Достапни линкови

Вести

Данец го извршил нападот во Норвешка со лак и стрела, петмина убиени

Норвешка по нападот

Триесет и седумгодишен дански државјанин е осомничен дека убил пет лица во напад со лак и стрела во норвешкиот град Конгсберг, соопшти денеска полицијата. Во нападите се повредени уште две лица, меѓу кои и полицаец кој не бил на должност. Сега веќе уапсениот напаѓач извршил напади на различни локации во градот, кој се наоѓа на 68 километри југозападно од главниот град Осло.

Полицијата не соопшти ништо за можниот мотив. Но истражителите разгледуваат дали станува збор за терористички акт. Одбраната на напаѓачот рече дека полицијата го испрашувала и тој соработувал.

Бројот на жртви во овој напад е најголем во последните десет години во Норвешка. Во 2011 година екстремно десничарскиот екстремист Андерс Беринг Брејвик уби 77 луѓе, повеќето тинејџери во младински камп.

По нападите, полицијата, која вообичаено е невооружена во Норвешка, доби наредба на национално ниво да носи огнено оружје

види ги сите денешни вести

Пендаровски: Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките

Претседателот Стево Пендаровски

Според објаснувањата на Бугарија, тие сакаат да го имитираат однесувањето на Грција кон Северна Македонија во последните децении, поставувајќи ни предуслови за влез во Европската Унија, со цел да го заштитат националниот интерес, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

Тој во интервју за Еуроњуз изјави дека потребно е да се говори за вистинските аргументи и критериуми што државата ги исполни за влез во Европската унија (ЕУ), а не да се дискутира за 19 или 20 век.

„Бугарските барања се многу поконтроверзни од грчките. Зошто? Затоа што Грците никогаш не го доведуваа во прашање нашето етничко потекло. Никогаш не рекоа „не си Македонец. Бугарија го оспорува идентитетот на Македонците и тоа е големиот проблем“, вели Пендаровски.


Според него, Бугарија ја изразува позицијата на бугарското општество, како резултат на долгогодишниот став на бугарските политичари и историчари, што датира од времето на комунизмот.

Македонија пред јунскиот самит на ЕУ сеуште е под бугарско вето за старт на пристапните преговори и нмема оптимизам дека нешто може да се смени во наредните денови. Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин, денеска изјави оти смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии. Тој потенцираше дека во моментов Бугарија нема причина да го тргне ветото.

Кевин Спејси обвинет за четири случаи на сексуално злоставување во Велика Британија

Актерот Кевин Спејси

Британските обвинители денеска поднесоа обвинение против холивудската ѕвезда Кевин Спејси за четири случаи на сексуално злоставување на тројца мажи. Обвинителството наведе дека Спејси е обвинет и за принудување на друго лице да „учествува во сексуална активност без негова согласност“.

Шефицата на полицискиот отсек за специјални злосторства Розмари Ејнсли соопшти дека обвинението е поднесено откако биле прегледани доказите кои ги собрала лондонската полиција.

Британската полиција го испита Спејси во 2019 година за наводите на неколку мажи дека ги злоставувал.

Наводните инциденти се случиле во Лондон во периодот од март 2005 до август 2008 година, како и во западна Англија во април 2013 година. Спејси од 2004 до 2015 година го водеше лондонскиот театар Олд Вик.

Еден студен повреден во судири со полицијата во Солун

Илустрација: Солун

Еден студент е сериозно повреден, а според дел од грчките медиуми го загубил слухот на едното уво, откако бил удрен со шок бомба од полицијата во инцидентите што претпладнево се случија пред Универзитетот „Аристотел“ во Солун, а повреден е и еден полицаец, јави дописничката на МИА од Атина.

Инцидентите и овој пат беа пред делот од Универзитетот каде што се работи на изградба на библиотека, односно во простор што претходно, со години беше под опсада од анархисти.

Од грчката полиција соопштија дека додека полицијата ги обезбедувала градежните работи на приземјето на Универзитетот, била нападната од група од околу 120 лица и биле повредени еден полицаец и едно друго лице.

Како што објавија грчките медиуми, студентот со шок бомба бил повреден во пределот на главата, пренесен во болница, а го загубил слухот на едното уво.

Еднократен данок за нафтените и гасни компании во Британија и парична помош за сиромашните

Ветерници за струја во морето во Велика Британија

Владата на Велика Британија денеска објави пакет мерки во вредност од неколку милијарди фунти за финансиска помош за домаќинствата со најниски приходи, и поради тоа им воведува еднократен данок од 25 отсто на екстра профит на нафтените и гасни компании.

Министерот за финансии Риши Сунак соопшти дека владата очекува дека преку еднократниот данок ќе собере околу 5 милијарди фунти (5,8 милијарди евра) во текот на наредната година. Тој рече дека околу осум милиони најсиромашни домаќинства ќе добијат еднократна државна помош од по 650 фунти (763 евра), за да може да ги платат сè повисоките сметки за струја.

Сунак наведе дека во еднократниот данок ќе биде пресметан и „инвестициониот џепарлак“ за компаниите да се мотивираат да го реинвестираат профитот.

Британскиот премиер Борис Џонсон претходно се спротивстави на еднократниот данок, додека владата претходно соопшти дека тој потег би можел да ги попречи инвестициите во енергетскиот сектор. Сепак, сега го сменија ставот во услови кога се под сè поголем притисок поради растот на цените на струјата и на храната.

Претходно оваа недела, британската Канцеларија за пазарот на гас и струја соопшти дека сметките за струја во земјата од есен би можеле да порасната за уште 800 фунти (939 евра) годишно.

Во април оваа година, инфлацијата достигна девет отсто, што е највисока стапка во последните 40 години. Годишните сметки за струја за милиони Британци во април пораснаа за 54 отсто, односно за 700 фунти (околу 822 евра) во просек по домаќинство.

Силен земјотрес на југот на Перу

Архивска фотографија: Оштетен пат по земјотрес во Перу во 2019 година

Силен земјотрес денеска го погоди југот на Перу. Геолошкиот топографски институт од САД соопшти дека земјотресот бил со магнитуда од 7,2.
Исплашените граѓани истрчале на улиците. Засега нема информации за штети или повредени.

Епицентарот на земјотресот бил на длабочина од 218 километри под земјата, на 20 километри североисточно од градот Азангаро во близина на границата со Боливија.

Тамошните експерти велат дека кога земјотресот на толку голема длабочина, не би требало да предизвика големи штети.

Перу лежи на Огнениот прстен, кој секоја година е погоден од најмалку 400 земјотреси кои може да се почувствуваат.

Огнениот прстен е област на работ на Тихиот Океан со голема вулканска и сеизмичка активност.

Последниот голем смртоносен земјотрес кој го погоди Перу се случи во август 2007 година, кога во земјотресот со магнитуда од 7,9 загинаа 595 луѓе.

Поранешниот премиер на Пакистан го откажа протестот, ѝ даде 6 дена на владата да распише избори

Судири на полицијата и демонстрантите во Исламабад

Поранешниот пакистански премиер Имран Хан во последен момент го откажа протестот во Исламабад, со образложение дека сака да ѝ даде на актуелната влада шест дена да одреди датум за избори.

Околу 10 илјади луѓе веќе се собраа во центарот на Исламабад рано утринава, а се очекуваше да пристигнат уште илјадници на протестот, за кој многумина стравуваа дека може да прерасне во големи насилства по спорадичните судири со полицијата пред Парламентот.

„Ви давам шест дена“, рече Хан, поранешна крикет ѕвезда која стана исламистички политичар, откако пристигна во долга колона возила со демонстранти кои вееја знамиња.

„Ако не го направите тоа [одредите датум за избори] за шест дена, јас ќе се вратам“, рече тој, додавајќи дека исто така бара распуштање на парламентот.

Премиерот Шабаз Шариф, кој дојде на местото на Хан во април, откако ѝ беше изгласана недоверба на владата, веднаш го отфрли барањето и рече дека нема да биде уценуван. Тој сепак ја остави отворена можноста за разговори за ова прашање.

Организаторите планираа поддржувачите на Хан да се соберат на периферијата на Исламабад, а потоа да продолжат пеш.

По зголемувањето на тензиите, владата го забрани протестот, за во последен момент Врховниот суд да донесе одлука со која се дозволува негово одржување, но само на точно одредени јавни места и под услов демонстрантите да се разотидат по обраќањето на Хан.

На вчерашните протести на поддржувачите на Хан во Карачи, Лахоре и во Исламабад беа уапсени над 1700 луѓе.

Хан беше соборен од власт по широко распространето незадоволство од инфлацијата и неколку други прашања кои ја влошија економијата на Пакистан.

Хан го обвини Вашингтон за соборувањето на неговата коалициска влада поради неговите блиски односи со Кина и со Русија. Повиците за протести на неговите поддржувачи беа под паролата да се „ослободи“ Пакистан од наметнатата влада од страна на САД.

Турската централна банка не ги зголемува каматите и покрај огромната инфлација

Илустрација: Лири и долари

Турската централна банка ја задржа непроменета основната каматна стапка петти месец по ред, и покрај годишната стапка на инфлација од скоро 70 отсто.

Банката соопшти дека ќе ја задржи својата референтна каматна стапка „константна“ на 14 отсто и дека инфлацијата е водена од геополитичкиот развој и „привремените ефекти на формирањето на цените“.

Банката очекува дека инфлацијата ќе забави со мерките за стабилност на цените и по смирување на „регионалниот конфликт“, мислејќи на руската инвазија врз Украина.

Годишната инфлација во април достигна 69,97 отсто, продлабочувајќи го притисокот врз домаќинствата кои веќе немаат доволно пари и за основните намирници.

Одлуката на централната банка уследи по дополнителниот пад на турската лира.
Од почетокот на годината, лирата изгуби околу 18 отсто од вредноста во однос на доларот.

Албанија му ја понуди на НАТО поморската база Пашалиман

Премиерот на Албанија Еди Рама

Премиерот на Албанија Еди Рама ја понудил на користење од страна на НАТО поранешната советска поморска база Пашалиман.

Како што соопштија од премиерскиот кабинет, Албанија веќе направила проект за обнова на базата која се наоѓа на 180 километри јужно од Тирана, под Валонскиот Залив.

„Во овие опасни времиња, верувам дека генералот би можел да размисли да има поморска база на НАТО во Албанија“, рече Рама во вчерашното обраќање при доделувањето медал” Голема ѕвезда на благодарноста”на командантот на НАТО, Тод Даниел Волтерс.

Базата Пашалиман е изградена во 1950-те кога Советскиот Сојуз донесе 12 подморници и беше единствената поморска база што ја имаа во Средоземното Море.

По прекинот на врските меѓу Тирана и Москва во 1961 година, Пашалиман остана како поморска база во која се сместени четирите преостанати подморници и други помали воени бродови.

Нови 108 случаи на Ковид-19 и 77 оздравени лица

Илустративна фотографија

Во последните 24 часа се регистрирани 108 нови случаи на Ковид-19 од направени 1411 тестови, како и 77 оздравени пациенти. Не се пријавени починати лица, информираа од Министерството за здравство.

Од новозаболените, од кои осум се реинфекции, од Скопје се 70, Битола 13, Штип 7, Кавадарци 3, Прилеп, Велес, Гостивар, Кичево и Неготино по 2 и Тетово, Охрид, Гевгелија, Свети Николе и Дебар по 1.

Од оздравените 77 лица од Скопје се 56, Битола 7, Прилеп 4, Гостивар, Берово и Кичево по 2 и Кавадарци, Гевгелија, Кочани и Ресен по 1.


Досега во земјата се направени вкупно 2.049.946 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 311.592, бројот на оздравени пациенти е 301.728, на починати е 9.300.

Во моментов во земјава има 564 активни случаи.

Кабинетот на Џафери: Нема прекршување на Деловникот, за редот се грижи претседателот на Собранието

Претседателот на Собранието Талат Џафери

Претседателот на Собранието Талат Џафери не го прекршил Деловникот, тврдат од неговиот Кабинетот, по обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ дека Џафери синоќа ги заклучил во салата со купола каде требаше да се одржи 71. Седница, за што денеска најавија и барање за негова интерпелација.

Според членот 95 од Деловникот, како што се наведува од Кабинетот, Собранието може да одлучува ако на седницата присуствува мнозинство од вкупниот број пратеници, така што се потребни мнозинство гласови од присутните пратеници, односно најмалку со една третина од вкупниот број пратеници, ако со Уставот не е предвидено посебно мнозинство.

Оттаму додаваат и дека претседателот на Собранието е тој што го соопштува бројот на пратениците што гласале „за“, „против“ или „воздржано“, како и бројот на пратениците што се присутни, како и дека тој може да определи да се утврди бројот на присутните пратеници со броење.

„Според тоа, во текот на вчерашниот ден вратите на салата беа затворени за да можат собраниските служби да го утврдат бројот на присутни пратеници, односно дали има кворум за да се премине на гласање. Со оглед на тоа што во салата со куполи, каде што во овој период се одржуваа пленарните седници нема соодветна опрема, се воспостави пракса координаторот да составува листа од присутни пратеници пријавени за збор“, се наведува во соопштението.

Од тој аспект, посочуваат од Кабинетот на собранискиот спикер, Деловникот дозволува можност за затворање на вратите на салата, на барање на претседателот на Собранието или на еден пратеник, поддржан од најмалку десет пратеници. Додаваат и дека Деловникот, поточно членот 91 предвидува дека за одржување на редот на седницата се грижи претседателот на Собранието.

„За повреда на редот на седницата, претседателот на Собранието може да го опомене и да му го одземе зборот на пратеникот“, се посочува во соопштението.

Според тоа, потенцираат од Кабинетот на Џафери, претседателот на Собранието не го прекршил Деловникот , туку како што велат „тоа, како и илјадници пати досега, го направи опозицијата, со своето недолично однесување, со цел да создаде хаос во законодавниот дом, служејќи се со слични методи како и на 27 април 2017 година“.

Претходно најава за поднесување интерпелација за Џафери стигна од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Обнова за Македонија“. Координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Никола Мицевски изјави дека пратениците биле заклучени во пленарната сала по наредба на Џафери, како и дека за собранискиот спикер „ не постои Деловник и не постојат човекови права“.

Протести на невидливите авганистански жени поради затворањето на училиштата

Девојчиња и жени на протест во Кабул, 26 мај 2022

Група жени организираа протести во Кабул против продолженото затворање на училиштата за девојчиња над шесто одделение, откако висок функционер на ОН предупреди дека ограничувањата на талибанските права на жените имаат за цел да ги направат жените „невидливи“.

На девојчињата им е забрането да одат на училиште по шесто одделение во поголемиот дел од Авганистан по враќањето на талибанците на власт во август 2021 година. Во март, талибанците наредија затворање на средните училишта за девојки истото утро кога тие требаше да се отворат.

На протестот денеска дваесетина жени и девојчиња маршираа до портата на средното училиште Мерјам во Кабул, повикувајќи ги талибанците повторно да ги отворат училиштата.

„Ми го зедовте лебот и работата, а јас не можам да учам“, извикуваа тие.

Некои сведоци рекоа дека десетина минути по протестот, талибанските милитанти дошле и ги растерале жените, пукајќи во воздух. Една од демонстрантките за РСЕ изјави дека три жени биле привремено приведени, а потоа ослободени откако талибанците ги потврдиле нивните мобилни телефони.

Азир Ахмад Такур, портпарол на талибанското Министерство за внатрешни работи, негираше дека протестот бил растеран.

„Ова е апсолутно пропаганда. Ние не спречивме никого да протестира денеска“, рече тој.

Откако ја презедоа власта по повлекувањето на меѓународните трупи од земјата разорена од војна, талибанците ветија дека ќе владеат поинаку отколку за време на нивниот брутален режим во 1990-тите, кога жените беа затворени во нивните домови.

Но, неговите ветувања се третираат со скептицизам од многу Авганистанци и влади ширум светот, вклучително и Централна Азија, особено затоа што жените беа отстранети од некои државни работни места и им е забрането да патуваат сами.


Овој месец, врховниот лидер на Авганистан и шеф на талибанците Хибатула Ахунџада им нареди на жените целосно да се покријат во јавност, вклучително и нивните лица.

Ограничувањата покажуваат „шема на апсолутна родова сегрегација и имаат за цел да ги направат жените невидливи во општеството“, изјави пред новинарите Ричард Бенет, специјален известувач на ОН за човекови права во Авганистан, за време на неговата денешна посета на Кабул.

„Де факто властите не успеаја да ја признаат големината и тежината на злоупотребите што се сторени, многу од нив во нивно име“, рече Бенет.

Вигенин - Во моментов нема причина Бугарија да го укине ветото

Кристиан Вигенин

Потпретседателот на бугарското Собрание, Кристиан Вигенин смета дека е неопходно е да се свика ново заседание на бугарскиот Консултативен совет за национална безбедност посветено на темата за Северна Македонија, бидејќи тоа прашање е „доволно контроверзно“, а само бугарскиот претседателот Румен Радев на иста маса да ги собере сите партии.

Вигенин, кој е член на Бугарската социјалистичка партија (БСП) и поранешен министер за надворешни работи, смета дека заклучоците на Советот би можеле потоа да бидат поддржани со одлука на Собранието или Владата на Бугарија. Тој сепак смета дека е неприфатлив ставот на премиерот на Бугарија, Кирил Петков да се свика ново заседание на Советот само за да се види дали има некаков позитивен план за развој на односите.


Вигенин додава дека во моментов Бугарија нема причина да го укине ветото за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ, бидејќи, како што вели, до „денешниот датум не е постигнат никаков напредок“.

„Денеска немаме причина да кажеме дека треба да се укине ветото. Ако ништо не се случи, нема шанси да го укинеме ветото. Ние мора да ги оствариме нашите цели. Тоа е ставот на БСП, додаде Вигенин.

БСП, чиј лидер е вицепремиерката и министерка за економија и индустрија Корнелија Нинова, е втора по големина партија во бугарската владина коалиција, предводена од „Продолжуваме со промената“ на премиерот Кирил Петков.

Вучиќ в недела ќе разговара со Путин

Српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот руски колега Владимир Путин присуствуваа во Белград, на 17 јануари 2019 година

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека в недела има договорено разговор со својот руски колега, Владимир Путин.

„Се надевам дека разговорот ќе биде добар и фер“, рече Вучиќ.

Притоа тој истакна дека главна тема ќе биде гасниот договор меѓу Србија и Русија, кој истече на 21 мај, при што се шпекулираше под кои услови и дали Србија воопшто ќе може да набавува нови количества гас од Русија.

Претходно, медиумите во Србија и домашната политичка јавност коментираа дека можеби нема да има разговори или дека руската страна намерно ги одложува преговорите за гасот за да изврши притисок врз Србија да не се согласи со санкциите кон Русија.

Пред само два дена, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека нема конкретни планови за разговори меѓу Путин и Вучиќ, но дека разговорите може да се одржат доколку за тоа биде потребно.

Српските медиуми оценуваат дека српскиот државен врв е убеден дека разговорот меѓу Вучиќ и Путин ќе резултира со позитивен договор за снабдување со гас за Србија, имајќи предвид дека Вучиќ пред неколку дена веќе се договори со унгарскиот премиер Виктор Орбан околу условите за складирање гас во таа земја.

Вучиќ исто така најави значајни посети на Србија од Европа и Русија во наредниот период.

Иран тврди дека „несреќа“ во воен комплекс убила еден инженер

Илустративна фотографија

Иранското Министерство за одбрана соопшти дека се случила „несреќа“ во областа Парчин во близина на Техеран, во една од нејзините истражувачки единици, при што загина едно лице, а друго е повредено.

Парчин, на околу 60 километри југоисточно од Техеран е воена база каде Меѓународната агенција за нуклеарна енергија МААЕ претходно соопшти дека се сомнева оти Иран извршил тестови поврзани со детонации на нуклеарни бомби пред повеќе од една деценија.

„Во средата навечер, во несреќа што се случи во една од истражувачките единици на Министерството за одбрана во областа Парчин, загина инженерот Ехсан Гад Беиги, а еден од неговите колеги беше повреден“, соопшти Министерството.

Од таму не се наведени причините за несреќата, ниту пак се дадени дополнителни детали, туку само се наведува дека истрагата е во тек.

Иран во 2015 година и дозволи на МААЕ да земе примероци од животната средина во Парчин за да направи проценка на „можните воени димензии“ на иранската нуклеарна програма.

Иран вели дека неговата нуклеарна програма е исклучиво за мирољубиви цели, но сега збогатува ураниум до 60 проценти чистота, неговото највисоко ниво досега и краток технички чекор до ниво од 90 проценти кое е потребно за изработка на оружје.

Во јуни 2020 година, експлозија предизвикана од истекување на резервоар се случи во областа Парчин во складиште за гас. Западните грижи за иранската атомска програма доведоа до санкции и до нуклеарниот договор на Техеран со светските сили во 2015 година.

Американскиот претседател Доналд Трамп во 2018 година се повлече од договорот и повторно воведе остри економски санкции. Разговорите за заживување на договорот продолжија во Виена минатата година, но во последно време беа во застој.

Специјалниот пратеник на САД за Иран Роберт Мали вчера изјави дека изгледите за заживување на договорот од 2015 година во најдобар случај се „слаби“, велејќи пред комисијата на Сенатот дека е поверојатно дека разговорите ќе пропаднат.

Русија ќе протерува западни новинари, ако Јутјуб ги блокира брифинзите на Захарова

Марија Захарова

Руското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека западните новинари ќе бидат протерани од Русија доколку Јутјуб ги блокира брифинзите на нивната портпаролка.

Портпаролката Марија Захарова, која одржува неделни брифинзи за руската надворешна политика, вклучително и за воената интервенција на Москва во Украина, рече дека Министерството го предупредило Јутјуб да престане да ја блокира нејзината содржина на платформата.

„Ние само дојдовме и им рековме: Ако блокирате уште еден брифинг, еден новинар или американските медиуми ќе си одат дома“, рече Захарова појаснувајќи дека тие ќе назначуваат „новинар или одредена медиумска служба да си оди дома“.

Нејзините коментари дојдоа откако руските пратеници усвоија закон со кој им се дозволува на обвинителите да затвораат странски медиуми во Москва доколку некоја западна земја е „непријателска“ кон руските медиуми. Оваа мерка е одговор на затворањето на одредени руски државни агенции за вести во западните земји.


Захарова, исто така, истакна дека Москва работи на мерки против медиумите на англиски јазик како одговор на „непријателските дејствија“ на странските власти според руските вести, но таа не наведе други детали.

Во март, рускиот претседател Владимир Путин потпиша закон со кој се изрекува затворска казна до 15 години за намерно ширење „лажни“ вести за војската, поради што некои западни медиуми ги повлекоа своите новинари од Русија.

Сепак дел од нив, вклучително и Ројтерс, останаа во земјата и продолжуваат да известуваат.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG