Достапни линкови

Верскиот живот на Балканот во време на коронавирус


Жена во црква во Крива Паланка

Словенија е единствената земја која целосно ги затвори храмовите за верниците и повика тие од дома да ја практикуваат својата вера. Другите земји во регинот упатија низа препораки и мерки до верниците, но останаа отворени за нив.

Исламската заедница во Словенија ги запре сите верски активности поради прогласувањето на епидемија на коронавирусот во таа земја. Одлуката беше донесена на 12-ти март со цел спречување на понатамошно ширење на вирусот, потврдуваат за Радио Слободна Европа од Мешихатот на Исламската заедница во Словенија.

И словенечките бискупи ги прифатија мерките на словенечката влада за борба против ширењето на заразата и по советите на експертите одредија дека на 13 -ти март стапува на сила одлуката со која на неопределено време се откажуваат сите јавни миси, преданија и други настани како и сите собири, стои на веб-страницата на Католичка новинска агенција.

„Свештениците одржуваат миси за одредени цели само приватно, без учество на верниците. Исто така се одложуваат и сите миси на отворено. Додека траат мерките,бискупите се ослободуваат од обврската за одржување на неделната миса, а верниците се советуваат тоа да го надоместат со молитва, пост, добри дела, читање на Светото писмо и да ја следат мисата преку радио, телевизија или на интернет“, стои во објаснувањето до верниците.

Двете верски заедници во Словенија се први во регионот кои донесоа ваква одлука со која во целост ги откажаа заедничките молитви и други активности, додека другите земји воведуваат посебни мерки со кои се ограничува бројот на присутни на верските собири.

Во Хрватска објавени насоки

Во Католичката црква во Хрватска сè уште не е донесена одлука за запирање на активностите, но на сила се посебните мерки кои секоја бискупија ги носи поединечно. Со оглед на тоа дека епидемиолошката состојба брзо се менува, се препорачува свештениците да ги следат насоките на хрватскиот Завод за јавно здравје и на Министерството за здравство.

Насоките на надлежните ги следи и Мешихатот на Исламската заедница во Хрватска, земја во која исто така е прогласена епидемија на коронавирусот.

Исламската заедница во Хрватска објави насоки со кои повикува на преземање сериозни чекори. Муфтијата Азиз ефенди Хасановиќ упати допис во кој укажува на препораките на надлежните министерства, а посебно на Министерството за здравство на Хрватска, и на препораките на Реис Ул Улема Хусеин ефенди Кавазовиќ од Исламската заедница во Босна и Херцеговина.

Муфтијата предупредува дека е неопходно сите да се придржуваат до насоките на Министерството за здравство кои се однесуваат на хигиената, а посебно на хигиената на рацете, и нареди во џамиите да се постават средства за дезинфекција и да се избегнува поздравување со рака.

Во насоките за заштита се потенцира дека една од мерките за запирање на ширењето на коронавирусот е и забраната за организирање на настани со повеќе од 100 луѓе.

Божјите храмови отворени, но под посебни мерки

Џамиите во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора и Косово се отворени за верниците, но на сила се посебните мерки.

На Косово, џумата, односно молитвата која се одржува во петок, и на која присуствуваат најголем број на верници, ќе трае само десет минути со цел верниците да не се задржуваат многу долго во затворен простор.

Божјите храмови се отворени и во Србија. Ефенди Решад Плојевиќ од Исламската заедница во Србија вели дека не се забранети собирите.

„Исламската заедница ја прати состојбата и насоките кои ги добиваме од Исламската заедница во БиХ и секако ги почитуваме. Сè уште не се забранети собирите, но на сила се одредени мерки кои се почитуваат. Јаследиме состојбата, што професионалците и надлежните препорачуваат и Исламската заедница секако ќе ги прифати сите мерки кои ќе бидат на сила“, изјави за РСЕ, ефенди Плојевиќ.

Сараево
Сараево

Советникот за медиуми на Реисот од БИХ, Мухамед Јусиќ вели дека исламската задница до сега три пати издала соопштенија во врска со кризата со ширењето на коронавирусот.

„Секоја пат повикувавме сите ограноци на Исламската задница во БИХ да ги почитуваат насоките на надлежните државни органи. Во исто време Реисот Ул Улема Хусеин ефенди Кавазовиќ ги повика сите оние кои се изложени на ризик да не присуствуваат на џума намаз и другите обреди, додека надлежните органи не одлучат поинаку“, вели Јусиќ за РСЕ.

Од исламската заедница во БИХ информираа дека на неопределено време се прекинува и верската настава, а во 36 џамии во Сараево е спроведена акција за дезинфекција.

Мешихатот на Исламската заедница во Црна Гора во своето соопштение наведува дека чувствува општествена одговорност кон можната опасност и сака да ги предупреди верниците превентивно да делуваат и да ги следат препораките на надлежните институции.

„Со оглед на тоа дека практикувањето се врши колективно, Мешихатот ги повикува верниците да бидат многу внимателни. Мешихатот апелира, доколку верниците чувствуваат какви било симптоми да не доаѓаат во џамиите и дневните молитви, како и џумата, да ја извршуваат од своите домови со цел да не ги доведат другите верници во опасност. Вршењето на верските обреди на поединците, кои според надлежните здравствени установи може да имаат симптоми на коронавирусот, не смее да биде оправдување за доведување на останатите верници во опасност“, се наведува во соопштението.

Одговорноста и претпазливоста кон пандемијата не смее да се претвори во сеење на страв, вели за РСЕ ѓаконот Бранисав Рајковиќ од Захумско-херцеговската и приморска епархија.

Во оваа епархија е донесена одлука луѓето да ги почитуваат насоките на Светската здравствена организација и на надлежните здравствени установи.

„Ризичните групи ги советуваме да ги избегнуваат богослужбите, а тие кои присуствуваат не смеат да имаат физички контакт со свештениците или со другите верници, или предмети. Личната храброст и верата никогаш не смеат да имаат облик на дрскост“.

Запрени литиите во Црна Гора

Покрај Захумско-херцеговската и приморска, и други епархии се огласија во врска со богослужбите, но до сега никаде целосно не ги прекинаа своите активности.

Црногорско-приморската митрополија соопшти дека, во согласност со христијанската вера и обичаи, верниците треба да се однесуваат одговорно кон здравствената состојба во Црна Гора и да ги следат препораките на здравствените органи.

„Молитвите илитиите кои редовно се организираат по повод вирусот и епидемијата која нè снајде и ги загрозува нашите верски и граѓански слободи, ќе ги продолжиме и понатаму како и молитви против реалните здравствени закани за граѓаните на Црна Гора и целиот свет – таканаречениот коронавирус“, се наведува во соопштението на митрополијата.

Како што додаваат од таму „ќе се молат на Господ, на исцелител на секаква болест и слабост, оваа чума ќе ја протера од Црна гора и од светот и да ги излечи сите заболени“.

Српската православна црква соопшти дека привремено ги прекинува литиите кои се одржуваат два пати неделно. Покрај прекин на собирите побара и повлекување на Законот за слободата на вероисповед, усвоен во декември минатата година.

Еврејската заедница во Босна и Херцеговина како и Сојузот на еврејски општини во Србија за РСЕ потврди дека ги откажале сите настани.

Од Еврејската заедница во Сараево информираат дека нема да бидат одржани молитви и нема да се одржуваат часовите деца и покрај тоа ги забрануваат и сите посети на синагогите.

Верските објекти во Македонија функционираат со мерки за претпазливост

И Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) упати апел до верниците да ги почитуваат мерките на надлежните македонски органи.

„Во оваа смисла апелираме во парохиските храмови и во манастирите на МПЦ – ОА во кои има редовни посети и континуиран богослужбен живот, да се зголеми досегашното редовно одржување на хигиената. Повикуваме на сострадална љубов и изразување добродетелност на сите оние кои ќе се најдат во борба со оваа болест, најпрво молитвено застапувајќи се пред Бога за нивното здравје и покажувајќи секаква друга можна грижа“, стои во соопштението на МПЦ-ОА.

Реисот на исламската верска заедница во Македонија, Сулејман ефенди Реџепи, во соопштение за Алсат наведе дека ги следат препораките на надлежните. Тој предложи петочната молитва да се изведува во џамиите, додека за другите денови верниците може да го прават тоа индивидуално во своите домови. Џамиите редовно се дезинфицираат и верниците можат да дојдат на џумата која се врши во присуство на имам и да не стравуваат за ширење на коронавирусот во џамиите.

Сепак, целосното затворање на џамиите, според Реисот, би предизвикало паника кај граѓаните.

„Ако ние како ИВЗ излеземе со став да ги затвориме џамиите, прво религиозно не е во ред, исламски не е добро, и ми остава впечаток дека тогаш ја создаваме паниката, а да создаваш паника е полошо од коронавирусот“, рече Сулејман Реџепи, поглавар на Исламската верска заедница на Република Северна Македонија“, во соопштението за Алсат.

XS
SM
MD
LG