Достапни линкови

Примарната емоција на Младеновски во „Слики“ во КСП Центар-Јадро


Плакатот за изложбата „Слики“ на Стефан Младеновски
Плакатот за изложбата „Слики“ на Стефан Младеновски

Деветнаесет дела настанати во последно време ја чинат изложбата „Слики“ на младиот македонски уметник Стефан Младеновски што во периодот од 6 до 18 мај ќе се одржи во просторот на КСП Центар-Јадро во Скопје.

Стефан Младеновски во временските интервали исполнети со самостојни и групни изложби на графики и цртежи со динамичен активизам сублимираше еден иден, сега веќе на оваа изложба прикажан концизен, редуциран и продуктивно селективен контекст како рецидив од досегашните истражувања и остручување во повеќе медиуми од ликовните изразности.

Вака редовниот професор М-р Мирко Вуисиќ ќе го започне сопственото писание за каталогот на претстојната изложба едноставно насловена „Слики“ на младиот македонски уметник Стефан Младеновски. Поставката е планирано да се одржи од 6 до 18 мај во просторот на КСП Центар-Јадро во Скопје и на неа тој се претставува со 19 дела настанати во последно време, од крајот на минатата година и се до денес.

„Раце (позитив - негатив)“, акрил на хартија, дело на Стефан Младеновски од изложбата „Слики“

Вуисиќ и со појаснување дека како негов ментор, по бројните заеднички иницијации на активности, едукативни форми и чести консултации, со задововство може да го сподели сопственото видување „ за високите ликовни доблесности во неговото уметникување“.
Стефан ги создава делата со примарни рефлексии низ ритмирање на секое сетилно бранување. Ги дообликува во ликовно~акустичен простор од кој ехото допира до секого кој има желба да го прочита, протолкува ликовното дело и пронајде она што го оплеменува.
Примарниот афект како начело го води кон иманентниот артизам. Корективно ја прочистува, децидира содржината со парамиметичка дискурзивност како колаж на фуриозни, изненадувачки форми. Кон секојдневната потреба да ги пресоздава тие асоцијативни уметнички „сигнали“ внимава да не создаде некој нов „систем“ предвидлив и апстрактно наративен, пишува професорот.

Според него Стефан Младеновски настојува да е убедлив во тој акционен став кога облиците оживуваат во оние ''под'' и во оние ''над хоризонтот'' и дека „во фазите кога се привршуваaт цртежите во посакуваната идејна замисла, формите остануваат треперливо да лебдеат во отворено пространство, подложно на авторска закономерност на своевидна логична гравитација“.

„Немир“, акрил на хартија , дело на Стефан Младеновски од изложбата „Слики“

Барајќи начин како да дојдам до наслов кој во целост ќе ги опише делата кои ќе бидат претставени на оваа изложба, пробав да ги избегнам сите тие „големи наслови“ со комплицирани изрази, со што дојдов до најосновниот термин СЛИКИ. Во споредба со претходното мое творештво каде што преовладуваше техничка дисциплина и делумно пресметани потези, во овие нови дела станува збор за акционен пристап, експреспресивност, потполно ослободување, чиста примарна емоција... Секое дело одделно е изведено прилично брзо и во еден дух, со што сметам дека сум успеал да ја доловам моменталната состојба и емоционалниот нагон кои преовладувале во текот на создавањето, вели уметникот.

Инаку, роден на 28 јуни 1996 година во Крива Паланка, Стефан Младеновски средно образование завршува во ДСУЛУД “Лазар Личеноски” - Скопје, на одделот за графика. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во 2020 година, оддел графика, во класата на проф. м-р Зоран Јакимовски. Добитник на студентската награда за графика “Драгутин Аврамовски – Гуте” во 2018 и член на ДЛУМ од 2020 година.
Зад себе има неколку самостојни изложби и голем број групни претставувања. За прв пат своите дела ги претставил во декември 2019 година во Скопје. Потем во наредните две години едноподруго бил присутен во Галеријата во МКЦ-Скопје, најнапред лани во октомври со „Дела на хартија“, а во март годинава и со „Ликовни решенија“. Некаде помеѓу нив во клубот Ла Кања во Скопје се случи и неговото претставување во рамките на проектот Млади за Скопје, а за него како творец особено важно е и учеството на 12-та Графичка работилница „Софија“ во Богданци во 2019.

Од друга страна, исклучително долг и импресивен е списокот на групните изложби на кои за релативно кратко учествувал Стефан Младеновски. Започнал во 2018 година во Тетово со Осмото меѓународно биенале на мала графика, во Дом на култура 2018, па IV Меѓународна “Ex Libris” изложба, што се одржа во Отворено графичко студио во Скопје, потем и „Сирова култура“, МКЦ 2019 – Скопје, Графичко триенале 4 (Графичка работилница “Софија” - Богданци), Музеј на град Скопје, со дела беше присутен и на Young art, во Мала станица 2019 – Скопје, па на „ДЛУМ нова генерација на млади” во Уметнички центар АРТ ХАБ во 2020, потем и во Струмица, на Несовршен простор – “Автопортрет во самоизолација”, Клуб НАГОРЕ 2020 – Скопје, ДЛУМ “Цртеж – експериментален цртеж” одржана во Уметнички центар АРТ ХАБ , згора на „Годишната изложба“ на ДЛУМ во Мала станица во Скопје во 2020, на „3-то Интернационално графичко биенале” – on line мрежи на ДЛУМ, на „МиниАРТура“ и конечно на „Цртеж – експериментален цртеж“ - обете манифестации на ДЛУМ одржани во текот на минатата пандемиска година во нивниот Уметнички центар АРТ ХАБ.

Изложбата е реализирана со финансиска помош на Министерство за култура

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG