Достапни линкови

Вести

Македонија денеска го игра вториот натпревар на ЕУРО 2020 против Украина

Напаѓачот на Македонија Горан Пандев слави откако го постигна голот на натпраеварот против Австрија, што беше прв на македонската репрезентација постигнат на европско првенство. 13 јуни 2021 година.

Македонската фудбалска репрезентација денеска во 15 часот на Националната арена во Букурешт ќе го одигра вториот натпревар на ЕУРО 2020 против Украина.

Селекторот Игор Ангеловски на прес-конференција изјави дека македонските репрезентативци ги очекува „најважниот натпревар во кариерата.“

Ова е втор натпревар на репрезентацијата на Македонија во Ц групата на ЕУРО 2020, откако првиот во неделата го загуби од Австрија со резултат 3:1. Тоа беше вкупно трета победа на Австрија над македонската репрезентација.

Последниот натпревар во групната фаза на Европското првенство Македонија треба да го одигра на 21 јуни во Амстердам против Холандија.

Денеска во 18 часот ќе се одигра и натпреварот од С групата меѓу Данска и Белгија, а потоа во 21 часот се среќаваат Холандија и Австрија.

Данска во првиот натпревар загуби од Финска со 1:0 во натпревар кој беше прекинат, откако данскиот фудбалер Ериксен колабираше на терен. Состојбата на Ериксен беше стабилизирана, по што натпреварот потоа беше продолжен.

Белгија во првото коло ја победи Русија со 3:0, а Холандија ја совлада Украина со резултат од 3:2.

види ги сите денешни вести

Пожарникари од Бугарија помагаат кај Пехчево, хеликоптерите ќе гасат рано наутро

Илустрација: Шумски пожари во Македонија

Пожарот во пехчевско не е ставен под контрола. Гори селото Умлена, над Робово и во близина на село Митрашинци. Се работи за голем потег со дијаметар од 10 километри и претежно борова шума. Гасењето е отежнато поради непристапниот терен.

Според жителка на селото Умлена кое е во непосредна близина на Пехчево, ситуацијата е страшна.

„Пожарот дојде речиси до местото наречено Камен, уште малку да влезе во селото. Куќите не беа загрозени. Главно ја завршија работата, инаку ќе имаше голем беља“, рече жителката од селото, пренесува МИА.

Како што вели командирот на Одделението во Територијалната противпожарна единица – Берово, Димитар Букушовски, пожарот е се уште активен иако екипи трет ден учествуваат во негово гасење.

„Има многу екипи на терен. Месното население приоѓа, но пожарот засега не е под контрола. Да се надеваме дека со напор, вечерва, утре ќе успееме да го ставиме под контрола. Патиштата се непристапни, со ограничени можности сме со возилата за дејствување. Затоа прилично тешко се одвива гасењето“, нагласи Букушовски.

Тој рече дека на помош дошле и колеги од Бугарија со две цистерни, неколку возила и со 20-25 пожарникари.

На терен се и пожарникари од Виница.

За вакви пожари, со толкав интензитет, оцени тој, има повеќе причини – висока температура, скоро 40 степени, 50 дена без дожд, ветер.

Тој вели дека ваков пожар не може да се изгасне од земја, туку мора да се делува од воздух, но хеликоптерите немаат можност да гаснат пожари ноќно време. Претходно беше најавено дека два македонски и три српски хеликоптери ќе помогнат во гаснењето, но не можеле поради високите температури.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов соопшти дека утре рано наутро петте хеликоптери ќе дејствуваат врз големиот пожар во реонот на општина Пехчево сè додека тоа го дозволува температурата на воздухот.

Тој претходно објави дека пет хеликоптери, од кои два македонски и три српски, попладнето се упатиле кон локацијата зафатена со пожарот, но поради исклучително високите температури, веднаш по пристигнувањето командантот на ескадрилата донел одлука за нивно повлекување.

Ангелов соопшти дека во државата се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

Магистралниот пат Штип-Кочани вечерва, од 21 часот, е во прекин во двата правци поради пожар во кој гори стрниште и ниви и се шири кон магистралниот пат. АМСМ соопшти дека е нормализиран сообраќајот Делчево – Пехчево.

Пожарот во Дренак во Старо Нагоричане сè уште е активен, но во моментов е под контрола. Во општината, како и во Куманово во текот на денов имало уште неколку пожари.

Во прилепско има два активни пожари.

Управувачкиот комитет вечерва предложи воведување кризна состојба од 30 дена поради состојбата со пожарите. Владата утре во 8:30 ќе одржи седница на која ќе го разгледа предлогот.

Управувачкиот комитет ѝ предложи на Владата да прогласи кризна состојба поради пожарите

Стојанче Ангелов

Управувачкиот комитет на седница која ја одржа вечерва го прифати предлогот на Групата за процена и ѝ предлага на Владата да донесе одлука за постоење на кризна состојба на целата територија на државата во траење од 30 дена, напиша на својот Фејсбук профил раководителот на групата за процена и директор на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов.

„Групата за процена, составена од директорите на ЦУК, ДЗС, АНБ, БЈБ, Агенција за разузнавање, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, раководителот на службата за воена безбедност и разузнавање, замениците директори на ЦУК и ДЗС, и советникот за национална безбедност од кабинетот на Претседателот, попладнево одржа седница на која поради зголемениот обем на пожарите, зголемениот ризик за граѓаните и неколку други причини, донесе едногласна одлука да му предложи на Управувачкиот комитет (министрите за внатрешни и надворешни работи, одбрана, здравство, транспорт и врски, како и раководителот на групата за процена) да ѝ предложи на Владата да донесе Одлука за постоење на кризна состојба на територијата на РС Македонија поради зголемена појава на пожари и спречување од нивно ширење во траење од 30 дена“, појасни Ангелов.

Ангелов вчера рече дека нема потреба од прогласување кризна состојба, но оти ја следат состојбата.

Приведен албански државјанин за подметнување шумски пожар во Гостиварско

Илустрација: Пожар во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско.

Полициски службеници од Полициското одделение Галате денеска во 15:10 часот го лишија од слобода Л.А. (32) од Република Албанија, кој илегално престојувал во државата, поради основано сомнение дека подметнал пожар над гостиварско Пожаране. Тој ќе биде задржан за понатамошна постапка.

Како што информираат од МВР, едно лице е осомничено и за пожарот во Старо Нагоричане и полициските службеници веќе постапуваат во координација со јавен обвините

„Во текот на вчерашниот ден, пак, благодарение на брзата интервенција на полициска патрола и на екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје спречен е пожар од поголем размер пред село Блаце кон Катланово, за кој две лица се под сомнение за негово предизвикување и се работи на расчистување и на овој случај“, соопшти МВР.

Тие апелираат строго да се почитува забраната за движење во шумските предели, а граѓаните максимално да се воздржат од палење огнови, отпадоци, меѓи и стрништа на нивите, да не фрлаат неизгаснати догорчиња и да не оставаат стаклени шишиња или други предмети, кои подолго време изложени на сонце, можат да предизвикаат пожар.

Повлечени хеликоптерите од Пехчевско

Пожар во близина на Пехчево

Веднаш по пристигнувањето на петте хеликоптери за гаснење пожар во Пехчевско, тие се повлечени поради исклучително високите температури, информираше директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов. Во регионот на Пехчево има голем шумски пожар.

Ангелов на својот фејсбук профил напиша дека хеликоптерите повторно ќе се упатат кон Пехчево по намалување на температурата на воздухот за неколку степени.

Во попладневното гостување, пак, на Канал 5, Ангелов соопшти дека во овој момент се активни 10 пожари од кои неколку се исклучително сериозни, а другите се од средна категорија. Во некои гори сува трева, нискостеблести растенија, грмушки и се далеку од населени места поради што не се опасност за никого.

„Најсериозна е состојбата во Општина Македонски Брод. Таму ветерот го смени правецот па огнот дојде блиску до едно од селата. Таму се припадници на Противпожарната единица, полицијата и војската. Исклучително сериозен пожар со голем обем има и околу Пехчево кој веќе преминува во Општина Берово. Таму, штом ќе се создадат услови, кога температурата на воздухот тоа ќе го дозволи, ќе бидат упатени двата армиски хеликоптери“, рече Ангелов.

Тој е дециден дека нема селективен пристап во гасењето на пожарите. Проценка се прави на лице место, а приоритет има животот на луѓето.

Во гаснењето на пожарот во Пехчево се вклучиле и пет противпожарни возила од Бугарија.

Во разговорот со градоначалникот на Делчево Горан Трајковски и останатите надлежни, одлучено е четири возила да одат кон Пехчево бидејќи таму ситуацијата е поалармантна, додека едно противпожарно возило ќе се вклучи во гаснењето на пожарот кај Пасјак.

Словенија испраќа 16 противпoжарни возила и 46 пожарникари

Пожар во делчевско.

Најдоцна до утре се очекува во земјава да пристигнат 16 противпижарни возила и 46 пожарникари од Словенија за да помогнат во гасењето на пожарите. Помошта од Словенија се реализира по вчерашниот телефонски разговор меѓу министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот словенечки колега Матеј Тонин.

„Се надевам дека ќе ги скротите огновите што е можно поскоро“, ѝ напишал министерот Тонин на министерката Шекеринска, информирајќи ја за брзата реакција на сојузничката земја, соопштија денеска од Министерството за одбрана.

Вчера министерката се заблагодари за помошта од соседните држави и НАТО сојузниците и рече дека Македонија може да смета на своите пријатели во неволја. Хеликоптери од Србија веќе се во Македонија и помагаат во гаснењето на пожарите, а помош беше најавена и од Бугарија.

ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на изборите во Русија поради „големите ограничувања“

Илустрација

ОБСЕ нема да испрати набљудувачи на претстојните избори во Русија за прв пат по речиси три децении поради „големите ограничувања“ воведени од руските власти.

ОБСЕ денеска соопшти дека властите го ограничиле бројот на набљудувачи што може да ги испратат, наводно поради пандемијата на коронавирус.

ОБСЕ е едно од најголемите светски тела за набљудување на изборите, и испраќа експерти низ 57 земји-членки да утврдат дали изборите се слободни и фер. Парламентарното собрание на ОБСЕ исто така испраќа краткорочни набљудувачки мисии.

На 19 септември во Русија се одржуваат избори за пратеници во Долниот дом на Парламентот, односно за Државната Дума, за 39 регионални парламенти, како и за избори на 9 регионални гувернери.

Во пресрет на изборите, Кремљ презеде жестоки мерки против опозициските политичари и независните медиуми. На неколкумина опозиционери им е забрането да се кандидираат, повеќето од нив поврзани со политичката мрежа на затворениот критичар на Кремљ Алексеј Навални.

Русија ги покани набљудувачите на ОБСЕ, но го ограничи бројот на 60 луѓе поради влошената епидемиолошка ситуација во земјата. ОБСЕ претходно најави дека се потребни 80 долгорочни и 420 краткорочни набљудувачи.

ОБСЕ реагира дека во Русија нема никакви ограничувања за влез што ќе го оправдаат намалувањето на бројот на набљудувачи.

Прислушувани 1000 луѓе во Бугарија за време на антивладините протести - новинари, политичари и обвинител

Антивладини протести во Бугарија минатата година

Околу илјада луѓе се „активно обработувани“ за време и по антивладините протести минатото лето, и засега на 140 од нив им се знаат имињата. Ова се првите податоци што ги доби бугарската Комисија за истрага за полициско насилство и прислушување на политичари и демонстранти, изјави пратеникот Николај Хаџигенов од „Стани. БГ! Доаѓаме!“ на првиот состанок на привремената Комисија.

Состанокот по неколку минути беше затворен за медиумите поради доверливи материјали.

Хаџигенов по завршувањето на Комисијата, истакна дека специјализираниот Кривичен суд и Обвинителството ја саботирале работата на Комисијата бидејќи не испраќале материјали со образложение дека се работи за истражна тајна.

Според него, на списоците на прислушувани и следени се и имињата на политичари, пратеници, активисти, новинари и обвинител од Обвинителството на Софија. Тие биле прислушувани од 14 јули 2020 до и мај 2021 година.

„Откако ќе заврши работата на Комисијата и ќе помине низ Националното собрание, мора да најдеме начин како да ги објавиме сите овие работи, бидејќи нашата историја досега не знае таков случај“, наведе Хаџигенов, додавајќи дека тоа што се случило е „бугарски Вотергејт“.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Софија
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:49 0:00

Хеликоптери ќе го гасат пожарот кај Пехчево, пожарот кај Девич се доближува до куќите

Пожар во близина на Пехчево

Во најскоро време треба да пристигнат два хеликоптери за гаснење на пожарот, истакна градоначалникот на Пехчево Драган Тренчовски по штотуку завршениот состанок на Кризниот штаб на кој беа утврдени насоки на делување за справување со пожарот.

„Лоша е ситуацијата со пожарот, бидејќи се префрли и дојде во делот над селата Робово и Умлена. Пожарот е високо на шумските предели над селата, но се шири на голема површина. На терен се екипи на ТППЕ од Берово и Пехчево, како и од Шумското стопанство, Центарот за управување со кризи и ДЗС, а имаме насоки дека ќе добиеме поддршка од воздух, односно треба да пристигнат два хеликоптера. Исто така, имаме насоки дека ќе добиеме помош од соседна Бугарија од каде е испратена екипа со 25 луѓе“, изјави Тренчовски.

Непристапниот терен и ветерот ја прават ситуацијата лоша, имаме луѓе на терен, а очекуваме да се вклучи и армијата, потенцира Тренчевски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов на Фејсбук објави дека „пет хеликоптери од кои два македонски и три српски се на пат кон Пехчевскиот регион и заедно, со сета сила, ќе удрат по големот пожар кој се заканува на околните села“.


Во меѓувреме, пожарот што пред два дена избувна кај село Девич, Бродско и беше локализиран, денеска се реактивира. Огнот се доближува до селото и во моментов огнот е на четириесетина метри од првите селски куќи.

Според градоначалникот на Општина Македонски Брод, Живко Сиљаноски, се прават напори за ангажирање повеќе работна сила и опрема за соодветно да се дејствува.

„Опожарена е површина поголема од пет хектари, а во пожарот гори ситно стеблеста и деградирана шума, смрека и други ситни растенија. Поради ветерот, огнот се повеќе се доближува до првите куќи и моментно е на 30 – 40 метри од селото, што претставува сериозна закана дел од селските куќи да бидат зафатени“, изјави Сиљаноски.

Тој побара помош од полицијата и механизација од Територијалната противпожарна единица од Битола.

Властите соопштија дека во големиот пожар што избувна на 2 август во селото Отошница, Општина Ранковце и пожарите случени истиот ден на подрачјето на Крива Паланка, опожарена е вкупна површина од околу 225 хектари, најголем процент борова шума.

Пожарите беа локализирани истиот ден, ставени под контрола вчера рано изутрина, но пожарот во Ранковце кој беше обемен, синоќа и утринава повторно се активирал.

Огнот зафатил куќи во Отошница и е направена голема материјална штета.

Владата ја разреши директорката на инспекторатот за животна средина Ана Петровска

Разрешената директорка на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска

Владата на денешната седница ја разреши Ана Петровска од функцијата в.д. директорка на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и на нејзино место го именува Сретен Стојковски, исто така за в.д. Одлуката била донесена без дебата.

Разрешувањето е на барање на претседателката на ДОМ, Маја Морачанин. Од Владата претходно информираа дека согласно меѓукоалицискиот договор во Владата, позицијата директор на државниот инспекторат за животна средина е во политичка надлежност на партијата ДОМ.

Петровска е во конфликт со лидерката на партијата, Маја Морачанин. Внатрепартиските превирања во ДОМ добија јавност кон средината на мај годинава кога Петровска и пратеникот Мирослав Богдановски, останаа без партиските функции. Богдановски подоцна поднесе оставка од пратеничката функција, пренесува 360 степени.

Назначениот Стојковски исто така е од ДОМ.

Пожарот во делчевското село Нов Истевник зафати дел од куќите, населението евакуирано

Пожар во маалото Пајсак во делчевското село Нов Истевник

По 14 часот попладнево повторно се разви пожарот во маалото Пајсак во делчевското село Нов Истевник. Иако утрово гасеа хеликоптери на Армијата, поради ветрот пожарот веќе зафати куќи од горниот дел на селото. На терен се прави обиколка со трактор каде што е најизразен пожарот, а во меѓувреме населението е евакуирано во пониските делови на почетокот на селото.

На терен се пожарникари од Делчево, Берово, Македонска Каменица, припадници на Армијата, локално население, доброволци, Шумско стопанство кои учествуваат на негово локализирање. Ситуацијата е алармантна. Во моментот она што е најважно според учесниците во гаснењето е да се приклучат трактори.

Жителите кои ги сретнавме велат дека цел ден гори, а околу 15 часот се разгори. Глетката е страшна, пренесува МИА. Жителите меѓу себе се договараат да се вклучат со трактори во акцијата за гасење, бидејќи сите се испаничени. Мештаните ќе се вклучат и со рачно гребење со цел пожарот да не се спушти во селото.

Свадбите повторно ја отворија модуларната болница против ковид-19 во Тетово

Поглед на Тетово од Шар Планина

Драстично зголемување на луѓе кои мораат да бидат на болничко лекување се бележи во Тетово, каде три капацитети се искористени за хоспитализирани пациенти. Во инфективното одделение, во интерното одделени и во модуларната бoлница има 26 луѓе кои се на болничко лекување. Исто така Тетово покрај Скопје има и најголем број на новозаразени пациенти.

„Не знаеме дали е тој четврти бран или не, како и да е оди во тој правец, вчера имавме 64 амбулантски прегледи, тоа не сме го имале уште од есенскиот бран. Од тие прегледи очекуваме и нови хоспитализирани. Навистина е алармантно во споредба со лани овој период кога беше поблаго и подобро. Ако ме прашувате за новоинфицирани, тоа е резултат на зголемен број на тестирања, некои патуваат, некои се враќаат назад, тоа е еден фактор. Зголемување на хоспитализираните пациенти е поради мерките - како да заборавија граѓаните на пандемијата, не носат маски, нема дистанца, има групирање итн. Овие свадбени или други свечености што се организираа придонесуваат да имаме зголемен број на позитивни пациенти во болница“, изјави д-р Гзим Нуредени, координатор во Ковид центарот.

Поради зголемениот број на пациенти кои имаат потреба од болничко лекување пуштена е во употреба е и модуларната болница, а се оценува дека состојбата е алармантна.

„Гледаме дека луѓето се олабавени, а за жал пациентите се стари лица кои надвор не излегле. На младите не им е гајле ама жртва се старите дома. Тие што се жртва и седат дома изолирани и ќе бидат инфицирани. Сите што побргу да се вакцинираат, вакцината помага, клиничката слика ќе биде полесна кај секого“, вели Нуредини.

Од хоспитализираните 26 пациенти само еден не е на кислородна поддршка.

„Што се однесува до вакцинален статус, четири од нив се вакцинирани само со една доза, еден пациент е комплетно вакциниран, тој е релативно добро. Пациентот е некаде на 67-годишна возраст. Што се однесува до возраста на пациентите имаме 31, 37 години, и другите се над 65 години. Сите овие пациенти се со прекумерна телесна тежина, имаат и други коморбидитети, со срцева слабост, бубрежни проблеми и некои се со респираторни хронични болести“, рече Нуредини.

Меѓу хоспитализираните има и печалбари дојдени од Германија и Италија.

Според денешните податоци од Министерството за здравство, Тетово е град со најмногу новозаразени и најмногу активни случаи на ковид19. Од новозаразените 164 нови случаи на ковид19 во Тетово се 60, а потоа следува Скопје – 34 и Гостивар 21. И според бројот на активни случаи Тетово е на прво место. Како што објави Министерството за здравство вкупно има 770 активни случаи од кои во Тетово 229, во Скопје 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Нормализиран железничкиот сообраќај, прекинат бојкотот на машиновозачите

Железничката станица во Скопје

Патничкиот и товарниот железнички сообраќај од попладнево во 14.30 часот е нормализиран. Машинскиот персонал во Железници на РСМ – Транспорт по денешната средба со менаџерскиот тим на претпријатието го прекина бојкотот на работата и е исплатен вториот дел од платата за јуни годинава, потврди за МИА Тони Димовски, претставник на машиновозачите и помошниот персонал.

Димовски информираше дека од Железничката станица во Скопје во 14.30 часот веќе е заминат возот 643 на релацијата Скопје – Битола.

Според Димовски, на средбата е договорено за платата за јули менаџерскиот тим во соработка со министерствата за финанси и транспорт да смогне сили вториот дел да го исплати до 25-ти месецов.

„Доколку не биде исплатен, наредниот ден, на 26 август, машинскиот персонал повторно ќе биде во бојкот и нема да ги извршува раотните задачи, изјави Димовски.

Тој најави и дека повторно ќе го блокираат железничкиот сообраќај доколку не им биде исплатен и надоместот за квалитет во износ од 30 проценти, што со јунската плата им бил намален на 20 проценти.

„Разговаравме и за исплатата на надоместот за квалитет којшто со јунската плата ни беше намален од 30 на 20 проценти. Бараме со првиот дел од јулската плата што треба да се исплати на 15 август да добиеме надомест во износ од 30 проценти. Во спротивно, односно доколку не биде 30 проценти, наредниот ден во 7 часот машинскиот персонал ќе ги прекине работните обрски“, рече Димовски.

Бојкотот на машинскиот и помошниот персонал почна вчера во 16 часот со целосна блокада на патничкиот и товарниот сообраќај.

Груби- со пожарите надлежните се соочуваат одговорно

Вицепремиерот Артан Груби

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби денеска истакна дека не е разговарано за разрешување на првите луѓе на ЦУК, затоа што сметаат дека со сите околности околу пожарите се соочиле одговорно. Сепак, како што рече, Владата ќе одржи седница, на која ќе се дебатира и за ова прашање.

„Сметаме дека со сите околности се соочивме доста одговорно, и за среќа немаме ниту една жртва, за разлика од земјите во регионот. Секако дека секогаш може многу подобро. Не сме зборувале за разрешување, но не сакам да прејудицирам, затоа што имаме сега седница на Влада и секако дека ќе се дебатира во однос на ова прашање“, рече Груби на денешната прес-конференција по повод промоција на поштенска марка по повод 20 години од Охридскиот договор, во одговор на новинарско прашање.

Тој посочи дека останува забраната за движење во шумите и испрати апел до граѓаните да бидат многу внимателни во следниот период.

Нови 164 заразени со ковид19, тројца починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.276 тестирања, а регистрирани се 164 нови случаи на ковид19. Од нив најмногу во Тетово – 60, потоа следува Скопје – 34, Гостивар – 21, Куманово и Битола – по 8, Струмица, Кичево и Дебар – по 5, Штип и Кочани – по 4, Прилеп и Струга – по 3, Берово – 2, Охрид и Пехчево – по 1.

Пријавени се три починати лица : две лица од Гостивар и едно лице од Скопје, сите починати во болнички услови. Регистрирани сe 18 оздравени пациенти.

Со денешните новозаразени, починати и оздравени вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.707 бројката на оздравени пациенти е 150.440, на починати е 5.497, а бројот на активни случаи изнесува 770.

Според епидемиолошки анализи во моментов најмногу заразени има во Тетово вкупно 229, а според бројот на активни случаи следен е Скопје со 221 заразен, а трет е Куманово со активни 72 случаи на ковид19.

Уапсен мажот кој се закануваше дека ќе детонира експлозив во украинската влада

Киев- полиција пред зградата на украинската влада додека мажот се закануваше дека ќе детонира бомба,04.08.2021

Полицијата во Украина го уапси мажот кој влезе во зградата на украинската влада во Киев и со часови се закануваше дека ќе активира експлозив. Шефот на украинската национална полиција Ихор Клименко рече дека осомничениот е ветеран од војната против сепаратистите поддржани од Русија на истокот од Украина. Тој рече дека осомничениот бил повреден два пати во војната, а едната повреда била на главата.

Клименко додаде дека истрагата е во тек, а дека мотивите на мажот за ваквиот потег се непознати. Специјални полициски сили беа повикани на местото на настанот околу 10 часот претпладне по локално време откако непознатиот маж влегол во зградата на министерскиот совет во Украина, извадил од џеб предмет кој личел на експлозивна направа и се заканувал дека ќе го активира.

Надлежните соопштија дека осомничениот се заканувал на двајца чувари и на вработенуите во владината администрација.

Најмалку осум загинати во пожарите во Турција

Пожар во Турција

Најмалку осум лица загинаа во пожарите во Турција, што избија во 38 провинции од минатата среда.

„Во Турција се изгаснати 152 пожари, а напорите за гаснење на уште 11 продолжуваат“, изјави министерот за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли.

Tој рече дека 16 авиони, девет беспилотни летала, 51 хеликоптер, еден дрон, 155 парчиња градежна опрема и 5.200 луѓе се борат со огнот. Пакдемирли информира дека се погодени пет провинции, 18 окрузи и 78 села. Во Мармарис е забележана рекордна температура на воздухот од 45,5 степени Целзиусови, со што е урнат претходниот рекорд од 45,2 степени постигнат во јули 1988 година.

Министерот за внатрешни работи Сулејман Сојлу на заедничката прес -конференција во областа Мармарис, во јужна Турција, рече дека поради пожарот се евакуирани над 16.600 жители од повеќе од 3800 домаќинства во 28 населени места.

Бугарија испраќа во Македонија 25 пожарникари, три противпожарни и две амбулатни возила

Службениот премиер на Бугарија Стефан Јанев

По наредба на службениот премиер Стефан Јанев, Бугарија испраќа поддршка за Република Северна Македонија за справување со пожарите, објави денеска прес-службата на буагрскиот владини кабинет. Бугарија ќе ја поддржи земјава преку механизмот за взаемна помош, а за гаснење на пожарите во Кочани и Делчево, бугарската Влада планира да испрати 25 пожарникари, три противпожарни возила и уште две амбулантни возила.

Во телефонски разговор со премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, премиерот Стефан Јанев вчера кажа дека Бугарија е подготвена да им помогне на своите соседи со потребната поддршка за гаснење на пожарите, потсетува прес-службата на бугарската Влада во соопштението до медиумите.

По пожарот на втори август во Кочани, кој се закануваше да го зафати и градот, помош стигна од Србија која испрати четири хелихоптери за гаснење пожари кои веќе делуваат на македонска територија, а помош најави и Словенија.

Според денешните информации кои ги соопшти директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во земјава активни се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак.

Од утре пороен дожд, ветер и грмежи

Македонија деновиве е погодена од високи температури над 40 степени

Од утре попладне се очекува промена на времето со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално можна е појава на невреме со пообилен пороен дожд, силни електрични празнења, град и силен ветер со над 80 километри на час.

Синоптичарите препорачуваат во случај на појава на електрични празнења, граѓаните да бидат внимателни и да не престојуваат на отворено и под осамени дрвја. Во изминатиот период, земјава е во портокалова фаза со температури над 40-тиот степен.

Цивилите ги напуштаат домовите во Авганистан, се очекува контра офанзива на владата

Авганистанската војска во обид да се одбани од нападите на талибанците

Цивилите ги напуштаат своите домови денеска во јужен Авганистан додека владините сили се подготвуваат за противнапад со кој повторно би ги вратиле назад деловите од градот Лашкар Гах кои претходно ги заземаа талибанците. Во меѓувреме растат меѓународните грижи за зголемен број цивилни жртви во неколку градски средини.

И додека се интензивирани борбите на југот и западот од земјата, главниот град Кабул беше погоден од повеќе напади кои беа насочени кон центри за безбедност, при што загинаа осум луѓе. Главните области на Лашкар Гах, кој е главен град на провинцијата Хелманд, се под контрола на талибанците кои наводно ги опколиле објектите на локалната влада. Војската побара Авганистанците да се евакуираат од градот, но е нејасно по кои патишта цивилите може безбедно да го напуштат Лашкар Гах.

Полицијата соопшти дека тројца цивили и еден припадник на безбедносните сили се повредени во Кабул при експлозија во близина на Авганистанскиот национален директорат за безбедност. Нападот се случи неколку часа откако во експлозија на автомобил бомба во близина на дипломатската област во Кабул загинаа неколку луѓе меѓу кои и напаѓачите. Во друг напад чија цел се смета дека бил вршителот на должност министер за одбрана на Авганистан загинаа осум луѓе, а повредени се дваесет.

Бугарија ќе испитува дали македонската резолуција е во согласност со Договорот за добрососедство

Бугарскиот министер за надворешни работи Светлан Стоев

Бугарскиот службен министер за надворешни работи Светлан Стоев во интервју за софискиот весник „24 часа“ рече дека во последните два месеца инвестирале „сериозно време и напори“ во разговорите со Северна Македонија, но нагласи дека резолуцијата на македонското собрание го „стеснува полето на можности за компромис“.

„Наспроти ова, за жал, се појавуваат нови предизвици во билатералната агенда на Бугарија и Република Северна Македонија. Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година, дојде во време кога нашиот дијалог почнуваше да преминува во попозитивна и ветувачка фаза. Ваквите акции не само што имаат за цел да ја ослабат позитивната билатерална динамика во последните месеци, туку и да го стеснат полето на можности за компромис“, оценува Стоев.

Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, како што е целото име на документот, беше изгласана минатата недела со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниту еден глас против. Неа ја поднесе ВМРО-ДПМНЕ, а ја гласаше и владиното мнозинство откако амандмански беше вметнато уставното име на државата.

Во неа меѓудругото се предвидува преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ. Резолуцијата наведува и дека во преговорите мора да се почитуваат автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Стоев, кој е министер од службената влада на Бугарија која треба да опстои до евентуалното формирање на политичка влада по изборите што се одржаа во таа земја во јули, имаше неколку средби со македонскиот колега Бујар Османи. Разговорите меѓу двете земји беа интензивирани пред јунскиот самит на Европската унија кога се правеше обид официјална Софија да ја тргне блокадата на македонскиот европски пат. Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев отпатува во бугарскиот главен град каде што достави конкретен предлог, но бугарската влада одлучи да не ја менува позицијата.

Сега Стоев вели дека се потребни решителна волја и одговорност за надминување на проблемите наследени од минатото, без да се поставуваат нови пречки за отворен и искрен дијалог.

„Секој чекор назад не само што ги омаловажува напорите направени и го доведува во прашање она што е постигнато досега, туку и го попречува воспоставувањето атмосфера на доверба и отворена комуникација“, рече шефот на бугарската дипломатија.

Тој нагласува дека Бугарија внимателно ќе ја анализира усвоената Резолуција со цел да утврадат дали нејзината содржина е во согласност со Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година, како и нејзиниот потенцијално влијание на сегашниот дијалог.

„Едно нешто дефинитивно треба да биде јасно – за Бугарија е неприфатливо со вакви постапки да се мотивира или оправдува неисполнувањето на билатералниот договор“, смета Стоев

Судар на два воза во Чешка, двајца починати, десетици повредени

Два воза се судрија утрово во југозападна Чешка

Во судар на два воза во близина на чешкиот град Домажлице кој се наоѓа на југозападот на земјата загинаа две лица, а над 50 се повредени од кои пет се во критична состојба. Утрово брз воз кој патувал на релација Минхен-Плзен се судри со локален патнички воз при што двајца загинаа на лице место. На местото на несреќата се 12 спасувачки екипи со четири хелихоптери кои ги превезуваат повредените во болници.

Како што јавува Асошиејтед прес вкупно 52 лица се примени на медицинско лекување, а и соседна Германија испратила спасувачи да им помогнат на чешките колеги.

Министерот за индустрија, трговија и сообраќај Карел Хавличек рече дека до несреќата дошло поради човечка грешка кога машиновозачот на брзиот воз од Минхен не застанал на одредената дестинација.

Активни девет пожари низ Македонија, најкритично околу селото Дренак

Пожарникарите од Скопје помагаат во гаснењето на пожарите во Кочани и во Старо Нагоричане

Активни во моментов се девет пожари, а состојбата е најсериозна во Општината Старо Нагоричани, околу селото Дренак. Состојбата се менува од час во час, но ние ги имаме ангажирано сите расположливи ресурси и верувам доколку не се појават нови, во текот на денешниот ден ќе воспоставиме целосна контрола врз сите пожари, изјави за МИА в.д. директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Тој посочи дека состојбата е најкритична околу селото Дренок, а во овој момент таму дејствуваат три хеликоптери од Србија, заедно со еден aрмиски хеликоптер. Ангелов очекува наскоро тој пожар да биде ставен под контрола.

Втората посериозна ситуација е околу Пехчево, рече Ангелов додавајќи дека таму утрово делуваше хеликоптер на Армијата. Други активни пожари во овој момент има во Валандово, во месноста Погана, кој исто така зафаќа поголема површина со ниско стеблесто растение. Потоа, во кумановското село Коњув, околу селото Мурашав во Кратово, пожар има и во Прилеп, поточно на Плетвар, и уште еден пожар во Делчево. Исто така, и пожарот во Кочани што гори веќе трет ден, но како што посочи Ангелов, таму е упатен голем човечки потенцијал и имаат контрола врз него.

Во однос на пожарот во Валандово, пожарот се шири во различни правци, затоа што ветрот на едно место дува во една насока, а на само 500 метри, дува во друга насока. Но, Ангелов напомена дека имаат контрола врз ситуацијата.

„Од Србија имаме четири хеликоптери од кои три се за гаснење едниот е за извидница. Мора да имаме во предвид дека овие хеликоптери гаснат на туѓа територија која што не ја познаваат, и затоа мора да бидат придружени од еден наш армиски хеликоптер. Токму тоа беше причината вчера кога тие веќе беа подготвени да не можат да полетат, бидејќи нашите хеликоптери беа на терен и гаснеа. Доколку ги повлечевме назад за да ги земат српските во придружба, ќе се намалеше видливоста и истите немаше да можат да полетат, немаше време“, додаде Ангелов.

Грчките пожарникари се надеваат дека ќе го стават под контрола пожарот кај Атина

Статуата на божицата Атена во селото Варибоби, 30 километри северозападно од Атина кое што е зафатено од пожар, 03.08.2021

Грчките пожарникари кои и натаму се борат со големиот шумски пожар во подножјето на Парнас, во близина на Атина, денеска рекоа дека се надеваат дека огнот ќе биде ставен под контрола во наредните часови.

„Ситуацијата е подобра и се надеваме дека пожарот ќе биде ставен под контрола во наредните часови“, соопшти противпожарната служба.

Премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис утрово го посети селото Варибоби, 30 километри северозападно од Атина, каде е најголема штета има од шумските пожари. Десетина куќи изгореа, а бројни објекти претрпеа голема штета. Повеќе од 300 луѓе беа евакуирани од Варибоби и уште две околни села.

Повеќе од 500 пожарникари, со поддршка на хеликоптери и авиони, работат на гаснење на пожарот утрово, а густ чад стигна и до централните делови на Атина. Температурите во Атина и другите делови на Грција во последните денови достигнаа 42 степени Целзиусови.

Возовите не сообраќаат, машиновозачите бојкотираат поради неисплатена плата

Железничкиот сообраќај од вчера е во прекин поради бојкот на машиновозачите. Тие денеска очекуваат да се сретнат со менаџментот на претпријатието за да се најде решение за нивните барања.

„Сообраќајот се уште е во прекин. Ние сме тука и го чекаме менаџерскиот тим, изјави денеска за МИА Тони Димовски, претставник на машинскиот персонал во Железници на Република Северна Македонија- Транспорт“.

Машиновозачите бараат да им биде исплатен вториот дел од платата за јуни, а најавуваат дека до Управниот одбор на претпријатието и до Министерството за транспорт и врски ќе испратат допис во кој ќе побараат и исплата на надомест за квалитет. Бојкотот започна вчера во 16 часот кога беше стопиран товарниот и патничкиот железнички сообраќај.

Белоруската олимпијка која одби да се врати во Минск го напушти Токио

Белоруската атлетичарка на аеродромот во Токио од каде што се качи на летот за Виена, 4.8.2020

Белоруската атлетичарка Кристина Тимановскаја денеска замина од Токио со лет за Виена откако одби да замине дома од Олимписките игри пред два дена поради стравување дека ќе се соочи со казна од авторитарната влада на Александар Лукашенко.

Тимановскаја се очекува потоа да замине за Варшава откако полската влада и гарантираше хуманитарна виза. Таа замина во полската амбасада на втори август откако одби да му дозволи на белорускиот тим да ја присили да се качи на летот за Минск. Тимановскаја претходно за агенцијата Асошиејтед прес рече дека од белорускиот олимписки тим јасно и кажале дека по враќањето дома сигурно ќе се соочи со некаков вид на казна за јавното критикување на менаџментот на тимот. Шефот на делегацијата Дмитри Даухалионак одбил да даде коментар за агенцијата.

Претходно, белорускиот национален олимписки комитет за државната агенција соопшти дека ја набљудува ситуацијата и соработува со Меѓународниот олимписки комитет кој поведе истрага за обвинувањата од Тимановскаја кон нив.

Проблемите на атлетичарката почнаа кога, како што кажа, тренерите и рекле дека ќе учествува во трки во кои никогаш не се натпреварувала. Потоа таа објави видео на социјалните мрежи во кое го критикува белорускиот Сојуз за атлетика, кое подоцна го избриша.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG