Достапни линкови

Вести

Бајден со план за спречување на варијантата делта на коронавирусот

Американскиот претседател Џо Бајден

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе претстави стратегија од шест страници, насочена кон борбата против ширењето на многу заразна варијанта делта на коронавирусот и за зголемување на бројот на вакцинирање, соопшти претставник на Белата куќа. Претставникот, кој сакаше да остане анонимен, прецизира дека Бајден „стратегија ќе се однесува и на јавниот и на приватниот сектор“.

Во САД фрлени најмалку 15 милиони вакцини

Соединетите држави се борат да се справат со новата варијанта која го зголемува бројот на инфицирани. Тука и е загриженоста за натмошно ширење на ковид-19, бидејќи децата се враќаат на училиште, а се најавени и планови за враќање на работа во канцелариите кај многу компании. Речиси 650.000 луѓе во САД починаа од ковид-19 од почетокот на пандемијата.

види ги сите денешни вести

МЗ:47 отсто од лицата над 18 години се вакцинирани со прва доза

Вакцинација против ковид-19 во Скопје

Од Министерството за здравство информираат дека заклучно со 26 септември со една доза вакцина против Ковид-19 вакцинирани се 46,9 отсто од населението над 18 годишна возраст. Кај лицата над 40 годишна возраст опфатот со една доза изнесува 55 отсто, кај лицата помеѓу 18 до 39 години опфатот со една доза на вакцина изнесува 31 отсто, соопшти Министерството за здравство.

Според последните податоци, како што се посочува, најмногу со прва доза вакцинирани граѓани има во градовите Охрид (63,9 отсто), Кавадарци (64,3 отсто), Гевгелија (61,4 отсто) и Неготино (65,1 отсто).

Помеѓу 50 до 60 отсто опфат на вакцинирано население со прва доза има во градовите Битола, Демир Хисар, Ресен, Велес, Берово, Пехчево, Прилеп, Крушево, Валандово, Штип и Пробиштип. Помеѓу 40 до 50 отсто опфат на вакцининирани граѓани има во градовите Кичево, Свети Николе, Кочани, Делчево, Крива Паланка, Струга, Македонски Брод, Скопје и Тетово. Помеѓу 30 до 40 отсто, односно најмалку вакцинирани во моментов има во Виница, Куманово, Кратово, Дебар, Струмица, Гостивар и Радовиш.

Од министерството информираат дека во тек е вакцинација во постоечките вакцинални пунктови во државата, каде граѓаните може да се вакцинираат без да закажат термин.

Во американскиот Сенат сослушувања за Авганистан

Униформа на американската армија лежи меѓу другите објекти во воздухопловната база Баграм во Парван, Авганистан, 23 септември 2021.

Комитетот за оружени сили на американскиот Сенат денеска ќе ги сослуша секретарот за одбрана Лојд Остин, претседателот на Здружениот началник на Генералштабот генерал Марк Мили и генералот Кенет Мекензи, началник на Централната команда на САД. На 30 септември, комитетот ќе одржи сослушување за да ги разгледа американските воени операции во Авганистан со сведоци што допрва треба да се утврдат. Претседателот на Комитетот, демократот Џек Рид изјави дека останува загрижен за Авганистан, и покрај повлекувањето на американската војска.

САД загрижени за новата талибанска влада во Авганистан

„Иако го завршивме повлекувањето на американскиот воен персонал и над 100.000 цивили од Авганистан, останувам длабоко загрижен за настаните што го придружуваа нашето повлекување и тековната хуманитарна криза“, рече тој, додавајќи: „Должност е на Конгресот - и на Комитетот за вооружени сили на Сенатот особено - да одржува сослушувања за да извлече поуки од ситуацијата во Авганистан и да обезбеди одговорност на највисоко ниво. Според него, Комитетот ќе ги испита факторите и одлуките што се манифестираа во текот на четири претседателски администрации на двете политички партии за да го обликуваат исходот со кој сега се соочуваме во Авганистан.

По Авганистан, Бајден пред тешки домашни битки

Администрацијата на Бајден доби критики од демократите и од републиканците за хаосот и насилството што избија за време на евакуацијата на американската војска од Кабул, а брзиот колапс на авганистанската војска ги предизвика прашањата за вредноста на претходните администрации на напорите од 141 милијарди долари за поддршка на сега веќе поранешната влада во Кабул. Во меѓувреме, Конгресот доби овластување на Пентагон да репрограмира повеќе од 1 милијарда долари досега за да помогне во преселбата на бегалците од Авганистан.

Уште еден силен земјотрес го погоди Крит ден по вчерашниот

Нов земјотрес го погоди јужниот грчки остров Крит

Последователен земјотрес со сила од 5,3 степени го погоди јужниот грчки остров Крит, еден ден по земјотресот во кој загина најмалку едно лице. Геодинамичкиот институт во Атина денеска соопшти дека последователниот потрес, најсилниот од десетиците што го потресоа островот, бил со епицентар на 22 километри југоисточно од Ираклион, најголемиот град на Крит и четвртиот по големина во Грција. Грчкото министерство за климатска криза и цивилна заштита ги предупреди жителите на областа да избегнуваат згради кои се дури и малку оштетени и да ги следат упатствата на властите.

Вонредна состојба во регионот на Крит по земјотресот

Се верува дека стотици домови се оштетени од првичниот земјотрес со јачина од 5,8 степени по Рихтер на 27 септември, а илјадници луѓе мораа да ја поминат претходната ноќ во шатори или во своите автомобили поради оштетување на нивните домови. Областа околу селото Аркалохори, јужно од Ираклион, претрпе најтешка штета. Грција се наоѓа во високо сеизмички активен регион и доживува стотици земјотреси секоја година. Огромното мнозинство се мали и не предизвикуваат штета или повреди.

Убиствата во САД лани пораснаа за 30 проценти

Една жена држи мало знаме на кое се прикажани дупки од куршуми со крв за време на маршот против оружјето во Чикаго, Илиноис, на 31 декември 2020 година.

Бројот на убиства во Соединетите држави се зголеми за околу 30 проценти во 2020 година во споредба со претходната година, што е најголем скок од почетокот на водењето на ваква национална евиденција во 1960 година.
Биле извршени 21.570, што претставува зголемување од 4.901 во однос на 2019 година, според податоците објавени од Федералното биро за истраги (ФБИ). Податоците на ФБИ покажаа дека повеќето убиства биле извршени со пиштоли, односно 76 проценти во 2020 година наспроти 73 проценти во 2019 година.

Бајден ќе се бори против „пиштолите-духови“

Експертите не се сигурни што стои зад ненадејниот скок, при што можните објаснувања се економските и социјалните тешкотии за време на пандемијата на коронавирус и зголемената продажба на оружје. Други објаснувања се промените во полициското работење - вклучително и намаленото полициско присуство како одговор на критиките - и нискиот морал меѓу полицајците по смртта на Џорџ Флојд во Минеаполис.

Убиецот на Џорџ Флојд поднесе жалба на пресудата

Зголеменото насилство стана политичко прашање откако избија протести поради смртта на Флојд, што предизвика повици за полициска и судска реформа во времето кога стапките на убиства беа зголемени.

Москва: инфраструктурата на НАТО во Украина е преминување на „црвената линија“

претседателот на Русија Владимир Путин

Кремљ повтори дека секое проширување на воената инфраструктура на НАТО во Украина ќе ја премине една од „црвените линии“ на претседателот Владимир Путин, додека авторитарниот владетел на Белорусија Александар Лукашенко го обвини Вашингтон дека ги користи центрите за обука како маска за поставување бази за западната воена алијанса. Украина, која не е членка на НАТО, но долго време бараше поблиски врски со Западот и нејзините воени сили, веднаш одговори дека таа сама ќе ја одреди сопствената безбедносна политика и дека Москва треба да се грижи само за прашањата внатре во границите на Русија.

Зеленски: Војна со Русија е најлошото што може да се случи

Вчера Лукашенко рече дека Соединетите држави „градат бази“ во Украина и дека тој и Путин „се согласиле дека мора да се направи нешто за тоа“. Лукашенко, кој беше погоден со неколку рунди санкции од САД и неколку други западни држави за неговото брутално сузбивање на неистомислениците дома, откако опозицијата го обвини за фалсификување претседателски избори во август 2020 година, не прецизира што ќе направат Москва и Минск.

Путин: Русите и Украинците се како еден народ

Русија категорично се спротивставува на идејата за членство на Украина во НАТО, а портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков наведе дека Путин во неколку наврати го истакнал прашањето дека потенцијалното проширување на инфраструктурата на НАТО на украинска територија „ќе ги премине црвените линии“.

Северна Кореја истрела „неидентификуван проектил“ во морето

Тест на тактички насочен проектил од нов тип на непозната локација, 25 март 2021 година

Северна Кореја истрела најмалку еден „неидентификуван проектил“ кон морето во близина на нејзиниот источен брег, соопшти денеска јужнокорејската војска. Јапонското министерство за одбрана пак, соопшти дека Северна Кореја можеби истрелала балистичка ракета, но не даде повеќе детали. До ова дојде кога амбасадорот на Северна Кореја во ОН на Генералното собрание во Њујорк изјави дека „никој не може да ѝ го ускрати правото на нуклеарно вооружената земја да тестира оружје„.

МААЕ - Северна Кореја „со полна пареа“ напредува со својата нуклеарна програма

„Ние само ја градиме нашата национална одбрана со цел да се одбраниме и сигурно да ги заштитиме безбедноста и мирот во земјата“, рече Ким Сонг. На Северна Кореја ѝ е забрането со резолуции на Советот за безбедност на ОН да развива или тестира балистички ракети. Доколку се потврди дека најновиот тест е балистичка ракета, тоа би било трето вакво лансирање оваа година.

Бајден ја прими третата доза вакцина против коронавирус

Американскиот претседател Џо Бајден ја прима третата доза вакцина против ковид-19.

Американскиот претседател Џо Бајден денеска ќе ја прими третата доза од вакцината против коронавирус, објави Белата куќа. Во Соединетите држави, третата доза на вакцината Фајзер беше одобрена во минатата недела за сите луѓе постари од 65 години и оние кои се изложени на вирус поради работа. 78 годишниот Бајден ги охрабри овие граѓани да добијат дополнителна доза од вакцината. Претседателот на Соединетите држави ја доби првата доза на 21 декември, а втората на 11 јануари, во живо на телевизија со цел да го поттикне населението да се вакцинира.

Бајден: задолжително вакцинирање за сите вработени во федералните служби

Околу 60 милиони Американци имаат право да добијат трета доза од вакцината шест месеци по втората инјекција. Американските здравствени власти одобрија трета доза на вакцина за три категории на население - луѓе над 65 години, луѓе на возраст од 18 до 64 години со фактори на ризик за развој на посериозна форма на болеста и лица изложени на коронавирусот. Последната категорија вклучува едукатори, вработени во супермаркети, здравствени работници и вработени во засолништа за бездомници.

Хрватската безбедносна служба предупредува на ризици од руското влијание и „Српски свет“

Загреб

„Сајбер-нападите, особено оние од Русија и Кина, можат да ѝ наштетат на Хрватска, додека концептот на таканаречениот „српски свет“ започнат од Србија и поддржан од Русија дополнително го дестабилизира Западен Балкан. Ова го наведува хрватската агенција за цивилно разузнавање која објави редовен годишен извештај во кој се наведени опасностите што ја загрозуваат безбедноста на земјата.

„Српски свет“ закана по безбедноста на Балканот?

Годинашниот 7-ми извештај ги повторува веќе идентификуваните безбедносни загрижености - влијанието на незападните сили, особено Русија, во Југоисточна Европа, нестабилноста во Босна и Херцеговина, експанзионистички идеи кои се шират од српскиот врв и кои дополнително ги дестабилизираат чувствителните меѓуетнички и меѓудржавни односи во Југоисточна Европа, особено кон БиХ и Црна Гора.

Косовски институт: Русија води дипломатска војна и ѝ помага на Србија

Според извештајот, „неуспехот да се постигне српско-албански договор за Косово продолжува да придонесува за нестабилност во регионот, со особено неизвесност на Западен Балкан предизвикана од социјалната поделба во Црна Гора, каде што анти-НАТО, просрпските и про -руските партии имаат значителна политичка моќ.

Претседателката на ЕК фон дер Лајен во посета на Северна Македонија

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска ќе допатува во посета на Република Северна Македонија. Фон дер Лајен ќе биде пречекана од премиерот Зоран Заев на платото пред Владата. Според агендата, предвидено е двете делегации да заминат во Младинскиот културен центар, каде што, по настанот предвиден во фоајето на МКЦ, ќе се упатат кон Кино Фросина на заедничка прес-конференција на премиерот Заев и претседателката на ЕК фон дер Лајен. Во годишното обраќање за состојбата на Европската унија пред парламентот на ЕУ, Фон дер Лајен ја повтори својата поддршка за интеграција на регионот во ЕУ, велејќи дека тоа е обврска за младите луѓе кои веруваат во европскиот сон. Според претседателката на ЕК, ЕУ и Западен Балкан секогаш ќе бидат посилни заедно. „Ова им го должиме на младите луѓе, кои веруваат во европската иднина. Ги зголемуваме инвестициите во Западен Балкан за околу една третина од бруто домашниот производ на регионот. Инвестирањето во иднината на Балканот е инвестиција за ЕУ “, рече таа.

Ескобар: Има начини да се деблокира македонската интеграција во ЕУ

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети сите шест земји од Западниот Балкан почнувајќи од Албанија и Северна Македонија. Како што беше најавено во Брисел, Фон дер Лајен утре ќе ги посети Косово, Црна Гора и Србија, а ден подоцна, Босна и Херцеговина. Шефицата на Европската Комисија ќе го посети регионот една недела пред Самитот ЕУ-Западен Балкан кој ќе се одржи на шести октомври во Словенија со лидерите од регионот. Од Европската Унија инсистираат дека овој самит нема да биде „самит за проширувањето“ туку прилика да се разговара за односите на ЕУ и регионот.

Времето денеска: променливо облачно

Ќе биде променливо облачно и посвежо. На места ќе биде нестабилно со пообилен пороен дожд, локално (над 20 л/м2) и појава на ретки грмежи. Дневната температура ќе биде од 18 до 26 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 24 степени.

Инстаграм ја одложи детската верзија на апликацијата по критиките за последици врз менталното здравје

социјални платформи, илустрација

Фејсбук денеска објави дека го прекинува развојот на детската верзија на апликацијата за споделување фотографии на Инстаграм, по широката критика и загриженост дека платформата може да му наштети на менталното здравје на младите луѓе.

Одлуката за одложување на апликацијата за деца под 13 -годишна возраст доаѓа кога Фејсбук се соочува со последиците од серијата „Волстрит Журнал“, која откри дека компанијата, според нивните сопствени истражувања, знаела за штетата што Инстаграм може да им ја нанесе на тинејџерките.

Објавата на Фејсбук следува само неколку дена пред сведочењето на еден од нивните директори на сослушувањето што го организираа американски сенатори за да ги испитаат „токсичните ефекти на Фејсбук и Инстаграм врз младите“.

Шефот на Инстаграм Адам Мосери изјави дека проектот кој е наменет за деца и има за цел да се создаде верзија на апликацијата под надзор на родителите, е погрешно разбран.

„Се уште цврсто верувам дека е добро да се изгради верзија на Инстаграм која е дизајнирана да биде безбедна за младите луѓе. Но, ние сакаме да одвоиме време за да разговараме со родители, истражувачи и експерти за безбедност и да постигнеме повеќе консензус за тоа како да одиме напред“, рече шефот на Инстаграм, Адам Мосери, за „NBC Today“.

Во писмената изјава, тој истакнува дека „подобро е родителите да можат да им овозможат на своите деца пристап до верзијата на Инстаграм што е наменета за нив“.

Иницијативата со неофицијалното име „Инстаграм деца“ предизвика критики од различни групи откако се појавија извештаи за нејзиниот развој на почетокот на оваа година.

Во мај, група американски сенатори побараа од Фејбук компанијата да ја прекине својата презентација, обвинувајќи ја фирмата „дека не ги заштитила децата на своите платформи“. Неколку американски пратеници одобрија да се стават проектите во мирување, но некои побараа целосна суспензија.

Израелскиот премиер во ОН: Иран е закана за светската безбедност

Израелскиот премиер во ОН, Нафтали Бенет

Новиот израелски премиер, Нафтали Бенет, денеска упати апел до Меѓународната заедница да се спротивстави на Иран, обвинувајќи го Техеран за унапредување на развојот на нуклеарно оружје и заканувајќи се дека неговата земја ќе преземе акција сама ако светот не го стори тоа.

Во својот прв говор на Генералното собрание на ОН, Бенет не го спомена деценискиот конфликт меѓу Израел и Палестинците, туку го означи Иран како закана за светската безбедност.

"Иранската нуклеарна програма достигна пресвртница, а исто така и нашата толеранција. Зборовите не ги запираат центрифугите", рече Бенет, кој го замени долгогодишниот израелски премиер Бенјамин Нетанјаху на изборите во јуни.

Бенет го претстави Израел како „светилник во турбулентното море“ на напнатиот Блиски Исток. Неговата порака, сепак, беше слична на онаа на Нетанјаху, бидејќи тој се фокусираше на најголемиот непријател на Израел, Иран.

„Големата цел на Иран е кристално јасна за секој што сака да ги отвори очите: Иран се обидува да доминира во регионот и се стреми да го стори тоа под нуклеарна заштита“, рече израелскиот лидер.

Тој меѓудругото го обвини Иран за вооружување, финансирање и обука на израелските непријатели низ целиот регион и додаде дека иранското мешање довело до катастрофи во Либан, Сирија и Јемен.

„Секое место што ќе го допре Иран пропаѓа“, рече израелскиот премиер, тврдејќи дека иранските активности му се закануваат на целиот свет, споменувајќи го развојот на беспилотни летала, за кои се тврди дека извршиле напади врз бродови во Персискиот Залив.

Иран ги негира ваквите обвинувања од Израел. Покрај тоа, израелските лидери тврдат дека договорот на големите сили со Иран од 2015 година не ја спречува таа земја да стане нуклеарна сила.

Шефот на црногорската полиција: Во Цетиње беше употребена пропорционална сила

илустрација, демонстрации против устоличувањето на митрополитот Јоаникије во Цетиње

Министерот за внатрешни работи на Црна Гора, Сергеј Секуловиќ, изјави дека за време на демонстрациите во Цетиње поради устоличувањето на митрополитот на Српската православна црква, Јоаникиј, била употребена пропорционална сила.

„Употребата на сила беше пропорционална, секој поединечен случај ќе се испита сам за себе. Според мое мислење, настаните во Цетиње се последица на лошата политичка клима, недостаток на дијалог, брутален конфликт на повеќе фронтови што можеше да доведе до загуба на човечки животи. Тоа беше она од што се плашев тој ден “, рече Секуловиќ на расправата на собраниската комисија за безбедност .

Секуловиќ, исто така, изјави дека ова е една од најризичните ситуации од аспект на безбедноста и нагласи дека полицијата не ги пречекорила своите овластувања за време на интервенцијата.

Во меѓувреме владини претставници од безбедносниот сектор констатираа дека протестите во Цетиње на 4 и 5 септември против устоличувањето на митрополитот биле настан од висок ризик, но дека се поминало без сериозни последици.

Од друга страна, опозицијата ги обвинува властите дека користеле прекумерна сила во Цетиње, против демонстрантите, како што се употреба на солзавец, гумени куршуми и шок бомби.

Вицепремиерот Дритан Абазовиќ, обраќајќи им се на членовите на Комитетот за безбедност, изјави дека настаните во Цетиње поминале без жртви и сериозни повреди од двете страни. Абазовиќ процени дека секое друго сценарио тој ден ќе отворело огромни конфликти во Црна Гора.

Талибанците забранија бричење на брадата во Хелманд

илустрација

Талибанците им забранија на берберите во авганистанската провинција Хелманд да ги бричат или потстрижуваат брадите, велејќи дека тоа го крши нивното толкување на исламскиот закон.

„Секој што ќе го прекрши правилото ќе биде казнет“, соопшти талибанската верска полиција, а пренесува Би Би Си.

Некои бербери во главниот град Кабул изјавија дека добиле слични упатства.

Упатствата сугерираат враќање на строгите правила слични на оние што беа во сила за време на претходното владеење на Талибанците и покрај ветувањата за поблага форма на владеење.

Од преземањето на власта минатиот месец, Талибанците спроведоа остри казни. Во саботата, талибанските борци убија четворица наводни киднапери, а нивните тела беа обесени на улиците на западниот град Херат.

Во известувањето објавено во салони во јужната провинција Хелманд, талибанските власти предупредија дека фризерите мора да го почитуваат шеријатскиот закон за фризури и бради.

„Никој нема право да се жали. Борците постојано доаѓаат и ни наредуваат да престанеме да ги сечеме брадите“, рече бербер во Кабул.

Друг фризер, кој управува со еден од најголемите салони во градот, вели дека го повикал некој кој тврди дека е државен службеник и му било наложено да „престане да ги следи американските стилови“ и да не се бричи или бричи никоја брада.

За време на првото владеење на Талибанците од 1996 до 2001 година, тврдокорните исламисти забранија бричење брада и инсистираа мажите да ја пуштат брадата.

Нови 112 случаи на ковид 19, починале 13 лица

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 1.726 тестирања, а регистрирани се 112 нови случаи на КОВИД-19. Најмногу новозаразени има во
Скопје – 82, Кавадарци – 8, Куманово – 6, Прилеп, Битола, Неготино и Крива Паланка – по 2, Тетово, Велес, Струмица, Кичево, Свети Николе, Ресен, Делчево и Македонска Каменица – по 1.

Регистрирани сe 419 оздравени пациенти.Во текот на изминатите 24 часа починале 12 лица, сите се починати во болнички услови.

Дополнително, согласно Регистерот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од Мој Термин, пријавено е уште едно лице, со датум на смрт 25.09.2021 година. Починатото лице е од Крива Паланка, на возраст од 77 години, починат во домашни услови.

Досега во земјата се направени вкупно 1.279.154 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 189.999 бројката на оздравени пациенти е 171.375, на починати е 6.607, а бројот на активни случаи изнесува 12.017

Вонредна состојба во регионот на Крит по земјотресот

Пожарникарите бараат луѓе по разурнувањето на црква на островот Крит кој беше погоден од земјотрес

Шатори со капацитет да згрижат 2.500 лица ќе бидат поставени во деловите погодени од земјотресот на Крит, а во поширокиот регион е прогласена вонредна состојба, соопшти министерот за климатска криза и цивилна заштита на Грција Христос Стилијанидис кој од утрово е на островот и додаде дека повредени се 12 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

„Заедно со градоначалникот, префектот и целиот тим на локалната самоуправа решивме да се постават шатори за сите семејства и сите луѓе кои не треба вечерва да се вратат во нивните домови. Можеме да згрижиме 2.500 лица“,изјави Стилијанидис и додаде дека за нив приоритет се човечките животи и да се избегне луѓето да ја поминат ноќта во објекти за кои постои сомнеж дека не се безбедни.

Во исто време, преку бројот за итни случаи 112 на Министерството за климатска криза и цивилна заштита на Грција, беше испратена порака до жителите на Крит да бидат претпазливи.

„Предупредувачка порака од Министерството за климатска криза и цивилна заштита. Силен земјотрес во вашиот регион, со континуирана сеизмичка активност. Не влегувајте во објекти што имаат било каква штета од земјотресот. Останете во состојба на готовност и следете ги упатствата на властите“, пишува во пораката.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на неговиот „Твитер“ профил напиша дека целиот државен механизам е во состојба на готовност за да помогне во справувањето со последиците од земјотресот на Крит, изрази сочувство до семејството на загинатиот, а на повредените им посака брзо закрепнување.

Земјотресот беше регистриран во 9 часот и 17 минути по локално време со епицентар на копно, 23 километри северозападно од градот Арви, што се наоѓа јужно од Ираклио, животот го загуби едно лице, а надлежните, на терен ја проценуваат материјалната штета. Во истиот епицентар, беа регистрирани низа други земјотреси, а за пет часа имаше осум земјотреси над 4 степени, од кои најсилниот беше со јачина од 4,8 степени.

Европол разби балкански картел кој ја снабдувал Европа со кокаин

илустрација, седиштето на Еуропол во Хаг, Холандија

По досега невидена меѓународна операција на агенциите за спроведување на законот од осум земји, обвинети се 61 член на балканскиот наркокартел, кој ја снабдува Европа со кокаин, објави хрватското Министерство за внатрешни работи .

Од тие 61, 23 биле уапсени (13 во Шпанија и 10 во Словенија), додека 2,6 тони кокаин, 324 килограми марихуана, 612.000 евра, девет луксузни возила и пет мотоцикли биле запленети.

Минатата година беа спроведени серија акции во рамките на работната група помеѓу Шпанија, Хрватска, Србија, Германија, Словенија, Босна и Херцеговина, САД и Колумбија, со координација на активностите предводени од Европскиот центар за сериозен и организиран криминал на Европол.

Оваа прилично мобилна криминална организација имала активни ограноци во неколку европски земји и главно се состоела од криминалци од Србија, Хрватска, Црна Гора и Словенија.

Европол ја формираше Работната група во јули 2020 година со цел да ги собере сите земји вклучени во координацијата на заедничката стратегија насочена кон распаѓање на целата мрежа. Оттогаш, Европол постојано ги обезбедува најновите разузнавачки податоци и анализи за да им помогне на теренските истражители.

Вучиќ на состанок со амбасадорите на Квинта: побарано смирување на кризата во Косово

граничен премин Јариње, септември 2021

Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, денеска ги прими амбасадорите на земјите членки на Квинта – САД, Велика Британија, Франција, Италија и Германија, како и шефот на Делегацијата на Европската унија во Белград, кои побараа деескалација на кризата во северно Косово.

Како што соопштија од прес службата на српскиот претседател „во оваа прилика, претседателот Вучиќ ја објасни позицијата на Србија“.

„Посветени сме на зачувување на мирот и почитување на Бриселскиот договор, но никако нема да дозволиме понижување ниту на Србија, ниту на нејзините граѓани“, изјави претседателот Вучиќ.

Тема на состанокот беше кризата на северот на Косово. Откако Србите на Косово ги блокираа административните премини Јариње и Брњак, незадоволни што Приштина испрати специјални единици Росу на тие премини поради укинување на српските регистарски таблички, амбасадорите на Квинта минатата недела му понудија на претседателот на Србија предлог за решавање на ситуацијата, според која, како што тогаш кажа Вучиќ во обраќањето до јавноста, „ние малку ќе попуштиме, но ќе добиеме повеќе“.

Вучиќ тогаш изјави дека тој предлог го отфрлил бидејќи се работи за уцена и политика на свршен чин, на што не се согласува.

Стано: Ескобар во Брисел, за да се најде решение за кризата во северно Косово

Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел

Главните преговарачи во дијалогот Белград-Приштина деновиве пристигнуваат во Брисел, потврди денес Петер Стано, портпарол на високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел.

Тој индиректно потврди дека „како дел од општите дипломатски активности на ЕУ“, американскиот пратеник за Косово Габриел Ескобар ќе биде вклучен во напорите во Брисел да се најде решение за кризата во северно Косово, „што е корисен ангажман на САД во такви ситуации“.

„Треба двете страни да преземат чекори кои ќе водат до деескалација“, повтори Стано.

Стано рече дека тоа што се случува на северот на Косово во моментов не е добро за граѓаните на двете земји, ниту за граѓаните на регионот.

„Единствен начин да се постигне ЕУ иднина води преку дијалогот што го олеснува ЕУ, овој дијалог е тука да им помогне да ги изразат своите грижи и да стават крај на сите спорови на пријателски начин, што се однесува до последните тензии цело време велиме дека наместо унилатерални чекори треба да се искористи ЕУ дијалогот“, рече портпаролот.

Комисијата смета дека дијалогот не е неуспешен и дека е можно да се изнајде решение.

Унгарија потпиша договор со Газпром за испорака на гас

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто

Унгарија потпиша нов долгорочен договор за снабдување со гас со рускиот енергетски гигант „Газпром“, кој е под државна контрола. Будимпешта минатиот месец соопшти дека се договорила со Москва за сите услови за да стапи на сила новиот долгорочен договор за снабдување со гас од 1 октомври.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, на крајот на август рече дека времетраењето на договорот со Газпром ќе биде 15 години, со клаузула за промена на купените количини по 10 години, додавајќи дека и цената е договорена.

„Газпром ќе испраќа 4,5 милијарди кубни метри природен гас во Унгарија годишно“, рече Сијарто.

Според него, ќе се се користат две рути, при што 3,5 милијарди кубни метри ќе доаѓаат преку Србија и 1 милијарда кубни метри преку Австрија.

Пендаровски: Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој

Претседателот Стево Пендаровски

Според моето длабоко уверување, нашите денешни главни предизвици се во најголем дел, структурно поинакви, меѓутоа, не се помали по тежина и по значење од оние во 1990-тите. Многу начелно, ги класификував во три групи, иако, се разбира, во стварниот живот, тие воопшто не се прецизно поделени. Во првата се старите предизвици кои за нас ќе бидат актуелни и по 50 години, имајќи ја во предвид внатрешната структура на нашето општество. Во втората се за нас сеуште нови, а за светот стари проблеми кои со нив се бави со децении, и во последната ги поставив новите појави и закани и за нас и за светот, иако и тука, за жал, светот оди понапред многу побрзо од нас.

Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на свечениот научен собир „Современата македонска држава- две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991/1991-2021 година”, кој се одржува во организација на МАНУ под негово покровителство.

Надворешната интегрираност, според него, е клучен предуслов за опстанокот на малите држави во глобалниот свет. Во тој дел, како што рече, забележан е видлив напредок со Договорот од Преспа без да ги загрози виталните идентитетски маркери на македонската нација. Договорот со Бугарија од 2017-та, како што посочи, е пример за приближување постигнат без странска асистенција, акт кој не дискриминира ниту една од страните кои и во пост-комунизмот, за жал, не ги надминаа взаемните стереотипи една за друга.

Во втората група се економскиот развој и правната држава, кои според него, главните причини за брановите на иселување кои не стивнуваат 30 години.

Предизвиците во третата група се релативно нови и за светот и затоа тука, како што наведе Пендаровски, земјата има шанса со паметни политики да фати чекор побрзо отколку кај традиционалните предизвици во развојот на демократска политичка култура и систем, каде што назадување бележат дури и некои стари демократии.

„Реално, ништо од ова нема да биде можно ако не го намалиме нивото на политичка поларизација каде што изборниот победник ги алиментира своите членови, а свесно се лишува од придонесот на оние кои не гласале за него. Јасно е дека во оваа фаза од нашиот политички развој, граѓанското помирување е невозможно, но, сите ние, актуелните политички актери сме должни со скромен личен пример да придонесеме за деескалација на тензиите кои на моменти ја парализираат целата држава. Потребен ни е нов, широк национален и државен консензус за развој кој ќе биде поддржуван од релевантните политички субјекти во континуитет, независно дали се на власт или во опозиција. Без тоа, секоја следна годишнина од независноста само ќе ја одбележуваме, без да имаме што да прославуваме“, рече Пендаровски.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир имаа и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.

Иванов: Пандорината кутија е отворена, постојат прашања за кои не се преговара

Поранешниот претседател Ѓорѓе Иванов

Денес на Република Македонија повеќе од кога и да е и се потребни луѓе, кои со гордост ќе се изјаснуваат дека се Македонци. Дека се македонски народ. Сега ни се потребни луѓе кои допрва ќе ја градат Република Македонија како држава заснована врз самодоверба, самопочит, себеспознавање и љубов кон татковината. Ова го порача во поздравното видео обраќање на свечениот научен собир „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година“, поранешниот претседател Ѓорге Иванов. Тој порача и дека Пандорината кутија е отворена и сега речиси секој си зема за право да го негира, она што е наше стекнато право.

„Постојат прашања за кои не се преговара, стекнати права за кои не се разговара, црвени линии преку кои не се преминува. Предупредував дека со Договорот од Преспа се става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и затоа, ниту учествував, ниту потпишав таков договор“, изјави Иванов.

Според него, невиден преседан е заради политички контекст политичарите да даваат историско толкување на фактите.

„Со Договорот со Бугарија власта во Македонија сака да реши едно прашање, кое ќе ја задоволи само бугарската страна. Она што Македонија го добива за возврат е само понижување, преку одрекување и отуѓување од сопствената историја, без кое немаме компас за иднината“, изјави Иванов.

Поздравни обраќања на отворањето на научниот собир имаа и актуелниот претседател Стево Пендаровски и поранешниот претседател Бранко Црвенковски, Живко Кондев, шеф на Кабинетот на првиот претседател на државата Киро Глигоров и Владо Поповски, кој беше советник во Кабинетот на претседателот Борис Трајковски.


Рама: Косово е во право за реципроцитетот, Србија е театрална

Премиерот на Албанија, Еди Рама

Албанскиот премиер Еди Рама за време на посетата на Косово изјави дека земјата има целосно право по прашањето на реципроциетот со Србија и воведувањето времени регистерски таблички за возилата кои влегуваат од таа држава. На зедничката прес конференција со косовскиот премиер Албин Курти, тој порача дека дијалогот е единственото решение за сите спорови. Според Рама, реакциите на Белград на испраќањето косовски специјалци на граничните премини заради спроведување на одлуката за времени таблички се „театрални“.

„Еден од приоритетите на Албанија, како полноправна членка на ООН, ќе биде поттикнувањето на формалното признавање од сите. Србија треба да ја прифати таа реалност и за жалење се театралните воени маневри на Србија на суверената граница на Косово. Тие маневри не ги штитат српските граѓани, северот на Косово, како што претендира раководството на официјален Белград или духовите на поразената војска во војната пред 20 години, небаре се кренале од гроб со претензијата дека се брани интегритетот и безбедноста на српските граѓани во Косово“, рече Рама.

Тој додаде дека ставот на Албанија останува непроменет и дека Косово е во право.

„Треба да се води сметка со специјалните единици, да не се предизвика проблем меѓу Косово и меѓународните пријатели. Албанија е убедена дека единствено решение е дијалогот. До премиерот (Кури) и до Владата е како ќе ја третираат оваа чувствителна ситуација, но ова е и можност да се каже дека е потребен рамноправен дијалог“, рече Рама.

Посетата на Рама следи по поканата што неодамна му ја упати Курти, кога му честиташе за неговиот трет избор за премиер на Албанија.

Црвенковски: Македонија е корумпирана држава

Бранко Црвенковски

Македонија е корумпирана држава, а во корумпирана држава нема еднаквост пред закони, нема фер пазарна економија, нема квалитетно образование, каде што дипломите се заслужуваат, а не се купуваат, нема ни квалитетно здравство, ниту доверба во институции, изјави поранешниот претседател Бранко Црвенковски на свечениот научен собир „Современата македонска држава- две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој: 1941-1991 / 1991-2021 година во МАНУ.

„Во корумпирана држава нема доминантен систем на општествени вредности за да се исчекори напред. Второ, Македонија е внатрешно длабоко конфронтирана и поделена држава, во која партиите не се гледаат како конкуренти, туку како непријатели што треба да се уништат меѓу себе и во која не може да се постигне консензус за ниту едно битно прашање. И трето, Македонија е држава која живее на кредити, а кој живее на кредит, умира на рати. А, каде завршија парите од тие кредити-дали во инфраструктура, во подигање на квалитетот на јавното здравство. Факт е дека голем дел од овие средства отидоа во апсолутно непродуктивни трошоци“, рече Црвеновски.

Според него, корупцијата, длабока поделеност на општеството и голема задолженост се основните проблеми на државата. Тој го повика актуелниот претседател Стево Пендаровски, кој беше советник во претседателски кабинет на Црвеновски да покрене иницијатива за национална платформа, која ќе ги дефинира клучните проблеми и цели на државата, со прецизни рокови за нивно исполнување. До платформата, како што порача Црвенковски, би требало да се придржуваат сите политички субјекти, независно од тоа дали се на власт или во опозиција.

Црвенковски порача и дека треба да се направи разлика меѓу Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија. Тој истакна дека Преспанскиот договор го смета за помало зло, кое затворило едно прашање, додека договорот со Бугарија ја отворил Пандорината кутија.

Брнабиќ: ЕУ не прави ништо по прашањето за Косово

Српската премиерка Ана Брнабиќ

ЕУ во моментов „не прави ништо, или прави многу малку“ по прашањето за Косово, изјави српската премиерка Ана Брнабиќ.

„Немам ништо добро да кажам за однесувањето на Европа, за однесувањето на ЕУ и пред се мислам дека тоа (договорот од Брисел) е прашање на ЕУ. Нивниот потпис е на бриселскиот договор“, изјави Брнабиќ за ТВ Пинк.

Според неа, договорот е јасно прекршен на Косово, бидејќи северот на Косово не смее да има специјални единици на РОСУ, а ниту девет години по тој договор не е формирана Заедницата на српски општини. Таа порача и дека Брисел молчи за кршењето на договорот.

„И тогаш (ЕУ) кажа на еден од состаноците во Њујорк каде што бев, „што би можеле да сториме за да дојде до деескалација? Па, можете да го почитувате својот збор, можете да го направите тоа. За почеток, по речиси девет години, да кажете ,,кога сте гарант на Бриселскиот договор, да ја гарантирате неговата имплементација, а она што во моментов го имаме ќе исчезне за пет минути“, рече Брнабиќ.

Брнабиќ оцени дека разговорот меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг не бил пријатен и дека косовскиот премиер Албин Курти „сонува“ да ги протера Србите од Косово. Според неа, ситуацијата треба да се врати на состојбата пред доаѓањето на специјалните косовски сили на Јариње и потоа да се седне и да се разговара.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG