Настаните на денот низ фотографии - 12 октомври 2021
Врзани, неврзани, обврзани...

1
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Ниту е европски, ниту е исправно да се мешате во внатрешните работи на другите земји, изјави премиерот Зоран Заев коментирајќи ја Декларацијата на Македонците во Бугарија во која бараат Македонија да запре со непринципиелните компромиси со Бугарија. Бугарскиот претседател Румен Радев денеска одново имаше поплаки за, како што рече, дискриминација на Бугари во Македонија.

2
СРБИЈА - Дводневниот самит на Движењето на неврзаните заврши денеска во Белград со конференција на министрите за надворешни работи на Србија и Азербејџан, двете земји кои беа домаќини на собирот. Шефот на српската дипломатија Никола Селаковиќ рече дека бројот на присутните на одбележување на 60 годишнината од првата конференција на движењето по покажува почитувањето кое го ужива.

3
АВГАНИСТАН - Висок дипломат на Катар го минимизираше прашањето за признавање на новата талибанска влада во Авганистан и наведе дека фокусот на разговорите е владата да се фокусира на хуманитарни прашања додека расте меѓународниот притисок таа да ги почитува човековите права.

4
ГРЦИЈА - Речиси девет месеци по втората доза, грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, денеска прими трета доза од вакцината против Ковид-19 и ги повика граѓаните да го сторат истото, особено оние кои воопшто не се вакцинирани, истакнувајќи дека сега веќе фактите не дозволуваат никаков сомнеж за ефикасноста и безбедноста на вакцината, јави дописничката на МИА од Атина.