Достапни линкови

„Црно и бело“ на Ана Трајковска - крај на една и почеток на друга уметничка приказна


Плакатот за изложбата „Црно и бело“ на Ана Трајковска

„Црно и бело“ е насловена поставката на академската графичарка Ана Трајковска, што од 29 април до 12 мај годинава, ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово. Се работи за нејзин магистерски труд составен од принтови на најлон изведени во големи формати.

Родена 1995 година во Скопје, Ана Трајковска е дипломиран графичар во класата на проф. М-р Зоран Јакимовски, на отсекот со модул конзервација и реставрација на Факултетот за ликовни уметности.

Како млад ликовен уметник таа зад себе, меѓу другите, ги има учествата на XIII Биенале на млади уметници на Музеј на современа уметност, на групната изложба ,, На работ’’одржана во Галерија Акантус во Скопје, мината 2020година, на ,,Графичко триенале’’на Графичка работилница „Софија“ одржано во Музеј на Град Скопје, групна изложба,,The Present’’ во МКЦ- Скопје, 20-то Биенале на графика во Варна, соседна Бугарија...сите во 2019, Изложба на графики одржана во Музеј на Македонија во организација на „Аксиос“ една година порано, Студентска изложба ,,СИАБ“ и Биеналето на графика во Тетово во 2017 година, ОСТЕН Биенале на цртеж 2016...

Тука се и ангажманите како организатор и координатор на изложбата „Светлината во нас“, Libraria e Carshise, во 2018 и потем ,, Ars longa vita brevis” – генерациската поставка во Галеријата на ДСУЛУД „Лазар Личеноски“ наредната 2019, па „Дијалог“- соло изложбата со Ива Станковска во НУЦК Никола Јонков Вапцаров во Делчево истата година, ,,Дијалог во карантин”- што обете уметници ја претставија лани во Градски парк во Скопје, учеството на 31-та Ликовна колонија – Галичник, со светлосни инсталации во рамките на ,,Бела ноќ’’, Ибни Пајко и кровот на ГТЦ во проектот на ДЛУМ, на Ex Libris Skopje 2020, самостојната изложба ,,Трансфигурации“ во Галеријата на МКЦ – Скопје, а потписник е како координатор и организатор и на неодамнешната заедничка „Изложба“ во истиот ликовен простор.

Конечно претстојната изложба „Црно и бело“, што од 29 април до 12 мај годинава, ќе се одржи во Изложбениот салон на НУ Центар за култура “Трајко Прокопиев“ – Куманово, е всушност магистерскиот труд на Ана Трајковска кој се сотои од принтови на најлон изведени во големи формати.

Ангела Витановска, историчар на уметноста, во својот опсежен осврт, појаснува дека ,,Црно и бело“ е изложба во која младата авторка, преку site-specific инсталација, составена од 56 парчиња со вкупна должина од 116 метри, го заокружува истражувањето сублимирано во магистерската теза на која посветено работела во периодот од 2018 до 2021 година.

Самиот наслов произлегува од широко распространетото ,,mainstream“ мислење за графиката како ,,обичен печат црно на бело“, кој претставува појдовен концепт и иронизирање на традиционалното, закоравено сфаќање на графиката како дисциплина. Истовремено, поттикнат од експанзијата на дигиталното, особено во услови на глобална пандемија, кодот и симболот, Трајковска го претставува монохроматски, сфатен како црно-бел елемент, матрица која репетитивно се повторува, визуелно доловена преку четири комбинирани клишеа, истовремено иронично образувајќи простор од код-систем сферата во кој човекот како индивидуа, сé повеќе тоне во денешно време, ,,заглавен“ во црно-белиот свет на глобалниот информациски систем, пишува Витановска.

Таа и со дополна дека всушност ,,Црно и бело“ е последната од циклусот изложби на Трајковска, која водејќи се со јасна цел- да ја потенцира широката палета на можности кои графичкиот медиум е способен да ги даде, употребувајќи само една матрица, на моменти работејќи целосно рачно како во ,,Трансфигурации“ (2020), без да се покори на традиционалните начини на вадење отисок и обработка, линолеумот го замени со гипс, графичкиот лист со ленено платно, најлон, желатинска фолија, ѕидна површина, иницирајќи мешање меѓу медиумите, дури поврзувајќи ја и релјефноста на длабокиот печат со скулптурата, и со тоа напуштајќи ги принципите на класична чистота на графичкиот израз и ,,оковување“ на графичкиот медиум за ,,белиот лист и црниот печат“.

,,Црно и бело“ е крај на една, а сепак почеток на друга, нова приказна...“ заклучува Ангела Витановска.

А, Ана Трајковска, во пресрет на отворањето на изложбата во Куманово, на нејзиното првично претставување пред тамошната публика, знае да каже дека поставката е подготвувана токму за дадениот простор.

Изложбата Црно и бело е конкретно наменета како поставка за просторот на НУКЦ „Трајко Прокопиев“ – Куманово. Со оваа иложба прикажувам дека графиката како творечки медуиум може да биде изведена и во момументални димензии и поради огледалните површини што ги има галеријата, целиот простор е целосно исполнет со црното и белото, ќе рече уметницата.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG