Достапни линкови

САД - Корупцијата, непотизмот се проблем за инвестициите


илустрација

Во извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во државата за 2020 година се посочува дека во земјата е генерално лесно да се води бизнис, но дека корупцијата во владините тендери и во судството, конфликтот на интереси, непотизмот во јавните тендери остануваат постојан проблем

Во извештајот на Стејт департментот за климата за инвестирање во државата за 2020 година се посочува дека во земјата е генерално лесно да се води бизнис, но дека корупцијата во владините тендери и во судството, конфликтот на интереси, непотизмот во јавните тендери остануваат постојан проблем

За домашните аналитичари најновиот извештај на Стејт департментот за климата за инвестирање во државата е реална слика на состојбата и клучните слабости во државата.

Во владата велат дека секој меѓународен извештај така и извештајот на Стејт Департментот, сериозно се земаат предвид, со сите нотирани забелешки, и тие секогаш се добредојдени во креирањето на владините политики за борба против корупцијата, која е владин приоритет.

„Оваа Влада коренито се зафаќа со решавање на проблемите и веруваме дека и во оваа област, борбата против корупцијата, граѓаните набрзо ќе воочат разлика и поместување кон подобро“, велат во владата.

Во извештајот се констатира дека водењето бизнис е генерално лесно, ама корупцијата останува постојан проблем, но истите пораки ги добивме и од високите американски функционери на неодамнешниот Преспа форум, посочува Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

„Генерално е реална слика на состојбата и галопирачката корупција кај нас која е последица од претходниот систем но очигледно и оваа влада не успева да се справи со тоа, многу практики продолжуваат, дури некои не се ниту свесни од функционерите со што се зафатиле и само го продолжуваат системот на корупција, непотизам, конфликт на интереси, бидејќи така се правело и досега,“ вели Кржаловски.

Според него, извештајот потврдува дека паѓа довербата во сите институции на системот.

„Оваа влада не успеа да испорача најглавната работа со која дојде на власт, а тоа е да го врати владеењето на правото и довербата во институциите на системот. Тие се на многу ниско ниво, особено кај политичките партии што покажува дека не се способни да го сменат тоа, меѓутоа најмногу во делот на судството и додека не се разреши таа ситуација само подлабоко ќе тонеме во овој проблем“, заклучува Кржаловски.

Кржаловски: Владата не се справува со галопирачката корупција
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:23 0:00
Директен линк

Забелешките во овој извештај треба да се сфатат и како предупредување кон надлежните да ги фокусираат напорите кон подобрување на работите во областите судство и јавни набавки, посочува Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации.

„Во делот на забелешките за тендерите и судството навистина има проблеми и ова покажува дека зголемената транспарентност која постои во последно време не е доволна за да се бори против корупцијата и да ги подобри значително работите. Она на што постојано укажуваме е потребата од зајакнување на внатрешните правила и начинот на кој се спроведуваат тендерите во секоја институција, а ана системско ниво да зајакне контролата врз јавните набавки“, изјави Филков.

Дека водењето бизнис е генерално лесно во Северна Македонија, како што се наведува во извештајот, потврдува и економскиот аналитичар Арбен Халили. Имаме низа поволни услови за инвестирање во земјата, но административните тешкотии и корупцијата остануваат црна дамка, посочува тој.

„За тоа да не биде и понатаму дел од нашето економско секојдневие, мора да профункционира правосудството. А за тоа треба да се направи реевалуација на луѓето кои треба да делат правда. Тоа за жал, не сме подготвени да го направиме бидејќи ни треба меѓународна поддршка која ќе креира посебно тело за борба против корупцијата, а тоа ќе значи прочистување на државните институции од луѓе коишто се вмешани во корупција“, изјави Халили.

Во извештајот се наведува дека имало кредибилни обвинувања за корупција во полицијата, судството и многу други сектори, како и дека актуелната Комисија за борба против корупцијата отвори бројни истраги поврзани со корупција, фокусирани на високи официјални лица од политичкиот спектар, за наводни непотизам и конфликт на интереси.

„Чести се извештаите за непотизам на јавните тендери. Владата не обезбедува никаква посебна заштита на невладините организации вклучени во истрагата на корупцијата. Многу бизниси кои работат во Северна Македонија, вклучително и некои американски, ја идентификуваа корупцијата како проблем во владините тендери и во судството“, се наведува меѓудругото во извештајот.

Политичката волја е предуслов во борбата против корупцијата, но најважно е декларативните заложби да се преточат во конкретни активности, заклучуваат нашите соговорници.

Од Стејт департментот посочуваат дека Владата продолжила со големи реформи, во текот на целата 2020 година, за подобрување на судската независност и непристрасност, но дека спроведувањето на договорите и согледуваните нетранспарентни практики за јавни набавки остануваат предизвик за деловните субјекти.

Инаку бројни меѓународни извештаи забележуваат дека владеењето на правото останува клучен предизвик во Северна Македонија, посочувајќи на прекумерно владино, бизнис или политичко мешање во судството и недоволното финансирање и управување со административните судови како големи пречки.

Во извештајот на Стејт департментот, меѓу другото, се додава дека „Транспаренси интернешнл“ ја рангираше Северна Македонија на 111. место од 180 земји, согласно Индексот за перцепција на корупцијата во 2020 година, што е пад од пет места, поради недостаток на владини напори за борба против корупцијата и судирот на интереси во јавната администрација.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG