Достапни линкови

Средношколците бираат класен по мерка: „Френдли“ или да треска по маса


Илустрација - Наставничка на час
Илустрација - Наставничка на час

Македонски средношколци кои ни го опишаа идеалниот класен раководител велат дека не е важно дали е тоа наставник пред пензија или не многу далеку од нивната возраст. Важно е да ги разбира и да се спушта на нивно ниво, а не со трескање да го спушта дневникот на маса кога нешто не му одговара

Се вели дека роднините и комшиите не се бираат, но ова важи и за соучениците, а и за класниот раководител. Ако него „не го бива“, тешко дека класот ќе функционира како тим, а ако има нула емпатија, тешко дека учениците ќе го чувствуваат како свој. Ваков впечаток имаат средношколците кои ги прашавме: „Каков класен раководител сакаш да имаш?“

Сите прашани велат дека баш им се погодил класниот и се за „френдли“ варијанта на класен, со строгост по потреба. А класниот на Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци, е до толку пријателски настроен што дури реaлизира гурмански идеи на предлог на ученикот. Според него токму тој е класниот од неговите соништа. Вели дека е повозрасен човек со неколку докторати по историја кој иако може да се пензионира одлучил да продолжи да работи. Додава и дека ги поддржува учениците во конфликти со другите класови или наставници, но тука е и за лични прашања.

„Интересни се и анегдотите што ни ги кажува од неговиот живот, неговата кариера и слично. Меѓутоа, можам да издвојам еден посебен момент, бидејќи јас сум човек висок два метра и имам голем апетит за храна, а класниот иако е многу повозрасен има подеднакво голем апетит, па така еднаш успеавме во 9 часот наутро да нарачаме печење за да појадуваме во школо“, изјави за РСЕ, гимназијалецот во НОВА.

Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ
Претседателот на Сојузот на средношколци, Лука Павиќевиќ

И средношколката Емира Хусовиќ ја истакнува важноста на пријателскиот став на класниот, да биде, како што велат младите „френдли“, но со почитување на граници.

„Би одела на „френдли“ варијанта, но да е строг во случаи кога треба да се биде. Но, сепак да не се оди со тој строг став секогаш, секој ден, туку само кога се во прашање прекршени правила, бидејќи тие треба да се почитуваат“, изјави 17-годишната Хусовиќ за РСЕ.

Хусовиќ вели дека класниот во себе треба да биде добар комуникатор и мотиватор и да е човек од доверба пред учениците за тие да може да му се обратат за секакви проблеми и совети.

„Би сакала некој кој на класниот час не би запишувал само часови и отсуства, туку некој кој навистина би се интересирал за нас. Би дискутирале за различни теми кои нè интересираат нас, на пример, младинскиот активизам, но и многу други теми. Треба да има знаење секако, тоа се подразбира. Но, најважно ми е да биде како наша втора мајка или наш втор татко“, додава средношколката од велешкото средно училиште „Кочо Рацин“.

Средношколката Емира Хусовиќ
Средношколката Емира Хусовиќ

Средношколецот Филип Најдовски од приватното средно училиште САБА, смета дека класниот треба да е по малку и психолог.

„Секој класен раководител треба да ги има квалитетите на еден добар психолог за да ги разбере учениците, што им се случува во моментот, во каква ситуација се и да може да разговара па дури и за работи коишто се случуваат надвор од училиштето. Дефинитивно, повеќе треба да биде поставен пријателски со учениците за да ја оствари комуникацијата со учениците и поврзаноста помеѓу нив, на еден поразличен начин“, вели 16-годишниот Најдовски за РСЕ.

Средношколецот Филип Најдовски
Средношколецот Филип Најдовски

Се согласија и дека дека полот не игра ама баш никаква улога. А седумнаесетгодишната Ева Карамановска додаде и дека не е важно ниту дали е пред пензија или на почеток на работниот стаж.

„Низ образованието сум имала и помлади и повозрасни класни и лично мислам дека годините и немаат некоја толку голема врска колку што е важно колку како човек е отворен и подготвен да се поврзе со децата и да им помогне“, изјави Карамановска за РСЕ.

Според неа, од класниот зависи целиот амбиент во училницата, а тој треба да знае да се „спушти“ ако треба на ниво на младите за тие да се чувствуваат прифатени.

„Ако го гледаме класот како еден филм, класниот раководител би бил режисерот, односно, каква атмофера ќе постави, таква атмосфера и ќе биде“, истакнува средношколката од гимназијата „Никола Карев“.

Гимназијалката Ева Карамановска
Гимназијалката Ева Карамановска

Различни сфаќања за иста функција

„Најлесно може да се види што треба да биде позицијата на класниот преку една многу едноставна лингвистичка анализа. На македонски е „класен раководител“, што автоматски имплицира дека тој треба нешто да раководи. Во ситуацијава го раководи класот. Додека, на српски е уште пострашен зборот, бидејќи се нарекува „класен старешина“, како да е некој старешина или поглавар на некое племе. А мислам дека терминот на англиски, особено американската варијанта е најблиска до тоа што треба да биде класниот. Односно, тие ги нарекуваат „advisory teacher“, односно - наставник за советување“, истакнува средношколецот Павиќевиќ.

Тој потенцира и дека класниот не треба да биде човек што оди со дигнат нос и што го треска дневникот од катедрата ако нешто не му одговара. Сите се согласија дека поважно од хиерархија и подреденост е соработка и партнерство.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG