Достапни линкови

Вести

Поделени 30 илјади картички за патарина на српските државјани

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше денеска дека повеќе од 30 илјади картички им се поделени на српските државјани кои транзитираат низ земјава и со кои бесплатно ги поминуваат патарините. Тој нагласи дека тоа е добар гест на пријателство и соработка. Владата донесе одлука да не им се наплатат патарините на српските државјани како знак на благодарност за она што го направи Владата на Србија за вакцинација на македонските граѓани.

Во однос на системот One stop shop, Спасовски посочи дека според најавите овој систем ќе се унапредува, бидејќи договорот предвидува контрола и на македонската и на српската полиција

„Се прават анализи за да може да се воспостави правна рамка за да има само една контрола на излез и на влез. Во оваа прва фаза има подобрување, но не е она што можеме до крај да го очекуваме, затоа сме со постојана комуникација со МВР на Србија за да можеме овие би рекол негативности што се појавуваат да ги отстраниме и да имаме подобар проток на лица и на стоки генерално“, изјави министерот Спасовски, кој денеска заедно со претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска го посетија граничниот премин Табановце во рамки на кампањата ,,Вози одморен“.

Според него, за проектот се разговара и со другите држави од опкружувањето, со цел, во регионот да има подобро движење.

види ги сите денешни вести

Над 400 повредени во пожарите во Турција, шест загинати

Пожар во Анталија

Бројот на повредени во шумските пожари во јужна Турција надмина 400 лица, изјави шефот на републичкото Министерство за здравство, Фахретин Коџа.
Претходно, беше соопштено дека шест лица загинаа, а 185 биле повредени во пожарите.

„Во моментов имаме 410 лица повредени во пожарите. 400 луѓе се отпуштени од болница, 10 се хоспитализирани”, напиша Коџа на Твитер.

Речиси сите 98 шумски пожари во Турција се локализирани, изјави претходно министерот за земјоделство Бекир Пакдемирли. Десет пожари продолжуваат да горат во регионите Анталија, Ајдин, Муглу и Османије.

Поради Ковид19 Јапонија прогласи вонредна состојба во три региони околу Токио

Јапонија- жена со заштитна маска поминува прокрај логото за Олипмиските игри

Во три региони во близина на Токио Јапонија прогласи вонредна состојба поради порастот на новозаразени со Ковид19 што може да фрли сенка на Олимписките игри кои се одржуваат во јапонскиот главен град. Новите вонредни мерки се усвоени вчера откако во Токио се регистрирани 3300 новозаразени со коронавирусот меѓу кои и 17 луѓе кои се поврзани со Олимписките игри кои, пак, се одржуваат една година подоцна поради ланската пандемија.

Иако Јапонија одбегна големо избувнување на коронавирусот Токио е ставен под вонредни околности од четвртти степен поради стравувањата дека илјадници спортисти кои се движат низ градот може да го зголемат бројот на заболени и со тоа да се подријат напорите на здравствените власти за борба со Делта сојот кој е многу заразен.

Властите негираат дека Олимпијадата влијае на кој било начин врз бројот на заразени со Ковид19. Од први јули досега вкупно 225 луѓе акредитирани на Олимписките игри беа позитивни на коронавирусот.

За 45 отсто повисок број заразени со Ковид19 во Словенија

ПЦР тестирање за Ковид19

Поради забрзаното ширење на позаразната делта варијанта на коронавирусот, бројот на новозаразени во Словенија оваа недела е за 45 отсто поголем од претходната и највисок во последните седум недели.

Во последните 24 часа тестирани се 1.673 граѓани на Словенија, од кои 135 се позитивни, т.е. 8,1 проценти, што е за цел процент повеќе од претходниот ден, пренесува агенцијата СТА.

Динамиката на заразување во период од две недели во моментов изнесува 48 случаи на 100.000 жители, а бројот на активни случаи во Словенија денеска е 1.044, се вели во соопштението на Националниот институт за јавно здравје.

Заев: прагот од два отсто за независните кандидати ќе биде намален

Премиерот Зоран Заев

Секако дека не се плашиме од независни листи рече денеска премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања поврзани со предлог измените на Изборниот законик кои се во собраниска процедура и во нив се предвидува за независните кандидати да може да учествуваат на избори да мора да соберат потписи од два отсто од гласачите запишани во општинскиот избирачки список. Тој најави дека тие предлог измени ќе бидат тргнати од предложените законски измени.

„Вчера поминав цел дел во парламентот и ги слушнав пратениците буквално од сите пратенички групи, укажувањата од стручната јавност се прифатливи и верувам дека веќе е изнајдено решение. Изборниот законик ќе биде согласно укажувањата кои стигнаа и од експертската јавност, но и од помалубројните партии заради тоа што тие оценија дека не е коректно поголемите партии да го определуваат прагот за неопходен број собрани потписи за поднесување на независните листи. Видов дека има амбиент и ќе биде намален прагот од два отсто, веројатно на еден отсто или можеби и укинат. Како ќе одлучат пратениците, јас како политичар тоа ќе го поддржам“, рече Заев.

Претседателот Стево Пендаровски вчера брифираше дека нема да ги потпише измените на Изборниот законик во сегашната форма, пред сè поради двата проценти праг наменети за независни кандидати на претстојните локални избори, кои треба да се одржат на 17 октомври.

Според вака предложените измени кои се во собраниска процШедура на пример ако на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишано 461 312 гласачи би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9,226 потписи, а според постојните правила за ваков потег досега беа потребни 1000 потписи

Русија ќе и испрати помош на Турција за пожарите

Пожар во турските одморалишта во Анталија

Русија ќе ѝ испрати на Турција пет авиони и три хеликоптери за да помогнат во гаснењето на пожарите што беснеат во земјата, јави Агенција Анадолија (АА).
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска оствари телефонски разговор со својот руски колега Владимир Путин, соопшти Кабинетот за комуникации при турското Претседателство.

За време на разговорите, Путин порачал дека Русија ќе ѝ пружи поддршка на Турција во борбата со пожарите и најавил дека на Турција ќе ѝ бидат ставени на располагање пет авиони „Илјушин-76“ со капацитет од 40 тони вода и уште три хеликоптери за гаснење на пожарите. Путин упатил зборови на солидарност и поддршка за Турција во овие тешки моменти, за што Ердоган му се заблагодари, се наведува во соопштението.

Инаку, турските пожарникари трет ден се борат со шумските пожари. Десет пожари се уште се активни, вклучително и три во реонот на летувалиштето Анталија. Од 98 пожари што избувнаа во средата во различни региони, 88 се ставени под контрола. Гаснењето на огнот на брегот на Средоземно Море е отежнато од силните ветрови. Голем број региони и хотели се евакуирани, а туристите се однесени на безбедно место. Во пожарите досега загинаа четири лица.

Починати нема, 81 новозаразен со Ковид19

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Во последните 24 часа се направени 5.315 тестирања, а регистрирани се 81 нов случај на Ковид19, информира денеска Министерството за здравство. Од нив во Скопје – 27, во Тетово – 25, во Куманово – 9, во Гостивар – 7, во Кавадарци, Кичево, Дебар и Пехчево по 2 и во Битола, Струмица, Струга, Берово и Валандово по 1. Не се пријавени починати лица, а регистрирани сe 12 оздравени пациенти.

Досега во земјата се направени вкупно 976.710 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица од почетокот на епидемијата изнесува 156.380, бројката на оздравени пациенти е 150.362, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 525.

ВМРО-ДПМНЕ за прославата на Илинден: недржавнички потег на Пендаровски

Седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје

Пендаровски ја менува 30-годишната традиција на прославата за Илинден е коментарот на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева која одговори на новинарско прашање за новиот концепт на прославата на Денот на републиката кој го објави претседателот Стево Пендаровски.

„Но, кога некој човек нема визија за Република Македонија, не може ни да очекувате дека ќе има што да каже. И за тоа е ова резултатот. Навистина сме изненадени и ова е срамен и недржавнички потег“, рече Митева.

Таа додаде дека партискиот претседател Христијан Мицкоски 2 август, односно Илинден ќе го одбележи традиционално во струшкото село Ташмаруништа.

Како што беше соопштено вчера за првпат годинава за прославата за Илинден, на Мечкин камен во Крушево претседателот нема да има свое обраќање туку ќе има кратко видео обраќање од две минути. Според агендата која денеска ја објавија од кабинетот на претседателот на централната свеченост на Мечкин Камен ќе настапат Ансамблот за македонски народни игри и песни „Танец“, Ансамблот на албански народни ора и песни во Република Северна Македонија, опреската певица Весна Ѓиновска-Илкова, музичарот Влатко Стефановски, воениот оркестар на Армијата а зборот и пораките на илинденците ќе ги пренесе актерот Никола Ристановски.

Пендаровски ги поканил во Крушево и лидерите на сите политички партии, но досега присуството го потврдил само лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Филипче: можно е да се препорача трета доза вакцина

Вакцинација во Скопје

Очигледно е дека нема да запре трендот на појава на нови соеви на вирусот и многу веројатно е дека делта сојот нема да биде последниот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче. Тој денеска заедно со премиерот Зоран Заев ја посети реконструираната општа болница во Гевгелија. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека има зголемување на бројките на новодијагностицирани пациенти, но во овој момент, според него нема притисок ниту во болниците, ниту во амбулантите.

„Околу 15 пациенти се лекуваат на Инфективната клиника. Будно ја пратиме состојбата. И покрај тоа што е сега прилично мирно, можно е овој тренд на пораст да продолжи и понатаму, а ние интензивно ги пратиме и анализираме препораките во однос на вакцинацијата“, вели Филипче.

Според него едно од можните сценарија е да има препорака за трета доза на вакцини. Во зависност од моменталната состојба, вели тој, ќе разговараат за евентуални рестриктивни мерки прво насочени кон оние кои не се вакцинирани.

„Затоа што нема потреба да им создаваме дополнителен ризик на луѓето кои се вакцинирани, знаејќи дека тоа е единствениот начин ние нормално да функционираме и животите да ги вратиме назад. Очигледно е дека кризата продолжува. Може да трае и повеќе години. Така што ставаме акцент на вакцинацијата. Верувам дека нема да спласне интересот кај граѓаните, минатата недела неколку денови по ред бевме едни од лидерите во регионот по број на дадени вакцини на 100 жители што е добар знак“, рече Филипче.

По подолг период на стагнација на бројката на дневно заразени со Ковид19 во земјава, неделава почна постепен пораст, а вчера беа регистрирани 74 нови случаи и двајца починати. Истовремено интересот за вакцинација не стивнува, па како што соопшти Министерството за здравство вчера се вакцинирале 12.545 граѓани. Досега во земјава се вакцинирани вкупно 514.021 граѓани од кои 390.562 граѓани примиле две дози.

Ѓоковиќ заминува од Олимпијада без медал

Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ на Олимписките игри во Токио

Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ ги напушта Олимписките игри во Токио без медал откако поради повреда на рамото се повлече од натправерот за бронза во мешани двојки кој требаше да го игра денеска. Повлекувањето на српскиот тенисер следи веднаш откако изгуби во поединечен натправар од Шпанецот Пабло Карено Буста со кој утринава играша за бронза.

Денешниот натпревар со Карено Буста следуваше по вчерашниот пораз од Германецот Александар Зверев во полуфиналето со што се заврши обидот на Ѓоковиќ покрај четирите Гренд слем турнири во истата година да освои и златен олимписки медал. Тој исто така вчера го изгуби полуфиналниот натпревар во мешани двојки кој го играше заедно со Нина Стојановиќ.

Неговото денешно повлекување од натпреварот во мешани двојки значи дека бронзениот медал оди кај Ешли Барти и Џон Пирс од Австралија.

Кандидатот за бугарски премиер- нема да ги лишиме своите браќа од европска иднина

Софија- бугарскиот претседател Румен Радев му го врачува мандатот за состав на владата на кандидатот Пламен Николов, 30.07.2021

Пламен Николов, кандидатот за премиер на Бугарија предложен од партијата „Има таков народ“ која освои најмногу гласови на предвремените парламентарни избори, синоќа во гостување на бугарската национална телевизија БНТ ја коментираше и нивната позиција кон Македонија, ако успеат да формираат влада. Тој рече дека она што особено многу ги загрижувало членовите на „Има таков народ“ било „неисполнувањето на преспанскиот договор“.

"По никаков начин нема да ги загрижуваме своите браќа и нема да ги лишиме од можноста за нивна европска иднина на некаков насилен начин или на начин кој се применува од други балкански држави, но ова не значи дека нема да опстоиме на нашиот национален интерес. Како точно ќе биде направено тоа- можеби со ревизија на самиот договор и преразгледување “ рече Николов.

На новинарското прашање дали линијата на новата влада ќе биде како на досегашната или поразлична Николов одговори дека „со сигурност нема да биде линија на конфронтација“.

Тој вчера како кандидат за премиер на „Има таков народ“ од бугарскиот претседател Румен Радев го доби мандатот за составување на влада. Освен досега владејачката ГЕРБ на Бојко Борисов сите други парламентарни партии се во игра за составување на новото владино мнозинство. Во бугарскиот парламент свои пратеници имаат и БСП, „Демократска Бугарија“, ДПС и „Исправи се БГ! Доаѓаме!”.

Мандатарот Николов е доктор по филозофија на право, политика и економија. На интернет страницата на „Има таков народ“ е претставен како човек со повеќе од 15 години искуство во бизнис и управување со проекти. Николов работи за американската мултинационална компанија која има седиште во Софија.

Делта сојот се шири во Кина

Жители на Пекинг со маски на лицата

Кина го доживува најлошото избивање на коронавирусот во земјата откако случаите првично поврзани со кластери во градот Нанџинг се проширија во повеќе региони, меѓу кои и во главниот град Пекинг. Повеќе од 200 случаи низ земјата се поврзуваат со кластерот од Нанџинг, но заразата забрзано се шири и низ други места, а се поврзува со високозаразниот сој Делта.

Делта сојот е тест за кинеската стратегија за справување со коронавирусот со која поголемиот дел од земјата не беше погоден освен во првите месеци на пандемијата. Стотици илјади луѓе се веќе затворени во провинцијата Џиангсу додека Нанџинг ги тестираше сите 9,2 милиони жители по два пати.
Нови случаи денеска се регистрирани во Фуџијан и Чонгкинг, општини кои имаат повеќе од 30 милиони жители. Властите во Чонгкинг наредија итни масовни тестирања на луѓето кои ги посетиле местата каде што има потврдени случаи.

Повеќе од 1,6 милијарди вакцини се дадени низ целата Кина, но исто така постои и сомнеж во ефикасноста на кинеската вакцина, која се проценува дека е од 50 до 80 отсто. Како и да е студиите покажуваат дека вакцини се ефикасни во спречување на сериозно развивање на болеста и смрт. Но, најголемите грижи ги предизвикуваат хигиеничарите на меѓународниот аеродром во Нанџинг, кој сите биле вакцинирани со две дози, а сега се извор на заразата.

Талибанците нападнаа комплекс на ОН во Авганистан

Авганистан- авганистанските безбедносни сили на контролен пункт во Херат, 30.07.2021

Борби меѓу талибанците и авганистанските безбедносни сили се одвиваат од вчера на периферијата на западниот авганистански град Херат, главен во истоимената провинција. Талибанците тврдат дека нивните борци влегле во дел од градот, но авганистанските власти во Кабул ги отфрлија таквите наводи и соопштија дека напредокот на талибанците бил одбиен.

Ваквите извештаи доаѓаат додека талибанците успеваат да заземат територии низ Авганистан додека САД и другите странски сили се блиску до завршувањето со нивното повлекување од земјата.

Фавад Аман, портпарол на авганистанското министерство за одбрана за радио Азади рече дека авганистанските безбедносни сили ги победиле талибанците и ги одбиле нивните напади во провинциите Херат, Кандахар, Хелманд и Тахар.

Во меѓувреме, мисијата за поддршка на Обединетите нации во Авганистан соопшти дека во вчерашниот напад врз нивниот комплекс во Херат е убиен еден член на обезбедувањето. Американскиот Стејт департмент го осуди нападот кој го опиша, како „напад на комплекс на ОН од антивладини милитанти“.

Сугарески разрешен од в.д. директор на Царина

Горан Сугарески

Владата на 93. седница ја прифати одлуката на Комисијата за именување, Горан Сугарески да го разреши од должноста в.д. директор на Царинска управа.

Како што се наведува во владиното соопштение на оваа позиција Владата одлучила да ја именува Славица Котиров, досегашен заменик-директор на Царинска управа.

Сугарески беше пратеник во Собранието и координатор на пратеничката група на СДСМ. По доаѓањето на неговата партија на власт беше министер за транспорт и врски

Израел го обвини Иран за нападот на танкерот во кој загинаа две лица

Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид

Израел го обиниви Иран за напад на нафтениот танкер кој се движел кон Оман, а во кој загинаа двајца членови на екипажот. Компанијата Зодијак Маритајм со седиште во Лондон, а која е во сопственост на израелскиот милијардер Ејал Офер соопшти дека танкерот под знаме на Либерија, кој бил во сопственост на Јапонија, бил нападнат на 29 јули.

Нема дополнителни детали за нападот во кој загинаа еден Романец и еден државјанин на Обединетото Кралство. Израелскиот министер за надворешни работи Јаир Лапид го обвини Иран наведувајќи дека му рекол на британското министерство за надворешни работи дека е потребен жесток одговор на министерството.

"Иран не е само израелски проблем, туку извозник на тероризам, деструкција и нестабилност која ни наштетува на сите нас. Светот мора да не остане тивок и да се соочи со иранскиот тероризам кој исто така ја повредува и слободата на превозот“, наведува Лапид во соопштението.

Засега нема реакција од Иран, кој, пак, го обвинува Израел дека стои зад убиството на врвен нуклеарен научник минатата година и зад серија напади врз нуклеарни постројки.

Ал Алам ТВ, владина иранска телевизија, цитирајќи неименувани извори наведе дека нападот бил одговор на наводен израелски напад на аеродром во Сирија. Соединетите Американски Држави, кои се близок сојузник на Израел, изразија загриженост и наведоа дека ја набљудуваат ситуацијата. Американски владин претставник кој го цитираат агенциите Асошиејтед прес и Ројтерс рекол дека засега не е јасно кој стои зад нападот, но дека по се изгледа во него бил употребен дрон.

Олимпиецот Георгиевски доби уште 800 000 денари награда од владата

Премиерот Зоран Заев го прими носителот на сребрениот медал на Летните олимписки игри во Токио во теквондо Дејан Георгиевски, кој беше во придружба на тренерите Дарко Костовски и Борче Костовски.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, му честитал и му се заблагодарил на Дејан Георгиевски за радоста што им ја донесе на граѓаните на земјата од Токио и истакнал дека тој е пример и модел за младите дека ништо не е недостижно, дури и олимписките врвови кога талентот оди заедно со посветеноста за најдобри резултати и со упорноста да се постигнат.

Инаку, владата на 93-та седница ја дополни одлуката за паричната награда за постигнатиот врвен олимписки успех и таа сега е поголема за 800.000 денари и изнесува 2 милиони денари од страна на Владата и 600.000 денари од страна на Агенцијата за млади и спорт.

Георгиевски го освои сребрениот медал во категоријата над 80 килограми. Тој во финалето беше поразен со 15:9 од претставникот на Рускиот олимписки комитет, Владислав Ларин. Македонскиот спортист го освои сребрениот медал по победата во полуфиналето над Ин Кјо Дон од Јужна Кореја со 12:6. Во четвртфиналето Георгиевски беше подобар од репрезентативецот на Брегот на Слоновата Коска, Сајду Гбане со 9:4.

Македонија како самостојна држава досега имаше само еден бронзен медал од Олимпијадата во Сиднеј во 2000 година. Бронзата ја освои борачот Могамед Ибрагимов, кој е натурализиран Азербејџанец.

Портокалов аларм, температурата над 40 степени

Скопје, разладување на плоштадот Македонија

Сончевото и многу топло време со температури над 40 степени продолжуваат и денеска, поради што во сила е портокаловиот метео аларм, а се издадени и препораки за заштита на населението. УХМР предупредува дека и во наредните денови во земјава ќе има натпросечни температури за овој период од годината. Максималните температурни вредности долж Повардарието за 2 до 3 степени ќе го надминуваат 40-иот степен.

Денеска максималната температура ќе достигне до 42 степена, а вредноста на УВ индекост до 9. Во Скопје ќе биде сончево и многу топло со слаб северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 41 степен.

Надлежните апелираат да се почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран. Без потреба да не се престојува на отворено, ранливите категории граѓани да се ослободат од работните обврски, да се внимава при консумација и чување на храната, да се внесуваат повеќе течност, а поради рикот за избувнување пожари да не се фрлаат отпушоци од цигари, да се ибегнува палење оган на отворено, како и други активности што можат да предизвикаат пожари.

Демонстрант од Хонгконг осуден на девет години затвор, прва пресуда според Законот за национална безбедност

Протести во Хонг Конг

Продемократски демонстрант денеска беше осуден на девет години затвор, во првата пресуда според Законот за национална безбедност во Хонгконг, со кој Пекинг ја засилува контролата врз таа територија. Тонг Инг-кит е осуден за тероризам и поттикнува сецесија затоа што со мотоцикл налетал на полициските сили на демонстрациите на 1 јули 2020 година, носејќи знаме со паролата „Да го ослободиме Хонгконг. Револуција на нашето време“, која претходно беше оценета како сецесионистичка.

Владејачката Комунистичка партија на Кина минатата година наметна закон за национална безбедност во поранешната британска колонија, по антивладините протести кои избија на средината на 2019 година.

Пресудата е удар врз слободата на говор и покажува дека законот е алатка за втерување страв на владините критичари, наведува во соопштение регионалната директорка на Амнести интернејшнал за азиско-пацифичкиот регион Јамини Мисра.
Американската влада преку соопштение го критикуваше „неправедниот исход“ на судењето, велејќи дека законот за безбедност се користи како „политичко оружје за замолчување на гласовите на несогласување“.

Во соопштението се наведува дека Кина ги подрива правата кои ги гарантира уставот на Хонгконг и Кинеско-британската заедничка декларација потпишана во 1984 година и го повикува Пекинг да престане да ги прогонува поединците кои ги остваруваат своите права и слободи.

Кинеските претставници ги отфрлаат критиките и велат дека Пекинг повторно воспоставува ред и воведува безбедносни мерки за заштита како другите земји. Врз основа на законот за национална безбедност се уапсени повеќе од 100 луѓе.

Адвокатите на одбраната тврдат дека казната на Тонг би требало да биде помала, зашто судот не утврдил дека нападот бил намерен, никој не бил повреден и оти прекршокот поврзан со сецесија е квалификуван како помал.

Судиите во вторникот пресудија дека целта на постапката на обвинетиот било застрашување на владата и на јавноста.
Тонг изрази жалење, но тоа не беше земено предвид за намалување на казната, со оглед на тоа што тој не призна вина, се наведува во пресудата.

Во Црна Гора во угостителски објекти само вакцинирани, прележани или со негативен тест за ковид

Вакцинирње против ковид-19

Владата на Црна Гора донесе мерки против коронавирусот кои ќе важат од денеска до 20 август. Влегување во внатрешноста на рестораните, како и ноќните клубови и дискотеки е дозволено со еден од следните четири докази – дека лицето е целосно вакцинирано или примило прва доза вакцина, да има негативен ПЦР тест за коронавирус, не постар од 72 часа, доказ дека прележал ковид-19, доказ за негативен брз антиген тест, не постар од 48 часа.

„Еден од овие услови мора да исполнуваат и сите вработени во угостителството“, изјави директорот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) на Црна Гора, Игор Галиќ.

Сопствениците на објектите се должни да назначат лице кое ќе го контролира поседувањето докази за вакцинација или негативни тестови.

Малолетниците не се обврзани да ги исполнуваат овие услови, освен кога влегуваат во дискотеки или ноќни клубови. Под истите услови, дозволено е присуство на спортски настани на отворено и затворено. Масовните собири и фестивали што не можат да се контролираат во ограничен простор се одложуваат до 20 август.

Се истражува дали пожарите во Турција се подметнати

Пожари во Турција


Интензивно се истражуваат причините за пожарите што избувна во различни делови на Турција, изјави турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Тој по петочната молитва во одговор на новинарски прашања рече дека се испитува дали опожарувањата се намерни.

Ердоган додаде дека политиката, шпекулациите и пристапот на политичките партии во однос на пожарите е навистина тажен, пренесува Анадолија.

Турскиот претседател вели дека Министерството за внатрешни работи и разузнавачките служби работат напорно во однос на ова прашање и дека истрагите ќе покажат што точно се случило.

„Но, ова не е работа што може да се игнорира. Бидејќи се случуваат во различни региони, но во исто време. Започнуваат во Манавгат, но истовремено избувнуваат и во Мугла, Мармарис и Бодрум, додаде Ердоган.

Русија ја отфрли тужбата на Навални и бара забрана за неговиот Јутуб канал

Алексеј Навални.

ускиот суд ја отфрли тужбата на затворениот опозициски политичар Алексеј Навални кој се жалеше на одлуката со која на неговите адвокати им се забранува да внесуваат мобилни телефони и лаптоп компјутери во затворот за време на посетите.

Судија во окружниот суд во рускиот град Владимир денеска однесе одлука против жалбата на Навални, без да даде објаснување за пресудата.

Рускиот опозиционер, еден од најгласните критичари на рускиот претседател Владимир Путин, беше уапсен во јануари по враќањето од Германија, каде што пет месеци се опоравуваше од труење со нервен агенс. Тој за труењето го обвинува Кремљ, а руските власти ги отфрлаат таквите обвинувања.

Во меѓувреме руското тело за регулација на медиуми побара од компанијата Јутуб да го блокира каналот на Навални. Роскомнадзор во својот регистер на забранети материјали го додавал и Јутуб каналот на Навални.

Претходно руските власт донесоа одлука да се забрани организацијата на Навални, означувајќи ја како екстремистичка, но таа одлука не стапи на сила, оти беше обжалена.

Хрватска безбедна за туристи

Пула.

Во Хрватска кај 84 отсто од примероците земени од заразените со ковид-19 било констатирано дека го имаат Делта сојот, а кај 13 отсто дека имаат Алфа варијанта. Станува збор за испитување на примероци испратени на аанализа на 20 јули. Податоците го анализите говорат дека уделот на новиот сој на коронавирус во Хрватска продолжува да расте, соопшти денеска Националниот штаб за цивилна заштита.

Хрватскиот министер за здравство Вили Берош на прес-конференцијата на Главниот штаб истакна дека според последната мапа на ЕЦДЦ (Европски центар за контрола и превенција на болести), Хрватска остана во портокаловата зона и бележи најнизок дневен раст на заразени.

„Тој факт не зацврсти во статусот најбезбедна туристичка дестинација. Тоа е исклучително важно и причина за задоволство, но и за претпазливост“, рече Берош.

Тој додаде дека има над милион туристи во Хрватска, што со себе носи зголемен ризик од пренесување на болеста, па затоа мора да има предупредувања да се придржуваат до мерките и вакцинациите, за да има безбеден туризам во земјата.

ЗНМ и ССМ со осуда за третманот на медиумските работници на Економскиот форум

Економскиот форум во Скопје

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) најостро реагираат за третманот и за цензура на медиумите, новинарите и фоторепортерите, на вчерашниот Економски форум, се наведува во заедничкото соопштение на двете организации. Економскиот форум го организираше Кабинетот на македонскиот премиер во соработка со Кабинетите на српските и албанските власти.

До ССНМ и ЗНМ вчера стигнаале поплаки од новинари и фоторепортери дека не им биле овозможени соодветни услови за работа на Форумот, па дел од нив биле станувани од организаторот од местата на кои седеле, иако првично им било кажано дека се наменети за нив, со упатување „да се снајдат“ за место. Со тоа особено на телевизиските новинари им бил направен проблем во работниот процес, бидејќи биле оддалечени од снимателите и контакт со нив при извршување на работните задачи.

Нападот врз новинари ќе се третира како напад врз службено лице

Дополнително на фоторепортерите, освен што им било ограничено движењето, не им било обезбедено место за нивната опрема и да ги испратат материјалите до редакциите, па дел од нив префрлаа материјали и работеа буквално клечејќи или седнати на под, стои во соопштението.

ССНМ и ЗНМ реагираат на информациите дека на прес-конференцијата на новинарите им било соопштено дека нема да имаат можност да постават прашање, освен три медиуми во државна сопственост за кои на ниво на кабинети на организаторите претходно било договорено да постават прашање – по еден медиум од трите држави претставени на Форумот – РТ Албанија, агенцијата Танјуг и агенцијата МИА. Со тоа, иако било предвидено и договорена можност за поставување на девет прашања, сите девет биле поставени од овие три медиуми, без можност друг медиум да постави прашање.

„Ваквиот однос на организаторите освен што ги става во нерамноправна положба медиумите и врши дискриминација по основ на сопствеништво на медиумите, воведува и пракса на избор на подобни и неподобни медиуми за поставување на прашања на ниво на кабинети и ја гуши слободата на изразувањето преку оневозможување повеќе различни медиуми да постават повеќе прашања на прес конференција, особено што за такво вчера нешто постоела можност и тоа девет пати“, реагираат ЗНМ И ССНМ.

Еден полицаец убиен, двајца ранети во напад со граната во северозападен Пакистан

Возилото во кое е убиен полицаецот.

Непознати напаѓачи фрлиле рачна бомба кон полициско возило во провинцијата Пешавар во северозападен Пакистан, при што убиле еден и раниле двајца полицајци и случаен минувач, по што избегале, соопшти полицијата. Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Полицијата соопшти дека нападот се случил додека полицајците патролирале на пазарот Кархано за да се осигураат дека луѓето се придржуваат до мерките за одржување дистанца и носење маски за спречување на ширењето на коронавирусот.

Има засилени контроли за почитувањето на мерките откако минатата недела имаше скок на бројот на заболени кои ги преплавија болниците.

Пазарот Кархано е познат по шверцуваната стока од увоз, и многу луѓе од цел Пакистан доаѓаат на шопинг.
Пешавар е главен град на провинцијата Кибер Пактунква, која се граничи со Авганистан. Пакистанската армија спроведе неколку операции против милитантите во оваа провинција.

Бугарското МНР разочарано од македонската Резолуција

Македонско Собрание.

Бугарското Министерство за надворешни работи изрази разочараност што во Собранието во Македонија е донесена Резолуција за македонските „црвени линии“ во преговорите со Софија. Бугарското МНР во изјава за БГНЕС наведува дека жалат што Резолуцијата е донесена во време кога, како што наведуваат, билатералниот дијалог започнал да преминува во попозитивна фаза.

Бугарските власти очекуваат Резолуцијата да биде објавена за да може да ја анализираат и да видат дали одговара со Договорот за пријателство што двете земји го потпишаа. За нив единствен правилен начин за да се дојде до решение на предизвиците во односите е стриктното придржување до постигнатите договори и преземените обврски.

Вчера македонското Собрание ја усвои Резолуцијата, која ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, со 95 гласа „за“, со само еден воздржан и ниту еден глас против.

Претходно беше усвоен амандманот поднесен од мнозинството со кој во резолуцијата се вметнува официјалното име на државата. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против.
Со Резолуцијата се зацврстуваат ставовите на Скопје во преговорите со Софија околу посебноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Шефот на државата Стево Пендаровски во претстојниот период не очекува некои поголеми промени во однос на спорот со Бугарија, со оглед на тоа што земјава реално во моментов нема соговорник од другата страна, бидејќи Софија се уште нема формирано Влада.

Пендаровски за Резолуцијата вели дека не е штетна, ниту навредлива, каква што е Резолуцијата на бугарскиот Парламент.

Филипче – Ситуацијата е стабилна, иако има зголемен број заболени со ковид

Вакцинација против ковид-19 во Скопје.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска рече дека има зголемен број заболени од ковид-19 во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Кичево, меѓутоа нема простор за паника.

„Ситуацијата е стабилна, нема голем број пациенти кои се лекуваат во болниците, вакцинацијата добро се одвива и тука ставаме фокус. Размислуваме за рестрикции во есенските месеци по примерот на некои други земји во делот на ограничување на влезот во затворени простории во смисла на тоа да се бара задолжителна потврда за вакцинација, а дотогаш ја следиме ситуацијата“, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостување на вестите на Канал 5 телевизија.

Тој смета дека не треба да се воведе да се бараат тестови на граница.

Во врска со вакцинацијата, посочи дека околу 510 илјади граѓани се вакцинирани од кои 381 илјади се ревакцинирани. До крајот на август доколку продолжи ова темпо, вкупниот број вакцинирано население ќе достигне 40 проценти, вели министерот за здравство.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG