Настаните на денот низ фотографии - 21 март 2023 година
Од Путин до Димче Мешковски
1
РУСИЈА / КИНА - Мировните предлози на Кина би можеле да послужат како основа за решавање на конфликтот во Украина кога Киев и неговите западни сојузници ќе бидат подготвени, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин. На заедничка прес-конференција со неговиот кинески колега Си Џинпинг, кој е во официјална посета на Москва, тој истакна дека и двајцата на средбата големо внимание посветиле на мировните предлози на Пекинг.
2
АВГАНИСТАН / ПАКИСТАН - Земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала го погоди северниот дел на Авганистан во вторник вечерта, објави Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар, предизвикувајќи силни потреси низ целата земја и во северниот соседен Пакистан. Земјотресот бил на длабочина од 194 километри, а неговиот епицентар бил во планинскиот венец Хинду Куш, во близина на северната авганистанска провинција Бадакшан.
3
ЕУ / СРБИЈА / КОСОВО - Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, смета дека договорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти претставува пресвртница во процесот на нормализација на односите. И двете страни сега треба да ги спроведат сите членови од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, подвлече Лајчак во заедничкото интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) и Еуроњуз Србија.
4
МАКЕДОНИЈА - Кривичниот суд во Скопје денеска пресуди дека Атила Сендреј, Ролф Плат и Золтан Кишјухас се виновни во случајот „Маѓар телеком“, со што се неправосилно осудени на по осум години затвор. Како што соопшти Кривичниот суд, обвинетите треба солидарно во буџетот да вратат еден милион евра, односно над 67 милиони денари затоа што несовесно работеле во службата. Сендреј и Кишјухас го оштетиле буџетот и склучувале фиктивни договори за консултантски услуги со кипарска консултантска куќа, се вели во соопштението.