Достапни линкови

Колку македонските институции ги есапат студентите?


Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ
Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ

Од враќање на правото на бесплатен превоз со воз до целосно враќање во амфитеатрите, Студентско собрание на УКИМ јавно ги адресира проблемите и потребите на македонските студенти до надлежните инстуции.

Студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), периодов има неколку активни барања до надлежните институции за решение на студентски проблеми или подобрување на студентскиот стандард. Институциите глуви, бавни или некадарни?

1. Барање до Министерство за транспорт и врски - да се врати правото на бесплатен превоз со воз за студентите.

„Студентите сѐ повеќе се враќаат во Скопје. Студентските домови се отворија со полн капацитет. Ова ја отвора потребата за враќање на бесплатните возни билети. Ние испративме барање до Министерството за транспорт и врски уште летото, но за жал добивме одговор дека ребалансот на буџетот е изминат и треба да чекаме до идната година. Во случајов, тоа што можеме ние да го направиме е ограничено од законите кои што ги обврзуваат државните институции од кои чекаме реакција“, изјави за РСЕ, Ева Цветковска, претседателка на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

2. Од Министерство за здравство бараат да се одобри работењето на читалните 24/7.

„Имавме голем притисок од страна на студентите, односно ни ја адресираа потребата за тоа што побрзо да се отворат читалните, односно да се продолжи со работно време. Наидовме на позитивна реакција од страна на Државниот студентски дом, којшто веднаш изреагира. Испратија барање до Комисијата за заразни болести, да се одобри отворањето на читалните и продолжувањето на работното време. Моментално чекаме на читалната Браќа Миладиновци“, додаде Цветковска.

За едно исто барање адресирано до читалните добиле реакција со драстично различна брзина.

„Едните веднаш реагираат, а за другиве треба да пуштаме петиција онлајн, да пишуваме статуси. И многу поголем, дури и непропорционално поголем притисок треба да извршиме за едно основно барање“, додаде претседателката на студентското собрание.

До моментот на објавување на овој текст, според одговорот кој го добиле од Градската библиотека "Браќа Миладиновци", библиотеката се согласува со продолжување на работните часови на читалните под услов да се добие согласност од Комисијата за заразни болести. Сега, Студентското собрание се надева на брз и позитивен одговор од Комисијата.

Економски факултет Скопје
Економски факултет Скопје

3. Студентското собрание на УКИМ, исто така, апелира до Министерството за здравство, да им помогне заеднички да најдат решение за враќање на настава со физичко присуство од следниот семестар.

„Апелираме до студентите да се вакцинираат и до Универзитетите да изнајдат протоколи за реализација на наставата од летниот семестар, за да се одвива со физичко присуство. Затоа што физичкото присуство е есенцијална компонента на квалитетното високо образование. Веќе предолго оставивме да биде онлајн. Разбираме дека има пандемија, ама ако диско клубовите се отворени, навистина е небулозно студентите да останат со настава онлајн“, истакна претседателката.

4. Да се отстранат сите грешки со субвенционираниот оброк

Околу темата со субвенционираниот студентски оброк почнаа да кружат технички проблеми. Студентското собрание го прифаќа извинувањето за пропустот, но како што велат, се надеваат дека на ваквите грешки конечно ќе им дојде крај, а на цела администрацијата ѝ порачуваат да се однесува попрофесионално и посконцентрирано.

„Од моја перспектива, станува збор за една програмска мерка во која се инволвирани повеќе институции. Свесни сме дека администрацијата во нашата држава е закржлавена и некадарна и дека за да се изреализира една така голема мерка, начинот на којшто ќе ги дознаеме проблемите е преку грешките кои ќе се случат во системот. На почетокот имаше проблеми со УЈП во однос на равенката, па беа одбиени некои студенти, па поднесоа приговор кој им беше прифатен бидејќи станувало збор за грешка од страна на надлежна институција. Постојано наидуваме на некои навидум минорни грешки кои се случуваат во реализација на целата мерка, а претставуваат проблем за студентите“, вели студентската лидерка.

Листата на активни барања до надлежните не завршува тука. Студентското собрание на УКИМ ги користи социјалните мрежи за поголема видливост, со надеж дека институциите ќе одговорат што поскоро на барањата.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG