Достапни линкови

Вести

Мадрид сака Сеута и Мелија да станат дел од Шенген-зоната

Mадрид размислува да ги прогласи Сеута и Мелија за дел од Шенген-зоната, изјави денеска шпанската министерка за надворешни работи Аранча Гонзалес Лаја.

Мароканците од градовите кои ги опкружуваат тие две шпански енклави на африканскиот брег во моментов може да влезат таму без виза, но им треба виза за да влезат во континенталниот дел на Шпанија, пренесува Хина.

Шпанија и Мароко во моментов спорат за Западна Африка, регион окупиран од Мароко.

Околу 150 мигранти утринава се обидоа од Мароко да влезат во соседната шпанска енклава Мелија, а во судирот со стапови и камења беа полесно повредени деветмина полицајци.

Во средината на мај, другата шпанска енклава Сеута на северот на Мароко беше погодена од незапаметен мигрантски бран од скоро 10 илјади луѓе, вклучувајќи и многу малолетници, откако мароканските власти ги ублажија контролите.

види ги сите денешни вести

Пожари на десетина локации низ Македонија, во гаснењето вклучена и Армијата

Пожари околу Кочани. Поради силниот ветер и сувата вегетација огнот брзо се шири.

Шумски пожари беснеат на над десетина локации низ Македонија. Како што имформираат локалните власти и противпожарните служби, шумски пожари има во Ранковце каде се изгорени и куќи, во Кочани каде на две места се зафатени десетици хектари шума, борова шума гори во Делчево и во Пехчево, како и кај локалитетот Кокино, во Старо Нагоричане кумановско. Пожар има и во села во Македонски Брод, во општина Липково околу Белановце и во скопско. Надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека се активни 13 пожари, а дека причина за нив се човековиот фактор и топлото време.

Според информациите, пожарите на две локации околу Кочани брзо се шират поради силниот ветер и сувата вегетација. Oгнот брзо се проширил во месноста Сламерник во западниот дел над градот и веќе се зафатени дел од куќите и помошните објекти во населбата Белско Маало, како што информираат екипите на Територијалната противпожарна единица од Кочани.

Тие соопштуваат дека максимално се ангажирани во локализирање на пожарите, а помош е побарана и од соседните единици од Виница и Пробиштип. На социјалните мрежи се објавени десетици видеа и фотографии на кои се гледаат огнените јазици како горат околу куќите во градот.

Претседателот на државата Стево Пендаровски вечерва соопшти дека за големиот пожар во Кочани наредбата како Врховен командант за ангажман на Армијата ја дал во 16:30 часот.

„Одобрена е и употреба на воздухопловите, кои денеска веќе интервенираа во Старо Нагоричане, а утре наутро одат на помош во Кочани. Во текот на денот беа ангажирани над 170 припадници на армијата, а во текот на ноќта ќе се следи состојбата на терен и ќе се ангажираат дополнителни сили, како и средства за справување со состојбите и помош на населението насекаде каде што има потреба“, наведе Пендаровски.

Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов вечерва на Фејсбук соопшти дека три екипи од Противпожарната бригада на Град Скопје, 15 пожарникари и 3 возила, се упатуваат да им помогнат на граѓаните на Кочани и дека ќе се стават на располагање на тамошните служби.

„Екипата на пожарникари е надополнета со 6 возила (цистерни) за дотур на вода од скопските комунални претпријатија. Во текот на денешниот ден, скопските пожарникари гасеа девет пожари во Скопје и скопско, а две екипи беа на испомош во Старо Нагоричане“, наведе Шилегов апелирајки граѓаните да се однесуваат внимателно во топлите денови.

Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) вечерва одржa итен состанок со цел мобилизација на тимовите за заштита и спасување од пожари како и вработените на ДЗС и ПОЗС, објави ДЗС на Фејсбук. Предложено e да се вклучат и доброволните противпожарни друштва.

„Апелираме до сите граѓани да се вклучат доброволно на местата каде што е неопходно и директно да ја известат ДЗС за пожари во целата територијата на државата. Само заедно можеме да се справуваме најсилно со ова зло“, стои во објавата.

Во Ранковце пожарот се проширил од шума во дел од населените места Радибуш и Отошница, при што биле опожарени дел од куќите, изјави градоначалникот на Ранковце Ивица Тошевски посочувајќи дека големата стихија се заканува да се прошири и кон останатите села на општината.

„Во моментв можам да кажам дека нѐ снајде голема катастрофа, огнот буквално го проголта домот во село Отошница, опожарени се куќи, има зафатено столбови за електрична енергија, струјата е во прекин. Очекуваме помош од соседните општини и во координација сме со Дирекцијата за заштита и спасување и со Центарот за управување се кризи (ЦУК)“, вели Тошевски.

Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.
Огромен пожар од попладнево пустоши во Ранковце, има изгорени и куќи.

Командирот на Територијалната противпожарна единица од Ранковце рече дека огнената стихија е голема и дека постои опасност од соединување на пожарот со оној во Старо Нагоричане.

Пожари во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско. 02.08.2021.
Пожари во Кокино, кај Старо Нагоричане, кумановско. 02.08.2021.

Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вечерва изјави дека 13 активни пожари беснеат низ земјава, а дека неколку од нив се исклучително сериозни.

„Најсериозна е состојбата во Старо Нагоричане каде огнот е стигнат речиси до куќите во селата Кокино и Степанце. Овде дејствува и армиски хеликоптер, а со наредба на врховниот командант на АРМ, претседателот Пендаровски, помош при гаснењето на пожарите ќе даде и пешадијата на Армијата“, изјави Ангелов за телевизија Телма додавајќи дека „скоро сите пожари се предизвикани од човеков фактор.“

Од пожар зафатени се шумите во атарите на планинските села Новоселани и Костин Дол, а поради конфигурацијата на теренот отежната е интервенцијата за негово гаснење, според противпожарните единици.

Во локализарањето на пожарите е вклучено и месното население, а како превентива е исклучена електричната енергија во западниот дел на Кочани.

Борова шума гори и меѓу општините Делчево и Пехчево, потврдува Територијалната противпожарна единица во Делчево.

Гани: Несигурноста во Авганистан е поради ненадејната одлука на САД

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани зборува на состанокот во авганистанскиот парламент во Кабул. 2 август 2021 година

Ашраф Гани за моменталната несигурност во Авганистан ја обвини „ненадејната“ одлука на Вашингтон да ги повлече војниците од земјата, во услови кога владините сили се борат против Талибанците за контрола врз јужниот главен град на провинцијата Хелманд.

За време на викендот се водеа борби во Лашкар Гах - главниот град на провинцијата, каде Талибанците започнаа координирана офанзива во центарот на градот, само неколку часа откако Владата објави распоредување на стотици специјалци во областа.

Талибанските милитанти, исто така, продолжија со нападите во текот на ноќта врз најмалку два други провинциски престолнини - Кандахар, исто така на југ и Херат во западниот дел на Авганистан - по тешките борби во текот на викендот поради кои илјадници цивили ја напуштија областа соочена со насилство.

„Причината за нашата ситуација е што одлуката беше донесена нагло“, рече Гани на заедничката седница на Парламентот.

Тој ја обвини „ненадејната одлука за повлекување на меѓународните трупи“ и рече дека го предупредил Вашингтон за таквите „последици“.

Но, тој рече дека неговата влада има план да ги стави условите под контрола во рок од шест месеци и дека САД го поддржуваат планот.

Инаку, американскиот претседател Џо Бајден објави дека американските сили ќе се повлечат од Авганистан до крајот на август, а дека странските војници под команда на НАТО исто така се повлекуваат во координација со нив.

Талибанците владееја со Авганистан од 1996 до 2001 година, кога беа соборени со интервенција на меѓународните сили предводени од Соединетите држави.

Војната во Авганистан започна во време кога Џорџ Буш беше претседател по нападите врз САД на 11 септември.

Тогаш Вашингтон му даде ултиматум на лидерот на Талибанците Мула Омар да го предаде лидерот на Ал Каеда Осама Бин Ладен и да ги демонтира камповите за обука на милитанти, а дека во спротивно ќе се соочи со воена интервенција. Омар тоа го одби, а коалицијата предводена од САД ја започна инвазијата во октомври.

Бајден повтори дека САД ќе останат ангажирани во Авганистан преку хуманитарна помош. САД, исто така, се обврзаа да инвестираат 4,4 милијарди долари годишно за финансирање на авганистанските безбедносни сили до 2024 година.

Белоруската олимпијка доби хуманитарна виза за влез во Полска

Јапонија - Белоруската атлетичарка Кристина Циманускаја влегува во полската амбасада во Токио, каде и беше доделена хуманитарна виза. 2 август 2021 година.

Полска соопшти дека и издала хуманитарна виза на белоруската олимписка атлетичарка Кристина Циманускаја, како и дека „ќе и ја обезбеди целата неопходна поддршка“, откако 24-годишна спортистка се бори да спречи нејзиното принудно враќање од Токио во Минск, откако навидум наиде на белоруски претставници.

Циманускаја влезе во полската амбасада во Токио, откако побара јапонска и меѓународна помош за да избегне летање во Белурусија против нејзина волја. Таа ноќта ја помина на меѓународниот аеродром во Токио.

Таа изрази стравување дека може да се соочи со апсење во својата земја поради критиките што ги објави на социјалните мрежи за тренерските гафови на нејзината репрезентација.

Драмата и меѓународните акции за одговор на нејзините молби за помош ги пофали американската амбасадорка во Белорусија, Џули Фишер, чија земја беше меѓу водечките меѓународни критичари на Алјаксандер Лукашенко, по неговото едногодишното сузбивање на про-демократското движење, бидејќи тој побара спорен реизбор во август 2020 година.

Проширена листата на Авганистанци кои имаат право на евакуација во САД

Илустрација - американски војник во Авганистан.

Соединетите Американски Држави објавија дека ја прошируваат акцијата за евакуација на авганистански државјани кои се во опасност во нивната татковина поради зголеменото насилство на Талибанците, додека повлекувањето на американската војска од Авганистан влегува во последните седмици.

Стејт департментот денеска објави дека сегашните и поранешните авганистански вработени во американските агенции за помош и развој, како и други хуманитарни групи финансирани од САД и новински организации со седиште во САД, сега ги исполнуваат условите за американски статус на бегалеци.

Одлуката беше донесена во време кога талибанските милитанти ја продолжуваат офанзивата за заземање територија во Авганистан, каде што САД и другите странски сили во мај започнаа официјално да се повлекуваат. Крајот на американското повлекување е планирано за 31 август.

САД веќе започнаа со евакуација на илјадници кандидати за имигрантска виза, кои се под ризик од можна одмазда на Талибанците, бидејќи работеле за американската влада.

Во петокот на 30 јули, првата група од 200 луѓе пристигна во Соединетите држави, од кои 2.500 ги поминаа сите чекори за да добијат визи, а одобрувањето се очекува во наредните недели.

Американската администрација претходно соопшти дека ги разгледува капацитетите низ САД и други земји во кои би можеле да бидат сместени апликантите и нивните семејства.

Специјални визи се достапни за граѓаните кои биле ангажирани како преведувачи или на други работни места за американската влада по интервенцијата предводена од САД во Авганистан од 2001 година.

Мицкоски на Илинден со повик за обединување против власта

Христијан Мицкоски - претседател на ВМРО-ДПМНЕ, денеска за Илинден се обрати од Ташмаруништа, струшко.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на одбележувањето на 2 Август – Денот на Републиката, од Ташмаруништа кај Струга повика на обединување против власта кое, како што посочи, ќе значи и надминување на разликите во опозицијата. Мицкоски рече дека на една маса мора да седнат сите на кои Македонија им е важна.

„Тука од Ташмаруништа на ден Илинден испраќам порака на обединување на нешто што е многу повеќе од коалиција за власт, туку обединување на блок составен од обесправени, жедни за правда и добар живот против власта која ги краде нашите животи и ја одзема иднината. Илинден обедини генерации Македонци за слобода. Испраќам апел за обединување против Заев и рушење на најлошата власт досега“, рече Мискоски.

Тој додаде точката на обединувањето е за да дадат отпор кон власта и, како што рече, да ја кренат урнисаната држава на нозе.

Мицковски ја критикуваше и одлуката на претседателот Стево Пендаровски денеска да не одржи говор на Мечкин Камен во Крушево. Пендаровски денеска објави кратко видео, бидејќи како што рече, атмосфера која е проследена со навреди повеќе разединува, отколку што обединува.

Мицкоски рече дека смета оти Пендаровски нема да одржи говор на Мечкин Камен поради стравот од народот „кој ќе им каже што мисли за нивното владеење“, наведе Мицкоски.

Петседателот на ВМРО-ДПМНЕ беше поканет од претседателот да присуствува на прославата во Крушево, но тој изјави дека заедно со делегацијата на партијата празникот ќе го одбележи во Ташмаруништа кај Струга и дека, на станот на Мечкин Камен го нарече „циркуски церемонијал“.

Пендаровски на ваквите изјави реагираше оценувајќи ги како „длабока навреда“ и велејки дека жали за одбивањето на поканата која била негов „искрен обид“ за надминување на политичките разлики браем за Илинден.

Еден починат и 54 нови случаи на коронавирус

Ковид-19

Во изминатото деноноќие се регистрирани 54 нови случаи на коронавирус во Македонија од направени 3.087 тестирања, информира Министерството за здравство. Починато е едно лице на 77 годишна возраст.

Најмногу нови случаи се регистрирани во Тетово – 32, во Скопје 13, Дебар – 4, Гостивар и Валандово по 2 и Кичево 1.

Регистрирани сe 28 оздравени пациенти.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.506, бројката на оздравени пациенти е 150.399, на починати е 5.494, а бројот на активни случаи изнесува 613.

Во Сиднеј војска проверува дали се почитува карантинот

Австралија - Персонал на австралиските одбранбени сили и полицијата на Нов Јужен Велс доставуваат пакети со храна за итни случаи за луѓето во предградието Ферфилд, југозападно од Сиднеј. 2 август 2021 година.

Во австралискиот град Сиднеј денеска на улиците се распоредени војници, за да се осигураат дека позитивните лица на коронавирусот го почитуваат карантинот.

Околу 300 војници пристигнаа во Сиднеј на барање на државната полиција на Нов Јужен Велс.

Тие ќе доставуваат пакети со храна и од врата на врата ќе проверуваат дали се почитува карантинот.

Во Сиднеј мерките за затворање веќе пет недели се на сила и треба да траат до крајот на август.

Градските власти се обидуваат да го спречат ширењето на делта варијантата на коронавирусот, со повеќе од 3.600 случаи регистрирани од средината на јуни.

Во градот Бризбејн во државата Квинсленд, властите одлучија дека ограничувањата и понатаму ќе останат на сила.

Австралија досега има регистрирано над 34.000 случаи на Ковид-19 и 925 смртни случаи.

Два големи пожари во Грција, температури до 43 степени

Грција - Поглед на изгорен автомобил во пожар во близина на Патрас, Грција, 1 август 2021 година.

Грчките пожарникари денеска се борат со два огромни пожари во Родос и северозападниот дел на Пелопонез, со температури кои надминуваат 40 степени целзиусови.

Повеќе од 3.000 хектари борова шуми и маслинови градини изгореа во Ахаја, во близина на градот Патрас на северниот брег на Пелопонез, проценува Националната опсерваторија во Атина, која се потпира на слики од европскиот сателит „Сентинел-2“ кој е дел од Програмата за набудување на Земјата, Коперник.

Пожарот избувна во саботата и се уште не е целосно изгаснат и ставен под контрола, па можно е опожарената површина да е уште поголема.

Метеоролошката служба најавува температури на Пелопонез од 44 и 45 степени целзиусови.

На Родос се уште постои оптимизам бидејќи, според проценките, пожарот што избувна во неделата денеска стивнува, а се очекуваат дополнителни засилувања во борбата против пожарот.

Четири канадери денеска тргнаа да го изгаснат пожарот во областа Панданас, соопшти цивилната заштита.

„Утрото, ситуацијата на Родос е подобра од вчера. Пожарот слабее од неколку страни и е речиси под контрола", изјави гувернерот на јужното Егејско Море Јоргос Шацимаркос, истакнувајќи дека е важно никој да не загине во пожарот.

Високи температури преовладуваат низ цела Грција. Од 40 до 42 Целзиусови степени на островите и од 41 до 43 степени на континенталниот дел.

Брисел: Нема пристап до документи за наводниот словенечки „нон-пејпер“

Европскиот совет во Брисел.

Европскиот совет одби пристап до документи „од секаков вид и на кој било достапен јазик што се однесуваат на наводниот словенечки „нон пејпер“ и на можните словенечки иницијативи во врска со прецртувањето на границите на Западен Балкан и дискусиите на оваа тема“, потврди официјално Европскиот совет за Радио Слободна Европа.

Како што изјави Владас Кукулскис од прес-службата на Генералниот секретаријат на Европскиот совет, одлучено е да се одбие пристапот бидејќи објавувањето на таквите документи „ќе ја наруши заштитата на јавниот интерес во однос на меѓународните односи“.

РСЕ побара информации дали Советот го одбил пристапот до документи поврзани со наводниот нон-пејпер што словенечкиот премиер Јанез Јанша наводно го испратил до претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел претходно оваа година, како што објавија некои медиуми.

Во почетокот на јуни, австриските власти и потврдија на официјалната агенција на таа земја, АПА, дека постои документ поврзан со наводниот словенечки нон-пејпер за промена на границите на Западен Балкан.

Во април годинава, словенечкиот портал „Нецензурирано“ објави наводен неофицијален дипломатски документ „нон-пејпер“ кој, според порталот, премиерот на Словенија Јанез Јанша го испратил во Брисел.

Наводниот документ предвидува припојување на енититетот на БиХ, Република Српска, кон Србија, анексија на делови од Црна Гора и Северна Македонија со албанско мнозинство во Албанија и анексија на делот од БиХ, западна Херцеговина, кон Хрватска.

Јанез Јанша ги демантираше ваквите информации.

Осум загинати во пожарите во Турција

Пожари во Турција.

Осум лица загинаа во големите пожари што ја зафатија Турција.

Од земјата пристигнуваат застрашувачки снимки, кои покажуваат евакуација на туристите со чамци и бродови.

Како што јавува Би -Би -Си, повеќе од 120 пожари се ставени под контрола, но пожарникарите се уште се борат со седум пожари.

За време на викендот, туристите, персоналот на хотелите и локалното население мораа да бидат евакуирани по морски пат од популарните дестинации Бодрум и Мармарис. На помош пристигнаа и сопственици на приватни бродови.

Жителка на Мармарис, на прашањето дали мисли дека причина за пожарите оваа година се големите жештини, таа одговори: "Не знам. Поинаку е".

"Никогаш порано не сум видел вакво нешто. Порано имавме мали пожари, но никогаш не сум видел вакво уништување", рече таа.

Истражителите се обидуваат да утврдат дали некој од пожарите бил подметнат.

Влошување на безбедносната состојба во Авганистан

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани

Авганистанскиот претседател Ашраф Гани изјави денеска дека влошувањето на безбедносната состојба во Авганистан е поради „ненадејната“ одлука на Соединетите држави да ги повлече сите свои војници од земјата. „Сегашната ситуација се должи на ненадејната одлука на Вашингтон“, рече Гани во авганистанскиот парламент.

Талибанците го нападнаа аеродромот во Кандахар

Талибанците веќе три месеци водат офанзива низ Авганистан. Во последните недели се приближија Кандахар, лулката на талибанското движење, како и Херат на запад и Лашкар Гаху, главниот град на јужната провинција Хелманд.

Белоруска атлетичарка во Токио ќе бара азил во Австрија или Германија

Белоруската атлетичарка Тиманускаја на аеродромот во Токио, 1 август 2021 година

Атлетичарката Кристина Тиманускаја која учествува на Олимпијадата во Токио изјави дека нејзиниот живот бил загрозен во Белорусија и ќе побара азил во австриската или германската амбасада во Токио. Претходно Тиманускаја, која денеска требаше да учествува во трката на 200 метри, ги критикуваше официјалните претставници на белорускиот олимписки тим на нејзиниот профил на Инстаграм, по што тие и рекле веднаш да замине од Токио. Таа изјави, дека била наведена во трката 4x400 метри, иако досега никогаш не учествувала во таа дисциплина.

Белорусија забрани опозициска телевизија означувајќи ја како екстремистичка

Новинските агенции јавуваат дека кампањата што се спроведува против неа била прилично сериозна и дека е јасен сигнал оти нејзиниот живот ќе биде загрозен во Белорусија. Агенцијата АП јави дека таа побарала помош од јапонската полиција на аеродромот Ханеда и не се качила на авионот за Истанбул. МОК, кој е во спор со Олимпискиот комитет на Белорусија, објави дека интервенирал и оти ќе бара појаснување за случајот.

Косово му додели признание на Бо Бајден, син на американскиот претседател

Претседателката на Косово, Вјоса Османи и амбасадорот на САД Филип Коснет со претседателскиот медал за владеење на правото, за починатиот Бо Бајден

Косово постхумно му додели претседателски медал за владеење на правото на Бо Бајден за неговиот придонес во судскиот систем по 1999 година. Бо Бајден е син на американскиот претседател Џо Бајден. Почина во 2015 година, а по завршувањето на војната во 1999 година, работеше на проект за обука на ОБСЕ за косовски судии и обвинители. На свеченоста, организирана од претседателот на Косово, Вјоса Османи, во неделата вечер, наградата ја прими американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет.

Бајден вели дека Косово има „посебно место“ во неговото семејство

„Ова е неверојатно“, рече американскиот претседател Бајден во петминутната видео порака, која беше снимена однапред и емитувана за време на церемонијата, додавајќи дека Бо „се заљубил во Косово“ и дека длабоко верува во неговата независност и демократија. „Затоа тој беше толку посветен да работи со народот на Косово, за да се осигура дека воените злосторства се темелно истражени и професионално гонети, за да му помогне на Косово да изгради фер правосуден систем способен да донесе правда и помирување во земјата“, рече Бајден. „Со прифаќањето на оваа награда, во име на мојот син, исто така сакам да го признаам и поздравам неверојатниот напредок што го направи Косово во последните 20 години“, рече тој, додавајќи дека има уште многу работа. Пред пет години автопатот во близина на американската база Бондстил го доби името Бо Бајден.

Апсења и конфликти со полицијата на анти-ковид протестите во Берлин

илустрација

Стотици луѓе протестираа вчера во Берлин против мерките на германската влада во борбата против коронавирусот и покрај забраната за собирот, што доведе до апсења и конфликти со полицијата. Локалните власти забранија неколку различни протести регистрирани за викендот. Берлинската полиција ангажираше повеќе од 2.000 полицајци низ градот. Беше наведено дека демонстрантите се обиделе да го пробијат кордонот, па полицијата користела солзавец, а во некои делови од Берлин, беа уапсени демонстранти.

Германија најави можни ограничувања за невакцинираните

Во мај Германија ублажи многу мерки поврзани со коронавирусот, вклучувајќи повторно отворање на рестораните и баровите. Сепак, за многу активности, како влез во затворените простории на рестораните или престој во хотел, се бара доказ за вакцинација, негативен тест или дека лицето заздравело од коронавирус.

Европски ден на сеќавање на Холокаустот на Ромите

Ромите на денешен ден го одбележуваат денот на кој повеќе од 3.000 ромски мажи, жени и деца беа погубени на 2 август 1944 година во гасната комора во „Цигенојерлагер Б3" во Аушвиц - Биркенау. Геноцидот за Ромите за време на Втората светска војна е далеку најголема трагедија во историјата на Ромите. По повод европскиот ден на сеќавање на Холокаустот Проектот на УСАИД за инклузија на Ромите вчера организираше настан во Градскиот Парк во Скопје. Преку изложби, фотографии и презентации на факти и сведоштва и прикажување на канадскиот документарен филм „Неброен народ: Нераскажаната приказна за Ромите“, посетителите имаа можност да се информираат за прогонот и истребувањето на Ромите во Европа.

Протест поради убиство на Ром пред Чешката амбасада во Скопје

„Да не се заборави и да не се повтори“ е паролата која се пренесува од генерација на генерација. За ромската заедница овој датум значи болка и траума, особено за семејствата на жртвите од Холокаустот, но и претставува силен поттик за барање на правда, еднаквост и борба против дискриминацијата, изјави Шенас Имер, програмски координатор на проектот на УСАИД за инклузија на Ромите.

Послаб земјотрес почувствуван во Скопје

сеизмограф прикажува сеизмичка и земјотресна активност

Земјотрес со послаб интензитет, но силен разорен звук, беше почувствуван синоќа во Скопје. Според EMSC, станува збор за земјотрес со сила од 3,3 степени според Рихтеровата скала, кој се случил во близина на тромеѓето меѓу Македонија, Србија, Косово. Граѓаните на Скопје кои го почувствуваа, велат дека тресењето не било толку силно, колку што бил вознемирувачки звукот.

С. Македонија на петто место по бројот на починатите од ковид-19 според бројот на населението

болница во Сараево, на 19 март 2021 година.

Северна Македонија, според извештајот што го објави француската новинска агенција Франс прес, е на петтото место по смртни случаи според бројот на населението, односно 264 починати на 100.000 жители. На прво место е Перу кој има најголем број на смртни случаи во однос на популацијата (596 смртни случаи на 100.000 жители), а ја следат Унгарија (311), Босна и Херцеговина (285), Чешка (284). Според овој извештај, од почетокот на пандемијата на коронавирусот досега починале најмалку 4 милиони и 220 луѓе во целиот свет, а скоро 198 милиони биле заразени.

Нови 72 случаи на ковид19, нема починати

Огромното мнозинство на пациентите заздравило, но сепак голем дел ги задржува симптомите со недели или дури месеци. Бројките се базираат врз секојдневните извештаи поднесени од страна на здравствените власти во секоја земја. СЗО проценува, земајќи го предвид морталитет директно или индиректно поврзан со ковид-19, дека жртвите на пандемијата би можеле да бидат два до три пати повеќе од официјално забележаните. Голем дел од полесни или асимптоматски случаи, исто така, останува неоткриен и покрај интензивирањето на тестирањето во многу земји.

Чествување на 2 Август – Ден на Републиката и Илинден

Македониум, Крушево

Граѓаните на Република Северна Македонија денеска го празнуваат 2 Август – Денот на Републиката. Ден со кој на Илинден во 1903 година – со Илинденското востание и Крушевската република, а потоа и на вториот Илинден, во 1944 година со АСНОМ – Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија, беа поставени столбовите на Републиката и на државноста. Годинешното одбележување на најголемиот државен празник се совпаѓа со значајните годишнини: 30 години од независноста и 20-годишнината од Охридскиот рамковен договор.

Пендаровски непријатно изненаден од изјавата на Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ го нарекоа нотар на Заев

Одбележувањето на празникот ќе започне во Скопје, во организација на Собранието на Република Северна Македонија со почеток во 09:00 часот. Собраниската делегација, која ќе ја предводи претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери ќе положи цвеќе на спомениците на Методија Андонов Ченто, на президиумот на АСНОМ и на Никола Карев. Програмата во Скопје потоа продолжува со обраќање на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери. Државната празнична програма продолжува пред Меморијалниот центар АСНОМ, во Пелинце, во чест на Првото заседание на Антифашистичкото Собрание на Народното ослободување на Македонија-АСНОМ со почеток во 09:45 часот. Делегацијата ќе ја предводи премиерот Зоран Заев кој ќе има обраќање. Државните почести по повод Денот на Републиката во Крушево, во организација на претседателот на Република Северна Македонија Стево Пендаровски започнуваат со панихида во храмот Св.Никола, во 10:20 часот, по што ќе следува полагање цвеќе на гробот на Никола Карев, празнична програма пред споменичниот комплекс Македониум и полагање цвеќе на споменикот на хероите на Слива.

Претседателот Пендаровски со нов концепт за прославата на Илинден

Централниот дел од државната програма за чествување на 2 Август – Денот на Републиката ќе започне во 18 часот на Мечкин Камен со поздрав на илинденската коњаница проследена со костимирана придружба, поздрав на Армијата на Република Северна Македонија и со полагање на цвеќе и венци на споменикот на Мечкин Камен.

Александар Николоски ќе ја предводи делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски потврди дека нема да присуствува на чествувањето на Илинден на Мечкин Камен во Крушево. Најави дека традиционално 2 Август ќе го помине во населеното место Ташмаруништа, во близина на Струга. За новиот концепт на прослава на Илинден инициран од претседателот Стево Пендаровски, тој го нараче импровизирано чествување на најголемиот празник на македонскиот народ. Програмата за одбележување на Денот на Републиката и оваа година го опфаќа и традиционалното чествување на Илинден во Смилево во организација на Општина Демир Хисар. Програмските содржини во Смилево почнуваат со положување цвеќе на могилата Даме Груев, споменикот на Смилевските илинденци и спомен плочата на Смилевскиот партизански одред во девет часот, по што следува посета на Меморијалниот музеј и положување цвеќе на споменикот на Даме Груев.

Времето денеска: сончево и особено топло

Ќе биде сончево и особено топло. Од пладне ќе дува умерен до засилен ветер од западен правец. Дневната температура ќе биде од 32 до 43 степена. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 41 степен.

Нови 72 случаи на ковид19, нема починати

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Министерството за здравство информира дека во последните 24 часа се направени 5.759 тестирања, а регистрирани се 72 нови случаи на ковид19. Од нив во Скопје – 20, Куманово – 14, Тетово – 10, Гостивар – 9, Битола – 7, Струмица – 5, Охрид – 3, Кавадарци, Струга, Кичево и Берово - по 1. Не се пријавени починати, а регистрирани сe девет оздравени пациенти.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 156.452 бројката на оздравени пациенти е 150.371, на починати е 5.493, а бројот на активни случаи изнесува 588.

Во Германија ќе му се суди на стогодишен поранешен чувар во нацистички логор

Илустрација- нацистички камп во Германија за време на Втората светска војна

Стогодишен поранешен чувар во нацистички концентрационен логор ќе биде суден во Германија во текот на годинава откако окружниот суд ги прифати обвиненијата за учество во убиството на повеќе од 3500 луѓе. Обвинетиот, чие име не се објавува поради германските закони за медиуми и приватност тој е осомничен дека бил нацистички чувар во концентрационен логор во близина на Берлин од 1942 до 1945 година.

Властите претходно оценија дека е способен да му се суди 76 години по завршувањето на Втората светска војна. Германските медиуми јавуваат дека судот во Нojрупин смета дека стогодишникот може да биде во судницата по околу два часа дневно во рамките на процесот кој треба да почне во октомври. Специјалното федерално обвинителство за воените злосторство во нацистичко време во 2019 година го пратило случајот во судот во Нojрупин.

Логорот во кој стогодишникот работел како чувар имал гасна комора и мрачна евиденција за смрт и тортура, а спроведувал и медицински експерименти. Во него главно биле сместени политички затвореници.

И Босна и Херцеговина погодена од бура

Северозападниот дел од Босна и Херцеговина денеска беше зафатен од бура, што предизвика материјална штета во повеќе градови. Силниот ветер откорна дрва во Бихаќ, а во Цазин ветерот носеше кровови на куќи, и собори дрвја и огради. На подрачјето на Костојница ветерот достигна брзина од 50 до 70 километри на час.

Бура денеска ја погоди и Храватска, односно подрачјето на Сисачко-мославачка жупанија, ветерот предизвика материјална штета во Сисак, Петриња, Глина, Кутина и Хрватска Костојница. Силниот ветер корнеше дрвја и оштети домови, автомобили и други објекти, а сообраќајот се одвива отежнато.

Најмалку шест луѓе загинаа во пожарите во Турција

Пожари во Турција

Илјадници припадници на спасувачките служби веќе петти ден се обидуваат да ги изгаснат големите шумски пожари во Турција и да ги евакуираат туристите од летувалиштата.

Синоќа се евакуирани туристите од неколку места во егејскиот регион Бодрум и се одведени на безбедно место, додека денеска се евакуирани туристите од место во провинцијата Анталија. Турскиот министер за земјоделство и шумарство Бекир Пакдемирли денеска изјави дека пет од сто пожари се уште се активни, а силниот ветер го отежнува нивното гаснење.

Турција уште од средата се бори со најголемите шумски пожари во изминатите неколку години, при што загинаа шест луѓе, а стотина се повредени. Претседателот на Турција Реџеп Тајип Ердоган вчера погодените подрачја ги прогласи за „зони на катастрофи“ и вети дека ќе им биде надоместена штетата на граѓаните.

Турските власти почнаа истрага за причините за пожарите, при што не се исклучува дека се намерно подметнати. Метеоролозите предвидуваат следните денови температурата да се искачи над 40 степени Целзиусови.

Александар Николоски ќе ја предводи делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски пред седиштето на партијата

Од ВМРО-ДПМНЕ попладнево информираа дека утре на 2 август Илинден, партискиот претседател Христијан Мицкоски ќе биде присутен во струшкото село Ташмаруништа и дека таму ќе одржи говор.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот на партијата Александар Николоски ќе присуствува во Крушево, а делегација предводена од партискиот потпретседател Владо Мисајловски ќе учествува во одбележувањето во Скопје. На Пелинце во Меморијалниот центар „АСНОМ“ делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски.

Претходно денеска Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали делегација на ВМРО-ДПМНЕ ќе оди утре во Крушево рече дека „дел од циркускиот церемонијал предводен од претседателот Стево Пендаровски нема да биде делегацијата“.

По ова реагираше кабинетот на претседателот Стево Пендаровски кој наведе дека е крајно непријатно изненаден од квалификацијата на господинот Мицкоски.

"Не се памети, години наназад дека некој наш политичар искажал толку длабоко непочитување кон најголемите херои, креативци и артисти на македонскиот народ и македонските граѓани“, наведоа од Кабинетот на претседателот.

ВМРО-ДПМНЕ се противи на новиот концепт кој го најави претседателот за одбележување на Илинден според кој тој нема да има говор, туку снимено видео обраќање, делегации ќе положат цвеќе, а ќе има културно-уметничка програма.

Дел од Хрватска погоден од силна бура

Бура денеска го погоди подрачјето на Сисачко-мославачка жупанија, ветерот предизвика материјална штета во Сисак, Петриња, Глина, Кутина и Хрватска Костојница. Силниот ветер корнеше дрвја и оштети домови, автомобили и други објекти, а сообраќајот се одвива отежнато.

Невремето предизвика и прекин во снабдувањето со електрична енергија во неколку населени места.

Според метеоролозите следната недела Хрватска ја очекува променливо облачно и несатбилно време.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG