Настаните на денот низ фотографии - 27 јануари 2022
Писма, оружје, вируси...

1
МАКЕДОНИЈА - Две писма со закани по живот добил државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, кој во изјава за РСЕ вели дека тие веќе се предадени во МВР со цел пронаоѓање на сторителот. Јовески вели дека заканите ги добил за кривичен предмет кој бил завршен во декември 2021 година, но веројатно сторителот не бил запознаен со тој факт. Заканата била испратена преку препорачана пратка од наводна терористичка организација која се бори и убива за неправда. Писмата биле напишана на два јазика, македонски и англиски јазик.

2
МАКЕДОНИЈА - Во историјата на Државната комисија за спречување на корупција за 20 години до Јавното обвинителството се доставени 165 иницијативи за кривично гонење, од кои само три дошле до суд, информира претседателката на Комисијата Билјана Ивановска.

3
МАКЕДОНИЈА - Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) бара преиспитување на одлуката наставата во второто полугодие да почне со физичко присуство. Претседателот на СОНК, Јаким Неделков вели дека во период кога во земјава расте процентот на новозаболени од КОВИД-19, доколку наставата почне со физичко присуство, постои реална можност вирусот многу побрзо да се шири.

4
РУСИЈА - Кремљ вели дека загриженоста на Русија за безбедносните гаранции не била земена предвид од страна на Соединетите Американски Држави во писмениот одговор кој го доставиле на неодамнешните барања на Москва, иако постои простор за продолжување на дијалогот со Вашингтон за ова прашање.