е пресметан според регистарот на оставински предмети и е актуелен заклучно со 15 март 2024 година, со последна бројка од околу 85.000 лица“,пишува рускиот независен медиум Медиазона.

Весникот, исто така, наведува дека Русија изгубила голем број тенкови, оклопни транспортери и артилериски единици во последните недели, иако жртвите од тие загуби не се вклучени во ажурираните бројки.

Русија губи околу 1.200 војници неделно, според Медиазона, а најголем дел од жртвите доаѓаат од руските региони Краснодар и Башкортостан.

Вооружените сили на Украина проценуваат дека руската војска претрпела 451.730 жртви во војната, вклучувајќи мртви и повредени, додека американските и британските разузнавачки агенции велат дека руските жртви надминуваат 300.000.

Киев тврди дека биле убиени повеќе од 180.000 руски војници.

Русија ретко дава податоци за жртви. Последната проценка, дадена седум месеци по војната, беше нешто помалку од 6.000 луѓе.

Украина објави дека изгубила 31.000 војници од почетокот на војната.

Пакистанската полиција трага по киднапери на патници од автобус

Пакистан, погреб на патниците кои биле убиени од киднаперите
Пакистан, погреб на патниците кои биле убиени од киднаперите

Пакистанската полиција трага по вооружени напаѓачи кои убиле осум лица откако ги киднапирале од автобус на автопат во југозападниот дел на земјата.

Заменик-полицискиот комесар Хабибула Мосахаил изјави дека киднапирањето се случило на 12 април во провинцијата Балучистан. Тоа е област во која долго време трае бунт на сепаратистите кои се борат за независност. Според полицијата, потрагата по сторителите е во тек.

Тој додаде дека вооружените напаѓачи поставиле блокада, а потоа го запреле автобусот, им ги прегледале личните карти на патниците.

„Тие зедоа со себе осум лица, сите од источната провинција Пенџаб, бегајќи во планините“, рече тој.

Полицијата подоцна пронашла осум тела под мост на околу 5 километри (3 милји) од автопатот. Претходно во петокот, истите вооружени напаѓачи отворија оган кон возило кое не застана за нивната блокада, убивајќи двајца, а ранети шест.

Само еден пилот за три авиони за гасење пожар

North Macedonia - Air tractor fighting a fire, August 2023
North Macedonia - Air tractor fighting a fire, August 2023

Од вкупно тројца питалоти со кои располагала Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ) за управување со авионите за гасење пожар, оваа година остана само еден. Причината за тоа е што двајца пилоти во јануари ги исполниле условите за пензија, па на ранота останал само еден пилот. Ова лето, справувањето со шумските пожари ќе биде сериозен предизвик, изјави директорот на ДЗС, Беким Максути за новинската агенција МИА.

Тој додаде дека во последните години Дирекцијата се соочува со критичен недостиг на квалификувани пилоти, ситуација која сериозно го загрозува функционирањето на институцијата и способноста да реагира во време на кризи.

„ Правиме напори, да видиме како може нив да ги задржиме, барем уште оваа година, сѐ со цел во меѓувреме да примиме нови пилоти, односно да распишеме нови огласи за пилоти, за кои веќе имаме согласност и чекаме да се завршат некои процедури за да може да го објавиме огласот“, вели Максути.

Доколку Владата не го сфати сериозно овој проблем, директорот вели дека се доведува до прашање и постоењето на авио-одделението во Дирекцијата за заштита и спасување. Максути посочува дека ако набрзо не вработат пилоти, може да им биде одземена лиценцата со што авионите ќе останат принудно приземјени.

Бајден со предупредување до Иран

архивска фотографија, американскиот претседател Џо Бајден
архивска фотографија, американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден на 12 април изјави дека очекува Иран да го нападне Израел „порано, наместо подоцна“ и го предупреди Техеран да не го прави тоа.

Бајден на новинарско прашање за тоа која порака ќе ја испати до Иран, кусо само одговори „Немој“.

„Ние сме посветени на одбраната на Израел. Ќе го поддржиме Израел. Ќе помогнеме во одбраната на Израел и Иран нема да успее“, изјави Бајден.

Израел на 12 април се подготвуваше за напад од Иран или неговите полномошници, бидејќи се зголемија предупредувањата за одмазда за нападот врз комплексот на амбасадата на Иран минатата недела во Дамаск.

Израел не ја презеде одговорноста за воздушниот напад на 1 април. Но, врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, рече дека Израел „мора да биде казнет и ќе биде казнет“ за операцијата за која рече дека е еквивалентна на напад на иранска територија. по минатонеделниот напад врз Конзулатот на Иран во Сирија, при што загинаа најмалку 13 лица, меѓу кои седуммина високи членови на Иранската револуционерна гарда, не престануваат обвинувањата и заканите од Техеран кон Израел.

Бајден на денешната средба со новинари во Белата Куќа изјави дека нема да открива повеќе безбедносни информации, но истакна дека дека неговите очекувања се дека нападот од Иран може да дојде „порано, отколку подоцна“. Тој зборуваше со новинарите во Белата куќа по виртуелниот говор на конференцијата за граѓански права.

Летни температури до среда, потоа ќе залади

Илустрација, прошетка низ парк
Илустрација, прошетка низ парк

Денеска не очекува сончево и топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во некои делови долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец, велат од Управата за хидрометеоролошки работи.

Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 13, а максималната ќе достигне од 24 до 30 степени.

Во Скопје ќе биде сончево и топло со мала облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне 29 степени. Слично време не очекува и во текот на утрешниот ден и в понеделник.

Но, од УХМР предупредуваат дека во вторник во текот на ноќта, а особено во среда под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои локално ќе бидат обилни во форма на невреме проследени со грмежи и силен ветер. Температурите од среда ќе бидат во опаѓање.

Германија ги олабавува правилата за промена на полот

Германскиот канцелар Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц

Германскиот парламент усвои закон со кој ја олеснува законската промена на полот.

Исто така, воведува тешки казни - во одредени околности - за откривање на нечие претходно регистрирано име или пол без согласност на тоа лице.

Претходно, за промена на регистрираниот пол беше потребно лекарско уверение и одобрение од семејниот суд.

Сега, лицата над над 18 години може да го променат полот во машки, женски или во „различен“, што е опција за трет пол што веќе постои според германскиот закон.

Три месеци по поднесувањето на барањето за ваква промена, апликантите ќе треба лично да се појават во матична служба. Но, можат да побараат и податоците за полот воопшто да не се запишуваат.

„Намерно и злонамерно откривање на нечие претходно име или легален пол може да доведе до казна до 10.000 евра“, пренесе Би-Би-Си.


Сепак, постојат исклучоци - на пример ако тоа е законска обврска поради судска постапка или полициска истрага.

Имињата ќе треба да го претставуваат новиот правен род - така што машкиот запис бара признаено машко име, додека женскиот запис бара признаено женско име.

За деца на возраст меѓу 14 и 18 години потребна е согласност од нивните родители или законски старатели, додека на оние под 14 години е потребно нивните родители или законски старатели да дадат изјава.

Не може да се направат дополнителни промени или откажувања во рок од 12 месеци од одобрувањето на барањето.

Новите правила ќе стапат на сила од 1 ноември.

Германскиот канцелар Олаф Шолц рече: „Покажуваме почит кон транс, интерсексуалните и небинарните луѓе - без да одземаме ништо од другите. На овој начин, продолжуваме да ја водиме модернизацијата на нашата земја. Ова вклучува препознавање на реалноста на животот и овозможување помош преку законска регулатива“.

Конзервативците и екстремната десница АфД беа меѓу оние кои се изјаснија против, предупредувајќи дека законот може да биде злоупотребен. Беше изразена загриженост и за влијанието врз младите.

Законот за самоопределување беше усвоен со 374 гласа „за“, 251 „против“ и 11 воздржани.

ДИК го утврди редоследот на кандидатските листи за изборите

Гласачо ливче (архивска фотографија)
Гласачо ливче (архивска фотографија)

Државната изборна комисија (ДИК) на седница на 12 април го утврди редоследот на кандидатските листи за изборите.

Број 1 е Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ, број 2 - Коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО- ДПМНЕ, број 3 - Коалицијата „Храбро за Македонија“ предводена од ГРОМ, број 4 - Коалицијата Европски форнт, број 5 - Левица, број 6 - Коалицијата „Вреди“, број 7 - Движењето ЗНАМ - За наша Македонија, број 8 - Единствена Македонија.

Понатаму, број 9 е Нова алтернатива, број 10 - Аваја, број 11 - Европско граѓанско движење, број 12 - Македонска ера трета/Македонски независни листи, број 13 - Твоја партија, број 14 - Родина Македонија, број 15 - Десна, број 16 - Демократи и број 17 - Работничка партија.

По жрепката, како што соопшти претседателот на ДИК, Александар Даштевски, ќе се изготви записник и согласно член 69 став 2, утврдената листа ќе биде објавена во дневниот печат, најдоцна 23 дена пред денот определен за одржување на изборите.

Едногласно беа прифатени листите за пратеници на Демократи - Скопје за ИЕ 6, на Единствена Македонија за ИЕ 1, 2, 3, 4 и 5, на Нова алтернатива и Десна за ИЕ 1, 2 3 и 4, на Работничка партија за ИЕ 1 и 5, како и на Родина Македонија за ИЕ 3.

Поради некомплетна документација едногласно беа отфрлени листите на кандидати за пратеници во ИЕ 2, 3, 4 и 6 на Работничка партија, листата на Едниствена Македонија за ИЕ 6 и листите на кандидати на Десна за ИЕ 5 и 6.

За листата на Работничка партија за ИЕ 6, членот на ДИК, Борис Кондарко, информира дека се воочени специфични неправилности за кои се известени надлежните институции.

За парламентарни избори, Северна Македонија е поделена на шест изборни единици и од секоја од нив во Собранието влегуваат по 20 пратеници, при што според таканаречениот Донтов модел се пресметува која партија колку пратенички места ќе добие.

Парламентарните избори во Северна Македонија ќе се одржат на 8 мај. Тогаш ќе се гласа и во втор круг претседателски избори. Првиот круг претседателски избори ќе се одржи на 24 април.

МНР:Граѓаните да избегнуваат патувања во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија
Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

Министерството за надворешни работи (МНР) апелира до државјаните на Република Северна Македонија да избегнуваат патувања кои не се неопходни, во Израел, Иран, Либан и Палестинските територии, сопштија од МНР на 12 април.

Причина се информациите за можно влошување на безбедносните состојби во Израел и во регионот, се вели во соопштението од МНР.

Претходно во петокот, 12 април, Соединетите Држави им забранија на своите вработени во Израел и на членовите на нивните семејства да патуваат надвор од поголемите области на Тел Авив, Ерусалим и Бер Шева, поради потенцијален одмазднички напад на Иран врз Израел по смртта на командантот на Револуционерната гарда во Сирија.

„Поради голема претпазливост, на вработените во американската Влада и на членовите на нивните семејства им е забрането приватно патување надвор од пошироката област Тел Авив, Ерусалим и Бир Шева до натамошно известување“, соопштија од американската Амбасада во Израел.

Американскиот претседател Џо Бајден пред два дена изјави дека Иран се заканува дека ќе изврши „значаен напад врз Израел“ и дека САД остануваат посветени на безбедноста на својот сојузник.

Во нападот на иранскиот конзулат во Дамаск на 1 април загинаа командантот на Револуционерната гарда во Сирија и Либан, Мохамад Реза Захеди и неговиот заменик, како и пет офицери кои ги придружуваа.

Израел тврди дека не стои зад нападот, додека неколку официјални лица од Техеран, исто така, претходно се заканија со одмазда за нападот, вклучувајќи го и иранскиот врховен водач, ајатолахот Али Хамнеи, кој кажа дека „злобниот режим мора да биде казнет и ќе биде казнет“.

Вучиќ побара поддршка од Кина во „борбата за вистината“ пред ОН

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Ли Минг, амбасадорот на Кина во Србија, Белград, септември 2023 година
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ и Ли Минг, амбасадорот на Кина во Србија, Белград, септември 2023 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, побара од кинескиот амбасадор во Србија, Ли Минг поддршка од Кина „во борбата за вистината пред Обединетите нации“.

На затворен состанок во Обединетите нации (ОН) на 17 април ќе биде претставена нацрт-резолуцијата со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, како што претходно објави Гласот на Америка.

Властите во Белград, и покрај меѓународните пресуди, негираат дека во 1995 година во Сребреница бил извршен геноцид врз Бошњаците.

По средбата со кинескиот амбасадор на 12 април, Вучиќ на Инстаграм напиша дека е благодарен за „цврстата и непоколеблива поддршка на Кина за Србија на глобалните форуми“.

„Истакнав дека Србија во овие тешки моменти ги цени принципиелните партнерства и челичното пријателство, што се покажа со акции во најтешките моменти“, додаде тој.

За конечната резолуција, на која се уште се работи, земјите членки на ОН би можеле да се изјаснат на седницата на Генералното собрание на ОН на почетокот на мај.

Во нацрт-резолуцијата, во која Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид, меѓу другото, се бара без резерва да се осуди секое негирање на геноцидот во Сребреница и да се охрабрат членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел да се спречи геноцидот во иднина.

Иницијатори на резолуцијата се Германија и Руанда, но како што објави Гласот на Америка повикувајќи се на неофицијални извори, во создавањето на текстот учествувале и САД, Албанија, Босна и Херцеговина, Чиле, Финска, Јордан, Нов Зеланд, Турција и други земји.

Пресудите на меѓународните судови и судовите во Босна и Херцеговина утврдија дека е извршен геноцид врз околу 8.000 бошњачки цивили во јули 1995 година, кога војската на Република Српска ја окупираше Сребреница.

Досега повеќе од 50 лица се осудени на повеќе од 700 години затвор за геноцид и злосторства во Сребреница.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG