Достапни линкови

Катја Штркова Кочовска: ЗДРАВО МЛАДИ те носи далекуууу од Земјата


Катја Штркова Кочовска

Во конкуренција од 100 понудени дизајни од 94 македонски дизајнери, Катја Штркова Кочовска ја освои првата награда и нејзинот идејно решение е одбрано за официјален плакат на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ 2021.

Со две фото-изложби зад себе и убава серија на плакати за различни, најмногу музички манифестации Катја Штркова Кочовска се повеќе се наметнува како еден од врвните млади дизајнери во земјава. Таа деновиве ја освои првата награда на конкурсот на Младински културен центар за претстојното 11-то издание на ЗДРАВО МЛАДИ што треба да се одржи во август годинава и нејзиното идејно решение ќе биде и официјален плакат на Фестивалот. Инаку, втората награда според жири комисијата и припадна на Воскресија Андреевска, а третата на уште една млада дизајнерка - Весна Аранѓеловиќ.

Катја деновиве вашето идејно решение е одбрано за официјален плакат на фестивалот ЗДРАВО МЛАДИ 2021. Што значи ова за еден млад дизајнер?

Конкурсите општо мислам дека се супер предизвик и можност за сите креативци, без разлика на искуството. Мерило се кај се наоѓаш и каква е локалната "сцена", а најверојатно најискреното чувство што би требало да го имаш т. e. стимул за да учествуваш е дали ти прави ќеиф.

Која порака се обидовте да пренесете во случајот со плакатот за ЗДРАВО МЛАДИ?

МКЦ имаат препознатлива и изградена естетика, постерот само се вклопи во нивната приказна. Здраво МЛАДИ те носи далекуууу од Земјата.

Низ годиниве наназад потпишавте бројни плакати за различни манифестации. Еве јас ги паметам оние за Блуз и соул фестивалот како исклучително успешни на пример. Сепак, каков е вашиот пристап на работа како дизајнер? Колку финалниот продукт е различен од иницијалната идеја?

Финал финал финал продуктот зависи од страните (не)вклучени во процесот, рокот и насоките (ако ги има:)) . Од тие причини и во текот на процесот може од едно да дојде до десетто решение. Зависи дали го работиш за себе или е работен ангажман. Позитивната страна на конкурсот е дека само ти стоиш позади креативата без вмешување на трети лица. Па во тој случај ја имаш слободата да бидеш храбар, провокативен и/или отворен што на професионален план исклучително ретко е прифатено.

На конкурсот на МКЦ за плакат на Фестивалот пристигнале дела на повеќе од деведест македонски дизајнери. Сметате ли дека доаѓа време на една нова генерација која допрва ќе го каже својот збор во сферата на дизајнот и не само во земјава туку и воопшто во регионот?

Графичкиот дизајн се' повеќе станува популарен и достапен. Има интерес без разлика на образовната позадина и возраста. За некој е хоби, за некој професија а за некој е скршнување во кариерата поради х причини, затоа конкурсите што немаат старосна граница ми делува дека се супер прифатени. Младите генерации следат трендови или креираат свои и можат да ги диктираат со она што го творат. Така да, ДА сметам дека за новите генерации е секогаш правото време да се слушнат и да им се даде простор за изразување.

Катја Штркова Кочовска зад себе има две самостојни фото-изложби од кои „Во текстури“ се одржа во февруари 2015. По цели пет години доаѓа ли времето кога би било навистина убаво да ни прикаже што се случило ново со фотографката во неа?

Помина време, да. Ненамерно се поместија плановите за нешто такво, што значи и дека ќе се случи :).

Конечно, се подготвувате ли за новите Денови на македонска фотографија? Каде од вашите сознанија оди фотографијата кај нас? Успева ли да го следи чекорот со она што се случува во светот?

ДМФ е одличен настан, тоа го докажува и многу годишното негово постоење благодарение на малкуте ентузијасти кои што го држат во живот. Со ДМФ почнав да учествувам на конкурси.

Како и за дизајнот така сметам и за фотографијата, младите сепак ги внесуваат новитетите и сметам дека тие се повеќе во чекор со она што се случува надвор. Но, сепак извежбаното око, подготвеноста и вештините припаѓаат на оние што се веќе "ветерани" во фотографијата и кај нас и во светот.

Мислам дека општо треба да ги кренеме критериумите за што е добро, што не е, а што е измеѓу. Има и потенцијал и креативност ама секогаш може и подобро.

И, што е она на што ќе ги насочи своите креативни сили во блиска иднина Катја Штркова Кочовска – изложба со дизајни, фотокнига... или нешто трето?

И првото и второто и нешто трето, сe` сакам :). Времево е идеално за творење, минус се атмосферата и расположението иако се решливи, се' дури уживаш во она што го правиш.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG