Достапни линкови

Младите помалку скептични за вакцините - „филозофите“ нека му ја мислат


Вакцинирање против ковид-19 во Македонија
Вакцинирање против ковид-19 во Македонија

Според официјалните податоци, до 6.7.2021, во Македонија една доза на вакцина примиле 11187 лица на возраст од 18 до 27 години, а 5967 во истата старосна граница се целосно вакцинирани.

Откако една безгрижна летна забава во познат бич бар во Атина донесе нови грижи со стотина плус заразени на грчката листа со позитивни на Ковид 19, во барот се вклучи црвената сијаличка со откажување на сите планирани забави до 14. јули.

Но, за младите таму и насекаде, не се само кафулињата терен за дружба, посебно откако летниот период и олабавените мерки го намалија и психолошкиот притисок кој претходно значеше- социјални контакти на минимум. Па кога бројот на социјални контакти расте, треба да расте и свесноста за потребата од вакцинација, велат експертите.

И младите кај нас се соочуваат со пандемиските предизвици, па носат одлуки со кои или ќе избегнат или ќе предизвикаат последици. А дебатата околу вакцините како алатка за спас останува актуелна.

Според претседателката на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Ева Цветковска, студентите главно се потпираат на науката и се помалку сомничави од повозрасните.

„Студентите се доста ентузијастични по повод вакцинацијата. Младите веруваат во научните дострели, и доста поретко веруваат во теории на заговор, за разлика од постарото население. Сакајќи да се заштитат себе, но и своите блиски во прва линија, студентите се спремни да се вакцинираат. Ова е причината и зашто огромен број од нив отиде во соседна Србија да се вакцинира со оглед на тоа што тука немаа шанса. Ректоратот на УКИМ имаше иницијатива за масовна имунизација на кадарот и студентите на УКИМ, за што беше пуштен формулар за пријавување на кој имаше одзив од околу 3000 студенти, што е доста висока бројка со оглед на тоа што ние го споделивме на нашиот фб профил кој не го следат сите 40 000 студенти на УКИМ“, изјави Цветковска за РСЕ

„Оние што филозофираат, нека му ја мислат“

Очекувано е младите да го шират вирусот, со оглед на тоа што се дел од подвижно, активно население. Но, микробиологот, професор Никола Пановски, вели дека младите кај нас имаат многу повеќе природен имунитет во споредба со други земји.

„Мислам дека ќе бидат позаштитени, отколку во другите земји. Инаку, да, тие се секако, секогаш младите се тие што ја шират болеста. Затоа, тие возрасните што филозофираат и не се вакцинирале нека му ја мислат. Тие ќе бидат загрозени, тие што нема да се вакцинираат, повозрасни, особено со хронични болести, може да добијат сериозна слика на болеста и летален исход“, изјави Пановски за РСЕ

Професор Никола Пановски, микробиолог
Професор Никола Пановски, микробиолог

Сепак, во игра е личната одговорност кон колективното здравје, па според Пановски и возрасните мора сериозно да ја сфатат потребата од вакцинација.

Тој вели и дека нападот на делта сојот врз младите не би бил никакво изненадување, со оглед на тоа што голем дел од нив не се вакцинирани.

„Делта сојот веќе ги афектира нив меѓутоа заради тоа што не се вакцинирани, а не заради тоа што се млади. Не дека не ги напаѓа старите. Во земјите каде што има вакцина, па и кај нас, повеќето млади не се вакцинирани и тоа е причината поради која се јавува почесто кај младите. Проаѓа како настинка и заради тоа смртноста која инаку би била можеби иста како за британскиот сој е многу пониска, дури десет пати пониска, бидејќи кај младите поминува многу полесно. Заради тоа нема хоспитализации и смртни случаи. Има многу нови случаи, меѓутоа бидејќи се повеќето млади, нема сериозни клинички слики на болеста“, додаде д-р Пановски.

Министерот за здравство, Венко Филипче, вчера објави дека oд понеделник во Македонија ќе се дозволи вакцинација на младата, односно школска популација од 12 до 16 години.

Од Министерството за здравство велат дека интересот за вакцинација секојдневно се зголемува и бројот на заинтересирани се менува постојано. Заклучно со 6.7.2021, 53% од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 50% од населението над 65 години имаат примено барем една доза вакцина и 45% од населението над 60 години имаат примено барем една доза вакцина.

„Расте и бројот на вакцинирани и веќе во континуитет се вакцинираат и младите кои покажале интерес преку веб страната vakcinacija.mk . Од понеделник ќе започне и теренската вакцинација со што ќе се постигне и поголем опфат на вакцинација на населението“, велат од Министерството за здравство за РСЕ.

Според официјалните податоци, до шести јули, во Македонија една доза на вакцина примиле 11187 лица на возраст од 18 до 27 години, а 5967 во истата старосна граница се целосно вакцинирани.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG