Достапни линкови

Вести

Почина познатиот американски рокер Дејвид Крозби

Дејвид Крозби
Дејвид Крозби

Познатиот американски рокер Дејвид Крозби почина на 81-годишна возраст, потврди негов претставник. Овој пејач и текстописец беше еден од основачите на два од најголемите бендови од 1960-тите - Бирдс и Крозби, Стилс и Неш.

Тој постигна редок подвиг во кариерата - двапати беше примен во Куќата на славните на рокенролот.

Неговата сопруга изјави за шоубиз веб-страницата Варајати дека тој починал „по долго боледување“, опкружен со членови на семејството.

види ги сите денешни вести

Ален: Формирање на заедница на општини е важен чекор за евроатлантскиот пат на Косово

Елизабет Ален и Вјоса Османи, Приштина, 19 мај 2024 година.
Елизабет Ален и Вјоса Османи, Приштина, 19 мај 2024 година.

Американската државна потсекретарка за дипломатија и односи со јавноста, Елизабет Ален, смета дека формирањето на заедница на општини со српско мнозинство на Косово е важен чекор во остварувањето на евроатлантските цели на оваа земја.

Ова Ален го изјави во неделата по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи.

„Потврдувам дека го поддржуваме патот на Косово кон евроатлантските институции преку тесна соработка и знам дека тоа е важно за вас. Разговаравме за важен чекор на евроатлантскиот пат на Косово, заедницата на општините со српско мнозинство“, рече Ален.

Преземањето чекори кон формирањето на таа заедница е и услов за членство на Косово во Советот на Европа, водечката организација во областа на човековите права.

Ден пред состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, косовските власти соопштија дека во текот на месец мај ќе испратат предлог за формирање на заедница на општини со српско мнозинство до Уставниот суд на Косово за разгледување, но високи претставници на Западот рекоа дека такво нешто е недоволно за исполнување на условите.

Комитетот на министри на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, а не е јасно кога Косово ќе може да стане членка на таа организација.

По средбата, Османи и Ален потпишаа меморандум за разбирање меѓу САД и Косово против манипулациите со информации од странски држави.

Османи рече дека посетата на Елизабет Ален го симболизира трајното партнерство меѓу САД и Косово, како и докажување на заемната посветеност на соработката во борбата против заедничките предизвици.

„Во светло на глобалните трендови и динамика, предизвиците несомнено се зголемуваат. Сепак, нашата соработка се материјализира на извонреден начин“, рече претседателката Османи, споменувајќи голем број потпишани договори со американските агенции кои работат во Косово.

Османи истакна дека новопотпишаниот договор ќе помогне да се обединат силите против манипулацијата со информации, оценувајќи дека кампањите за дезинформација претставуваат голема закана за стабилноста на Косово и на Западен Балкан, притоа споменувајќи го ризикот од сајбер напади.

„За жал, ниту Косово не е поштедено од овие напади, кои доаѓаат и се засилуваат како резултат на влијанието на Русија во регионот, преку нејзиниот сателит Србија. Ова не само што е вознемирувачко, туку и активна закана за дестабилизација на нашиот регион. “, рече Османи.

На 15 мај Елизабет Ален ја посети и Србија.

Ален таму се сретна со претседателот на земјата, Александар Вучиќ, со кого разговараше и за важноста на напредокот во дијалогот со Косово.

Косово и Србија водат дијалог во Брисел за нормализација на односите од 2011 година. Двете страни имаат потпишано голем број договори, но, не сите се спроведени.

Европската унија повторува дека решавањето на сите проблеми меѓу двете земји е многу важен фактор за нивниот европски пат.

Вучиќ: Амандманите на Црна Гора на резолуцијата за Сребреница се „валкана игра“

Александар Вучиќ, претседател на Србија
Александар Вучиќ, претседател на Србија

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека во понеделник на 20 мај, ќе отпатува за Њујорк за да присуствува на седницата на Генералното собрание на Обединетите нации (ОН), на која ќе се гласа за резолуцијата за Сребреница, а амандманите кои ги поднесе Црна Гора на тој документ ги нарече „валкана игра“.

„Тоа е валкана игра и перфиден трик. Тие намерно оставаат простор за јасен заклучок за морална и политичка одговорност“, изјави Вучиќ на 19 мај за телевизија „Пинк“ и додаде дека по враќањето од Њујорк ќе каже со кого Црна Гора преговарала за ова прашање.

Предлагачите на нацрт-резолуцијата за Сребреница ја утврдија конечната верзија на тој документ, за кој во четврток на 23 мај ќе расправа Генералното собрание на ОН.

Иако текстот на резолуцијата беше во голема мера договорен претходно, она што се разговараше во последните денови беа амандманите на Црна Гора, кои во голема мера беа вклучени во текстот на самата резолуција.

На 9 мај, премиерот Милојко Спајиќ ја објави поддршката на Црна Гора за резолуцијата. Но, поради противењето на просрпските и проруските партии од парламентарното мнозинство, кои тврдат дека ги означува Србите како „геноцидна нација“, Министерството за надворешни работи испрати два амандмани на текстот на резолуцијата за 13 мај.

Во првата се наведува дека вината за геноцид е индивидуална и не може да се припише на ниту една етничка, верска или друга група или заедница, а втората се однесува на неповредливоста на Дејтонскиот мировен договор во Босна и Херцеговина.

Резолуцијата, иницирана од Германија и Руанда, бара 11 јули да биде прогласен за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница.

Резолуцијата се повикува на фактите утврдени со пресудите на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Меѓународниот суд на правдата, како и на домашните судови. Во резолуцијата не се споменува ниту една нација или држава.

Вучиќ рече и дека ќе има „голем број средби“ во Њујорк и дека по гласањето ќе биде јасно кои се пријатели на Србија, а кои нејзини партнери.

За геноцид на најмалку 8.372 Бошњаци и други воени злосторства во регионот на Сребреница, повеќе од 50 луѓе беа осудени на околу 700 години затвор.

Меѓу другите, на доживотен затвор беа осудени воениот претседател на Република Српска и врховниот командант на војската на Република Српска, Радован Караџиќ и Ратко Младиќ.

Во Унгарија две лица загинаа во судир на чамци на Дунав

Полициски брод учествува во потрагата по преживеани на реката Дунав во Будимпешта (архивска фотографија)
Полициски брод учествува во потрагата по преживеани на реката Дунав во Будимпешта (архивска фотографија)

Унгарската полиција во неделата објави дека две лица загинале, а пет се водат како исчезнати по судар на чамци на Дунав северно од Будимпешта.

Доцна во саботата полицијата добила дојава дека на брегот на Дунав во близина на градот Вероча, на околу 50 километри северно од Будимпешта е пронајден маж со крвавење од глава.

Полицијата утврдила дека во несреќата со чамецот учествувал мажот, а подоцна во близина биле пронајдени тела на маж и жена.

Полицијата се уште трага по уште пет лица кои се наоѓале во тој чамец.

Истрагата утврдила дека во оваа област во моментот на несреќата имало и хотелски чамец, кој бил запрен со оштетен труп во близина на градот Комарома, повеќе од 80 километри подводно.

Против непознатиот сторител е поведена кривична постапка поради сомнение дека го загрозил сообраќајот по реката и предизвикал смрт на неколку лица.

Пакистан евакуира студенти по нападите врз странци во Бишкек

Пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви се среќава со студенти од Бишкек
Пакистанскиот министер за внатрешни работи Мохсин Накви се среќава со студенти од Бишкек

Високи функционери од Киргистан и Пакистан се состанаа откако во насилството во Бишкек врз странски студенти беа повредени најмалку 29 лица, вклучително и неколку странци, што предизвика и дипломатски тензии со Пакистан и Индија.

Киргистанскиот заменик министер за надворешни работи Авазбек Атаханов на 19 мај во главниот град на Киргистан разговараше со Хасан Али Заигам, пакистанскиот амбасадор во Киргистан.

Атаханов рече дека ситуацијата е под контрола и додаде дека киргистанските власти покренале истрага за инцидентот, наводно предизвикан од нејасен спор неколку дена претходно во кој биле вклучени мигранти.

Околу 140 студенти и 40 други Пакистанци полетаа од Бишкек доцна на 18 мај. Студентите беа примени од министерот за внатрешни работи Мохсин Накви на меѓународниот аеродром во Лахоре, изјавија претставници на Управата за цивилно воздухопловство за РСЕ.

Пакистанската амбасада во Бишкек на 19 мај информираше дека се организирани специјални летови за враќање на пакистанските студенти во следните неколку дена.

Еден пакистански студент изјави дека ја поминал ноќта на меѓународниот аеродром во Бишкек чекајќи да полета.

„Нашиот универзитет синоќа организираше превоз... Имаше три комбиња…. Бевме донесени на аеродромот и тука сме сосема безбедни. Нашиот лет е закажан за денес. Тоа е директен лет од Бишкек до Исламабад. Ноќта ја поминавме без никакви проблеми и немаше напад“, изјави Хаснаин Али, студент по медицина на меѓународниот универзитет Ала-Ту во Бишкек.

Во меѓувреме, тројца странски државјани повредени во немирите во Бишкек остануваат во стабилна состојба на 19 мај, според портпаролот на Министерството за здравство, Јилдиз Ајгерчинова, која зборуваше за киргистанскиот сервис на РСЕ.

Министерството за здравство на 18 мај соопшти дека 15 од 29-те повредени биле пренесени во Градската итна болница во Бишкек и Националната болница, а на останатите им била укажана помош на лице место.

Киргистанската влада претходно соопшти дека четворица странски државјани родени меѓу 1993 и 2003 година биле уапсени по насилството. Се вели дека тие биле сместени во привремен притвор како дел од кривично дело за хулиганство без да се наведат нивната националност или околностите на нивното апсење.

Оние кои ќе бидат прогласени за виновни ќе бидат казнети, се вели во соопштението на киргистанската влада, отфрлајќи ги, како што се наведува, „инсинуациите насочени кон поттикнување нетолеранција кон странските студенти“.

Киргистанското Министерство за внатрешни работи во соопштение на 18 мај рече дека насилството било предизвикано од појавувањето на видео на социјалните мрежи на кое наводно се гледа група „личности со азиски изглед“ како малтретираат странски студенти ноќта на 13 мај, а потоа ги гонат до нивниот дом, каде што најмалку еден странски студент бил нападнат од неколку мажи и влечен по подот.

Нетанјаху ги одби заканите од Ганц за напуштање на владата

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху
Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху

Кабинетот на израелскиот премиер ја отфрли заканата на членот на воениот кабинет Бени Ганц дека ќе ја напушти владата, велејќи дека неговиот ултиматум за воен план против Хамас ќе му наштети на Израел.

„Условите поставени од Бени Ганц се празни зборови чие значење е јасно: крај на војната и пораз на Израел, ослободување на повеќето заложници, оставање на Хамас недопрен и формирање на палестинска држава“, изјави канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху.

„Премиерот Нетанјаху верува дека вонредната влада е важна за постигнување на сите цели на војната, вклучувајќи го и враќањето на сите наши заложници, и очекува Ганц да ги разјасни своите ставови за овие прашања на јавноста“, се вели во соопштението.

Членот на израелскиот воен кабинет и министер за одбрана Бени Ганц во саботата се закани дека ќе поднесе оставка од владата доколку таа не усвои нов воен план за операции во Појасот Газа во рок од три недели, односно до 8 јуни.

Планот вклучува враќање на заложниците, крај на владеењето на Хамас, демилитаризација на Појасот Газа и формирање меѓународна администрација за цивилни работи, како и напори за нормализирање на односите со Саудиска Арабија.

Неговата објава ја продлабочува поделеноста во израелското раководство, по повеќе од седум месеци војна, пишува Асошиетед Прес.

Ганц, популарен политичар и долгогодишен политички ривал на премиерот Бенјамин Нетанјаху, се приклучи на неговата коалиција и воен кабинет во раните денови од војната против Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската унија.

Заминувањето на поранешниот началник на Генералштабот и министерот за одбрана ќе го остави Нетанјаху уште позависен од екстремно десничарските сојузници кои зазедоа цврст став за прекинот на огнот и разговорите без заложници и кои веруваат дека Израел треба да ја окупира Газа и да ги обнови еврејските населби таму, пишува Асошиетед Прес.

Коментарите на Ганц дојдоа неколку дена откако израелскиот министер за одбрана Јоав Галант отворено рече дека постојано барал од владата да одлучи за повоената визија за Газа која ќе вклучува создавање на ново палестинско цивилно раководство.

Израелските воени сили и тенкови влегоа подлабоко во претходно заобиколените делови на северниот дел на Појасот Газа во саботата, убивајќи и ранети десетици Палестинци, соопштија жителите и медицинскиот персонал.

Армијата, исто така, окупираше некои области на Рафа, јужен град долж границата со Египет, во моментов полн со раселени жители од Појасот Газа.

Шефот на палестинската Агенција за бегалци при Обединетите нации во саботата изјави дека 800.000 луѓе „морале да го напуштат“ Рафа од почетокот на израелските воени операции на територијата овој месец.

Израел повторно нападна делови од северна Газа овој месец, иако во јануари прогласи крај на големите операции во тој дел.

Во исто време, израелската армија најави дека ќе се врати таму за да го спречи прегрупирањето на Хамас, кој владее со Појасот Газа.

Војната во Појасот Газа започна кога екстремистите на Хамас извршија напад без преседан врз Израел на 7 октомври, при што според израелските власти загинаа околу 1.200 луѓе, главно цивили.

Хамас киднапираше и околу 250 луѓе, од кои 100 се уште се заробени во Појасот Газа.

Израел потоа започна офанзива на Газа во која досега загинаа повеќе од 35.380 луѓе - две третини од нив жени и деца - и рани повеќе од 79.360, според локалното Министерство за здравство, кое е под контрола на Хамас.

Временска прогноза - променливо облачно, попладне дожд

Архивска фотографија
Архивска фотографија

Променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне ќе има локална нестабилност со пороен дожд, грмежи и услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град, се наведува во прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.

Во главниот град максималната дневна температура ќе се движи до 25 степени, додека до 27 степени се очекува на југоистокот од државата.

Франција започна операција за спроведување на законот во Нова Каледонија

Полицијата на улиците, Нумеа, 18 мај 2024 година.
Полицијата на улиците, Нумеа, 18 мај 2024 година.

Франција започна голема операција за спроведување на законот во јужниот пацифички архипелаг Нова Каледонија за да го расчисти патот до аеродромот, откако во немирите против изборните реформи загинаа шест лица, пишува Ројтерс.

Оваа операција има за цел „да ја врати целосната контрола на 60-те километри од главниот пат меѓу Нумеа и аеродромот“, објави францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин.

Операцијата беше започната откако Нов Зеланд побара од Франција да го обезбеди аеродромот за враќање на нејзините државјани.

„Подготвени сме да полетаме и чекаме одобрение од француските власти“, изјави министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Винстон Петерс.

Бидејќи летовите до и од Нова Каледонија беа прекинати од вторникот, владата на архипелагот процени дека околу 3.200 луѓе се блокирани на аеродромот.

Немирите започнаа во понеделникот кога Франција расправаше за нацрт-законот со кој на илјадници француски граѓани во јужниот пацифички архипелаг ќе им се даде право да гласаат на покраинските избори.

Движењето за независност на Нова Каледонија стравува дека таквата промена ќе резултира со слабеење на политичкото влијание меѓу домородниот народ Канак.

Националното собрание во Париз преку ноќ ја усвои реформата со 351 глас „за“ и 153 гласа „против“.

За Париз, Нова Каледонија е важна воено и геополитички, но и поради наоѓалиштата на никел.

Областа, каде што живеат околу 270.000 жители, доби голема автономија со договорот со Нумеа. Островот се наоѓа на околу 1.200 километри источно од Австралија.

На сите три референдуми за независност, одржани во 2018, 2020 и 2021 година, жителите гласаа да останат дел од Франција.

Но, движењето за независност го бојкотираше последното гласање и најави дека нема намера да ги прифати резултатите.

Претседателката на Грузија стави вето на законот за „странски агенти“

Демонстрантка обвиена со грузиско и знаме на ЕУ стои пред полицискиот кордон кој го блокира пристапот до зградата на парламентот за време на протестот во Тбилиси, 14 мај 2024 година.
Демонстрантка обвиена со грузиско и знаме на ЕУ стои пред полицискиот кордон кој го блокира пристапот до зградата на парламентот за време на протестот во Тбилиси, 14 мај 2024 година.

Претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, во саботата на 18 мај стави вето на законот за „странски агенти“, во кој меѓу другото, ги таргетира и медиумите, а против кој Грузијците протестираат со недели, јавува грузискиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според тој закон, медиумите и невладините организации би требало да се регистрираат како субјекти кои „ги застапуваат интересите на странските сили“, доколку повеќе од 20 отсто од нивните финансии доаѓаат од странство.

Законот, за кој критичарите тврдат дека е сличен на рускиот закон што претседателот Владимир Путин го користеше за да ја задуши опозицијата и независните медиуми, беше усвоен во вторник на 14 мај и покрај повеќенеделните протести во земјата и предупредувањата од Западот.

Периодот пред и по усвојувањето на законот беше обележан со масовни демонстрации на десетици илјади Грузијци, кои постојано беа насилно задушувани, со солзавец, водени топови и гумени куршуми.

Зурабишвили претходно во текот на неделата најави дека ќе стави вето на законот и дека го смета законот за „неприфатлив“ и претставува јасно отстапување од европскиот пат на земјата.

Владејачката партија Грузиски сон, која исто така го „протурка“ законот во парламентот, има доволно мнозинство за да надвладее и да го одбие нејзиното вето.

Постои можност Европската унија да ја замрзне кандидатурата на оваа земја за членство поради законот, пишуваше оваа недела „Фајненшл тајмс“.

Помошникот американски државен секретар Џејмс О'Брајан, кој беше во Тбилиси еден ден пред усвојувањето на законот, изјави дека односите на Вашингтон со таа земја ќе бидат загрозени и дека американската помош за Грузија ќе биде предмет на ревизија доколку нацрт-законот биде усвоен.

„Ако законот се усвои без усогласување со нормите на ЕУ и ако продолжи ваквата реторика и клевета на САД и другите партнери, мислам дека односот е загрозен“, рече О'Брајан.

Сличен закон беше предложен во грузискиот парламент минатата година, но беше повлечен по масовните протести. Пред неколку месеци практично истото законско решение со ситни измени им беше вратено на пратениците.

Полска ќе инвестира 2,5 милијарди долари во границата со Русија и Белорусија

Границата на Полска со Белорусија
Границата на Полска со Белорусија

Полска ќе инвестира околу 2,5 милијарди долари за зајакнување на безбедноста на границата со Русија и нејзиниот сојузник Белорусија, изјави во саботата на 18 мај премиерот на оваа земја.

Доналд Туск изјави дека работата на проектот „Источен штит“, кој опфаќа воени утврдувања веќе е започната. Полска се наоѓа на источното крило на НАТО алијансата и Европската унија, а Туск посочи дека таа носи дополнителна одговорност за европската безбедност.

„Одлучивме дека ќе инвестираме во нашата безбедност, а пред се, во безбедната источна граница, околу 10 милијарди злоти (околу 2,5 милијарди долари)“, рече Туск.

„Започнуваме голем проект, изградба на безбедна граница, која ќе вклучува систем на утврдување и обликување на теренот, интервенции во околината што ќе ја направат нашата граница непробојна за потенцијалниот непријател“, изјави тој.

Туск додаде дека работите се започнати за „границите на Полска да бидат безбедни во мир и непробојни за непријателот во војна“.

Тој им се обрати на полските вооружени сили во Краков на југ, за време на комеморацијата на 80-годишнината од победата на сојузниците во битката кај Монте Касино против нацистите за време на Втората светска војна.

Полска се граничи со руската ексклава во која се наоѓа Калининград, во должина од околу 230 километри, додека нејзината граница со Белорусија е долга околу 400 километри.

Претходната, десничарска полска влада изгради ѕид од 400 милиони долари на границата со Белорусија за да го запре масовниот прилив на мигранти кои почнаа да пристигнуваат во 2021 година, но сегашната проевропска влада верува дека границата треба дополнително да се зајакне.

Полска е верен сојузник на Украина во нејзината одбранбена војна против руската инвазија.

ДИК: Прегласување во седум избирачки места на 22 мај

Државна изборна комисија (архивска фотографија)
Државна изборна комисија (архивска фотографија)

Државната изборна комисија (ДИК) денеска на 105 седница едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето на седум избирачки места, по одлуките донесени од Управниот суд. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.

Станува збор за прегласување во петтата изборна единица на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во изборната единица шест на избирачкото место 2101 во Општина Желино.

ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.

Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.

Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај на полноќ. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица и ќе нема можност да се пријавуваат нови.

Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.

ДИК во рамки на седницата ги соопшти и освоените мандати за пратеници во новиот парламентарен состав.

Членот на Државната изборна комисија, Борис Кондарко, произнесувајќи се по синоќешните одлуки на Управниот суд рече дека „ДИК го потврди своето професинално однесување и работење, докажа дека независно од изборните резулти, целосно ги почитува и правилно ги применува сите законските процедури“.

„Со одлуките на Управиот суд со кои целосно се потврдија решенијата на ДИК за поништување на гласањето, уште еднаш се докажа дека независно од изборните резултати, ДИК постапувала законски и врз основа на увид во целокупниот изборен материјал. Пораката е дека и покрај дневната политика, институциите постапуваат само според законските надлежности и материјалните докази со кои располагаат, изјави Кондарко.

Претходно, Управниот суд синоќа ги отфрли како неосновани сите седум тужби од коалицијата „Европски фронт“ против решенијата на Државната изборна комисија (ДИК) за прегласување на парламентарните избори.

Со одлуките на Управниот суд се потврдуваат решенијата на ДИК за прегласување во шест избирачки места во петтата изборна единица и едно во шестата изборна единица.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG