Достапни линкови

Нова локација за помасовна вакцинација


Вакцинален пункт на УКИМ, дел за прием

Студентите, вработените во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, но и секој кој ќе покаже интерес за вакцинација, од денеска може да се вакцинира во новоотворениот пункт, на приземјето на Економскиот факултет во Скопје.

Вакциналниот пункт на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје денеска ги отвори вратите за сите заинтересирани за вакцинација. Пунктот е пред сè наменет за студентите и вработените на УКИМ, но тоа не е услов за вакцинација на оваа локација.

„Студенти веќе почнаа да прашуваат дали ќе може да се вакцинираат, но и жители кои живеат во близина на УКИМ веќе почнаа да се интересираат. Има интерес и кај оние кои се дојдени за упис на факултет, родителите прашуваа за вакцинација на своите деца“ изјави за РСЕ, Татјана Стошиќ Илиевска, докторка од Поликлиниката на УКИМ

Локација на вакциналниот пункт
Локација на вакциналниот пункт

Пунктот се наоѓа на приземјето на Економскиот факултет и е обезбеден со информатичка и медицинска опрема.

„Присутни се две докторки и две сестри, како и техничар кој внесува податоци. Кога ќе дојдат заинтересираните, пополнуваат лист со согласност и изјави. Потоа одат на преглед кај докторот, па кај сестрата и по вакцинацијата се чека да не има некоја реакција“ потсетува докторката

Вакциналниот пункт ќе биде отворен секој работен ден, од 8 до 14 часот, а во моментов има опција за вакцинирање со вакцината „Фајзер“.

Дел за вакцинација во пунктот на УКИМ
Дел за вакцинација во пунктот на УКИМ

Екипата на РСЕ се обиде да добие изјава од дваесетина млади кои денеска се запишуваа на факултет. Но ниту еден од нив не сакаше да сподели што мисли за постоењето на ваков вакцинален пункт и дали тоа би го зголемило интересот за вакцинација помеѓу младите. Дел од нив, зад камерата, сепак споделија дека би се вакцинирале само доколку тоа е услов за да патуваат во странство, други дека не би се вакцинирале воопшто или како што велат- барем не додека ги „држи здравје“, а имаше и такви кои немаа никаков коментар.

Како што велат од Ректоратот, целта на постоењето на новиот пункт е да се олесни и забрза процесот на вакцинација на студентите и вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

УКИМ побара од Министерството за здравство да овозможи отворање на вакцинален пункт на Универзитетот заради омасовување на вакцинацијата во академската средина, согласно епидемиолошката состојба и заклучокот на Ректорската управа на Универзитетот, донесен на вонредната седница, одржана на 23. август.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG