Достапни линкови

Вести

Пад на македонската репрезентација на ранг листата на ФИФА

Илустрација

Македонската репрезентација падна за 10 места на денеска објавената ранг-листа на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

Македонија сега е на 72 место.

Тоа е најголем пад на македонската репрезентација во изминатите две години, а следува по трите порази на Европското првенство.

Македонија годинава за првпат играше на Европско првенство. Репрезентацијата ги загуби сите три меча во групата Ц. Македонската репрезентација беше поразена 3-1 од Австрија, 2-1 од Украина и 3-0 од Холандија.

види ги сите денешни вести

Договорено привремено решение за хирурзите во "8-ми Септември"

Илустрација, архивска фотографија

Министерот за здравство Венко Филипче се сретна со хирурзите Градската општа болница „8 Септември“ кои најавија протест за в понеделник поради проблеми во менаџирањето на бооницата. На средбата присуствувал и директорот на болницата д-р Христијан Костов. Министерството за здравство соопшти дека на средбата е донесено привремено решение за проблемот со хируршките сали. Повеќе детали за привременото решение засега во јавност не е соопштено.

На средбата, како што соопшти Министерството за здравство, беа разгледани повеќе аспекти од состојбата, односно во ГОБ „8 Спетември“ во моментов се лекуваат 100 пациенти со Ковид-19, па оттука и редуцираноста на бројот на хируршки одделенија, но сепак со запазување на итни случаи како малигноми и фрактури.

"Тие интервенции се одвиваат тековно. За време на средбата се најде привремено решение за оперативниот програм за следната недела, а во тек на престојните денови министерот со лекарите ќе разговараат и за трајно решение за предизвикот", стои во соопштението.

Хирурзите претходно реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.

Пендаровски и Штајнмајер -отпочнување на македонските пристапни преговори со ЕУ позитивно ќе влијае на регионот

Македонскиот претседател Стево Пендаровски на маргините на 76. Генерално собрание на Обединетите нации, во Њујорк се сретна со германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер. На средбата двајцата претседатели размениле мислења и информации за актуелните состојби во двете држави, се вели во соопштението од Кабинетот на Пендаровски. Во него е посочено дека претседателот Штајнмајер изразил најдлабоко сочувство за трагедијата во тетовската модуларна болница.

„Претседателот Пендаровски упати благодарност до претседателот Штајнмајер за неговите лични напори и ангажман, како и за континуираната германска поддршка за нашата европска интеграција“ се вели во соопштението.

Во тој контекст, соговорниците констатирале дека отпочнување на пристапни преговори на Северна Македонија со Европската Унија позитивно ќе влијае на севкупната општествено-политичка клима кај нас и ќе значи дополнително стабилизирање на состојбите и просперитет на регионот, се посочува во соопштението од претседателскиот кабинет.

Демонстранти бараат ослободување на авганистанските девизни резерви

Стотици демонстранти на улиците во Кабул и неколку други авганистански градови преку протести бараат ослободување на милијарди долари од авганистанските девизни резерви блокирани во странство. Инаку новата талибанска администрација се бори да го спречи продлабочувањето на економската криза.

По колапсот на владата поддржана од Западот минатиот месец, во услови на офанзива на милитантите, многу влади ги замрзнаа средствата и помошта. Таквите мерки неа преземени со цел проценка на новонастаната ситуација со власт предводена од Талибанците. Тоа предизвика влошување на економската ситуација и оставање милиони се борат да си дозволат основни работи.

Засега не е јасно кој ги организира протестите на кои демонстранти со транспаренти на англиски јазик барат ослободување на странските девизни резерви. Талибанците во изминатиов период ги засилија барањата за девизни резерви во странство од над 9 милијарди долари од кои повеќето од нив во САД, да им бидат вратени во Авганистан.

Портпаролот на Талибанците Сухаил Шахин на социјалната мрежа Твитер напиша пост во знак на поддршка на протестот, пишувајќи дека „има итна потреба за одмрзнување на нашите средства за надминување на суровата ситуација со сиромаштија“.

Демонстрантите го насочиле својот гнев кон американските власти, со транспаренти на кои пишувало пароли како „Обичните Авганистанци не треба да ја платат цената за поразот на Америка“.

Талибанците ги обвинија официјалните претставници на соборената влада дека заработиле со милиони долари додека бегале од Кабул.

Во Србија од почетокот на годинава починаа 15 илјади луѓе повеќе од досегашниот 10 годишен просек

Илустрација, ковид амбуланта во Белград

Во Србија бројот на смртни случаи во првите осум месеци од 2021 година е поголем за дури 15.124 во однос на десетгодишниот просечен број на смртни случаи во периодот јануари-август, покажуваат последните статистички податоци.

Според податоците на Републичкиот завод за статистика во Србија од почетокот на годината, заклучно со последниот ден од август, во Србија починале 82.681 лице. Во споредба со истиот период минатата година, кога бројот на смртни случаи беше 70.322.

Во периодот пред избувнувањето на епидемијата на коронавирус, сметајќи од 2010 година, просечниот број на смртни случаи од 1 јануари до 31 август беше 67.557. Најголем број смртни случаи годинава е регистриран во март, кога починале 12.952 луѓе, што е дури 39 проценти повеќе од дестгодишниот просек за тој месец.

Заклучување на избирачкиот список на дневен ред во ДИК

Седница на Државната изборна комисија

ДИК вечер на јавна седница ќе дебатира за заклучување на избирачкиот список за локалните избори закажани на 17 октомври. Избирачкиот список и изводите од него ДИК треба да ги потпише најдоцна до 1 октомври. Како што информираат од ДИК, на вечерашната седница исто така треба да се утврди и изгледот на гласачкото ливче.

Претходно дел од членовите на ДИК најавија дека нема се потпишат на заклучувањето на избирачкиот список поради проблемите кои настанаа со регулирање на гласачкото право на 700 граѓани кои во своите лични карти ја имаат наведено општината Бутел а според територијалната поделба треба да стои Чучер Сандево.

Утврдените листи на кандидати за Локалните избори веќе се објавени како од страна на ДИК , така и од страна на општинските изборни комисии, познати се кандидатите како за градоначалници така и за членови на советите во локалните самоуправи.

Од ДИК посочуваат дека подготовките за изборите се интензивни и дека се работи паралелно на завршување на повеќе активности.

МЗ- 80 отсто од хоспитализираните со ковид 19 се невакцинирани

Илустрација, Модуларна ковид болница во Гостивар

Министерството за здравство соопшти во период од 6 август до 23 септември се евидентирани 32.818 граѓани се позитивни од тестирани на ковид-19. Од нив 22 отсто биле целосно вакцинирани, односно 7248 лица. Според статистика за изминативе недели, 25.570, односно 78 отсто граѓани кои биле позитивни на ковид-19 не биле вакцинирани.

Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 80 отсто, додека 20 отсто од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата на министерството.

Во истиот период од компликации настанати поради ковид-19 починале 1033 лица од кои 888 пациенти од починатите не биле вакцинирани, а само 14 отсто примиле најмалку една доза вакцина.

Иран најави дека „наскоро“ ќе продолжат преговорите за нуклеарен договор

Илустрација, архивска фотографија

Шефот на иранската дипломатија Хосеин Амир-Абдолахијан изјави дека Техеран ќе се врати на преговорите за продолжување на почитувањето на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година „многу скоро“.

Тој говорејќи на маргините на Генералното собрание на ОН во Њујорк ги оцени како „конструктивни“ разговорите меѓу иранските и саудиските власти и рече дека Техеран поднел динамични предлози за постигнување мир во Јемен.

Иран оваа година одржа шест рунди преговори со светските сили во Виена со цел заживување на нуклеарниот договор, кој беше напуштен од поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година. Преговорите беа прекинати во јуни кога тврдокорниот Ебрахим Раиси беше избран за нов ирански претседател.

Вчера висок американски функционер изрази зголемена фрустрација поради недостаток на иранско движење кон разговори за заживување на морбилниот нуклеарен договор со светските сили.

Но, Амир-Абдолахијан се обиде да ја смири загриженоста посочувајќи дека Техеран има намера да ги напушти преговорите.

„Ние не се обидуваме да ја напуштиме преговарачката маса“, изјави тој денеска за официјалната новинска агенција ИРНА .

Изјавата на Амир-Абдолахиан дојде откако Ебрахим Раиси претходно оваа недела на Генералното собрание на ОН изјави дека Иран сака разговори со светските сили за заживување на договорот да доведе до отстранување на сите американски санкции.

Хирурзи во „8-ми Септември“ најавуваат протест од понеделник

Илустрација, архивска фотографија

Десетина хирурзи од Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ најавија протест од понеделник и за тоа со писмо ги известиле министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев. Во информацијата која беше испратена до медиумите е посочено дека од понеделник, 27 септември нема да работат итни операции, туку само животозагрозувачки, во знак на револт од работењето на директорот д-р Христијан Костов.

Хирурзите реагираат дека во болницата секојдневно функционираат само 2 хируршки сали дневно наместо полниот капацитет кој би бил 6 сали во текот на денот и за тоа го обвинуваат директорот Костов.

„Бараме да се овозможат услови во болницата да може истата да им пружи здравствена хируршка заштита на поголем број пациенти чии болести не исчезнуваат поради пандемијата. Од страна на вработените беа понудени неколку решенија за реорганизација на работата за да се постигне поголема ефикасност, но истите или не се стигнати до директорот или истиот не ги спроведува ниту предложува други решенија“, велат хирурзите во писмото.

Болницата е главен Ковид-центар во земјава од почетокот на коронакризата. Лекарите велат дека владее незадоволство од лошата организираност на работата.

Директорот Христијан Костов преку соопштение, вели дека ја разбира потребата за зголемување на бројот на салите за операции, но смета дека тоа за сега не е можно поради ангажирањето на дел од персоналот во ковид-одделенијата и редукцијата на капацитетите во интерес на нивно зголемување за лекување на пациентите со ковид.

„Согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни заради болест, нивниот ангажман во ковид-одделенијата, редуцираниот број хируршки одделенија заради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид-позитивни пациенти во кои е потребен поголем број на медицински персонал, согласно препораките на Министерството за здравство, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури)“, се вели во соопштението од Костов.

Во врска со незадоволството на хирурзите во Градската општа болница „8 Септември“, министерот Филипче во гостувањето на Канал 5 изјави дека намален бил обемот на работа во сите јавни здравствени установи вклучувајќи ја и таа болница, заради тоа што голем дел од кадарот бил во систем на ротација се третираат пациенти со Ковид-19.

Тој посочи дека разговарал со директорот на ГОБ „Септември“ и дека ги искомуницирале лекарите кај кои има незадоволство заради начинот на работа.
„Дефинитивно има механизми сето тоа да се измени. Во текот на денешниот ден ги очекувам на состанок за да ги решиме сите проблеми. Верувам дека сето тоа ќе се реши и нзадоволството ќе спласне“, изјави Филипче.

Петти ден блокади на граничните премините Јариње и Брњак

Косовска полиција на барикадите на граничниот премин Брњак

Граничните премини Јариње и Брњак на северот од Косово веќе петти ден се блокирани со паркирани товарни возила од локалните жители Срби со што можно само пешки да се помине границата. На двете страни на преминот и натаму стојат претставници на Специјалната полициска единица на Косово.

Ова се случува поради одлуката на косовските власти да се воведат пробни регистарски таблички. Договорот за слобода на движење меѓу Косово и Србија беше постигнат во 2011 година. Според договорот, укинати се српските таблички со ознаки на градовите во Косово, како што се ПР (Приштина), ГЛ (Гњилане) К.М. (Косовска Митровица), односно овие возила требаше да бидат пререгистрирани во РКС или КС.


Портпаролот на косовската полиција Баки Келани изјави за Радио Слободна Европа дека и четвртата ноќ од барикадите помина мирно, и дека и денеска петти ден од барикадите ситуацијата на граничните премини е мирна.

Тензии на граничните премини на северот на Косово
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:16 0:00

Претходно косовската полиција негираше дека нејзини припадници претепале тројца Срби во близина на преминот Брњак. Косовската полиција во соопштението вели дека информациите се неточни и имаат за цел „да ја дезинформираат јавноста, да ја направат ситуацијата небезбедна за граѓаните и да исполнат различни политички амбиции надвор од Косово“.

Од октомври нова мерка со која ќе може да функционираат само целосно вакцинирани граѓани

Од средината на октомври ќе има мерка со која ќе може да функционираат само целосно вакцинирани граѓани, изјави министерот за здравство Венко Филипче во гостување на Канал 5 телевизија. Засега нови рестриктивни мерки или некои препораки нема да има освен тоа што сега е како критериум за влез на настани, угостителски објекти и се бара најмалку една доза вакцина.

„Тоа што сега следиме и според што се водиме се препораки на меѓународни тела, искуства од некои други земји од Западна Европа, САД, Канада итн. и тука се јасни препораките дека постарите граѓани, тие кои сакаме да ги заштитиме затоа што тие имаат и најголем број хронични болести се таа категорија граѓани кои после шест месеци од примена втора доза вакцина ќе можат да примат трета вакцина, изјави Филипче.

Тој посочи дека повеќе студии во светот укажуваат на тоа дека значајно се зголемува ефикасноста односно дека е на некој начин буст на имунитетот кога ќе се прими и трета доза.

„Затоа сега почнуваме со граѓаните постари од 60 години, понатаму сите здравствени работници без оглед на возраста, а тоа е така поради тоа што тие се најмногу изложени на ризик да заболат и без оглед на возраста и пациентите кои имаат некаква форма на имунокомпромитација“, рече Филипче.

Целта е, појасни министерот, да имаме што поголем процент на опфат со вакцинација кај нашето население, кое сега е околу 37 проценти на тоталната популација.

Над 86 проценти од сите новодијагностицирани, тие пациенти кои се во болница се невакцинирани. Огромен број смртни случаи се кај невакцинираните. Граѓаните мора да сфатат дека ова е единствениот начин да ги нормализираме животите, да се растовари здравствениот систем, а тие да го заштитат своето здравје, истакна Филипче.

Брнз-САД ќе се вклучи во разговорите за деблокада на евроинтеграциите

Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнз

Американската амбасадорка во Скопје Кејт Мери Брнз денеска изјави дека САД ќе се вклучат во разговорите за деблокада на евроинтегративниот процес. Таа на денешниот настан со вицепремиерот Никола Димитров за потпишување на Меморандумот за трилатералниот проект за унапредување на дигитализацијата во Северна Македонија истакна дека ја гледа македонската иднина во ЕУ.

Брнз денеска на новинарски прашања ја дообјасни изјавата на новиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар за Радио Слободна Европа дека постојат и други начини да се надмине проблемот без да се блокира европската интеграција на земјата.

„Би рекла дека заменикот-помошник Државен секретар, Габриел Ескобар, ја повтори американската политика за долгорочна вредност. Ние ја гледаме македонската иднина во ЕУ и ја потврдуваме важноста на разрешување на прашањето и се надеваме дека процесот ќе продолжи до крајот на годината. Продолжуваме со разговор со сите партнери, имаме разговор со владата овде во Скопје, разговори со соседните земји и низ цела Европа за да направиме се што можеме за да го поддржиме процесот да се придвижува напред. САД ќе се вклучи во ова прашање и во разговорите зашто сите ја делиме истата визија, Северна Македонија да го заземе заслуженото место во ЕУ и се надеваме дека тоа ќе биде бргу“, изјави денеска Брнз.

Пријавени 18 починати и 525 новозаразени со ковид-19

Илустрација

Во изминатото деноноќие се евидентирани вкупно 18 починати лица и нови 525 случаи на заразени со ковид-19 од 3858 направени тестирања. Пријавени се 18 починати лица, од кои 12 во изминатото деноноќие, а шест според Регистарот на умрени со дијагноза ковид-19 од „Мој Термин“ починале во период од 22 август до 19 септември 2021, но се завдени во денешниот билтен. Во новиот билтен се евидентирани и 449 оздравени пациенти, информира Министерството за здравство.

Во текот на изминатите 24 часа починале 12 лица – тројца од Скопје, по две починати лица од Куманово и Тетово и по едно починато лице од Прилеп, Демир Хисар, Кичево, Штип и Делчево.

Сите пријавени лица се починати во болнички услови. Од шесте починати кои влегуваат во денешниот билтен, а умреле во текот на изминатиот месец едно лице е починато во болнички услови, а останатите пет во домашни услови. Најмладиот починат имал 38 години, додека најстариот имал 84 години.

Од почетокот на епидемијата во земјава бројот на ковид-дијагностицирани достигна 189159 од 1 269 370 тестирања. Оздравеле 170 395, починати се 6557 луѓе, а активни случаи има 12 207.

Тие што не се попишале ќе можат тоа да сторат на одредени локации во својата општина

Илустрација, Попис 2021

Државниот завод за статистика од утре ќе им овозможи на граѓаните да можат да отидат на одредни локации во нивните општини и да ја завршат својата граѓанска и законска должност, со цел никој да не биде пропуштен во пописот, соопшти на денешната прес-конференција Јасмина Ѓоргиева од заводот за статистика.

Оваа можност се однесува на оние граѓани кои поради некоја причина не успеале во изминатите 20 дена да остварат контакт со попишувачот, односно попишувачот не ги нашол дома или не стапил со нив во контакт.

Тие граѓани ќе можат да појдат на неколку локации во нивните општини и да се попишат. Локациите ќе бидат објавени на веб страницата на заводот за статистика наменета исклучиво за пописот.

Ѓоргиева информира дека сега се влегува во последна фаза од пописните активности на терен, кога се привршуваат сите активности што се спроведуваа последните 20 дена.

„Тоа е и целта на пописот. Никој да не биде испуштен, односно да биде офатено целото население кое живее на територија на Република Северна Македонија“, изјави Ѓоргиева.

Пописот трае до четврток, 30 септември, а попишувачите работат на терен, од 8 до 20 часот.

Кривична пријава за опозицискиот градоначалник на општина Петровец

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Досегашниот градоначалник и кандидат за втор мандат на општина Петровец Борче Митевски од ВМРО-ДПМНЕ е осомничен за злоупотреба на службената положба и перење пари. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднела кривична пријава против пет физички и правни лица за злоупотреба на службена должност, перење пари и злоупотреба на постапката за јавни набавки во општина Петровец.

На прес конференција овој случај го опишаа вицепремирот Љупчо Николовски и директорот на Финансиската полиција Арафат Муареми. Според информациите кои ги соопштија криминалата шема ја пријавил вицепремиерот за борба против корупцијата кој добил анонимна претставка за сомневање за злоупотреба на службената положба, по што целата документација во јуни ја испратил до до Управата за финансиска полиција и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Кривичната пријава до обвинителството ја поднесе финансиската полиција која истражувала како од 2102-та до 2018-та градоначалникот потпишал 24 фиктивни фактури во вредност од половина милион евра на фирмите чијшто вистински сопственик е неговиот брат.

Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, информираше дека до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција поднеле кривични пријави против пет физички и три правни лица.

„Третопријавенот во својство на инжинер на надзор, четвртопријавенот во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект „СМ-БА“ ДОО и овластен потписник на банкарските сметки на пријавениот правен субјект „Чолак топ“ ДОО Батиници и петопријавениот, во својство на управител на пријавениот правен субјект „Аце транс компани“ ДОО Скопје“, појасни Муареми.

Против овие лица, посочи Муареми, постојат основи за сторени кривичи дела за „злоупотреба на службената положба и должност“, „поттикнување злоупотреба на службената положба“, „злоупотреба на постапка за јавно приватно партнерство“, „помагање“ и „перење пари и други приноси“.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата.

„Министерот за корупција Љупчо Николовски организира политички прогон против кандидат за градоначалник на опозицијата во изборни цели, злоупотребувајќи ист предмет за кој што Јавното обвинителство за организиран криминал водено од Вилма Русковска уште во период 2017-2018 година го има истражено, и констатира дека нема криминал и за тој случај нема постапка“ се вели во соопштението.

Русковска - Наскоро обвинение за Рашковски

Во него е посочено дека Николовски во својство на генерален секретар на СДСМ организира политички прогон за предмет кој е одбиен од Обвинителство со што при распишани избори и потврдени кандидатури, прави притисок во функционирањето на општината и на градоначалникот, и поднесува кривични пријави за предмет за којшто Русковска пред четири години потврдила дека нема дело.

Николовски на новинарско прашање на прес-конференцијата отфрли политички реваншизам во случајот.

„ Прво нити го знам човекот, нити ги знам луѓето, и тоа е доказ дека за отворено и траспарентно и неселективно постапување“ одговори Николовски.

Од владејачката СДСМ во писмена реакција посочуваат дека кандидатите на Христијан Мицкоски за градоначалници не можат да понудат ништо освен деструкција и враќање на режимот. Во соопштението е наведено дека најголем дел од нив се луѓе на Никола Груевски, луѓе кои се обвинети за кривични дела кои, како што се посочува, Мицкоски лажно ги претставува како чесни и нови лица.

„Меѓу нив е и актуелниот градоначалник и кандидат на Мицкоски за општина Петровец, против кого денеска е поднесена кривична пријава за злоупотреба на службената положба и за перење пари. Но, ова не е единствен пример за криминално однесување на кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски за градоначалници“, се вели во партиското соопштение.

ЕУ осуди сајбер напади поврзани со Русија

Илустрација, архивска фотографија, еврокомесарот Жозеп Борел и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров



Европската унија ја повика Русија да се придржува кон нормите за „одговорно државно однесување“, откако кампања за сајбер напади беше насочена кон голем број на земји членки.

„Некои земји членки забележаа малициозни сајбер активности, колективно означени како „Ghostwriter“ и ги поврзаа истите со руската држава“, изјави денеска во име на Блокот високиот претставник за надворешна политика на ЕУ Жозеп Борел.

„Ваквите активности се неприфатливи, бидејќи се со цел да се загрозат нашиот интегритет и безбедност, демократските вредности и принципи и основното функционирање на нашите демократии“, рече тој.

Изјавата доаѓа откако германскиот јавен обвинител претходно овој месец отвори истраги за голем број неодамнешни сајбер-напади насочени кон германски политичари. За овие напади германското Министерство за надворешни работи ја обвини Москва.

ЕУ загрижена за односот на Москва спрема опозицијата, НВО и медиумите

Русија ги отфрли обвинувањата, што се случија пред парламентарните избори во Германија на 26 септември.

Според Борел, цел на сајбер-кампањата „Ghostwriter“ се „бројни членови на парламенти, владини претставници, политичари, членови на печатот и граѓанското општество во ЕУ“, со тоа што хакерите „пристапуваат до компјутерски системи, лични сметки и крадат податоци“.

Тој рече дека ЕУ и нејзините земји членки „силно ги осудуваат“ овие активности и предупреди дека блокот „ќе размисли за преземање понатамошни чекори“.

Борел не даде повеќе детали.

Фон дер Лајен во Скопје ќе разговара за спорот со Бугарија

Претседателкат на Европската комисија Урсула фон дел Лајен.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен следната недела во Скопје ќе разговара и за спорот со Бугарија, потврди портпаролот на ЕК Ерик Мамер.

Мамер не даде повеќе детали, но рече дека прашањата ќе бидат одговорени на прес-конференциите кои ќе се одржат во регионот.

Бугарија од крајот на 2019 година го блокира почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и одржувањето на првата меѓувладина конференција.

Двете земји во 2017 година потпишаа Договор за добрососедство, но претставници на двете земји периодов меѓусебно се обвинуваат за прекршување на спогодбата.

Фон дер Лајен од 28 до 30 септември ќе ги посети шесте земји од Западен Балкан, почнувајќи од Албанија и Северна Македонија.

Мамер, зборувајќи за македонско-бугарскиот спор, изјави дека Фон дер Лајен оди на Западен Балкан за да ја потврди посветеноста на ЕУ кон регионот.

„Ова се партнери на ЕУ со кои имаме силни врски и посетата ќе биде прилика да се разговара за овие односи, вклучително и тоа билатерално прашање“, рече Мамер, јавува МИА.

Инаку, посетата на Фон дер Лајен ќе се случи една недела пред одржувањето на Самитот ЕУ - Западен Балкан кој ќе се одржи на 6 октомври во Словенија.

Вулин: Србија не преговара со пиштол вперен во чело

На 21 септември 2021 година, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин ја посети Специјалната полициска единица во Краљево, која се наоѓа на 80 километри од косовската граница.

Доколку Приштина сака разговори со Белград, прво треба да ги повлече единиците на Росо од северот на Косово, бидејќи Србија „не преговара со пиштол вперен во челото“, изјави српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин.

Тој рече дека Србија сака мир на Косово, но дека „српската жандармерија ќе ја исполни секоја наредба на претседателот Вучиќ“, се наведува во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Србија.

„Жандармеријата е подготвена, обучена, технички опремена, но што е најважно високо мотивирана да ги брани своите луѓе каде и да е потребно“, додаде Вулин.

Вулин изјави дека силна Србија е гарант за безбедноста на Србите во Косово и дека никогаш повеќе нема да се повтори погромот на Србите од март 2004 година.

„Како што рече претседателот на Србија, Александар Вучиќ, новиот мартовски погром, колони бегалци да бегаат од камата и јамата, пред силата, и Србија да гледа кон небото и да молчи, никогаш повеќе нема да се случи “, рече Вулин гостувајќи на ТВ Пинк.

Коментирајќи го повикот на Европската унија (ЕУ) двете страни да ја намалат тензијата, Вулин посочи дека Бриселскиот договор е флагрантно прекршен и нагласи дека суштинското прашање е дали зборот ЕУ има некаква тежина и дали вреди за ништо.

„Каде е зборот ЕУ? ЕУ вреди исто колку и нејзиниот потпис. Каде е Унијата на српски општини? Чекаме девет години да го почитуваат нивниот потпис“, рече Вулин додавајќи дека доколку договорот од Брисел не важи, тогаш не е валиден во целост.

Два премини на северот на Косово (Јариње и Брњак) и патиштата што водат кон нив пет дена беа блокирани од косовските Срби поради одлуката на косовските власти во понеделникот да воведат тест таблички за српските регистарски таблички, но и започна со одземање на табличките со градовите на Косово, издадени од српското Министерство за внатрешни работи.

ЕУ во средата на 22-ри септември повика на итна деескалација на северот на Косово. Мора да се избегнат сите провокации и еднострани дејствија, бидејќи тие би биле директно спротивни на интересите на луѓето во регионот.

Ова го соопшти високиот претставник на Унијата за надворешна политика и безбедност Жезеп Борел, во врска со ситуацијата на Косово.

Тој посочи дека сите претходни договори меѓу Белград и Приштина во дијалогот, со посредство на ЕУ, остануваат валидни и обврзувачки за двете страни.

Уапсени 28 лица во Индија под сомнение за групно силување на тинејџерка

Студентки во Индија на тивок протестен марш против силувањето на жени во земјата. Илустративна фотографија.

Индиските власти истражуваат случај во кој 15-годишно девојче постојано било силувано во период од околу девет месеци, објавија локалните медиуми, пренесува Би-Би-Си.

Полицијата во Мумбаи уапси 28 лица поврзани со силувањата што започнале во јануари.

Наводно сѐ започнало кога нејзиното момче ја силувало и снимило сѐ.

Тој и неговите пријатели наводно ги користеле снимките за да ја уценуваат во наведениот временски период. Имало и групни силувања во различни предградија на Мумбаи, вклучително Домбивили, Бадлапур, Мурбад и Рабале.

15-годишното девојче во средата навечер по локално време пријавило во полиција.

Индискиот НДТВ јавува дека именувал вкупно 33 напаѓачи и дека ги знае скоро сите.

По ужасниот случај на групно силување во автобус во 2012 година, Индија воведе строги закони за решавање на злосторства од сексуална природа.

Сепак, и покрај зголеменото внимание, тие остануваат сериозен проблем.

Минатата година беа регистрирани 28.046 случаи на силување, што е речиси 77 случаи на ден.

Загинаа петмина алпинисти во виулица на руската планина Елбрус

РУСИЈА - Членови на руското Министерство за вонредни состојби спроведоа спасувачка операција откако група алпинисти заглавија при искачување на планината Елбрус, во Република Кабардино-Балкарија. 23 септември 2021 година.

Пет алпинисти загинаа откако беа фатени во снежна бура додека биле на највисоката планина во Европа, руската планина Елбрус.

Четиринаесет други членови на групата беа спасени при силен ветер и ниска видливост во услови на температури од минус 20 Целзиусови степени, соопшти денеска Министерството за вонредни состојби.

Единаесет од преживеаните се пренесени во болница.

Инцидентот на 23 септември се случи кога 19-те алпинисти биле на надморска височина од над 5.000 метри.

Највисокиот врв на планината Елбрус во рускиот северен Кавказ, достигнува 5.642 метри.

Групата алпинисти дојде од 11 региони на Русија, објави Интерфакс.

Компанијата што го организираше искачувањето соопшти дека имало четири професионални водичи кои ја придружувале групата.

Еден од алпинистите не се чувствувал добро и се вратил назад со еден од водичите, додека остатокот од групата продолжил кон врвот, велат од компанијата.

Бурата ги зафатила алпинистите при нивното спуштање, а еден од нив скршил нога, што дополнително ја забавило групата.

Двајца алпинисти замрзнале до смрт, а двајца други изгубиле свест и починале додека биле симнувани од планината, според компанијата, која наведува дека водичите и некои од учесниците претрпеле смрзнатини.

Убиецот на Џорџ Флојд поднесе жалба на пресудата

Дерек Шовин за време на изрекувањето на пресудата во Минеаполис, Минесота, САД. 25 јуни 2021 година.

Поранешниот американски полицаец Дерек Шовин поднесе жалба против пресудата донесена за убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во 2020 година.

Според судските документи објавени во четвртокот на 23 септември, Шовин поднел жалба по 14 точки од пресудата изречена на 25 јуни во Минесота.

Тој тврди дека судечкиот судија го злоупотребил своето дискреционо право во неколку клучни точки на случајот, вклучително и одбивање на барање за одложување или преместување на рочиштето од Минеаполис поради публицитет пред судењето.

Тој посебно се жали дека судијата не наредил изолација на поротниците за време на судењето и побарал од Врховниот суд да ја преиспита претходната одлука со која му се одбива адвокат финансиран од јавни средства.

На 45-годишниот Шовин му беа дадени 90 дена од денот кога беше осуден на 25 јуни за да поднесе жалба на пресудата. Тој беше прогласен за виновен за убиство од втор степен и за друго обвинение, а доживотно му беше забрането да поседува огнено оружје. Исто така, му беше кажано да се регистрира како предаторски криминалец.

Бруталното убиство на Џорџ Флојд за време на рутинско улично апсење во Минеаполис беше поттик за протести низ Америка и низ целиот свет против полициската бруталност и расна нееднаквост во Соединетите држави.

Флојд беше убиен на 25 мај 2020 година при апсење, кога Шовин го притискаше со коленото на вратот девет минути и 29 секунди.

Шовин претходно беше прогласен за виновен по сите точки од обвинението. Одлуката беше донесена на 20 април од страна на 12 членови на поротата, откако го разгледаа исказот на 45 сведоци, вклучително и сведочења на очевидци, полицајци и експерти, со часовни видео докази.

Шовин се бранеше од слободата, а откако беше прогласен за виновен во април, кауцијата му беше укината и определен притвор.

Објаснувајќи ја одлуката, судијата рече дека казната од 22 и пол години затвор ја одразува „посебната суровост“ на убиството.

САД: Напаѓач во супермаркет уби едно лице, а рани 12

Тенеси е една од неколкуте држави што ги ублажи ограничувањата за купување оружје претходно оваа година. (Фото: Местотот на пукањето, пред супермаркетот Крогер во предградието Мемфис, Тенеси, САД. 23 септември 2021 година.)

Едно лице е убиено, а 12 се повредени во масовна престрелка во супермаркетот Крогер во американската сојузна држава Тенеси, потврди полицијата.

Нападот се случи во четвртокот попладне на 23 септември, во Колиервил, 56 километри источно од градот Мемфис, а полицајците од соседните окрузи пристигнаа во продавницата Крогер за да помогнат во истрагата.

Напаѓачот потоа бил пронајден мртов на местото на настанот, а постои сомневање дека извршил самоубиство нанесувајќи си прострелна рана.

„Моето срце е скршено што морам да застанам пред вас. Тоа е најстрашниот настан што се случил во историјата на овој град“, изјави на прес -конференција началникот на полицијата во Колирвил, Дејл Лејн, по пукањето.

Возилото за кое се верува дека припаѓа на напаѓачот се уште е на паркингот, рече Лејн. Тој додаде дека инспекторите чекаат дополнителна опрема за безбедно прегледување на автомобилот.

Лејн рече дека во супермаркетот имало 44 вработени и неопределен број на купувачи, пишува Ројтерс. Некои ранети луѓе претрпеа многу сериозни повреди.

„Најдовме луѓе кои се криеја во замрзнувачи и во заклучени канцеларии. Тие трчаа, се криеја, се бореа", рече Лејн истакнувајќи дека еден вработен бил спасен од покривот на зградата од страна на полицијата.

Полицијата не го идентификуваше напаѓачот, ниту даде информации за какви било можни мотиви. Се проверуваат наводите дека напаѓачот можеби бил вработен во Крогер.

Ова не е прво масовно пукање во продавница оваа година во САД.

Во март, маж нападна луѓе во супермаркет во Болдер, Колорадо, при што загинаа 10 лица, вклучително и полицаец.

Тенеси е една од неколкуте држави што ги ублажи ограничувањата за купување оружје претходно оваа година.

Според најновото правило потпишано од републиканскиот гувернер, на повеќето возрасни лица над 21 година им е овозможено да носат пиштоли без да минат низ проверка.

Менаџер на руската компанија за гас „Новатек“ уапсен во САД

Архива: Извршниот директор на Новатек, Марк Гетвеј присуствува на Форумот Русија во 2012 година во Москва. 3 февруари 2012 година.

Висок менаџер на рускиот производител на природен гас Новатек е уапсен во САД под обвинение за затајување данок поврзан со офшор банкарски сметки, на кои наводно се држат десетици милиони долари.

Одделот за правда на 23 септември соопшти дека Марк Гетвеј бил уапсен откако еден ден претходно бил обвинет од федералното големо жири во Флорида.

Новатек е најголемиот независен производител на природен гас во Русија. Гетвеј служеше како заштитно лице на компанијата за западните инвеститори, а на интернет страницата на компанијата е наведен како заменик-претседател на управниот одбор.

Гетвеј е обвинет дека ги измамил Соединетите држави со тоа што ја сокрил сопственоста на офшор средствата и не платил данок за милиони долари приход.

Како дел од неговиот компензациски пакет како главен финансиски директор на Новатек од 2003 до 2014 година, Гетвеј наводно добил опции за акции или друг вид на надомест базиран на акции.

Почнувајќи од 2005 година, Гетвеј наводно отворил сметки во швајцарски банки, кои во еден момент имале вкупна вредност над 93 милиони долари, соопшти американското Министерство за правда.

Новатек не одговори на барањето на Радио Слободна Европа за коментар. Гетвеј требаше да се појави на суд на 23 септември. Доколку биде прогласен за виновен, му се заканува децениска затворска казна.

Северна Кореја: Рано е да се прогласи крај на Корејската војна

Конфликтот во Корејската војна траеше три години и заврши во 1953 година со примирје, а не со мировен договор.

Повикот на Јужна Кореја официјално се да прогласи крај на Корејската војна е преран, бидејќи не постои гаранција дека тоа ќе доведе до повлекување на „американската непријателска политика“ кон Пјонгјанг, објави севернокорејскиот државен медиум КЦНА цитирајќи го министерот за надворешни работи Ри Тае Сонг.

Јужнокорејскиот претседател Мун Џае-ин во вторникот го повтори повикот за официјално завршување на Корејската војна во обраќањето пред Генералното собрание на Обединетите нации и предложи двете Кореи да направат декларација заедно со САД и Кина.

Јужна и Северна Кореја технички се уште се во војна, откако конфликтот меѓу нив кој траеше од 1950 до 1953 година заврши со примирје, а не со мировен договор.

„Ништо нема да се промени се додека политичките околности околу ДНРК останат непроменети, како и американската непријателска политика, иако крајот на војната е прогласен стотици пати“, рече Ри за КЦНА користејќи го официјалното име на Северна Кореја: Демократска Народна Република Кореја.

„Главниот приоритет за стабилизирање на ситуацијата на Корејскиот Полуостров и обезбедување мир на него е повлекување на непријателската политика и политиката на двојни стандарди на Соединетите држави.“

Во обраќањето во вторникот на Генералното собрание на ОН, американскиот претседател Џо Бајден изјави дека САД сакаат „трајна дипломатија“ за решавање на кризата околу нуклеарната и балистичката ракетна програма на Северна Кореја.

Северна Кореја ги отфрли американските напори за дијалог, а шефот на агенцијата за атомски надзор на ОН оваа недела изјави дека нуклеарната програма на Пјонгјанг е „со полна брзина“.

Северна и Јужна Кореја тестираа балистички ракети истрелани минатата недела, што е еден од најновите потези во трката за вооружување во која двете земји имаат развиено се пософистицирано оружје, во услови на неуспешни напори да започнат разговори за смирување на тензиите.

Ердоган: Работев добро со Буш, Обама и Трамп, но не и со Бајден

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на обраќањето на 76 -та сесија на Генералното собрание на ОН во Њујорк, 21 септември 2021 година

Работев добро со Џорџ Буш, Барак Обама и Доналд Трамп, но не можам да кажам дека започнавме добро со Џо Бајден, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, изразувајќи незадоволство од актуелниот американски претседател. „По 19 години на функцијата, не можам да кажам дека постигнавме добра позиција со САД. Тие треба да разберат дека Турција нема да отстапи од договорот за С-400“, вели Ердоган, осврнувајќи се врз рускиот систем за противракетна одбрана, што доведе до конфликт меѓу Турција и САД.

Европа стравува од нова бегалска криза

Запрашан за односот на Турција кон неодамнешните настани во Авганистан, Ердоган го истакна „неуспехот и рамнодушноста на САД кон ситуацијата“. Тој наведе дека САД ја донеле својата одлука без да се консултираат со Турција и затоа не можат да очекуваат дека Турција ќе ја плати цената „за нивното неодговорно однесување“. „САД не можат да ни кажат: ‘отворете ги вратите и пуштете го авганистанскиот народ да влезе во Турција’. Тука САД мора да ја платат цената. САД мора да преземат чекори во овој поглед”, додаде турскиот претседател.

Европскиот регулатор ќе решава за третата доза на вакцината против ковид-19

вакцината Фајзер

Европската агенција за лекови ЕМА објави дека во почетокот на октомври ќе решава дали ќе одобри употреба на третата доза на вакцината Фајзер против ковид-19 за населението на возраст над 16 години. Во исто време, Агенцијата ќе одлучи дали да им се дава дополнителна доза на Фајзер и Модерна на луѓе со слаб имунолошки систем, изјави за новинарите Марко Кавалери, кој е задолжен за стратегијата за вакцинација во европската агенција.

И во Македонија трета доза вакцина против ковид, но не за сите

Кавалиери рече дека заштитата од ковид-19 има тенденција да се намалува во месеците по првите дози. Затоа, ЕМА го разгледува барањето на Фајзер за употреба на третата доза најмалку шест месеци по втората за лица постари од 16 години.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG