Достапни линкови

Џафери: ВМРО-ДПМНЕ може да блокира, но Собранието непречено ќе си работи


Џафери – Нема да ја избегнам процедурата за референдум за уставни измени
please wait

No media source currently available

0:00 0:13:58 0:00

Џафери – Нема да ја избегнам процедурата за референдум за уставни измени

Не може да има целосна блокада на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ може да ги блокира само Комисиите што ги води, а Собранието ќе продолжи непречено да работи по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи, вели претседателот на Собранието Талат Џафери во интервју за РСЕ.

Првата седница ја закажавте дури за 14 септември. Над дваесет закони во моментов се блокирани. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не се појави на редовната координација. Од мај опозицијата активно ја бојкотира работата на Собранието. Ќе профункционира ли законодавниот дом?

Јас мислам дека Собранието функционира и ќе функционира. Во секој случај по одлуката за блокирање тоа си е право на опозицијата, како инструмент да го искористи во Собранието, тоа е во доменот на дискусиите што се одвиваат и во работните тела и на Пленарната седница.

Но ќе се донесат ли овие потребни закони во услови кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски се закани и со целосен бојкот на Собранието, ако не се исполни барањето за предвремени избори?

Не може да има целосна блокада на Собранието, затоа што може да не ги разгледаат точките што се на комисиите што тие ги водат, но другите комисии кои ќе ги разгледаат точките секако има услови да се разгледаат на пленарни седници, а пленарната седница според Деловникот е планирана и има тајминг на почеток и крај на дискусијата, така што Собранието ќе продолжи непречено да работи и по однос на оние точки за коишто има предуслови, според Деловникот, да се работи.


Владата се обврза за донесување на уставни измени и внесување на Бугарите во Преамбулата кои се услов за преговорите со ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ предлага референдум за прашањето. Ако се соберат потребните 150 илјади потписи ќе го ставите ли референдумот во собраниска процедура?

Тоа е хипотетичко поставено прашање. Во секој случај има Деловник, има деловничка процедура, така што и јас како Претседател на Собранието и пратениците и кој било не може да ја одбегне процедурата затоа што е предусловена, освен ако не се однесувам, онака како што се однесуваат претседателите на комисиите по односни точки, на пример кои не ги свикуваат седниците. Но во секој случај јас ќе ги исполнувам сите обврски кои произлегуваат од Деловникот за работа на Собранието и од надлежноста и обврските на Претседателот на Собранието да ја испочитува процедурата, јас немам причина да не ја почитувам процедурата.

Кога сме кај уставните измени. Дали тие ќе влезат во собраниска процедура доколку нема обезбедено двотретинско мнозинство, кое е потребно за нивно донесување?

Во суштина со обврските што се преземени, тоа се обврски не на мнозинството и не на Собранието, тоа се обврски што државата ги преземала на патот за отворање на претпристапните преговори и на патот за полноправно членство за НАТО. И ако направиме паралела од Преспанскиот договор и потребата од уставни измени за да станеме членка на НАТО, од кампањата против што тогаш се водеше со укажување дека последиците по државата и по граѓаните ќе бидат вакви и онакви и не знам какви, состојбата е поинаква во позитивна смисла од кога станавме членка на НАТО. И во тој контекст ако таа паралела пак ја влечеме, значи потребата за уставни измени не е заради потребата на мнозинството или не знам на кого, туку потреба на државата за да може да си го преземе и да го изоди патот, кој впрочем е определен пред три децении да се изоди со сите предизвици што ги има државата на тој пат. И во тој контекст сметам дека сите треба да рефлектираат по однос на интерес на државата и на граѓаните, а на по интерес на политичките партии и во смисла на дневна политика, борба за гола власт да се менува власта, туку во секој случај која и власт да дојде ќе мора да го изоди тој пат. И во тој контекст сметам дека како избрани и одговорни луѓе би требало да резонираат сите во контекст на потребата и интересот на државата и на граѓаните за да може да се отвори тој пат. Во секој случај ние конкретно како држава не изгубивме ништо со тоа што направивме уставни измени за да се исполни Преспанскиот договор, напротив во позитивна смисла има придобивки и државата и граѓаните во смисла на она што е геополитика денеска, замислите во такви односи да сте надвор од оној чадор што ви обезбедува она што треба да се обезбеди, а очигледно е дека тоа не можеме сами да го обезбедиме, така што во тој контекст треба да оди во насока на отворање на патот за реализација на крајната цел да бидеме полноправна членка на ЕУ.

Значи очекувате некој од пратениците на ВМРО- ДПМНЕ да гласа за уставните измени?

Јас не би го гледал тоа така, да очекувам или да не очекуваме. Очекувам политичките партии, како претставници на граѓаните да рефлектираат во смисла на она што е интерес на граѓаните коишто ги претставуваме, во тој контекст очекувам. Јас не правам пресметки дали некој ќе може вака или онака да се однесува во однос на она што е општо добро за државата и за граѓаните.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG