Достапни линкови

Фестивалот ЗЕМЈОТРЕС 9 како пркос кон концептот на деструкција


Плакатот за фестивалот ЗЕМЈОТРЕС 9
Плакатот за фестивалот ЗЕМЈОТРЕС 9

Со идеја и во време на пандемија да се слават живата култура и младешката енергија, во кино Фросина во МКЦ-Скопје, од 6 до 8 мај, ќе се одржи деветтото издание на фестивалот ЗЕМЈОТРЕС на кој учество ќе земат Дина Јашари, ПЕРИЈА, ЗJECT, THE LOCAL BLUE, Александар Велики и КАНТОН 6.

На младешко и урбано Скопје, па ако сакате и на современата македонска култура воопшто, и по три месеци од поодамна востановениот термин и во услови на светска пандемија, сепак ќе им се случи ЗЕМЈОТРЕС. По деветти пат, ќе им се случи Фестивалот што пред нецела деценија беше замислен како отворен концепт зад кој ќе стојат домашните независни издавачи и чија суштествена заложба е промоција на современата македонска алтернативна култура. Згора и како директна комуникација помеѓу генерациите, музичките стилови и различните интереси на нашите музичари чии погледи несомнено дофрлаат подалеку од претесните локални рамки и ја довикуваат комуникацијата со музиките и изблиците на канализирана енергија со сцените од останатиот несовршен свет.

А, овојпат од познатите повеќе од прозаични причини, светската пандемија од Ковид 19 и мерките за превенција и заштита од вирусот, наместо минатогодишната грандиозност вообличена во програма во која ќе бидат застапени 23 бенда и артисти од неколку генерации, меѓу кои ЛАСТ ЕКСПЕДИШН, СЕТСТАТ, Сашко Костов, СВЕТЛОСТ... се е димензионирано да се одвива во мини серија од неколку мали, но значајни „потреси“. Повторно во Младински културен центар – Скопје, но овојпат во киното „Фросина“, со строго ограничен број на посетители ( 70 „маскирани“ во партерот и на балконот)... и со двојна програма во три вечери, на 6, 7 и 8 мај од 19 часот. Да се најде време да се „испочитува“ и полицискиот час што ден пред тоа со донесената „уредба“ почнува во 23.00.

Дина Јашари

И, кога сме веќе тука, нималку не чуди што во пресрет на ЗЕМЈОТРЕС број 9, неговите потписници (Направи заедно или сегашен Балкан Велики, Sixtynine Records и PMG Records...), во своето послание ќе забележат дека на „ребрендиран страв што навлегол по куќи и станови, па анксиозно ползи долж пукнатините на подот и ѕидовите и внесува немир во ноќните преговори помеѓу будните и заспаните“ ќе одговорат со „три дена ЗЕМЈОТРЕС. Мал, мини, сладок, земјотрес. Колку да не му се тресеме на стравот и да ѝ се насмееме на опсадата директно во глупавото лице“.

Или како што пишуваат: Ние, децата на Скопје, го паметиме и она што било пред да се родиме. Паметиме како изгледа кога најубавата младина на оваа земја ќе проструи низ коридорите на наше МКЦ. Земјотрес е масивен музички и социјален удар, кој го слави животот со двојно повеќе живи од човечката загуба во 1963. Прослава на живата култура и младешка енергија, која му пркоси на концептот на деструкција. Оваа година ќе пркосиме скромно, но решително. Земјотрес мини. Земјотрес #9“.

А, на ЗЕМЈОТРЕС 2021 е предвидено во трите дена на сцената едно по друго да поминат Дина Јашари, ПЕРИЈА, ЗJECT, THE LOCAL BLUE, Александар Велики и КАНТОН 6.

ПЕРИЈА

И, по најавата следува и краткото појаснување.

Дина Јашари е најспоменуваното ново музичко име во Македонија. Млада и ултраталентирана композиторка, вокал и појава, која ги освои срцата на љубителите на современиот звук. Суптилен и емоционален израз, кој плени со својата чистина, мелодичност и непосредност.

Заедно се неа, во четврток од 19:00 во кино Фросина, МКЦ, ќе настапат и фолк њу ејџ волшебничките ПЕРИЈА. Четворогласна женска група, која евоцира традиционален звук, но паметно сместен во дигиталната ера.

Петокот е резервиран за THE LOCAL BLUE , млаешки психоделичен кросовер бенд, со веќе два албума зад себе. Омилени помеѓу новата генерација, тие претставуваат мост помеѓу повозрасната и сосем новата инди публика. Вечерта ќе ја надополнат ЗJECT , претставници на најновиот бран скопски џез рок состави, нешто што е препознатливо за градот , уште од 70тите години на минатиот век. Високи свирачки, но и мелодиски стандарди за така млад состав, од кој допрва се очекуваат најсилните достигнувања.

Третиот ден, сабота 8 мај, е резервиран за два поискусни состави. КАНТОН6 е еден од ретките електронски состави кај нас кој редовно настапува во живо и издава носачи на звук. Постојано во движење, актуелни со нови изданија и подготвени да ја размрдаат публиката на најпозитивен можен начин. Конечно, овогодинешниот мини ЗЕМЈОТРЕС, ќе го затвори Александар Велики, исполнувајќи дел од минатогодишниот извонреден албум „Мирно Лето“.

Александар Велики

„Се чини најлесно е да се откажеме. Ситуацијата е невозможна, собено од агол на музичар, или организатор на концерти. Сите се откажаа, или презакажаа за „подобри времиња“. Сепак ние не сме тие луѓе. Нема подобри времиња. Секое време е добро за промоција на квалитетна музика. Ние го претставуваме она гласно музичко малцинство кое секогаш има што да каже, се бори притив било какво статус кво и ја влече сцената напред. Земјотрес е фестивал на независните македонски музички издавачи и вљубеници во свежата домашна продукција. Наша должност е да го виеме знамето на новата македонска песна. Токму тоа и го правиме. Со минимална помош од градот и голема поддршка од Младинскиот културен центар Скопје и некои наши луѓе со кои ги делиме идеалите, успеавме да подготвиме по обем мала, но по квалитет импозантна фестивалска програма“, вели Мирко Попов од PMG Records на нецели 24 часа пред почетокот на ЗЕМЈОТРЕС 9.

Говорејќи за иницијалната заложба за Фестивалот тој и со појаснување дека „ЗЕМЈОТРЕС е совршена манифестација не само за промоција на млади бендови, туку и за привлекување и регрутација на млада публика“.

„Секој бенд, без разлика на искуството или популарноста, на Земјотрес добива полна сала заинтересирана публика. Не верувам дека било кој бенд, на било кое ниво, би можел да посака поидеална ситуација за себе. Особено радува фактот дека за најголемиот број ‘’клинци’’ во последниве десетина години, Земјотрес им беше првиот концерт во животот. Совршена интродукција во светот на квалитетната музика. Вистински регрутен и образовен центар за производство на квалитетна и едуцирана публика. За тоа се бориме, нели?“

На прашањето се надеваат ли јубилејот или 10-от ЗЕМЈОТРЕС да го одржат во релативно понормални услови и онака како што до лани се одвиваше, Попов со објаснување дека за нив „едно од најубавите искуства во изминативе години е моментот кога низ коридорите на МКЦ ќе проциркулира најубавата и најпаметна младина која Македонија ја има“.

„Уживавме во секое досегашно издание. Фрустрирачки е што сме приморани на еден ваков, скратен Земјотрес, но идејата беше да покажеме дека не се предаваме, тука сме, ќе се бориме за секоја испеана нота, за секоја капка отсвирена пот, за секој центиметар нормалност. Секако гаиме надеж за регуларно издание следната година. Дваесет и пет артисти, три стејџа, две илјади луѓе. Тоа е наа прослава на музиката и младоста на која сме навикнати. Се надевам дека ќе допливаме до таа победа. За нас и за сите.“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG