Достапни линкови

Петто издание на манифестацијата Today It’s All About Jazz


Постер за манифестацијата Today It’s All About Jazz што ја организира Здружението на џез музичари на Македонија.
Постер за манифестацијата Today It’s All About Jazz што ја организира Здружението на џез музичари на Македонија.

Со концертни промоции на албумите на Џијан Емин МАГИЧЕН ОРКЕСТАР и на Гордан Спасовски трио, како и со перформанси на млади и веќе докажани состави, в сабота, на 18 мај, во МКЦ Скопје, ќе се одржи петтото издание на манифестацијата што ја организира Здружението на џез музичари на Македонија.

Она што во светот веќе од поодамна е практика, вистинските вредности и енергиите да се споделуваат на различни нивоа и со вмрежување на што поголем број глобални уметници, полека почнува да станува и наша свесна своина. Наш начин на поведение чија интенција е да се раскрсти со предрасудите дека сме пуст остров каде и најспособните и фолирантите се борат за секој сантиметар од малото провинциско буниште во кое со години се прпелкаат. Дека регионот, континентот, пространствата се отворени за размена на искуства, за поинакви идеи, со ништо неусловена оригиналност, за звуци и хармонии кои не им робуваат на востановените канони. За импровизации и мултикултурализам. За слобода.

А, дека е тоа така, убав показ е и манифестацијата (ако милувате и „Фестивалот“) насловена како Today It’s All About Jazz, која во суштина се одржува и на свој начин го слави 30 април - Меѓународниот ден на џезот. Случувањето зад кое овде кај нас застана и веќе петта година како организатор го потпишува Здружението на џез музичари на Македонија.

Се разбира, политичките итроштини и третманот на културата која е многу далеку од тоа да биде „насловна страна“ во земјава, и не и одат многу на рака на ваквата потреба, но како и во други прилики и овде „инаетот“ е оној пресуден момент што тежнее организацијата на мускули во некоја блиска иднина да ја замени со пожелуваната „видливост“ што не би зависела од промената на партиските прислужници во ресорното Министерство и нивната замислена распределба на „парите на граѓаните“.

И еве, со или без којзнае какви буџетски дотурки, се стигна до половина декада на Today It’s All About Jazz која и во вакви пандемиски, значи невозможни, услови остана блиску до концептот на осумчасовна дешавка на платото пред Младински културен центар Скопје. Со промоции на нови остварувања и со настапи на оние кои во некоја рака се потврдиле на сцената и оние кои допрва треба да носат и распостилаат нови и свежи идеи и инструменталистички возбуди за секогаш незаситната публика.

А, годинава за тоа ќе се погрижат Џијан Емин МАГИЧЕН ОРКЕСТАР и Гордан Спасовски трио со промоциите на своите објави за ЗЏМ Рекордс, а потем и АПНЕА, Дина Јашари бенд, BRAHMA TRIO, квартет ПРОЛЕТ и PANGEA FRE THE WORLD GROUP, со перформанси кои несомнено ќе го изместат уверувањето за силината на актуелната домашна сцена и на случувањата во регионот. Но, да тргнеме со ред.

Отворањето во 14 часот, во сабота на 15 мај, ќе биде со промоцијата на албумот Dzijan Emin & Magical Orchestra - Live in Ohrid. Се работи за објава на која е забележан нивниот концерт одржан во Антички театар, во 2019 година. И, кон ова уште дека Магичниот оркестар кој изведува авторски композиции на матичниот диригент на ЗЏМ Биг Бендот, оркестратор, композитор и мултиинструменталист Џијан Емин, е составен од членови на ЗЏМ Биг Бенд и гудачи од Македонската филхармонија.

Еден час подоцна е планиран настапот на АПНЕА. Станува збор за македонски бенд основан во 2019 година, а составен од релативно познати имиња на домашната клупска сцена – гитаристот и вокалистот Бојан Петков – Шамба, басистката Андреа Мирческа, тапанарот – Славчо Коцев и гитаристот Марко Лазороски. За нивната музика се вели дека е „фузија од повеќе жанрови како џезот, експерименталната и поп музиката“, а ова може да се провери и на нивните две изданија „A New Dream“ и „Third Cave“.АПНЕА досега се искачиле на сцените на неколку фестивали како „Култиватор“ и „Акто “, имале самостоен концерт во BKW и лајвстрим концерт по повод влегувањето на МКЦ во Liveeurope.

Дина Јашари студира соло пеење на ФМУ во Скопје, на отсекот џез и популарни жанрови. Жанровски нејзината музиката може да се смести во поп, додека во живо со бенд аранжманите на нејзините песни имаат примеси на џез и соул.

BRAHMA TRIO,пак, е современа џез група формирана во април 2019 година од страна на Александар Ванчовски заедно со Филип Димишковски и Мартин Јосифовски. Нивниот деби-албум „Painting“ беше снимен истиот месец и објавен извесно време потоа. Потем следуваше и синглот на кој како гостин се јавува вокалистката Калина Велковска, првиот нивен јавен настап се одржа во „Public Room“ (Скопје) во рамките на „Jazz Fortnight Fest“. Продолжувајќи го своето патување, тие ја презентираа својата музика не само во домашните туку и во клубовите од регионот, а бележито е нивното учество на „Jazz & Blues Festival“ во Шабац, соседна Србија. По повеќе од една година на трансформација, креација и реинвенција бендот го напиша, состави, снимаше и го продуцираше својот деби албум. Албумот го продуцираше Горан Гешовски кој сега е и официјално објавен, а бендот конечно е уверен дека го има реализирано материјалот со кој конечно ќе го сторат својот вистински пробив. На овој проект им се приклучуваат и Никола Бочваров на бас и Петар Лукиќ на пиано.

Во 2020 во март месец го издаваат првиот сингл „Amity“ продуциран од Нино Спиркоски и снимен во малку проширен состав: со Калина Велковска како вокалистка, Кирил Кузманов на саксафон..., што е најава за наредниот албум кој е во подготовка.За прв пат под името BRAMHA AMITY TRIO настапија на „Jazz Factory Festival 2020“во Битола.

Од друга страна зад името КВАРТЕТ ПРОЛЕТ се кријат четворица добро познати македонски џез музичари: Иван Иванов – саксофон, Зоран Костадиновски – гитара, Дарко Мучев – бас гитара и Гоце Стевковски – тапани. Тие ќе изведат авторски композиции на Иванов и Костадиновски.

Гордан Спасовски, џез пијанист, композитор и аранжер фото: Татјана Ранташа

Во рамките на промотивниот дел од програмата, на платото пред МКЦ своја концертна премиера ќе доживее и првиот авторски албум на македонскиот џез пијанист, композитор и аранжер Гордан Спасовски насловен „Light Pillar“, кој се појавува како второ регуларно издание на неодамна промовираната издавачката етикета ЗЏМ Рекордс. Спасовски албумот го сними придружуван од контрабасистот Кирил Туфекчиевски и тапанарот Виктор Филиповски и со нив во оваа пригода промотивно ќе изведе неколку оригинални композиции создадени во текот на последните неколку години.

Инаку, Гордан зад себе има бројни настапи на некои од најзначајните европски џез фестивали како што се: Belgrade Jazz Festival, Trieste Loves Jazz - International Jazz Festival, Venezia Jazz Festival, Brasov International Jazz Festival, Skopje Jazz Festival, како и голем број концерти во некои од престижните европски џез клубови како што се: Jazzclub Unterfahrt München, B-flat Jazzclub - Berlin, Blue Note - Osnabrück итн. Има настапувано и со музичари од калибар на еден Ренди Брекер, Дон Менза, Шила Џордан...потем и Владимир Николов, Мартин Ѓаконовски, Џон Илија Апелгрен, како и со Биг Бендот на ЗЏМ, The Backyard Jazz OrcheМарstra, Cuckoo Rack, Гоце Стевковски - Септет, Џијан Емин и Магичниот оркестар, Македонската Филхармонија и други.

Искусните музички соборци Дарко Мучев - бас и Михаил Парушев - тапани фото: Татјана Ранташа

И, конечно „Free the world“ e проект на словенскиот гитарист Игор Безгет, истакнат артист во областа на импровизираната, џез и етно музика, во соработка со етаблираниот македонски тапанар Михаил Парушев, придружувани од Дамир Имери (пијано) и Иван Бејков (бас), заедно соработувајќи под името Pangea. Како што сугерира името, нивната музика доаѓа од комбинација на различни музички начини на изразување. Почнувајќи со основите на џезот или џез рокот, нивната звучност вкрстува различни музички влијанија со кои музичарите се соочиле досега во своите плодни кариери.

И она „најважното“, нели за „отчет“ таму каде што ќе треба. Годинава манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Град Скопје, Делегацијата на Европска Унија и МКЦ.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG