Настаните на денот низ фотографии - 27 март 2023 година
Министри, матуранти, демонстранти...
1
МАКЕДОНИЈА - Ќе биде многу тешко да се притисне црвено копче кога ќе дојде време за гласање за уставните измени и со тоа да се изолира земјата во наредните 10 години, во услови кога се појавува забрзана патека за регионот во ЕУ, рече на 27 март министерот за надворешни работи Бујар Османи на заедничката прес-конференција во Скопје со неговата албанска колешка Ољта Џачка.
2
ИЗРАЕЛ - Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе ја одложи расправата за контроверзната судска реформа за наредниот месец, се вели во денешното соопштение на крајно десничарскиот коалиционен партнер во владата, партијата „Еврејска моќ“. Во соопштението се вели дека законот ќе биде поместен за наредната седница на израелскиот парламент за „реформата да помине преку дијалог“. Парламентот наредната недела заминува на одмор поради празникот Пасха.
3
МАКЕДОНИЈА - Годинава ќе се олесни полагањето државна матура во интерес на сите средношколци, информираа од Министерството за образование и наука (МОН), по средбата на министерот Јетон Шаќири со претставници на Сојузот на средношколци. Ќе се олесни полагањето на тестот по мајчин јазик при што тој ќе има помалку прашања и ќе носи од 60 до 80 поени, а не како досега од 80 до 100 поени.
4
БУГАРИЈА - Десетици училишта во Бугарија беа евакуирани на 27 март по заканите за бомби упатени до училиштата преку електронска пошта. Закани за поставени бомби биле упатени до 16 училишта во главниот град Софија, до 16 училишта во Бургас и до сите десетици училишта во Варна. Наставата во училиштата била прекината, а полицијата ги претресувала објектите. На учениците им било кажано да се наредат во редица со ранците и јакните пред да бидат евакуирани.