Достапни линкови

Транспарентноста опаѓа правопропорционално со годините минати на функција


Премиерот Зоран Заев и владини претставници во посета на селото Будинарци, Берово на 7 август годинава, во чија близина има пожар
Премиерот Зоран Заев и владини претставници во посета на селото Будинарци, Берово на 7 август годинава, во чија близина има пожар

Во изминатите три години владата однапред информираше кога и каде ќе летуваат премиерот и дел од министрите. Оваа година соопшти дека премиерот е на одмор три дена подоцна откако веќе се појавија фотографии на социјалните мрежи.

Транспарентноста се намалува правопропорционално со времето поминато на функција. За разлика од минатите години, кога владата однапред објавуваше кога и каде ќе летуваат премиерот и министрите, оваа година, прво осамнаа фотографии на социјалните мрежи, па потоа владата соопшти дека премиерот е на одмор.

По жестоките критики во јавноста дека владиниот врв е на плажа додека низ Македонија беснеат пожари, а помош во гаснењето пристигна од Србија, Бугарија, Словенија, Австрија и Романија, премиерот го прекина одморот и на Фејсбук објави слики од Будинарци, каде што беа најактивните пожари.

Во владата прашавме каде бил премиерот на одмор и зошто, за разлика од претходните години, кога владата однапред објавуваше кога и каде премиерот и министрите ќе го поминат летниот одмор, годинава информацијата беше објавена три деца подоцна, откако веќе се појавија фотографии на социјалните мрежи.

Во владата ни одговорија дека „премиерот користеше претходно планирани и најавени денови од годишен одмор“, но не кажаа каде бил.

„И оваа и претходните години, Владата ги објави информациите за годишните одмори оној момент кога јавноста односно медиумите пројавија интерес за темата“, велат во одговорот од владата.

Александар Цветкоски од невладината организација АГТИС вели дека владата никогаш и не била транспарентна, но под притисок на невладините организации кои учествуваа во Шарената револуција на почеток „фингирале“ транспарентност. Тие глумеа реформи и глумеа транспарентност, вели тој.

„Сето тоа беше ветар и магла, малку со соучесништво на невладините организации. Инаку, никогаш оваа влада, како и претходните, не била транспарентна. Затоа, не зачудува фактот што не јавуваат за работи за кои јавноста треба да знае. Во предизборна година плус специјално се манипулира“, вели Цветкоски.

Премиерот Зоран Заев последен пат се појави на прославата на Илинден на Крушево, од каде што заедно со дел од министрите итно замина за Кочани каде што имаше голем пожар. Во наредните неколку дена избувнаа уште неколку големи пожари, особено во малешевско-пијанечкиот регион, а на помош дојдоа пожарникари и опрема од странство, а владиниот врв го немаше.

Дури на 6 август, владата на Фејсбук информира дека премиерот и дел од членовите на владата од 3 до 12 август се на одмор.

Соопштението беше објавено три часа откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од Заев и министерот за правда Бојан Маричиќ на плажа, а опозициската ВМРО-ДПМНЕ реагира дека „Македонија се соочува со катастрофа, загрозени се села и градови, горат илјадници хектари шуми, загрозени се животи и имоти на граѓаните, а Заев и министрите се на одмор!“.

За разлика од годинава, минатите години за годишниот одмор на премиерот и министрите беше информирано однапред.

На 17 јули минатата година, по завршувањето на изборите, владејачката СДСМ соопшти дека „Претседателот Заев од утре ќе користи неколку денови годишен одмор кој ќе го мине во државата“. Неколку дена подоцна премиерот на Фејсбук објави фотографии од преспанското село Љубојно.

На 10 мај 2019 година, владата соопшти дека „премиерот Зоран Заев во периодот од 10 до 14 мај ќе користи дел од своите слободни денови, заради приватни причини“. Веќе на 22 јули таа година владата објави детално соопштение каде ќе летуваат сите министри.

„Премиерот Зоран Заев дел од годишниот одмор ќе го искористи во деновите после празникот 2 Август, Илинден. Заев и неговото семејство деновите од одморот ќе ги поминат во Охрид и во Грција.

Вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска оваа година ќе биде на годишен одмор од 25 јули до 5 август и ќе замине на активен одмор во Скандинавија.

Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски нема одлучено дали ќе оди и каде би одел, додека заменик претседателот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, само неколку дена од својот одмор ќе ги помине во Грција на почетокот на август“, стоеше во тогашното владино соопштение.

На 5 август 2018 година владата информира дека „премиерот Зоран Заев искористува денови од годишниот одмор за одмор во Охрид. Тогашниот пратеник, а сега генерален секретар на владата Мухамед Зекири на социјалните мрежи објави фотографии од нив двајцата во Охрид. На 8 август 2018, фотографии со премиерот Заев во Охрид објави и тогашниот министер за надворешни работи, а сега вицепремиер за евроинтеграции Никола Димитров.

Сега пак, ова лето 2021, јавноста остана покуса за официјална инфромација каде летуваше премиерот Зоран Заев, кој поради пожарите го прекина одморот.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG