Достапни линкови

Вести

ВМРО-ДПМНЕ освои 22, СДСМ 9, а ДУИ тројца градоначалници во прв круг

Прес конференција на Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски
Прес конференција на Претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски

Коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалници во првиот круг на локалните избори, коалицијата на СДСМ 9, а ДУИ тројца градоначалници, покажуваат првичните резултати што вечерва ги соопшти претседателот на ДИК Александар Даштевски.

Сега течат роковите за приговори, а конечните резултати за 80 општини и Град Скопје ќе бидат објавени по завршување на постапката за приговори.

Првиот круг од локалните избори во општините Центар Жупа и Маврово Ростуше ќе се повтори, затоа што не излегле потребните 33 отсто од регистрираните избирачи.

ВМРО-ДПМНЕ доби градоначалници во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и во Штип.

Кандидатите на СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Делчево, Дојран, Крива Паланка, Кривогаштани, Крушево и во Струмица.

ДУИ освоија градоначалници во Липково, Пласница, Сарај уште во првиот круг.

Кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ во вториот круг за две недели ќе се соочат во Град Скопје, како и во општините Битола, Василево, Вевчани, Гевгелија, Демир Капија, Демир Хисар, Зелениково, Конче, Кочани, Кратово, Лозово, Македонска Каменица, Ново Село, Охрид, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Ранковце, Ресен, Росоман, Центар и во Чешиново-Облешево.

Во Арачиново, Долнени и во Чашка ќе се соочат кандидатите на ДУИ и СДСМ.

Кандидатите на ДУИ и Алијанса за Албанците/Алтернатива одат во вториот круг во Боговиње, Врапчиште, Гостивар, Дебар, Струга, Теарце и во Чаир.

Во Брвеница и Македонски Брод во вториот круг одат кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ и еден независен кандидат, а во Дебарца, Чучер Сандево и Куманово СДСМ и независен.

Кандидатите на ДУИ и Беса ќе се соочат во Тетово и во Желино.
Во Кичево одат ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ, во Шуто Оризари СДСМ против кандидатот на ЛДП/ДОМ, во Старо Нагоричане СДСМ и ТМРО, во Студеничани ДУИ и ДПА, а во Карпош ќе се соочат кандидатите на СДСМ и на ГРОМ.

види ги сите денешни вести

Карго авион принудно слета на аеродромот во Истанбул

Товарен авион Боинг 763 денеска принудно слета на аеродромот во Истанбул, по дефект на опремата за слетување, јавија државните медиуми.

Екипажот е безбедно евакуиран, јави државната телевизија ТРТ, пренесува ДПА.

Авионот, во сопственост на американската компанија за испорака Федекс, бил на пат од Париз.

Неговата опрема за слетување на „носот“ претрпела дефект додека се приближувал кон Истанбул.

Контролната кула била информирана и биле преземени неопходните мерки на претпазливост пред авионот да слета, соопшти ТРТ, повикувајќи се на Министерството за транспорт.

ТРТ објави снимка на која се гледа како авионот слетува на „нос“ на пистата.

ОБСЕ/ОДИХР: Заклучоците за изборниот ден ќе ги соопштиме на 9 мај

Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Северна Македонија, 8 мај 2024 година
Џилијан Стирк, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во Северна Македонија, 8 мај 2024 година

Џилијан Стирк, која ја предводи мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите во Северна Македонија, изјави дека заклучоците ќе ги соопшти откако ќе ги добијат резултатите од нивните набљудувачи распоредени низ државава, додавајќи дека мисијата на ОДИХР ги оценува изборите во согласност со меѓународните обврски и домашното законодавство.

„Избирачкото место каде што сме утрово е секако само едно од многуте во земјава. Ќе ги разгледаме другите резултати како што пристигнуваат од целата земја, а потоа ќе ги донесеме нашите заклучоци базирани на набљудувањата кои ни се обезбедени од нашите многубројни набљудувачи“, изјави Стирк по посетата на гласачко место во основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Центар.

Првичните резултати од набљудувањето мисијата ќе ги соопшти утре (9 мај).

Претставничката на ОДИХР со нејзиниот тим е во Скопје од 20 март и, како што рече, имаат и долгорочни набљудувачи распоредени низ целата земја на девет различни локации следејќи ги сите аспекти во подготовките за овие избори.

Мисијата на ОДИХР за набљудување на изборите има повеќе од 300 набљудувачи на гласачки места низ државава за следење на вториот круг од претседателските избори и на парламентарните избори.

Кремљ не го коментира украинското тврдење за заговор за убиство на Зеленски

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков

Кремљ не ги коментираше украинските тврдења за приведени руски агенти во Украина кои планирале да го убијат шефот на украинската држава, Володимир Зеленски, но портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков изјави дека е малку веројатно дека тоа се точни информации, пренесуваат британските медиуми.

Украинската служба за безбедност вчера (7 мај) соопшти дека фатила двајца агенти, кои работеле за Русија, за планирање убиство на Зеленски и други високи политичари како „подарок“ на рускиот претседател Владимир Путин за неговата инаугурација.

Песков, истовремено, одби да даде коментар и за тоа дали руската војска користи ракети произведени во Северна Кореја, како и за украинските тврдења дека ги испитува остатоците од таквите проектили. Тој изјави дека работата е воена, па затоа не може да зборува за тоа, пренесуваат руските медиуми.

На прашањето дали Русија пренесува преработена нафта во Северна Кореја со што ги прекршува резолуциите на Советот за безбедност на ОН, Песков кажа дека Кремљ го цени својот однос со Пјонгјанг.

„Имаме намера да ги развиеме во сите можни области“, рече тој, додавајќи дека Северна Кореја „е наш добар и многу перспективен партнер“.

Британските медиуми вчера цитираа неименуван извор од американската Влада дека руските пратки на преработена нафта го донеле севернокорејскиот увоз „над границата на Советот за безбедност од 500 000 барели годишно“.

Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69

Прес конференција на Државната изборна комисија
Прес конференција на Државната изборна комисија

Излезноста на претседателските избори до 11 часот часот е 12, 87 отсто, а за парламентарните 13, 69 проценти, соопшти Државната изборна комисија (ДИК) на прес-конференцијата во 11:30 часот.

„Најголем одзив на гласање за претседателските избори има во општина Пробиштип (27,85%), а најмала е излезноста во општина Липково (1,76%). Во однос на парламентарните избори, најголем е одзивот во општина Кривогаштани (28, 38%), а најмала во општината Врапчиште (5, 2%). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме зголемување на излезноста за 2, 69 проценти“, изјави претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Според статистиката се забележува дека излезноста на гласачите е поголема во југоисточните делови од државата, а мала во западните делови.

Мирно изборно утро во скопските општини Карпош и Центар
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Од Дик велат дека сите гласачки места биле отворени навреме, а во врска со гласачките места кои имаа технички проблеми, Даштевски соопшти дека на три од нив (во Кочани, Охрид и Куманово), гласањето сè уште се одвива со УБ-ламба и спреј. На другите гласачки места проблемите биле решени и гласањето се одвива непречено.

Досега се поднесени 164 приговори поврзани со заштита на избирачкото право. Од нив ДИК прифатила 50 приговори, 7 се отфрлени како неосновани, а 9 се одбиени. Останатите се во процес на обработка.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

Кинескиот претседател Си ги поздрави граѓаните во Белград, следува средба со Вучиќ

Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ, 8 мај 2024 година
Кинескиот претседател Си Џинпинг и српскиот претседател Александар Вучиќ, 8 мај 2024 година

Вториот ден од посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Белград, 8 мај, е резервиран за средба со српскиот претседател Александар Вучиќ и средба на двете делегации.

Си пред Палатата Србија го пречека Вучиќ, кој ја предводи српската делегација, заедно со гардата на српската војска.

Беа интонирани државните химни на двете земји, а беа испукани и 10 почесни плотуни.

Пред билатералната средба меѓу Вучиќ и Си, илјадници граѓани се собраа пред Палатата Србија за да го поздрават кинескиот претседател.

Тие носат српски и кинески знамиња, му аплаудираат на Си и извикуваат „Србија, Кина“.

Вучиќ им се заблагодари што дошле да го поздрават „челичниот пријател на Србија“.

Му кажав дека како лидер и претседател на голема сила ќе биде почитуван секаде во светот, но никогаш нема да биде пречекан со таква почит и љубов како во Србија“, изјави Вучиќ.

Тој оцени дека Кина била со Србија „во најтешките моменти“.

„Како што имаме јасни позиции за прашањето на кинескиот интегритет, дека Тајван е Кина, така и тие ја поддржуваат територијата на Србија без никаква резерва“, додаде тој.

Кина ја поддржува Србија во оспорувањето на независноста на Косово и членството на земјата во меѓународните организации.

Официјален Белград, пак, ја поддржува „политиката на една Кина“, според која островот Тајван, кој себеси се смета за суверена држава, е дел од кинеската територија.

За време на вториот ден од посетата на Си беше најавено потпишување на повеќе од 30 договори, а претставниците на двете земји посетата ја опишуваат како „јакнење на челичното пријателство“, што се рефлектира во инфраструктурната соработка, но и сојузништво во политичките прашања.

Ова е втора посета на Си на Србија во последните осум години, а по пристигнувањето во Белград тој изрази уверување дека посетата „ќе биде плодна и ќе отвори ново поглавје во односите меѓу двете земји“.

„Кина и Србија си пружија цврста поддршка меѓусебно за прашања кои се однесуваат на нашите суштински интереси и големи грижи. Ние заеднички ја поддржавме меѓународната правичност и правда и придонесовме со нашиот удел во промовирањето на мирот и развојот во светот“, рече Си во изјавата објавена од Амбасадата на Кина во Србија.

Министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека за посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија се преземени највисоки можни безбедносни мерки и дека за време на неговата посета ќе бидат распоредени над 6500 полицајци.

Во главниот град од утрото се забележуваат гужви во делот од градот каде што беше најавена средбата.

Тошковски: Безбедносната состојба е стабилна

Панче Тошковски
Панче Тошковски

Денешниот ден, од аспект на безбедносната состојба е стабилен. Министерството за внатрешни работи постапува согласно надлежностите што ги има, изјави денеска техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски по гласањето за изборите во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во општина Центар.

„Согласно информациите што ги имам од утринава, сите избирачки места се стабилни, отворени. Граѓаните можат да си го остварат своето право на глас во една мирна, фер и демократска атмосфера“, рече Тошковски.

Тој упати порака до граѓаните во текот на денешниот ден масовно да си го остварат своето право на глас и да не дозволат, како што рече, нивната волја да биде киднапирана од страна на било кој субјект и на било каков начин.

Тошковски повика на масовна излезност заради тоа што, како што рече, само така можеме да имаме европски избори кои ќе однесат таму каде што и заслужуваме да бидеме.

„МВР ги има сите човечки капацитети, технички ресурси потребни за да гарантираме еден фер и демократски изборен процес и притоа македонскиот граѓанин слободно, врз основа на сопствено убедување си го оствари своето право на глас, а секој еден кој ќе се обиде на незаконит начин да влијае било како во рамки на овој изборен ден треба да му биде јасно дека МВР во координација со надлежен јавен обвинител и судот ќе делуваат бескомпромисно. Секое незаконито дејствие од страна на секој еден поединец ќе има име и презиме и ќе одговараат пред законот“, изјави Тошковски по гласањето.

Во Севрна Македонија денеска се одржуваат двојни избори-вториот круг претседателски избори и парламентарни избори. Право на глас имаат над 1, 8 милиони гласачи.

САД ја прекинаа испораката на бомби за Израел поради најавената офанзива на Рафа

Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024
Чад по израелски воздушен напад во близина на Рафа, јужниот дел на Појасот Газа, 7 мај 2024

Американските власти минатата недела одложија пратка бомби за Израел, откако еврејската држава не одговори на „загриженоста“ на Вашингтон за најавената офанзива во Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, изјави доцна синоќа (7 мај) неименуван висок американски функционер.

„Минатата недела прекинавме испорака на пратка со оружје. Таа се состоеше од 1800 бомби од 907 килограми и 1700 бомби од 226 килограми. Не донесовме конечна одлука дали таа пратка ќе биде испорачана“, рече претставникот.

Одлуката била донесена затоа што Вашингтон се противи на голема офанзива што ја подготвуваат израелските војници во Рафа.

Вашингтон јасно стави до знаење дека не поддржува офанзива без кредибилен план за заштита на тамошните цивили.

Американскиот претседател Џо Бајден го повтори овој став пред два дена во телефонскиот разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.

„Израелските и американските официјални лица разговараа за алтернативите, дискусиите се во тек и сè уште не се целосно решени нашите грижи“, додаде американскиот функционер.

Израелската армија вчера распореди тенкови во Рафа, ја презеде контролата на граничниот премин со Египет и затвори две главни пристапни точки за хуманитарна помош, мерка што САД ја сметаат за „неприфатлива“.

Одзивот за претседателски избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а за парламентарни 4,45

илустрација
илустрација

Излезноста на претседателските избори до 9 часот е 4, 17 отсто, а на парламентарните 4,45 отсто, објави Александар Даштевски, претседател на Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција утринава.

Тој вели дека нема бојкот на претседателските избори, бидејќи сите што излегле на парламентарни, гласале и за претседател.

Најголем одзив за претседателските избори има во општина Пробиштип (8, 85 %), а најмала е излезноста во општина Боговиње (0, 57%).

„Одзивот на парламентарните избори до 9 часот е 4,45 отсто. Најголема е излезноста во општината Кривогаштани (9, 46%), а најмала во општина Боговиње (0, 74 %). Во споредба со парламентарните избори во 2020 година, имаме намалена излезност за 0, 74 проценти“, изјави Даштевски.

Тој додаде дека сите гласачки места биле отворени навреме, иако на некои од нив се забележани одредени технички проблеми. На дел од нив со решение на ДИК гласањето се одвива со спреј и УВ-ламба.

До ДИК биле поднесени 15 приговори поврзани со избирачкото право, а од нив само три се одбиени како неосновани.

Во Северна Македонија денеска (8 мај) се одржуваат седми претседателски и 11-ти парламентарни избори. Право на глас имаат 1 814 317 граѓани.

Почина главниот пропагандист на севернокорејскиот режим

Ким Ки-нам
Ким Ки-нам

Почина поранешниот севернокорејски пропагандист Ким Ки-нам, објавија утринава државните медиуми. Имаше 94 години.

„Почина од старост и оштетување на органите, за што се лекуваше од 2022 година“, објави официјалната агенција КЦНА, а пренесе Би-Би-Си.

Ким Ки-нам беше водечки пропагандист на Северна Кореја со децении, служејќи му на владејачкото семејство долго време, каде што придонесе за изградбата на култот на личноста на севернокорејските диктатори.

Севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун присуствуваше на неговиот погреб рано утринава и му оддаде почит на „ветеранот револуционер кој остана безгранично лојален“ на режимот, пренесе КЦНА.

Јужнокорејската новинска агенција Јонхап го спореди со шефот на пропагандата на нацистичка Германија Јозеф Гебелс.

Ким Ки-нам, кој немаше крвно сродство со владејачкото семејство, беше назначен за заменик директор на Одделот за пропаганда и агитација во Пјонгјанг во 1966 година, каде што тесно соработуваше со Ким Џонг-ил, претходникот и таткото на сегашниот лидер Ким Џонг-ун. Ким Ки-нам подоцна дојде и на чело на одделот.

Ким Ки-нам во 1970-тите бил назначен за шеф на државниот весник Родонг Синмун.

Тој со децении беше и главниот автор на политичките пароли на државата и имаше големо влијание врз нејзините медиумски и издавачки активности.

Ким Ки-нам се пензионираше во доцните 2010-ти, предавајќи ја својата улога на сестрата на Ким Џонг-ун, Ким Јо-Џонг, но продолжи да се појавува на јавни настани.

Зеленски: Русија почна масовен ракетен напад врз Украина

илустрација
илустрација

„На Денот на сеќавањето и победата над нацизмот во Втората светска војна, нацистичкиот Путин изврши масовен ракетен напад врз Украина“, напиша утринава украинскиот претседател Володомир Зеленски на мрежата Х.

Според Зеленски, над 50 ракети и повеќе од 20 беспилотни летала Шахед утринава ја гаѓаа инфраструктурата во областите Лавов, Виница, Киев, Полтава, Кировохрад, Запорожје и Ивано-Франковск.

„Сите неопходни служби веќе работат на ублажување на последиците од рускиот терор“, додаде тој.

„Цел свет мора да разбере кој е кој. Светот не смее да му даде шанса на новиот нацизам“, напиша Зеленски на мрежата Х.

Украина во последно време е под засилен бран на ракетни напади од руските сили. Русија ја почна инвазијата врз Украина на 24 февруари 2022 година.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG