Достапни линкови

Што натаму по канонското признавање на Охридската архепископија?


По канонското признавање на Охридската Архепископија од страна на Вселенската Патријаршија Синодот на МПЦ изрази благодарност до Вселенскиот Патријарх. Засега реакција нема од СПЦ која е во децениски спор со МПЦ-ОА.

Најсрдечна благодарност до Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј за за канонско признавање на Охридската Архиепископија, изрази Синодот на МПЦ-ОА по денешната седница. Портпаролот на Синодот, Владиката Тимотеј изјави дека не треба да се потценува тоа што Вселенската Патријаршија не признала како Охридска Архиепископија зашто со тоа таа го признала континуитетот на нашата црква олицетворена во МПЦ-ОА.

Од возобновувањето во 1967 година, МПЦ-ОА беше меѓународно изолирана и непризнаена од православниот свет, а сега се отвора прашањето дали со оваа одлука се отвора пат за признавање на автокефалноста на Македонската православна црква.

Засега реакција нема од Српската православна црква- СПЦ и другите помесни цркви. СПЦ е во повеќедецениски спор со МПЦ-ОА, оспорувајќи ја нејзината автокефалност.

Од Синодот на МПЦ-ОА информира дека продолжуваат разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на нашата црква како и по препорака на цариградската Патријаршија која во рамките на светоканонскиот чин и црковно предание треба да се уредат управните прашања меѓу двете цркви.

Во однос на дополнителните преговори во соопштението на Вселенската Патријаршија е наведено дека и се остава на Српската православна црква да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и Црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание.

Имено, во 1967-ма година, на двестегодишнината од укинувањето на автокефалноста, Охридската архиепископија прогласува автокефалност. Српската православна црква тоа не го признава и тој раскол се уште трае.

Пред седницата на Синодот, премиерот Димитар Ковачевски оствари средба со Архиепископот Охридски и Македонски и МПЦ-ОА г.г. Стефан. Ковачевски, како што соопшти владината прес-служба, на средбата истакнал дека станува збор за историска одлука и долгоочекувано вековно признание за постоењето на МПЦ, наследничка на древната Охридска Архиепископија. Со таквата одлука, се додава во соопштението, архијереите на МПЦ-ОА, свештениците и монасите, како и православните верници во нашата земја се стекнуваат со правото да соучествуваат во литургиското единство со останатите православни цркви.

Танјуг пренесе изјава на експертот за верски прашања д-р Јован Јањиќ кој вели дека „таканаречената Maкедонска православна црква не е признаена од Вселенската Патријаршија туку од Цариградската Патријаршијакоја е само прва по ранг меѓу сите помесни православни црвки во светот“.

Минатата година новиот патријарх на СПЦ Порфириј изјави дека смета оти од суштинска важност е да се надмине расколот со Македонската црква.

Руската православна црква е единствената која имаше официјално соопштение и излезе со став дека ги признава само канонските права на СПЦ во Северна Македонија. Веста дека Вселенската Патријаршија ја признала црквата на Северна Македонија ја пренесоа и грчките и бугарските медиуми.

Долгогодишниот новинар и верски аналитичар Бранко Ѓорѓевски за РСЕ изјави дека историскиот чин е направен и доколку СПЦ не се согласи да и даде автокефалност на МПЦ тогаш на сцена ќе стапи Вселенската патријаршија.

„Како што тоа се случи со украинската православна црква, кога руската православна црква воопшто не сакаше да разговара за било каква промена на статусот на до тогаш непризнаената украинска православна црква. Тогаш Цариградската патријаршија ја зема постапката во свои раце и кулминира со давање на томосот за автокефалност на украинската православна црква“, вели Ѓорѓевски.

Тој очекува да следи отпор и од бугарска страна.

„Не сите православни цркви одат по одлуката на Вселенската патријаршија така јас очекувам да биде случајот и со МПЦ. Името кое што го промовира Вселенската патријаршија како Охридска архепископија ќе биде проблематично за бугарската страна заради тоа што бугарската православна црква се смета за црква која е наследничка и на Охридската архепископија“, додава тој.

Синодот на МПЦ-ОА на денешната седница одлучи да се канонизираат двајца македонски преродбеници олицетворени во личностите на Јоаким Крчоски и Кирил Пејчиновиќ , Лешочки.

По вчерашното заседание на Светиот Синод, од Вселенската патријаршија соопштија дека одлучиле да ја отстранат повеќедецениската шизма наложена врз Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, односно да ја признаат црковната јерархија предвоена од Архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и да се воспостави канонско и литургиско општење со неа.

Инаку, Вселенската патријаршија ја призна независноста на Украинската православна црква во 2019 година, додека Руската Црква не ја признава нејзината автокефалност.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG