Достапни линкови

Бројчаникот на Триумфалната капија не врти


Триумфалната капија во Скопје и бројчаникот што го плати премиерот Зоран Заев а чија цел беше да брои враќање на украдените пари во буџетот

Враќањето на украдените пари во буџетот беше еден од главните изборни адути на оваа власт на изборите во 2016 година. Пет години подоцна „бројчаникот на Заев“ не покажува колку пари се вратени во буџетот, а власта сега најавува нова стратегија за да го рестартира принципот на казнивост со конфискација на имот.


Само на еден процент од осудените луѓе им била изречена пресуда дека ќе им се конфискува имотот. Парите од конфискуваниот имот стекнат со злоупотреба на службената положба, требаше да го вртат бројчаникот на Триумфална капија во Скопје, но тоа не се случи. Актуелниот премиер Зоран Заев на парламентарните избори во 2016 пред да дојде на власт вети дека бројчаник ќе покажува колку украдени пари се вратени. Пет години подоцна бројчаникот од 7 илјади евра што ги плати премиерот Заев, се уште не работи.

Според податоците на Агенцијата за управување со имот, заклучно со 2019 година конфискуван е имот во вредност од 8,6 милиони евра. Но, тоа не е финална бројка, затоа што продаден бил само дел од одземениот имот со правосилна одлука, па според тоа парите кои се вратиле во буџетот на државата изнесуваат само половина милион евра.

Дарко Аврамовски, еден од авторите на анализата за спроведувањето на мерката конфискација на имот во судски случаи поврзано со корупција вели дека има неколку причини за тоа зашто се состојбите поставени така. Еден од нив е сегашната законска рамка која треба да се унапреди а многу поголем проблем се капацитетите на обвинителствата за финансиски истраги и потоа за барање на мерката за конфискација на имотот.

„На пример јавното обвинителство нема стратегија за воедначен и координиран пристап за спроведување на финансиски истраги, паралелно со кривични истраги, не постојат податоци за тоа колку од финансиските истраги се започнати по кривична постапка, ниту постојат воедначени процедури и постапки на самите обвивинители и истражители во случаите. Побитни би биле ако се донесат такви технички документи и правилници кои би им помогнале во практичната примена на конфискацијата на имот, а такви стратегиски документи треба редовно да се носат“, вели Аврамовски.

Аврамовски: Конфискацијата на имот заглавена во обвинителството
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:52 0:00
Директен линк


Според извештајот на Коалицијата сите за правично судење, конфискација е изречена за помалку од 1 процент од вкупниот број на осудени лица. Според податоците на Основниот кривичен суд Скопје во периодот од 2015 година до октомври 2019 година се изречени само 9 неправосилни и 35 правосилни пресуди со кои е изречена конфискацијата, или во просек на годишно ниво се изречени 10 мерки.

Основната замисла на бројчаникот беше да ги покажува нелегално стекнатите пари на обвинетите поранешни функционери кои ќе се вратат во буџетот по пресуди од предметите на сега веќе поранешното СЈО. Според јавно достапните податоци досега во буџетот пари се вратени од најмалку три предмети на поранешното СЈО. Новинарката Ивона Талеска вратила 27 илјади евра затаен данок. Екс градоначалникот на Општина Центар Владимир Тодоровиќ за оштета на буџетот со проектот за изградба на мостот Око уплатил 443 илјади евра, а одземен е имотот на фирмата Трансмет на Сеад Кочан кој беше осуден за добивање на незаконски тендер од страна на „Електрани на Македонија“. Тој имот не е продаден. Според пресудата, Кочан во буџетот требало да врати 17 милиони евра, колку што нанел штета.

Во меѓувреме Обвинителството му го замрзна имотот на поранешниот генерален секретар на Владата на СДСМ, Драги Рашковски, кој сега е во куќен притвор. Тој е еден од осомничените во истрага за злоупотреба на службената положба при јавни набавки. Обвинителство забрани Рашковски да располага со парите кои се наоѓаат на сметка за која тој има овластување, како и замрзнување на имотот што е на име на неговите две малолетни деца. Со привремените мерки за обезбедување на имотно-правно барање е опфатена и фирма на третоосомничениот во случајот.

Но, на пример на поранешниот премиер Никола Груевски откако побегна во Унгарија, Обвинителството побара од судот да му го замрзнат новооткриениот имот од два станови и плац на Водно од 3.000 метри квадратни, како дел од истрагата на Обвинителството за организиран криминал и корупција во предметот „Плацеви на Водно“. Груевски во јавноста прикажуваше слика дека нема имот и е невработен, нема возило, има заштеда само од плата.

Директорот на финансиката полиција, Арафат Муареми пак, признава дека јавна тајна е дека во Македонија се пријавува само легално стекнатиот имот и тешко е да се истражува незаконски стекнатиот имот кој се запишува на име на роднини, пријатели или соработници. Според него, проблемот го гледа во немањето Закон за потекло на имот.

„Во сегашната регулатива немаме овластувања за да го докажеме инфомациите што ги имаме по кои ќе можеме да делуваме. Но со донесување на закоон за потекло на имот, ќе бидат овластени да може да бараат од лицата да докажат потекло на имот, е тогаш ќе можеме да имаме поволни услови за конфискација на имот “ изјави Муареми по промоцијата на стратегијата за јакнење на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот.

Вицепремиерот Љупчо Николовски најави дека ако пратениците не прават опструкции тогаш до крајот на годинава ќе бидат донесени 250 закони со кои на 1304 институции ќе им биде наложено комплетно да се дигитализираат со што ќе биде исполнет главниот услов за водење на ефикасни финансиски истраги, а со тоа и конфискација на нелегално стекнати имоти.

„Она што триесет години не функционирало, ако сме немале Закон за потекло на имот или ако немаме доволно инструменти во институциите или во моменталното закодавство кои ќе обезбедат неселективна бескурпулозна борба, на крај конфискација на имот, тоа денес го правиме“, изјави тој.

Со Стратегијата власта очекува дека ќе се зајакне оперативната соработка меѓу сите надлежни институции коишто учествуваат во процесот на финансиски истраги и конфискација на имот произлезен од кривични дела, така што ќе се зајакне нивната дигиталната поврзаност и навремена размена на податоци, како и кадровските и институционални капацитети на органите и нивна координација и меѓуресорска соработка во следење на протокот на пари и нивно прикривање и пренесување.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG