Достапни линкови

Вести

Американскиот Сенат усвои мерка за привремено укинување на лимитот на долгот

Сенатот на САД
Сенатот на САД

Сенатот на САД изгласа продолжување на задолжувањето на владата до декември. Гласањето за поддршка на мерката го зголеми плафонот на владата за речиси половина трилион долари. Се очекува мерката да помине во Претставничкиот дом, иако не е јасно кога ќе се одржи тоа гласање, по што треба да ја потпише претседателот Џо Бајден. Но, конгресмените сепак ќе треба да се справат со нивните разлики до 3 декември, кога истекува привремената мерка.

Спречена блокада на американските федерални институции

Сенатот беше под притисок да гласа за зголемување на лимитот на долгот, откако Министерството за финансии предупреди дека ако Конгресот не го стори тоа до 18 октомври, Соединетите држави ќе се соочат со финансиска криза и економска рецесија. Сепак, сметката не е популарна кај некои републиканци, кои се жалат дека нивото на долгот на нацијата - зголемено на 28,9 трилиони долари според мерката - е неодржливо.

види ги сите денешни вести

Определен 48 часовен притвор за таткото на убиената Вања Ѓорчевска

Таткото на убиената Вања Ѓорчевска спроведен во Кривичниот суд Скопје, 4 декември, 2023 година
Таткото на убиената Вања Ѓорчевска спроведен во Кривичниот суд Скопје, 4 декември, 2023 година

Кривичниот суд во Скопје вечерва го прифати предлогот на Основото јавно обвинителство и му определи 48 часовен притвор на таткото на Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, еден од осомничените за нејзиното убиство.

Како што наведуваат од Кривичниот суд, притворот е опредлелен заради опасност од бегство и влијание врв сведоци. Тој пред повеќе од два часа беше спроведен во Кривичниот суд кај судија на предистражна постапка.

Александар Ѓорчевски се очекува од вечерва да биде сместен во истражниот затвор во Шуто Оризари.

Порано вечерва пак, Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски, осомничен за убиствата на Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, а обвинителството информираше дека откако ќе биде донесен во земјава, Палевски веднаш ќе оди во притвор.

„За осомничениот кој е во бегство по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела - Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство синоќа соопшти дека по преземени опсежни мерки и активности од полициските службеници од СВР Скопје, на 3 декември во околината на Скопје било пронајдено безживотното тело на малолетната Вања Ѓорчевска, а на денешната пресконференција беа дадени повеќе детали и за убиството на 74-годишниот велешанец.

МВР распиша меѓународна потерница за Љупчо Палевски-Палчо за делата „грабнување“ и „убиство“

Распишана меѓународна потерница по Љупчо Палевски-Палчо за двојното убиство на Ѓорчевска и Жежовски
Распишана меѓународна потерница по Љупчо Палевски-Палчо за двојното убиство на Ѓорчевска и Жежовски

Министерството за внатрешни работи вечерва распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски, во врска со убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес. За Палчо е распишана потерница за делата „грабнување“ и „убиство“.

„Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување" и „убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“, стои на страницата на МВР покрај фотографијата од Палевски.

Палевски е еден од петмината осомничени за убиството. Како што утрово соопшти и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Палчо ја напуштил Македонија на 30 ноември, заминувајќи за Белград, па од таму за Бугарија.

Истрагата се сомнева дека заминал поради страв дека ќе биде откриен како извршител на убиствата.

Покрај МВР, вечерва се огласија и од обвинителството, од каде соопштија дека откако ќе биде пронајден, Палчо веднаш ќе биде притворен.

„За осомничениот кој е во бегство по итна постапка е донесена Наредба за спроведување истрага за кривични дела - Грабнување од член 141 и Убиство од член 123 од КЗ. Јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице. Судот го прифати предлогот и донесе решение со кое притворската мерка ќе започне да се спроведува веднаш по неговото пронаоѓање и лишување од слобода“', стои во соопштението на Обвинителството.

Инаку Љупчо Палевски – Палчо во последно време во јавноста повторно стана актуелен како основач на партијата „Десна“. Претходно влезе во бизнисот со градежништво, основач е на неделник, а во моментов има и свој поткаст „Тешки муабети“ на протускиот портал Инфомакс. Имал неколку прекршочни пријави и една кривична на која МВР се уште работи, но за него немало посебни истражни мерки.

Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а вчера нејзиното безживотно тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Во ООУ „Јохан Хајнрих - Песталоци“ денеска беше отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на малолетната Вања Ѓорчевска.

Регионалните ирански власти наложија строг кодекс на облекување за јавните службенички

Кукли облечени во чадори изложени во продавница пред светилиште во градот Ком.
Кукли облечени во чадори изложени во продавница пред светилиште во градот Ком.

Иранските медиуми објавија дека гувернерот на централниот град Ком издал директива со која им наредува на жените вработени во државните служби да се придржуваат до строгите исламски правила на облекување, особено да носат црн чадор, големо парче ткаенина што се обвиткува околу главата и горниот дел од телото, оставајќи го изложено само лицето, без шминка.

Директивата, првично објавена од веб-страницата за човекови права „Iran Watch, значи дополнително заострување на ставот на Исламската Република за тоа како жените можат да се облекуваат на работно место.

Заменик-гувернерот на Ком, Аболгасем Могими Араги, во директивата ја нагласи потребата жените да се придржуваат до „законот за скромност и хиџаб“. Ова барање го нагласува обновениот акцент на режимот на конзервативните стандарди за облекување, особено во Ком, град познат по своето религиозно значење и како центар на шиитското религиозно образование.

Објавувањето на директивата доаѓа во период на зголемена чувствителност и противеење на задолжителните закони за хиџаб во Иран.

Протестите низ целата земја под знамето „Жени, живот, слобода“ повикаа да се стави крај на задолжителните кодекси на облекување, при што Иранките ризикуваат многу во нивната борба за слобода и еднаквост со тоа што ќе застанат во првите редови на демонстрациите.

Овој најнов декрет во Ком, кој наложува носење чадор во државните канцеларии, претставува потег без преседан во својот опсег и сигнализира интензивирање на пристапот на владата за спроведување на строгите исламски кодекси за облекување.

Хиџабот, или исламската марама, стана задолжителен за жените и девојчињата постари од девет години во 1981 година, две години по Исламската револуција во Иран. Овој потег предизвика протести кои брзо беа задушени од новите власти. Многу жени го прекршија правилото со текот на годините и ги поместија границите, за она што официјалните лица велат дека е прифатлива облека.

Жените, исто така, започнаа кампањи против дискриминаторскиот закон, иако многумина беа притиснати од државата и принудени да ја напуштат земјата од безбедносни причини.

Тензиите во Иран се зголемија околу законот за хиџаб по смртта на 22-годишната Махса Амини во полициски притвор во септември 2022 година.

Нејзината смрт, која дојде само неколку дена откако полицијата ја уапси во Техеран за наводно неправилно носење хиџаб, доведе до протести низ целата земја и стотици смртни случаи на демонстранти низ целата земја.

Таткото на Вања донесен во Кривичен, обвинителството бара 48 часовен притвор

Таткото на убиената Вања Ѓорчевска спроведен во Кривичниот суд Скопје, 4 декември, 2023 година
Таткото на убиената Вања Ѓорчевска спроведен во Кривичниот суд Скопје, 4 декември, 2023 година

Во Скопскиот кривичен суд попладневно е донесен таткото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, Александар Ѓорчевски, кој е еден од осомничените за убиството.

Тој беше донесен од полициската станица „Центар“ каде последните 24 часа беше на распит. Се очекува на барање на Скопското Јавно обвинителство да му биде изречена мерка притвор од 48 часа.

Телата на двете жртви - 14-годишната Вања Ѓорчевски и на 74-годишниот Панче Жежовски, моментално се на обдукција во Судска медицина. Во текот на утрешниот ден се очекуваат ДНК-анализите по што се очекува да биде побаран и подолг притвор за четворицата осомничени.

Осомничениот Љупчо Палевски – Палчо пак, којшто е посочен како организатор и реализатор на убиствата се наоѓа во бегство. До овој момент МВР нема распишано меѓународна потерница, бидејќи предметот е се уште во предистражна постапка.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција кажа дека му се влезени во трага на Палевски. Тој првично заминал за Белград, Србија, а потоа отишол за Бугарија според досегашните информации од полицијата.

Поранешен дописник на РСЕ од Туркменистан уапсен под непознати обвиненија

Худаиберди Алашов работеше за РСЕ неколку месеци во 2016 година, пред да даде отказ, плашејќи се за својата безбедност.
Худаиберди Алашов работеше за РСЕ неколку месеци во 2016 година, пред да даде отказ, плашејќи се за својата безбедност.

Полицијата во градот Конеургенч на северот на Туркменистан го уапси Худаиберди Алашов , поранешен дописник на Радио Слободна Европа (РСЕ) од оваа централноазиска земја, под непознати обвиненија.

Роднините за РСЕ рекоа дека Алашов бил уапсен на 1 декември, неколку дена откако бил повикан на распит од полицијата, каде што според нивните тврдења бил „претепан“.

Според неговите најблиски, не се знае каде е Алашов и која е причината за неговото апсење.

Алашов работеше како дописник на РСЕ околу три месеци во 2016 година, пред тој и неговата мајка да бидат уапсени во декември истата година под обвинение дека користеле тутун за џвакање, што е нелегално во строго контролираната поранешна советска република. Алашов и неговата мајка Курбантач Аразмедова тогаш го негираа обвинението.

Во средината на февруари 2017 година, Алашов и неговата мајка беа ослободени откако судот ги осудени за поседување тутун за џвакање и добија по три години условни затворски казни.

По ослободувањето, Алашов престана да работи за РСЕ бидејќи се плашел за својата безбедност.

Во октомври 2019 година, полицијата повторно го уапси Алашов и го претепа за време на неколкучасовното испрашување. Стресот од непријатностите со нејзиниот син ја погодил Аразмедова, на која и се слошило и починала во болница два дена подоцна.

Во мај 2022 година, службено лице жестоко ги претепа Алашов и неговата сопруга во Конеургенч, по што сопругата на Алашов, Ејеш Аразгиљева беше хоспитализирана, а на него му беше укажана лекарска помош.

Минатиот месец, на друга поранешна дописничка на РСЕ од Туркменистан, 74-годишната Солтан Ачилова, не и беше дозволено да ја напушти земјата и да замине во Швајцарија, каде што се очекуваше да добие престижна награда за човекови права за нејзиното известување.

Тогаш Ачилова за РСЕ изјави дека била претресувана и понижувана на меѓународниот аеродром во Ашгабат, каде што официјалните лица не и дозволиле на неа или на нејзината ќерка да се качат во авионот на 17 ноември и покрај тоа што имала важечки пасоши, визи и билети.

Лога за двојното убиство: Смртната казна би била спас за тие монструми

Кренар Лога, министер за правда, (илустративна фотографија)
Кренар Лога, министер за правда, (илустративна фотографија)

Министерот за правда, Кренар Лога денеска изрази сочувство до семјствата на 14-годишното девојче Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски, изразувајќи надеж дека сторителите на ова дело ќе добијат најстрога и правдата ќе излезе на виделина.

На новинарско прашање за воведување смртна казна, Лога рече дека и тој е гневен како и секој граѓанин на оваа држава, но потенцираше дека нашиот Устав ја забранува смртната казна, а нагласи и дека истата е забранета во земјава и со други усвоени протоколи и конвенции.

„Јас сум меѓу тие граѓани во оваа држава кои мислат дека смртната казна би била спас за тие монструми и сум на таа страна тие да ја доживуваат казната до крајот на својот живот, во нивната свест што имаат направено“, рече Лога.

Највисоката казна затвор што судот може да ја изрече за ова дело е доживотна казна затвор.

„Верувам и во МВР и во обвинителството и дека на крај Судот ќе ја изрече таа казна што монструмите ја заслужуваат“, рече министерот за правда кој беше на настан во училиште во Шуто Оризари.

Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а вчера нејзиното безживотно тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Во ООУ „Јохан Хајнрих - Песталоци“ денеска беше отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на малолетната Вања Ѓорчевска.

Рускиот суд ја отфрли жалбата на новинарката на РСЕ Алса Курмашева во врска со изречената парична казна

Новинарката на РСЕ Алсу Курмашева присуствува на судско рочиште во Казан
Новинарката на РСЕ Алсу Курмашева присуствува на судско рочиште во Казан

Судот во Казан, главниот град на руската област Татарстан, ја отфрли жалбата на адвокатката на Алса Курмашева, новинарка на Татарско-башкирскиот сервис на Радио Слободна Европа, против одлуката на второстепениот суд да ја казни со 10.000 рубљи (110 долари), поради тоа што „не ги известила руските официјални лица дека поседува двојно државјанство“.

Откако советскиот окружен суд ја донесе својата одлука на 4 декември, официјално стапи во сила одлуката за паричната казна на Курмашева, која е во притвор од 18 октомври во посебен случај.

Курмашева, новинарка на РСЕ од Прага, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради семејна вонредна состојба во мај.

Таа беше привремено задржана додека го чекаше повратниот лет на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде и беа одземени двата пасоши. Не можела да ја напушти Русија бидејќи чекала да и ги вратат патните исправи.

На 11 октомври, судот и нареди на Курмашева да плати казна затоа што не го пријавила американскиот пасош на руските власти.

Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена и овојпат обвинета за непријавување како „странски агент“, што е кривично дело во Русија за кое е предвидена казна затвор до пет години.

Истражниот комитет соопшти дека Курмашева се товари според делот од Кривичниот законик кој се однесува на регистрација на странски агенти кои вршат „намерно собирање информации од областа на воените, воено-техничките активности на Русија“, кои, доколку ги добијат странски извори, „можат да бидат искористени во активности против безбедноста на земјата.“.

Минатата недела советскиот окружен суд го продолжи притворот на Курмашева најмалку до 5 февруари.

Истражниот комитет соопшти дека истрагата открила дека иако руското Министерство за правда не ја додало на списокот на странски агенти, таа не доставила документи за внесување во регистарот.

Курмашева и РСЕ го отфрлија обвинението.

Руското притворање на Курмашева, втор американски член на медиум што Москва го приведе годинава, предизвика бран на критики од групите за човекови права и политичарите кои велат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.

Судската одлука за продолжување на притворот на Курмашева беше донесена на 1 декември, еден ден откако водечката руска група за човекови права „Меморијал“ ја призна како политички затвореник.

Москва е обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД. Репортерот на „Волстрит журнал“, Еван Гершкович, беше уапсен во март за наводно шпионирање, обвинение што тој и весникот жестоко го негираат.

Курмашева е една од вкупно четворицата новинари на РСЕ кои моментално се во затвор под обвинение поврзано со нивната работа. Групите за човекови права и РСЕ во неколку наврати повикаа на ослободување на сите затвореници, наведувајќи дека тие се незаконски приведени.

Партиските лидери го осудија двојното убиство, Ковачевски најави строги казни за сторителите

Книга на жалост за Вања Ѓорчевска во гимназијата „Песталоци“, Скопје 4 декември 2023
Книга на жалост за Вања Ѓорчевска во гимназијата „Песталоци“, Скопје 4 декември 2023

Премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи го случајот со двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74-годишниот Панче Жежовски од Велес, истакна дека денешните излагања на министерот за внатрешните работи и јавниот обвинител, покажале дека се работи за изолиран случај на криминалци кои треба најжестоко да бидат казнети, согласно македонското законодавство.

„Не би сакал да повторувам тоа што во детали го објаснија и министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител, меѓутоа сметам дека според начинот на кој што објаснија со сите детали, експлицитно кажува дека се работи за изолиран случај на злосторници, криминалци, кои треба најжестоко да бидат казнети согласно македонското законодавство“, смета Ковачевски.

Како што истакна премиерот, во однос на овој грозоморен чин, „МВР и Обвинителството на најпрофесионален начин успеале да ги идентификуваат сторителите“, а нагласи и дека тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

„Со ова се потврди професионалноста на нашите истражни органи, на обвинителството, коишто без никакво влијание од кого било постапуваат по овој случај и постапуваат и во другите случаи. Криминалот има име и презиме. Обврска на истражните и правосудните органи е да се справуваат со вакви криминалци“, додаде Ковачевски.

Тој им се заблагодари на медиумите, но и на членовите на специјалниот тим кој беше формиран во МВР, за расветлување на двете убиства.

По лидерската средба, за убиството на Вања и велешанецот Жежовски свој коментар даде и претседателот на опозицијата Христијан Мицкоски, кој рече дека обвинителството за овој случај понудило само „енциклопедиски информации“.

„Денеска е тежок ден и за Македонија, и за сите нас. Нема зборови со кои што можам да ја изразам сопствената болка. Нема зборови со кои што може да се изрази болката, а истовремено да се утешат најблиските кои што за жал изгубија двајца луѓе, драги луѓе. И навистина претставува за мене тежок момент и како родител, и како човек. Посебно сум разочаран и згрозен од тоа што бев избрифиран, а и делумно го гледав, а што претставуваше прес конференција на оние двајца луѓе пред некоја минута. Таму слушнавме енциклопедиски информации без ниту еден конкретен доказ, без ниту нешто кое што МВР требало и Обвинителството да го преземат“, изјави Мицкоски.

Претседателот на Собранието пак, Талат Џафери, преку својот Фејсбук профил изрази сочувство до семејството на 14-годишната Вања и ги повика надлежните органи да го расветлат случајот до крај.

„Разумот, одговорноста кон кажаниот збор и воздржувањето од ширење на дезинформации мора да преовладува во сечие секојдневие. Изолирани криминални случаи не смеат да се користат за дневна политика, ниту да се поистоветуваат со целокупното општество“, напиша попладнево Џафери на Фејсбук.

Солзи, цвеќе и свеќи за Вања пред училиштето „Ј.Х.Песталоци“
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:31 0:00

Четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска беше пријавена за исчезната на 27 ноември 2023 година, а вчера нејзиното безживотно тело беше пронајдено во околината на Скопје.

Во ООУ „Јохан Хајнрих - Песталоци“ денеска беше отворена книга на жалост за прерано згаснатиот живот на малолетната Вања Ѓорчевска.

Партиите се договорија за двојни избори во исти ден

Лидерска средба во Скопје, 4 декември, 2023 година
Лидерска средба во Скопје, 4 декември, 2023 година

Парламентарните политички партии постигнале договор изборите следната година да се одржат на 8 мај, односно првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, додека вториот круг од претседателските избори и парламентарните избори да бидат на 8 мај.

Ова го соопшти премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, во изјавата за медиумите по лидерската средба во Собранието.

„Задоволен сум што конечно ќе имаме редовни парламентарни избори од 2006 година. Мораме да внимаваме и на верските празници. Предложив првиот круг на претседателските избори да се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори. Техничката влада ќе се формира на 28 јануари“, изјави Ковачевски по завршувањето на денешната лидерска средба.

Според Ковачевски на лидерската средба имало исто така и исклучително широк консензус за забелешките за изборното законодавство односно Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР.

И лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по завршувањето на лидерската средба потврди дека е договорен датум за избори.

„Се согласивме првиот круг да биде 24 април, а вториот круг на 8 мај. Сакам да апелирам до македонската јавност, до граѓаните, претстои сложен период, период на кампања. Ова ќе бидат избори во кои сите ние треба да одлучиме во каква Македонија и какво општество треба да живееме“, изјави Мицкоски.

Денешната лидерска средба пак порано ја напушти албанската опозиција, односно Европскиот сојуз за промени составен од Демократското движење, Беса и Алтернатива.

Меџити, Касами и Гаши си заминале оти, како што истакнаа по завршувањето на средбата, немало со кого да ги соочат аргументите.

Како Израел ја организира евакуацијата на населението од Газа?

Конфликт Израел-Палестина (Илустративна фотографија)
Конфликт Израел-Палестина (Илустративна фотографија)

Како што израелските трупи ги шират своите операции во Појасот Газа, така, продолжија да се издаваат ажурирани наредби за евакуација на населението, посебно во централниот и јужниот дел.

Еден од начините на кој се делат овие упатства е преку онлајн мапи кои го делат Појасот Газа на стотици блокови.

Жителите се повикуваат да го следат развојот на настаните во областите во кои живеат, како и да „ги следат упатствата на ИДФ (Израелските одбранбени сили) преку различни медиуми“.

ИДФ утрово на 4 декември, ги користеше социјалните мрежи за издавање нови наредби за евакуација во околу 20 подрачја во јужна Газа. Објавената мапа содржеше и стрелки кои упатуваат на подрачјата во јужниот дел, од каде што се наведува дека цивилите треба да се упатат.

ИДФ исто така испраќаше и летоци со пораки во подрачјата каде им се издаваа наредби на луѓето да се евакуираат, понекогаш вклучувајќи и „Кју-ар“ кодови поврзани со мапите. Ваквиот пристап на ИДФ предизвика бројни критики.

Сари Баши од „Хјуман рајтс воч“ рече дека Израел бара од луѓето „кои немаат струја или интернет некако да скенираат баркодови за да видат каде треба да се движат“.

Баши, исто така, рече и дека Израел им порачува на луѓето да бегаат во време кога „нема безбедно место за заминување“, како и тоа дека „не постои безбеден начин таму да се стигне“.

Инаку порано денеска, во својот последен извештај, Министерството за здравство во Газа, информираше дека најмалку 15. 899 Палестинци се убиени во израелските напади од 7 октомври.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG