Од кадровски освежувања до нови стратегии и формални обединувања, се дел од промените кои веќе се случуваат или ќе следуваат во најголемите партии на политичка сцена по локалните избори што во Северна Македонија се одржаа на 19 октомври и 2 ноември. Сепак, лидерите остануваат на своите позиции, а дел од нив ќе добијат и нови мандати.
Во опозициските редови, промените во кадрите, за дел од аналитичарите се очекувани и логични.
Во СДСМ целото потесно раководство – Извршниот одбор, на предлог на лидерот Венко Филипче, поднесе оставка на 2 декември, а партијата најави „нова енергија“ откако на изборите освои само шест градоначалнички места и не го подобри резултатот од ланските парламентарни избори со 152.000 гласа.
„Она што е најзначајно е да се види кои луѓе ќе ги заменат, затоа што сега таму треба да бидат лица кои ќе бидат препознаени од јавноста и едноставно ќе можат, пред сè, да вратат дел од гласачкото тело. Потоа ќе може да се зборува дали и што понатаму за враќање на довербата што очигледно им е најниска во изминатите 30-тина години“, вели за Радио Слободна Европа (РСЕ) Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања.
Досегашниот генерален секретар на партијата, Александар Саша Димитриевиќ, кој е меѓу оние што си поднесоа оставка, вели тоа го направиле пред сè, како морален чин пред претседателот Филипче и членовите на Централниот одбор а про по резултатите на локалните избори.
„Заеднички заклучивме дека е единствено исправно пред претстојниот состанок на Централен одбор да оставиме на членовите на ЦО низ дискусија да одлучат за кадровските освежувања на партијата како и за тоа кој од актуелното раководство и извршен одбор треба евентуално да продолжи во повисоките органи и позиции на СДСМ. И јас и секој еден од колегите во извршниот одбор сме и ќе бидеме и понатаму целосно посветени на обновата на партијата“, вели Димитриевиќ за РСЕ.
Опозициската ДУИ, пак, најави конгрес за 20 декември, но оттаму засега не сакаат да прејудицираат што ќе се случи. Но, едно е сигурно.
„На конгресот секако дека ќе се реизбере Али Ахмети како претседател на партијата, но и членовите на Генералниот совет. Овие два органа ќе произлезат од Конгресот, за потоа да се продолжи на Генералниот совет да се избере и Централното претседателство“, вели за РСЕ, портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми.
Можни ли се реформи без одговорност од лидерот?
Во ситуација кога и во двете опозициски партии лидерите остануваат на позициите, дел од аналитичарите ја поставуваат тезата и дали се можни реформи без одговорност на првиот човек. Според аналитичарот и претседател на невладината Балкански институт за регионална соработка (БИРС), Џелал Незири, со одговорност на лидерот „започнуваат вистински промени“ во партиите.
Тоа што се случува во СДСМ и ДУИ, како што вели тој, повеќе личи на „контролирање на штетата“ по лошите изборни резултати отколку на реформи.
Сепак, кога се во прашање социјалдемократите, тој потсетува дека Венко Филипче ја презел палката пред една година кога партијата падна од власт или како што вели кога „партијата била размонтирана и имал малку време да ја консолидира“.
„Тој има шанси да ја воздигне само ако промовира луѓе кои реално веруваат во социјалдемократијата како концепт и идеологија, ако успее да ја обедини разпарчената левица во земјата и ако склучи идеолошка коалиција со ДУИ, било таа да е официјална или неформална. Без овие три предуслови, Филипче ненамерно ќе продолжи да биде гарант за победите на Христијан Мицковски (лидер на ВМРО-ДПМНЕ) со тоа што ќе ја држи опозицијата во агонија“, вели Незири за РСЕ.
Оставката на целиот Извршен одбор во СДСМ значеше повлекување на заменик-претседателката, потпретседателите, генералниот и организациските секретари.
Новите треба да се изберат од Централниот одбор кој брои околу 130 луѓе. Ова тело, се очекува да заседава до крајот на декември, а од неговите редови се избираат од 10 до 18 луѓе кои треба да бидат дел од Извршниот одбор. Единствено, заменик-претседателот на партијата, социјалдемократите го избираат на Конгрес. Кога ќе се одржи конгрес на СДСМ, пак, засега нема дефинирано датум. Одлука за негово свикување носи токму Централниот одбор.
А, за разлика од СДСМ, ДУИ треба да се реформира и концептуално со дефинирање на јасна идеолошка матрица која ќе го мобилизира членство, смета аналитичарот Незири.
„Во последните години оваа партија повеќе личеше на бизнис-групација составена од политичари-бизнисмени кои беа спремни за се само да бидат дел од извршната власт. Ако овој концепт не се смени, ДУИ нема да може да функционира како опозициска партија од причина што сите тие структури поврзани со конкретни интереси ќе се прелеваат во владините партии“, вели тој.
Мицкоски оди по последен мандат на чело на ВМРО-ДПМНЕ
Додека промените во опозицијата се логични по изборите, за најголемата владејачка партија, ВМРО-ДПМНЕ, која освои 55 градоначалнички места од вкупно 81 во државата, промените и не се неоходни, посочуваат дел од соговорниците.
Божиновски посочува дека кога ќе победите на избори што се одржале пред неполни два месеца, тешко дека некој може да прави притисоци за некакви промени.
„Дали ќе има или ќе нема промени, тоа претпоставувам зависи од тоа како ги перципираат изборите – дали сите испорачале онака како што требало или не“, посочува Божиновски.
ВМРО-ДПМНЕ в сабота, 6 декември, треба да одржи конгрес во Кавадарци. На него, извесен е реизбор на Христијан Мицкоски за нов, трет мандат како лидер на партијата. Според партискиот статут, тоа е и максимумот, а Мицкоски во интервју за емисијата„360 степени“ рече дека нема да бара негови измени потврдувајќи дека ова ќе му биде последен мандат како претседател.
„На конгресот очекува реизбор на претседателот на партијата, потврда на извештајот за успешно спроведените избори и усвојување на стратегија и програмски начела за работно дејствување во следните четири години“, вели за РСЕ, пратеникот и член на Извршниот одбор на партијата, Антонијо Милошоски.
Евентуални промени во дел од потпретседателските места или на генералниот секретар, како што се шпекулира изминатиот период во јавноста, од Конгресот в сабота не се очекуваат. Тие и статутарно, не се бираат на Конгрес туку ги назначува Централниот комитет на партијата.
ВЛЕН - една партија до средина на јануари?
А Конгрес во следниот период се очекува и кај ВРЕДИ (ВЛЕН), владиниот партнер на ВМРО-ДПМНЕ.
ВРЕДИ, досега функционира како коалиција во која се вклучени неколку партнери односно политички партии – Демократското движење на Изет Меџити, БЕСА на Билал Касами, Алтернатива предводена од Зеќирија Ибраими, како и дел од крилото на Алијанса за Албанците.
Тие подолг период најавуваат спојување во една партија, а според најавите тоа конечно би се реализирано во наредните месец и половина.
„Ние работиме до крај на декември или до средина на јануари да имаме некој конгрес во кој би се одлучиле за формирање на една заедничка партија под името ВЛЕН“, вели Ибрахими за РСЕ.
Засега, не е дефинирано како ќе функционираат тие како партија – дали со еден, двајца лидери или поинаку. Како што велат, работат на тоа до основачкиот конгрес да имаат модел кој ќе претставува „елегантно решение“ во кое сите партнери би биле рамноправни.
ВЛЕН на локалните избори освои околу 20.000 помалку гласови за советничките во споредба со коалицијата што ја предводеше ДУИ, но победи во најголемите општини каде има мнозинско албанско население. Интегративците освоија само четири градоначалнички места, додека ВЛЕН освои 10, меѓу кои скопски Чаир, Тетово и Струга.