Достапни линкови

„Вакцинација“ за поквалитетно образование


Нина Јовановска, Младински сојуз - Крушево

Како што велат „за секоја епидемија/пандемија лекот е вакцината“, така и јас велам дека оваа ткн. „пандемија на неквалитетно образование“ може да биде „излечена“ со „вакцини“... Автор на колумната: Нина Јовановска, волонтер во Младински сојуз - Крушево

Да се биде ученик во 21-виот век, а особено во време на пандемија, дефинитивно претставува еден сериозен предизвик кој со себе носи нови можности, потреби, но и одредена доза на тешкотии, притисоци и слично. Покрај здравствената, ние се соочуваме и со една друга, „образовна пандемија на неквалитетно образование“ која постои веќе подолго време и претставува закана за нашето општество.

Како што велат „за секоја епидемија/пандемија лекот е вакцината“, така и јас велам дека оваа ткн. „пандемија на неквалитетно образование“ може да биде „излечена“ со „вакцини“ кои ќе бидат добро подготвени по примерите на успешните образовни системи во Светот. Како што за пандемијата на коронавирусот КОВИД19 имаме повеќе видови на вакцини („Спутник V“; „Фајзер“; „Астра Зенека“) изработени од различни, висококфалификувани експертски групи, така и за нашето образование постојат „вакцини“ кои доколку се направат на правилен, транспарентен и стручен начин, би можеле да допринесат за ограничување на оваа образовна „пандемија“ која се повеќе зема замав и се рефлектира врз новите генерации.

Не би сакала ова мое пишување да биде едно од оние писанија кои се напишани низ призмата на „розевите, оптимистични наочари“ кои честопати се карактеризираат како преобемни и нереални, или пак оние уште „по___, песимистички“ кои само укажуваат на тоа колку е неквалитетен системот и колку е се негативно, па затоа јас ќе се обидам да дадам неколку субјективни предлози за „вакцини“ кои јас самата ги увидов како потребни и општо корисни за време на моето 13-годишно искуство во образовниот систем на Република Македонија.

Вакцина број 1: „Револуционерни промени во системот“

Првата „вакцина“ со која би сакала да започнам се револуционерните промени на системот. Јас сметам дека нашиот образовен систем има потреба од сериозни, длабоки и модерни промени бидејќи неговата заостанатост поттикнува низа проблеми кои подоцна се рефлектираат врз практичниот дел од образовниот процес т.е. наставата која ја спроведуваат професорите. Како пример би посочила две парадоксални појави – пренатрупаност или недоволен број на ученици во паралелките и недостаток или вишок наставен кадар во училиштата.

Како решение за оваа парадоксалност, јас ја гледам токму оваа „вакцина“ т.е. доколку се направат систематска распределба на наставниот кадар според потребата и побарувачката на пазарот на трудот и регулација на бројот на ученици во паралелката согласно регионалното подрачје и вкупниот број на ученици во една генерација, тогаш ќе дојдеме до балансот кој е потребен за наставата да може да биде изведувана на солиден начин и притоа професорот да може солидарно да посвети подеднакво, или приближно исто внимание на секој ученик.

Вакцина број 2: „Формално правни документи (Правилници, кодекси, статути)“

Од позиција на ученик, оваа „вакцина“ ја гледам како неминовно потребна. Низ моето долгогодишно образование, јас често пати бев сведок како ние учениците, професорите, па дури и директорите на училиштата, на некој начин самите си создаваме „правила на игра“ кои не се регулирани со одреден Закон, Правилник, Кодекс, а сепак се општо познати и се спроведуваат со години наназад. Проблемот со овие правила се јавува токму кога тие ќе бидат прекршени – во тој случај се истакнува фактот дека тие не можат да бидат оправдани со одреден легален документ т.е. дека тие се неважечки.

Од таа причина сметам дека е потребно надополнување или пак креирање на нови Кодекси за: оценување, тестирање и утврдување на знаењата на учениците, потоа за спроведување на наставата (физичка и на далечина), за однесување на професорите и учениците за време на наставата и на крај како особено важен сегмент би ја посочила потребата од еден генерален документ со кој би биле регулирани правилата за формирање, избирање и работа на Ученичките заедници кои претставуваат една од најважните форми на ученичко организирање и делување.

Вакцина број 3: „Update“ на наставните програми и учебници

Општо познат факт е дека наставните програми според кои се реализира наставата се заостанати, застарени и дека истите не соодветствуваат со појавите, промените и транзициите кои секојдневно се случуваат во модерниот, дигитален свет. Од денешна гледна точка, тие не нудат нови способности и компетенции кои би ги подготвиле младите за иднината, за 2030, за 2040...

Од таа причина, потребна е ревизија на веќепостоечките и креирање на нови, достапни и лесно приемливи наставни програми кои би ги вклучувале новите, корисни механизми и модерни техники на предавање. Од самата промена на програмите, природно ќе произлезе и креирањето на нови модерни учебници и прирачници кои ќе содржат квалитетни информации потребни за зголемување и збогатување на знаењата на учениците. Притоа, многу е важно да се напомене дека овој процес треба да биде спроведуван од страна на стручни, квалификувани лица и истиот треба да биде заштитен од разни политички, националистички, сепаратистички, елитистички и други влијанија кои би му наштетиле и би го однеле во сосема друг контекст.

Вакцина број 4: „Неформално образование“

Покрај редовната, формална настава учениците имаат можност да избираат дополнителни предмети или проектни активности согласно нивната желба и кариерна ориентација. Она што јас сметам дека е потребно да се направи е да се прошири или збогати веќепостоечката листа со нови, актуелни можности за активности кои ќе опфаќаат стекнување на нови, модерни вештини согласно насоката и подрачјето кое го изучуваат, а кои се потребни за понатамошното школување и живеење.

Позитивен пример за ова се веќепостоечките можности во некои училишта како што се на пример: новинарски клубови, драмска секција, ИТ сектор, хор, креативно пишување, прва помош, уметничка секција, ораторство и слично.

Доколку младите добијат еден ваков широк спектар на можности кои ќе бидат реализирани според одредена програма, тогаш сметам дека ќе се зголеми нивното активно учество во воннаставните активности кои пак ќе придонесат во градењето на примерни, активни млади луѓе со негувани вредности, кооперативен дух, самодоверба, позитивен однос кон учењето и добра, општествено корисна култура.

Вакцина број 5: „Нови технологии и иновативни алатки“

Според мене, оваа „вакцина“ е една од најклучните бидејќи истата претставува отварање на една сосема нова сфера на можности кои се иднината на образованието. Пандемијата со коронавирусот не поттикна да пронајдеме нови начини и механизми преку кои ќе се спроведува наставата, а кои притоа ќе бидат интересни и привлечни за младите. Затоа, токму оваа сфера на можности ќе може да ги обезбеди тие нови технологии и иновативни алатки кои, според позитивните искуства и светските трендови од успешните образовни системи, можат да станат сериозна поддршка, помош и олеснување и за професорите, но и за младите при наставата.

Оваа листа на „вакцини“ можеме да ја прошируваме, зголемуваме и истата да отиде во недоглед. Но, она клучното, она суштинското, кое треба да го извадиме како заклучок е дека повеќе не можеме да инсистираме на нешто што било функционално пред многу многу години. Како што технологијата постојано оди напред со брзи чекори, така и ние треба да се прилагодиме кон потребите на современото живеење. Потребни се реформи. Потребни се новини. Потребна е револуционерна промена која ќе не „качи“ на светските тестирања каде секогаш ги имаме последните места. Промените се процеси кои траат, тие не можат да се случат преку ноќ. Затоа потребно е време, трпеливост, желба, мотивација и отвореност кон промени. Затоа, потребни се клучни и содржајни „вакцини“ кои вистински ќе ни донесат поквалитетно образование.

XS
SM
MD
LG