Достапни линкови

Вести

Италија го казни Гугл поради злоупотреба на доминантната положба

Гугл мапс

Гугл ќе биде казнет со над 100 милиони евра во Италија поради злоупотреба на доминантната положба на пазарот, соопшти денеска италијанското тело за заштита на конкуренцијата.

Казната од 102 милиони евра е образложена со одбивањето на интернет гигантот на својата платформа Гугл плеј да прифати независна апликација која овозможува пронаоѓање страници за полнење електрични автомобили.

„Со оперативниот систем Андроид и продавницата за апликации Гугл плеј, Гугл има доминантна положба. Треба да се има на ум дека во Италија околу три четвртини од паметните телефони користат Андроид“, се наведува во соопштението.

Според италијанскиот регулатор, Гугл не одобрил употреба на апликацијата ЏусПас, која ја развил италијанскиот енергетски гигант Енел.

Таа апликација е конкурент на апликацијата Гугл мапс.

Италијанскиот регулатор исто така му наложи на Гугл да им ги стави на располагање на компанијата Енел Икс Италија и на другите производители на апликации „инструментите за програмирање апликации на Андроид Ауто“.

види ги сите денешни вести

МНР на Бугарија: Првата меѓувладина конференција веднаш штом Скопје го потпише протоколот

Илустрација

Собранието донесе одлука за поддршка на земјите од Западен Балкан во ЕУ. Ние не додадовме нови барања до Скопје и сме подготвени да ја одобриме првата меѓувладина конференција веднаш штом нашите пријатели од Северна Македонија ќе го потпишат протоколот, како што разговараа и министрите за надворешни работи, напиша бугарското Министерство за надворешни работи на Твитер.

Народното собрание на Бугарија денеска го одобри францускиот предлог за Северна Македонија. За гласаа 170 пратеници, 37 беа против, а 21 воздржани.

„Бугарскиот парламент денеска донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија“, напиша премиерот на Бугарија во оставка Кирил Петков на Фејсбук.

Според усвоената одлука, Парламентот ѝ дава право на Владата во оставка на Петков да ги одобри преговарачката рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

Премиерот Димитар Ковачевски претходно рече дека „францускиот предлог“, ваков каков што е во моментов, е неприфатлив за Македонија.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.

Двајца починати и десетици во болница од труење со алкохол во Иран

Најмалку две лица починале, а десетици други се разболеле откако конзумирале фалсификуван алкохол во јужната иранска провинција Кузестан, објави полуофицијалната новинска агенција ИСНА на 24 јуни.
Здравствените власти соопштуваат дека 33 лица се хоспитализирани, а седум од нив имаат слепило. Претходно властите соопштија најмалку две лица починале поради труење со алкохол.

Консумацијата на алкохол е строго забранета во Иран, а оние кои се уапсени за пиење се соочуваат со казни кои се движат од камшикување до смртна казна за повторените престапници. Меѓутоа, алкохолните пијалоци на големо се шверцуваат во Иран, а многумина консумираат и домашен алкохол, кој секоја година убива многу луѓе низ целата земја.

Економските политики на владата, заедно со меѓународните санкции, доведоа до нагло зголемување на цените, вклучувајќи ја и цената на алкохолот во Иран, принудувајќи многумина да бараат поевтини алтернативи.

САД ослободија авганистански затвореник од затворот Гвантанамо

Поморска база на САД во заливот Гвантанамо, Куба.

Американските властите го ослободија еден од последните преостанати авганистански затвореници кои се држат во заливот Гвантанамо, американски притворен центар на островот Куба.

Семејството на Асадула Харун, кој беше затворен 15 години, соопшти дека биле информирани за неговото ослободување на 24 јуни. Се верува дека тој има околу 40 години и дека сега е во Катар.

Пентагон во соопштение наведе дека Харун бил префрлен од притворската установа и на крајот ќе биде вратен во Авганистан. Пентагон се заблагодарува на владата на Катар за помошта.

Харун беше уапсен од американските сили во 2006 година додека работел како трговец со мед кој патувал меѓу Авганистан и Пакистан.

Тој беше префрлен во 2007 година во заливот Гвантанамо, обвинет дека е курир поврзан со Ал Каеда и дека бил командант на друга милитантна група. Тој не беше официјално обвинет, а неговото семејство ги негираше обвинувањата.

Затворот се наоѓа во рамките на американската воена база на островот Куба и е под американска јурисдикција.

Затворот е отворен во 2002 година. Во своите „најдобри времиња“ во него биле сместени околу 800 осомничени милитанти заробени од силите на САД. Голем дел од нив беа држени без обвинение или законска моќ да го оспорат нивниот притвор.

Повеќето од затворениците се ослободени, вклучително и високи талибански лидери. Во април, американските воени претставници изјавија дека 37 луѓе останале во објектот.

Администрацијата на американскиот претседателот Барак Обама објави дека сака да го затвори објектот, но планот беше спречен од противењето на републиканските политичари и правните прашања.

Администрацијата на претседателот Џо Бајден работи на намалување на бројот на затвореници, исто така со крајна цел да го затвори.

Хрватска ќе почне да го користи еврото од 2023

Лидерите на Европската унија денеска се согласија Хрватска да почне да го користи еврото како национална валута од 1 јануари 20213. Со тоа Хрватска се приклучи на групата земји кои го користат еврото, со што бројот на земји со заедничка валута од јануари ќе достигне 20.

„Еврото е монетарен израз на нашата заедничка судбина и е дел од нашиот европски сон“, рече претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, кој претседаваше со самитот на Унијата во Брисел.

„Сега сонот се остварува за Хрватска“, додаде Мишел.

По разговорите со европратениците и Европската централна банка, процесот ќе заврши со очекуваното усвојување во јули на три правни акти што ќе ја овозможат промената.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ рече дека одлуката на ЕУ „е одличен сигнал за Хрватска, за економијата на Хрватска. Хрватска е подготвена за еврозоната“.

Преминот на Хрватска од куната како валута кон еврото доаѓа на помалку од една деценија откако земјата, која порано беше дел од Југославија, влезе во ЕУ. Не сите земји од ЕУ го користат еврото како своја национална валута, иако повеќето целат кон тоа.

Петков до Ковачевски: Биди храбар, прифати го компромисот

Архивска фотографија - Бугарскиот премиер Кирил Петков и македонскиот премиер Димитар Ковачевски во Софија, март 2022.

Бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков ја повика Северна Македонија да ја искористи можноста, откако бугарскиот Парламентот даде зелено светло на „францускиот предлог“ за интеграција на С. Македонија во ЕУ.

Тој во интервју за бриселскиот портал „Политико“ го повика својот колега од С. Македонија, Димитар Ковачевски, да биде храбар и да го прифати компромисот, што го предлага француското Претседателство со ЕУ, со кој ќе ја отвори вратата за Скопје да започне формални преговори за членство во ЕУ.

Но, Петков, признава дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што му се случи и на самиот Петков, откако во средата Собранието му изгласа недоверба.

Помали коалициони партнери во владата на Ковачевски, веќе се изјаснија дека ќе ја напуштат коалицијата доколку се прифати францускиот предлог.

„Како политичар треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата, да направам чекор напред? Не е удобно да се оди во таа насока. И мислам дека таква одлука сега треба да направи Димитар Ковачевски. Да бев на негово место немаше да размислувам двапати. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро достигнување за еден премиер. Но, потребна е храброст“, вели Петков за „Политико“.

Петков е во Брисел на Самитот на ЕУ. А во Бугарија денеска Парламентот усвои декларација, со која, како што се наведува во текстот, се утврдуваат условите под кои Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на С. Македонија. Во нивниот документ се додадени уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ.

Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Според усвоената одлука, Парламентот и дава право на Владата во оставка на Петков да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети посочените услови.

Шефот на ОН предупредува на катастофа поради недостиг на храна

Поле со жито.

Светот се соочува со катастрофа поради глобалниот недостиг на храна, при што руската инвазија на Украина само ја надополнува и онака тешката ситуација, предупреди денеска генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш.

„Постои реален ризик дека во 2022 ќе биде прогласена повеќекратна глад“, рече Гутереш во видео пораката до функционерите од десетина богати и земји во развој, кои се состанаа во Берлин на 24 јуни.

„А 2023 може да биде уште полоша“, додаде Гутереш, кој вели дека е неприфатливо во 21 век да има гладување.

Гутереш на собирот рече дека војната во Украина само ги комплицирала проблемите што се создаваат со години, како што се климатските нарушувања, пандемијата со ковид-19, нееднаквото закрепнување на земјите.

Тој рече дека е клучно Украина и Русија, кои заедно произведуваат околу 29 отсто од глобалниот извоз на пченица, да најдат начин да ја обноват нормалната трговија.

Испораките од украинските пристаништа се запрени по руската инвазија на таа земја.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок, која беше домаќин на собирот во Берлин, вели дека целосно се неодржливи тврдењата на Русија дека западните санкции наметнати поради инвазијата на Кремљ на Украина се виновни за недостигот на храна.

Гутереш рече дека преговарачите на ОН разговараат со Русија за да се договорат да се врати протокот на производи на светските пазари.

Тој, исто така, рече дека повисоките цени на ѓубривата и енергенсите ги погодуваат земјоделците во Азија, Америка и на други места, со што им е отежнат процесот на извоз на прехранбени производи на пазарот.

Врховниот суд на САД го укина уставното право на абортус

Поддржувачите на забраната на абортусот пред Врховниот суд на САД во Вашингтон, 24 јуни 2022 година.

Врховниот суд на Соединетите Американски Држави (САД) денеска донесе пресуда со која се укинува полувековното право на абортус, пренесе АП.

Судот во кој доминираа конзервативците ја поништи одлуката „Ро против Вејд“ од 1973 година со која се гарантира правото на жената на абортус.

„За“ одлуката гласаа шест судии, а против беа тројца.

Судот соопшти дека абортусот не се укинува, туку дека државите можат сами да ја дозволат или ограничат постапката.

Во пресудата „Ро против Вејд“ од 1973 години, Врховниот суд со седум гласа „за“ и два против им даде право на жените на абортус, заштитено со американскиот устав.

Со таа одлука жените во Америка имаа апсолутно право на абортус во првите три месеци од бременоста, но дозволи ограничувања во вториот триместар и го забрани абортусот во третиот семестар.

Досега судот им дозволуваше на федералните држави да го регулираат, но не и да го забранат абортусот.

„Уставот не дава право на абортус. Одлуката од 1973 е поништена, а моќта за регулирање на абортусот е вратена на народот и неговите избрани претставници“, соопшти Судот.

Се очекува половина од американските држави да воведат нови ограничувања или забрани, а милиони жени во САД ќе го изгубат ова постојно законско право, пишува Би-Би-Си.

ССМ в понеделник ќе го блокира влезот во Скопје кај Автокоманда

Протест на ССМ пред Собранието на Македонија. ССМ постави 120 празни столчиња наменети за пратениците во Собранието.

Незадоволството на работниците од јавниот сектор е огромно и од тие причини Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) на денешната седница одлучи незадоволството да го изразува на улица.

В понеделник, 27 јуни, од 7 до 10 часот синдикалците ќе го блокираат влезот на главниот град Скопје на крстосницата во населба Автокоманда на булеварот „Александар Македонски“ со „16 Македонска бригада“, а ќе бидат пропуштани само возила на итна медицинска помош, полиција, армија и пожарна, соопштија од ССМ.

„Пораката ќе биде јасна за пратениците кои не даваат поддршка и глас за предлог амандманот на ССМ, зошто работниците не се задоволни од нивната продуктивност и ангажман за надминување на работничките проблеми, а на овој начин пратениците нема да можат да стигнат во Собранието за да наплатат патни трошоци, а истото важи и за владините министри кои се глуви за работниците и работничките барања во оваа криза“, велат од ССМ.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија сметаат дека сите работодавачи треба да ги следат примерите од локално ниво каде што штрајкот е со успех и работниците го добиваат заслуженото и одработеното усогласување на платите за 2806 денари, што е едно од главните барања и главна причина за штрајкот.

Денеска генералниот штрајк на ССМ се одржа пред Министерството за финансии, каде повторно побараа нивното барање за линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник да се вметне или преку амандман во ребалансот на Буџетот или преку Општиот колективен договор.

На 22 јуни ССМ стартуваше генерален штрајк во јавниот сектор со барање за повисоки плати.

ЕСМ му понуди поскапа струја на ЕВН за од јули

Сметка за струја во поштенско сандаче.

Само една понуда и тоа со повисока цена за струја добила на тендер ЕВН Хоме како универзален снабдувач на струја на тендерот за корисниците во периодот јули-декември. На тендерот на ЕВН пристигнала само една понуда од АД ЕСМ, која изнесува 48 евра за мегаватчас и е за 17 проценти повисока од претходната.

„АД ЕСМ како најповолен и единствен понудувач на тендерот преку електронскa аукција, му понуди на ЕВН Хоме купопродажна цена на електрична енергија од 48 евра за мегаватчас, за покривање на 100 проценти од вкупно планираните количини. Добиената купопродажна цена 48 еврa за мегаватчас за периодот јули-декември 2022 e за 17 проценти повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јануари-јуни 2022), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегаватчас за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоме како Универзален снабдувач“, информираат од ЕВН Македонија.

За цената на електричната енергија на ЕВН Хоме, како што посочуваат, во наредниот период ќе одлучува Регулаторната комисија за енергетика, а таа ќе зависи од повеќе влезни параметри, како што се: цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на Преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.

Од АД ЕСМ, пак, вчера соопштија дека врз основа на направените анализи и пресметки утврдиле дека се во состојба да ги обезбедат вкупните количини на електрична енергија кои му се потребни на ЕВН Хоме. За таа цел АД ЕСМ го зголеми планот за производство на електрична енергија за 2022 година за 20 проценти од производството во минатата година.

Макрон го поздрави гласањето во Бугарија за францускиот предлог

Францускиот претседател Емануел Макрон, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел зборуваат пред почетокот на состанокот на лидерите ЕУ-Западен Балкан, во Брисел, Белгија, 23 јуни 2022 година.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон го поздрави гласањето во бугарскиот Парламент за францускиот предлог и рече дека процесот продолжува, јави дописничката на МИА од Брисел.

„Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот Парламент кој отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие“, рече Макрон попладнево на прес-конференцијата во Брисел.

Тој додаде дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Северна Македонија.

Црвени линии за македонската влада се јазикот, историските прашања и одредување кога да има уставни измени со кои Бугарите би влегле во Уставот. Со овие три прашања ќе се влијае да има надополнет француски предлог за одблокирање на македонските евроинтеграции.

Бугарското Собрание, пак, усвои декларација со уште четири барања од Софија кон Скопје како услов за влез во ЕУ. Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Регистрирани 108 нови случаи на ковид-19

Во последните 24 часа регистрирани се 108 нови случаи на ковид-19 од направени 723 тестови, соопшти Министерството за здравство. Од вкупниот број на позитивни 29 се реинфекции, а нема починати лица.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 313.360, бројот на оздравени пациенти е 303.498, на починати е 9.322, а бројот на активни случаи изнесува 540.

Петков: Историска одлука на бугарското Собрание

Бугарскиот премиер Кирил Петков

Бугарскиот парламент денеска донесе историска одлука со која се дава зелено светло на францускиот предлог за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија“, порача бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков

„Интеграцијата на Западен Балкан е од стратешки интерес за Европската унија“, наведува Петков на Фејсбук по изгласниот документ во Народното собрание на Бугарија со кој се одобрува францускиот предлог за Северна Македонија.

Според усвоената одлука, Парламентот и дава право на Владата во оставка на Петков да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на односите меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција не сакаше да го коментира усвојувањето на предлогот. Тој рече дека најпрвин треба да го види финалниот текст од гласањето затоа што слушал разни шпекулации дали имало измени во текот на расправата.

Документот ги потврдува условите под кои Софија може да го поддржи процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Османи: Останува наредните денови дали ќе има конечен француски предлог

Министерот за надворешни работи Бујар Османи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната прес-конференција не сакаше да го коментира усвојувањето на предлогот за решавање на спорот меѓу Софија и Скопје во бугарското Собрание. Тој рече дека најпрвин треба да го види финалниот текст од гласањето затоа што слушал разни шпекулации дали имало измени во текот на расправата.

„Нашиот став е кажан јавно и формално на француското претседателство, останува наредните денови дали француското претседателство ќе има конечен свој предлог во однос на прашањето. Досега имавме работна верзија во која останаа недефинирани некои прашања, а тоа е прашањето на протоколот, бидејќи протоколот ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашите сензитивности, ќе може да се најде решение и во наредните неколку денови“, рече Османи.

Османи рече дека позицијата на Северна Македонија е кажана и на француското претседателство и вчера на Самитот во Брисел, а по денешното гласање усвојување на предлогот во Софија треба да се види кој е следниот чекор што ќе го преземе Франција и за каков пристап ќе се одлучи.

„Во секој случај, нашиот став е дека прашањето на јазикот, историските прашања да не бидат дел од преговарачката рамка, а и секвенционирањето на чекорите помеѓу промените на Уставот и почетокот на преговорите се прашања кои се важни во нашата одлука“, рече Османи.

За предлогот на „Демократска Бугарија“ кој има за цел да го одблокира процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија гласаа 170 пратеници, против беа 37 и 21 воздржани.

Тој ги потврдува условите под кои Софија може да го поддржи процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Тие се ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, европски гаранции дека бугарските услови ќе биде исполнети, гаранција за правата на Бугарите во Македонија со нивното вклучување во Уставот и дека ништо во пристапниот процес на Македонија нема да биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија.

Г7: Руската инвазија врз Украина е виновна за кризата со храна

Илустрација

Министрите за надворешни работи од Г7, групата на водечки економии денеска се согласиле дека руската инвазија врз Украина ја предизвикала актуелната глобална криза со храна, а Москва е одговорна за ова прашање, изјави јапонскиот министер за надворешни работи Јошимаса Хајаши.

Тој го даде коментарот по состанокот на министрите за надворешни работи на Г7, на кој учествуваше преку видео врска. Според Хајаши, Јапонија има намера да го поддржи извозот на жито од Украина и планира да разгледа понатамошна помош со храна за да одговори на глобалната криза со храна.

Земјите членки на Г7 во мај се согласија да обезбедат 9,5 милијарди долари нова економска помош за Украина со да му помогнат на Киев да ги исплати платите на вработените во јавниот сектор и да се осигура дека владата може да продолжи да функционира додека се брани од руската инвазија која започна на 24 февруари.

Г7 е составена од Германија, Канада, Франција, Италија, Јапонија, Велика Британија и САД.

ССМ со штрајк пред Министерството за финансии

Претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Членовите на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) денеска на трет ден од генералниот штрајк на вработените во јавниот сектор протестираа пред Министерството за финансии. Тие бараат линеарно зголемување на платите од 2.806 денари за секој работник.

„Денеска сме пред Министерството за финансии каде бараме од целото Министерство вклучително и од службите да го вметнат нашето барање за линеарно зголемување од 2806 денари за секој работник, сакаат преку амандманот поднесен од ССМ во Собранието на Македонија, сакаат преку Општиот колективен договор за јавниот сектор, бидејќи гледаме и денеска се состанува РКЕ за да ја покачи струјата од 1 јули. Затоа, ова што го зборуваме денеска навистина е неопходно. Апелираме до министерот за финансии да го прифати нашето барање“, изјави претседателот на ССМ Дарко Димовски.

ССМ најави дека штрајкот продолжува, а во понеделник органите на Синдикатот ќе одлучат кои ќе бидат дополнителни активности. Во меѓувреме останува онаа одлука дека вработените во јавниот сектор ќе бидат на своите работни места но нема да извршуваат работни задачи, освен 10 проценти од вработените кои ќе бидат на располагање за потребите на граѓаните.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG