Достапни линкови

Колку ИВЗ и МПЦ донираат за време на коронавирусот и верските празници


Заштитини маски. Илустрација.
Заштитини маски. Илустрација.

Од ИВЗ со конкретни бројки колку маски донирале за секоја болница и на колку семејства помогнале со обезбедување на храна, а од МПЦ велат дека секоја епархија поединечно донесува одлука што ќе донира за време на пандемијата со коронавирусот. Пандемијата е во период на прославата на верските празници Велигден и Рамазан кога по традиција им се помага на оние што им е најпотребно.

ИВЗ и МПЦ делат маски, храна или парична помош во екот на пандемијата на коронавирусот. Најголемите верски заедници велат дека спроведуват хуманитарни акции и донации, особено и поради фактот што се наближува и прославата на најголемите празници, Велигден и Рамазан Бајрам кога треба да им се најдат на оние на коишто им е најпотребна помош.

Од ИВЗ досега донирале 10 илјади маски за државната клиника, потоа по 3000 маски за градската болница 8 септември, за болница во Гостивар и во Тетово. Хуманитарна помош односно храна, како што наведуваат од ИВЗ доделиле на 1000 социјално загрозени семејства. ИВЗ обезбедила храна и на 300 семејства кои биле во карантин во Скопје и во други градови.

„Во помошта не правиме разлика меѓу вера и нација, туку гледаме да им помогнеме на тие што им е најпотребно. Од кога почна пандемијата со коронавирусот сите акции се поврзани со тоа“, велат од ИВЗ.

Од МПЦ нема информации за колку донации станува збор. Митрополитот на Дебарско-кичевската епархија и портпаролот на МПЦ, владиката Тимотеј вели дека различните епархии, различно донираат и дека не е во тек за да зборува на ниво на цела црква.

„Тоа е оставено на секоја епархија поединечно да делува, а не во целина. Ние помагаме да речеме на нашава охридска болница, не можеме да помагаме во Скопје затоа што и самите не патуваме ни ваму ни таму. Помагаме со купување на тие потребни маски, ракавици не сум многу вичен во таа работа, меѓутоа мојата служба тука мислам дека има донирано на охридската болница“, вели Тимотеј.

Тој додава дека и секоја црква за верските празници помага на сиромашните. Владиката Петар вели дека на семејствата со многу деца им даваат помош за да го прослават Велигден, а во истовреме со тоа им помагаат и за време на пандемијата на коронавирусот зошто се во истиот период.

„Ние со нашето хуманитарно друштво Самарјанин на сиромашните многудетни семејства им даваме еднократна помош за да ги прослават велигденските празници. Значи правиме селекција, семејства што имаат над три деца или помалку не е важно, но кои се економско и социјално загрозени и што имаат потреба од помош и претежно им даваме еднократна парична помош затоа што тие знаат што треба да си купат“, вели тој.

И МПЦ и ИВЗ беа цел на критики во јавноста бидејќи од Владата добија од околу 120 илјади евра за поддршка на студиските програми на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, на Православниот богословски факултет и на Факултетот за исламски науки за 2020 година.

Поглаварот на ИВЗ, Реисот Сулејман Реџепи изјави дека државата не обезбедила помош за религиозните заедници и поради тоа може да се случи да ги суспендираат одлуките за забрани за верски собири. На прашањето дали и МПЦ ќе бара помош од државата како и ИВЗ, владиката Тимотеј пред некој ден изјави дека ќе виделе дали има можности за тоа и дека и свештениците се оштетени и за Велигден не може да останат со празни трпези.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG