Достапни линкови

Вести

Пожар во автобус на ЈСП, нема повредени

Автобус на ЈСП
Автобус на ЈСП

Од ЈСП денеска соопштија дека неколку минути пред пладне, во двоспратен автобус „Јутонг“ кој сообраќа на линија 57 избувнал пожар, во кој нема повредени патници, а причинета е само материјална штета.

„Во моментот на опожарувањето, автобусот бил на последната/почетната постојка во Нерези и во него немало патници. Внатрешната контрола на ЈСП Скопје веднаш излезе на терен, при што, од изјавата на возачот и околни сведоци, констатираше дека пожарот избувнал во делот кај што се наоѓа моторот. Благодарение на присебноста на возачот и неговата брза реакција, избегната е поголема штета.Возачот употребил два ПП апарати, а во меѓувреме интервенирало едно противпожарно возило“, велат од ЈСП.

Случајот, како што се наведува во соопштението, е пријавен и во МВР и во тек е утврдување на причините за настанот.

види ги сите денешни вести

Приведен скопјанецот каде што беа пронајдени малолетници во бессознание

Илустрација, психотропни средства
Илустрација, психотропни средства

Скопјанец на возраст од 40 години, сопственик на куќата во која вчера беа пронајдени четворица малолетници во бессознание е приведен во полиција. Полицијата кусо соопшти дека тој е приведени иако по негова пријава за напад од малолетник, полициските службеници пристигнале на адресата.

Малолетниците се во подобра здравствена состојба, откако на клиниката за токсикологија биле донесени во бессознание си забележливи модринки по телото.

Четворицата малолетници се на возраст од 14 до 17 години, а засега не се знае од што настаниле повредите на нивните тела.

Директорот на клиниката Андон Чибишев соопшти дека докажано е присуство на психоактивни супстанци кај четворицата малолетни пациенти, без при тоа да има присуство на алкохол.

„Сите четворица пациенти се свесни, во подобрена здравствена состојба, со стабилни витални параметри. Немаат посериозни повреди. Продолжува интензивното лечење и надзор на Универзитетската клиника за токсикологија“, појасни Чибишев.

Од полицијата велат дека во тек е увид под раководство на јавен обвинител и се преземаат мерки и активности за целосно расчистување на случајот.

Во описот на случајот се вели дека вчера во 13:57 часот во Секторот за внатрешни работи Скопје било пријавено оти во двор од куќа, сопственост на Д.Ѓ., тој со тврд предмет бил физички нападнат од малолетник.

По добиената пријава полициските службеници биле во куќата каде ги затекнале четирите малолетни лица од кои две биле во бессознание.

Иран нема да одговори на притисокот од САД

Архивска фотографија, новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан
Архивска фотографија, новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан

Новоизбраниот ирански претседател Масуд Пезешкијан рече дека неговата влада ќе создаде „рамнотежа во односите со сите земји“ во согласност со националните интереси и им порача на САД дека неговата земја „нема да одговори на притисокот“.

Во написот во државниот весник Техеран Тајмс, Пезешкијан повика на „конструктивни односи“ со западните земји за да му помогнат на Иран да „излезе од изолацијата“ и се залагаше за обновување на нуклеарниот договор од 2015 година меѓу Иран и глобалните сили.

Тој во текстот „Мојата порака до новиот свет“ ги пофали претседателските избори кои „покажаа исклучителна стабилност“ и порача дека ќе ги исполни ветувањата што ги дал во предизборната кампања.

Пезешкијан, 69-годишен кардиохирург и долгогодишен пратеник, го победи конзервативниот кандидат, поранешниот нуклеарен преговарач Саид Џалили, во вториот круг од изборите.

Изборите беа распишани откако претходниот претседател, Ебрахим Раиси, загина во хеликоптерска несреќа во мај.

Во пораката, новоизбраниот претседател изјави дека неговата администрација „ќе му даде приоритет на зајакнувањето на односите со соседите“ и ги повика арапските земји да ги искористат „сите дипломатски лостови“ за да обезбедат траен прекин на огнот во војната во Појасот Газа меѓу Израел и Хамас, кој САД и ЕУ го сметаа за терористичка организација.

Иран долго време го поддржува Хамас, а Пезешкијан ја изрази својата целосна поддршка за „палестинскиот отпор“ во порака до шефот на групата, Исмаил Ханије, во средата.

Пезешкијан во текстот ги поздравува односите на Иран со Русија и Кина, кои „постојано ни стоеја на страна во тешки времиња“. Тој рече дека Москва е „ценет стратешки сојузник“ и дека неговата влада ќе ја прошири билатералната соработка. Тој, исто така, ја изрази својата подготвеност да ги „поддржи иницијативите насочени кон“ постигнување мир меѓу Русија и Украина во тековната војна што влезе во третата година.

Најмалку 71 лице загинаа при израески напад врз камп со раселени Палестинци

Најмалку 71 лице загина во израелски воздушен напад врз камп за раселените Палестинци во јужниот дел на Појасот Газа, соопшти Министерството за здравство на територијата контролирана од Хамас, која САД и ЕУ ја сметаат за терористичка организација. Во меѓувреме Израел вели дека целта на нападот бил шефот на военото крило на таа организација.

Израелски официјален претставник изјави дека цел на нападот бил Мохамед Деиф, еден од организаторите на нападот на Хамас на 7 октомври врз јужен Израел што ја предизвика војната во Појасот Газа.

Уште 289 лица се повредени во нападот во областа Кан Јунис, соопшти Министерството под контрола на Хамас, кое САД и ЕУ го сметаат за терористичка организација. Се додава дека многу повредени и мртви се пренесени во блиската болница Насер.

Нападот се случил во кампот Муваси, кој се наоѓа во хуманитарната зона одредена од Израел, која се протега од северниот дел на Рафах до Кан Јунис.

Радиото на израелската армија во саботата соопшти дека цел на нападот на кампот бил шефот на военото крило на Хамас, Деиф, додавајќи дека не се знае дали е убиен.

Военото радио соопшти дека Деиф се крие во зграда во хуманитарната зона Маваси.

Израелски функционер изјави дека цел на нападот, покрај Деиф, бил и Рафа Салама, уште еден висок функционер на Хамас. Тој не кажа дали во нападот загинале двајца високи функционери на Хамас.

Деиф преживеа седум израелски обиди да го убијат, последниот во 2021 година, и со децении е на врвот на листата на најбарани во Израел.

Во нападот на Хамас на 7 октомври, според израелските податоци, загинале 1.200 луѓе, а биле земени повеќе од 250 заложници. Според здравствените власти во Газа, повеќе од 38.000 луѓе биле убиени во следните израелски офанзиви.

Поплави по силното невреме во јужна Германија

Илустрација
Илустрација

Поплави, сообраќаен хаос и блокирани патишта поради паднати дрвја предзивика големото невреме со град што ја погоди синоќа јужната германска покраина Баварија, јавува германската новинска агенција ДПА.

Во градот Кемптен, југозападно од Минхен, службите за итни случаи пријавиле околу 320 интервенции помеѓу 18 часот и полноќ.


Најпогодени се регионот Алгау и областа Линдау, во близина на Боденското езеро и границата со Австрија. Во тек е расчистување и испумпување на водата од поплавените објекти.

Уште 230 интервенции се пријавени во Розенхајм. Службите за итни случаи интервенирале на поплавените визби и паднати дрва на патиштата и на пруги.

Нема информации за повредени.

При израелски напад врз воен началник на Хамас, загинаа најмалку 20 Палестинци

Илустрација, Појасот Газа
Илустрација, Појасот Газа

Израелската војска на 13 јули го нападнала воениот началник на Хамас која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, во нападот врз Кан Јунис во Газа. При нападот загинале најмалку 20 Палестинци, тврди палестинското Министерство за здравство.

Израелското армиското радио соопшти дека не е јасно дали воениот шеф на Хамас Мохамед Деиф е убиен.

Во соопштението на Министерството за здравство на Газа се вели дека болницата Насер во Кан Јунис примила 20 тела и 90 ранети. Во соопштението не е дадена конечна бројка за жртвите преместени во други медицински установи.

Од Хамас која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, за новинската агенција Ројтерс велат дека најмалку 100 луѓе се убиени и ранети, меѓу кои и членови на Цивилната служба за итни случаи.

Висок претставник на Хамас не потврди дали Деиф бил присутен.

„Израелските наводи се глупости и имаат за цел да го оправдаат застрашувачкиот масакр. Сите маченици се цивили и она што се случи беше тешка ескалација на војната за геноцид, поддржана од американската поддршка и светскиот молк“, изјави Абу Зухри од Хамас која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација, за новинската агенција Ројтерс.

Според израелските податоци, милитантите предводени од Хамас убиле 1.200 луѓе и зеле повеќе од 250 заложници во прекуграничен напад во јужен Израел на 7 октомври.

Израел возврати со воена акција во Газа во која загинаа повеќе од 38.000 Палестинци, соопштија медицинските власти во Газа.

Таравари: Комисија ќе го разгледува случајот со тримесечното бебе

министерот за здравство Арбен Таравари
министерот за здравство Арбен Таравари

За случајот со траги на насилство на телото на три месечно бебе, министерот за здравство Арбен Тарвари најави дека веднаш ќе преземе мерки, меѓу кои и специјална комисија која детално ќе го анализира случајот. Станува збор за сторија на порталот „ИКС“ во која семејството на три месечното бебе тврди дека модринките на нивното бебе настале во детската клиника откако со него лошо се однесувала медицинска сестра затоа што не можела да се разбера со семејството на албански јазик.

Таравари вели дека семејството на бебето тврди дека тоа било тепано на педијатрија од медицинската сестра бидејќи мајката на детето не знаела македонски. Тој додаде дека ако се покаже нивното тврдење точно, медицинската сестра веднаш ќе биде отпуштена.

„Јас лично ќе се погрижам веднаш да биде упатена до правните органи. Каква и да е вистината, виновниците за овој грозен и болен чин ќе бидат пронајдени и казнети“, напиша Таравари на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук.

Таравари синоќа заедно со директорот на Детската клиника отиде и лично да се сретне со семејството на детето, по што потврди дека бебето има повреди по телото и повтори дека ќе се преземат мерки.

„Родителите се жалеа дека можеби не е третирано како што треба на Клиниката. Заедно со директорот дојдовме одблизу да видиме што се случува. Сите пациенти се важни, но децата се посебно важни. Од утре треба специјална комисија на Клиниката да разгледа и да ја слушне и другата страна. Ви гарантирам дека веднаш ќе преземеме мерки против тие коишто постапиле лошо кон детето коешто дојдовме вечерва да го посетиме. Не смееме да се однесуваме лошо кон пациентите“, рече Таравари.

Мета ги отстрани ограничувањата за Трамп на Фејсбук и Инстаграм

Американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп
Американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп

Компанијата Мета на 12 јули објави дека ќе отстрани некои ограничувања на профилите на социјалните мрежи Фејсбук и Инстаграм на поранешниот американски претседател и кандидат за нов претседателски мандат, Доналд Трамп.


Мета ги блокираше профилите на Трамп на неодредено време, откако тој ги пофали луѓето кои упаднаа насилно во Капитол на 6 јануари 2021 година.

Компанијата му ги врати профилите на поранешниот американски претседател на почетокот на 2023 година, наведувајќи дека ќе ги следи неговите објави за можни прекршувања, што може да доведе до нова забрана односно заклучување на профилот од еден месец до две години.

Трамп, кој треба да се соочи со актуелниот претседател Џо Бајден на претседателските избори во ноември, веќе нема да биде предмет на дополнителен надзор, соопшти компанијата Мета

Трамп од Пенсилванија ќе го најави потпретседателскиот кандидат

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе има шанса на 13 јули да го претстави својот потпретседателски избор на митингот пред да започне Националната конвенција на Републиканците во Милвоки следната недела.

Митингот на Трамп во Пенсилванија, на шоуто на фармата Батлер надвор од Питсбург, на поранешната реалити ТВ ѕвезда, има за цел да се привлече интересот на јавноста со максимално внимание.

Во изминатиот период Трамп се држеше подалеку од центарот на вниманието, затоа што телевизиските рефлектори беа насочени кон Демократската партија која беше зафарена со кампањата за реизбор на претседателот Џо Бајден но и со делумна криза поради лошата дебата што предизвика повици да се повлече.

Трамп во последниве денови јасно стави до знаење дека неговиот заменик односно кандидат за потпретседател сака и планира драматично да го открие во живо на конвенцијата - нешто што поранешниот претседател опседнат со рејтингот, рече дека ќе ја направи постапката по „интересна“ и „повозбудлива“.

Ер-тракторите ќе ги гаснат пожарите на планините Серта и Огражден

North Macedonia - Air tractor fighting a fire, August 2023
North Macedonia - Air tractor fighting a fire, August 2023

Пожарите во неготинско на планината Серта и штипско на планината Огражден во близина на бугарската граница се уште се активини, известуваат од Центарот за управување со кризи. Оттаму посочуваат дека се интервенира од земја и од воздух при што покрај ангажирањето на армиски и на хеликоптери на МВР, по неколку месеци повторно се ставени во функција и Ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување, откако се надмина проблемот со пилотите, се вели во сопштението од ЦУК.

„Од рано утрово веќе се дејствува по активните пожари и како засилување на силите кои гаснат од земја, еден армиски хеликоптер започна со дејство врз пожарот на планината Серта додека полицискиот хеликоптер се подготвува да полета, а два авиона на ДЗС е планирано да полетаат кон Серта во 10,00 часот“, се вели во соопштението на ЦУК.

Кризниот штаб на Општина Неготино синоќа излезе со препораки до домаќинствата во селата и во градот, задолжително да ја расчистат трева околу своите дворови и имоти.

„Апелираме до месното население за поголема ажурност, следење на упатствата и насоките од страна на МВР, да нема поголеми движења кон критичните места. Исто така, побарана е повторно до ЦУК и до ДЗС воздухопловна поддршка за утрешниот ден, за да би можело да се изврши побрзо локализирање на пожарите“, информираа синоќа од Штабот за заштита и спасување при локалната самоуправа.

ЦУК информира дека имаше 26 пожари на отворено во последното деноноќие и од нив изутринава како активни се водат 5.

Во јули 2024 до сега, заклучно со 12.07.2024 година, имало вкупно 173 пожари на отворен простор од пошироки размери.

Само од почетокот на годинава до средина на јуни се запалиле над 1175 пожари на отворено во земјава. Во нив спаѓаат и оние на дивите депонии и ѓубришта, потоа ниви, ливади, стрништа и дел шуми.

Топло време со можност за краткотраен дожд

Топло време, илустрација
Топло време, илустрација

Денеска не очекува сончево и многу топло време со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен северен ветер. Попладне во крајните западни делови ќе има услови за краткотраен пороен дожд. Минималната температура ќе бид во интервал од 14 до 22 степени, а максималната ќе достигне од 34 до 42 степени. УВ индексот ќе изнесува 10.


Во Скопје сончево и многу топло со мала локална облачност. Минималната темепратура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 40степени.

Во наредните денови, според УХМР, ќе продолжи периодот на сончево и многу топло време со дневна температура која насекаде ќе биде над 30 степени Целзиусови, а наместа ќе надминува 40 степени поради што до крајот на следната работна седмица ќе биде активирано портокалово ниво за опасност од високи температури. Во недела во попладневните часови во западните делови ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG