Достапни линкови

„Бустер опција“: Ако студентите не можат кај вакцината, таа да оди кај нив


„Не беа студентите во фокусот, иако тоа беше целта, бидејќи наша беше иницијативата“, вели Дамјан Георгиевски, претседател на Студентско собрание на Фармацевтски факултет, на фотографијата со колешките од факултетот
„Не беа студентите во фокусот, иако тоа беше целта, бидејќи наша беше иницијативата“, вели Дамјан Георгиевски, претседател на Студентско собрание на Фармацевтски факултет, на фотографијата со колешките од факултетот

За да се „бустира“ интересот за вакцинација против Ковид меѓу студентите, студентските претставници предлагаат теренска вакцинација на нивните кампуси

Околу 450 студенти од Фармацевтски, Стоматолошки и Медицински факултет рекле ДА за теренска вакцинација на клиничкиот кампус, ама кога разбрале дека ќе треба да одат на пунктот на УКИМ, на Економски факултет, интересот паднал.

„Првично се пријавија околу 450 студенти од кои најголемиот дел, или 90 % беа за трета доза, што е навистина голема бројка, меѓутоа, откако се префрли вакцинацијата на пунктот на Економски факултет, бидејќи Министерството така одлучи, не знам од која причина, на втората анкета за заинтересираност се пријавија само околу 30 студенти“, вели за РСЕ, Дамјан Георгиевски, претседател на Студентско собрание на Фармацевтски факултет.

Останува идејата со теренска вакцинација, вакцините да дојдат поблиску до студентите, бидејќи според Георгиевски, желбата за вакцина на клиничкиот кампус постои.

Според Георгиевски, има впечаток кај оние од кои почнала иницијативата, дека на денот на вакцинирањето во пунктот на УКИМ, студентите не биле во фокусот на денот на вакцинирањето. Истиот ден бустер доза прими и новиот Министер за здравство, Бекир Сали, што беше и негово прво официјално појавување во јавност откако стапи на функција.

„Не беа студентите во фокусот, иако тоа беше целта, бидејќи наша беше иницијативата. Медиумите главно се фокусираа на министерот, бидејќи слушнав дека му е прво појавување во јавност. И во медиумите во најголема мера излегоа изјави кои ја засегаат пошироката популација, а студентите едноставно беа во сенка. Излезе само на еден или два портали она што го изјавуваме ние, за целта на настанот. Прва вест што ја прочитавме претходниот ден беше: „Министерот Сали утре ќе се вакцинира со трета доза“, а настанот беше - вакцинација на студентите и да се покрене иницијативата за повторно да се активира тој пункт“, истакна Георгиевски.

Илустрација - Вакцинација против ковид-19 во Скопје
Илустрација - Вакцинација против ковид-19 во Скопје

Зошто се вакцинираат малку студенти?

На вакциналниот пункт на УКИМ, според искуствата на докторите, нема значителен интерес кај студентите за вакцинација на оваа локација.

„Од почетокот на работата на пунктот во септември, вкупно се вакцинирани околу 500 граѓани, меѓу коишто многу е помал интересот кај студентите. На почетокот интересот беше поголем, кога беа уписите во септември, но со текот на времето се намали. Од октомври наваму, повеќето се за трета доза или повозрасни лица, а многу малку студенти се заинтересирани“, изјави за РСЕ, Ангела Димитриевска, докторка по општа медицина на вакциналниот пункт на УКИМ.

Докторката апелира до студентите да се вакцинираат за побрзо да се вратат во студентските клупи и потсетува дека пунктот отворен од 8 до 14 часот, секој работен ден. А за тоа зошто ги нема на пунктот во голем број, претпоставува дека на некои од нив им одговара онлајн наставата, или пак, мислат дека многу полесно ќе поминат ако се заразат, бидејќи се млади.

Докторката Ангела Димитриевска, на работа во вакциналниот пункт на УКИМ
Докторката Ангела Димитриевска, на работа во вакциналниот пункт на УКИМ

„Верувам во младоста, не во вакцината“

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Ева Цветковска, главна причина за малиот интерес е локацијата, бидејќи како што вели, генерално тој кампус на општествени факултети се претежно со онлајн настава бидејќи има голем број на студенти и групи. Но вели дека тука е и недовербата во вакцината.

„Веројатно се скептични бидејќи мислат дека ќе им влијае на фертилитетот, или дека е неистражена вакцината, или дека нема потреба бидејќи се млади и како и да е нема да поминат со тешки последици. Иако гледаме дека има случаи кога млади луѓе умираат од компликации со Ковид, но претпоставуваме дека тоа му се врти во главата на еден млад којшто не сака да се вакцинира“, вели претседателката Цветковска за РСЕ.

Вакциналниот пункт на УКИМ останува отворен. Но, за уште повеќе да им се олесни пристапот студентите кои покажале интерес за вакцина, останува првичната идеја - во следниве месеци, тие да имаат и опција за теренско вакцинирање во својот кампус.

За иницијативата која тргна од клиничкиот, како што вели претседателот на Студентско собрание на Фармацевтски факултет, студентите добиле помош од координаторката за имунизација во Министерството за Здравство, проф. д-р Александра Грозданова, а биле поддржани и од Министерството за здравство и министерот Беким Сали, како и ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG