Достапни линкови

Вести

Уапсен поранешен осуден член на Златна зора

Европскиот парламент.

Поранешниот водечки член на грчката неонацистичка партија Златна зора, Јоанис Лагос, денеска беше уапсен во Белгија неколку часа откако Европскиот парламент му го одзеде пратеничкиот имунитет, соопшти грчката полиција.

Лагос е поранешен член на неонацистичката партија Златна зора кој во Атина беше осуден на казна затвор од 13 години и осум месеци поради „управување со криминална организација“, беше соопштено денеска во Брисел кога беше објавено дека Европскиот парламент го укина неговиот пратенички имунитет.

Ваквата одлука беше донесена вчера со големо мнозинство гласови, откако 658 пратеници на тајно гласање гласаа за укинување на имунитетот, 25 беа против, а 10 воздржани.

Постапката беше покрената на барање на грчките власти, кои мораат да издадат европска потерница за Јоанис Лагос. Тој е меѓу четириесетина членови на Златна зора кои беа осудени во октомври по маратонското судење кое траеше пет и пол години.

Лагос, како и целото раководство на Златна зора, беше во притвор по убиството на антифашистички активист во Атина во септември 2013 година.

види ги сите денешни вести

Заев за ФФМ- ако примаат пари од буџет мора да го почитуваат договорот за името

Премиерот Зоран Заев

Сите невладини институции, приватни или правно-приватни субјекти во кои спаѓаат и приватни фирми и граѓански здруженија, ако примаат пари од Буџетот за нивни меѓународни активности, треба да го почитуваат Преспанскиот договор. Вака премиерот Зоран Заев одговори вечерва на прашањето дали ќе се менува името на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).

Заев рече дека чувствува горчина, но Преспанскиот договор е завршена работа и тоа е нешто што ни обезбедува иднина. Треба да тераме во тој правец, не ни требаат, како што нагласи, нови непријателства.

"Сите институции кои не се државни, а примаат пари од државата за нивно претставување надвор, имаат обврска според Преспанскиот договор да се променат. Очекувам федерациите дури и кои не примаат пари или други здруженија, да го следат уставното име на државата. Не дека не е горчина и кај мене. Тоа е завршена работа и тоа е нешто што ни обезбедува иднина. И треба да тераме во тој правец. Не ни требаат нови непријателства. Дефинитивно сите невладини институции, односно приватнни или правно-приватни субјекти во кои спаѓаат и приватни фирми и граѓански здруженија, ако примаат пари од Буџетот за нивни меѓународни активности, тоа треба да го направат“, објасни Заев.

Заев- прашањето со ФФМ ќе се реши врз основа на Договорот од Преспа и правилата на УЕФА

Во јануари, рече премиерот, ФФМ има примено пари од Агенцијата за млади и спорт.

„Очекувањата се да постапат согласно Уставот и законите зашто Преспанскиот договор е ратификуван и тој е закон. Да, во фудбаласката репрезентација на Северна Македонија играат Македонци, Албанци, Турци, Бошњаци,… Треба да го следиме Преспанскиот договор зашто тоа е наша обврска, а Грците си имаат нивни обврски кои ги исполнуваат“, рече Заев.

Инаку Грција по почетокот на Европското првенство во фудбал бараше од УЕФА , како што јавија медумите, македонската репрезентација да ја користи кратенката НМ или РНМ во англиската верзија на уставното име, а побара и да го разгледа името на македонската фудбалска федерација, и да се сменат дресовите.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) нема обрвска да го прилагоди своето име според Договорот од Преспа бидејќи е независна и непрофитна организација која во централниот регистар е регистрирана како здружение кое не прима државни пари.

УЕФА потврди дека ја примила забелешката од Грција но ја одби наведувајќи дека тие го користат името Фудбалска федерација на Република Северна Македонија во целата официјална комуникација и дека ја имаат прилагодено релевантната терминологија меѓу кои и статутот на УЕФА.

Оптимизам во Иран за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година

Махмуд Ваези, шеф на кабинетот на иранскиот претседател во заминување Хасан Рохани

Иранскиот претседател во заминување Хасан Рохани рече дека главните прашања меѓу Техеран и светските сили за оживување на нуклеарниот договор од 2015 година се решени, иако Франција и Германија предупредија дека се уште има препреки.

Изјавата дадена на состанокот на неговиот кабинет денеска доаѓа откако високи ирански функционери сигнализираа дека има напредок во разговорите што се одвиваат од април во Виена. Шефот на кабинетот на Рохани Махмуд Ваези рече дека Соединетите Американски Држави се согласиле да тргнат повеќе од 1000 санкции кои поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги воспостави откако пред три години реши да ја повлече земјата од нуклеарниот договор.

"Постигнат е договор за тргање на сите санкции за осигурување, нафта и транспорт, а сега се разговара кои од останатите санкции се поврзани со нуклеарниот договор, а кои се однесуваат на периодот пред неговото постигнување во 2015 година“, го цитираат Ваези иранските државни медиуми.

Соединетите Американски Држави се индиректно присутни на разговорите со Техеран во Виена поради тоа што Иран ги отфрли билатералните разговори лице в лице. Но, американска делегација е во австрискиот главен град додека други држави и Европската унија разговараат непосредно со двете страни.

Не треба веќе маски на отворено во Грција

Луѓе на плажа на Грција со почитување на социјалната дистанца

Грција ќе ја укине обврската за носење маски и на отворено и ќе ги олесни преостанатите рестрикции наменети за намалување на ширењето на ковид19, соопштија грчките здравствени власти. Носењето маска ќе остане задолжително во затворените објекти.

Денеска во земјата се регистрирани 520 нови случаи на ковид19 и 14 починати со што вкупната бројка на инфицирани од почетокот на пандемијата досега е 419 455 а на починати 12 595. Грчките здравствени власти велат дека помалку од десет случаи на инфекции со новиот делта сој се регистрирани во земјата и побараа од луѓето над 50 години да се вакцинираат што е можно поскоро.

Најавено е дека од 28 јуни ќе биде укинат и полицискиот час, дека бројот на луѓето кои седат на иста маса во ресторани ќе се зголеми од шест на десет, а бројката на присутни на свадби и други свечености ќе може да биде до 300 луѓе.

Британија демантира дека Русија пукала кон нивни брод во Црното море

Британскиот ХМС Дефендер во црноморското пристаниште во Одеса, 18.06.2021

Обединетото кралство ги негираше извештаите дека руски брод предупредувачки пукал кон брод на британската воена морнарица во Црното море, наведувајќи дека инцидентот е дел од претходно најавена воена вежба.

Руските медиуми денеска јавија дека руската војска пукала предупредувачки кон британски воен брод во близина на украинскиот полуостров Крим, кој Русија нелегално го анектираше во 2014 година.

"Веруваме дека Русите спроведувале вежба на гаѓање во Црното Море и ја предупредија поморската заедница на своите активности. Ниеден истрел не бил насочен кон ХМС Дифендер и не ги признаваме тврдењата дека бомби биле фрлени на неговата рута “, се наведува во соопштението на британското министерство за надворешни работи.

Руската државна агенција ТАСС јави дека до инцидентот дошло откако ХМС Дефендерот на британската морнарица наводно преминал три километри во територијата на Црното море кое Русија ја смета за своја. Во инцидентот не е предизвикана штета.

Москва го анексираше Крим во 2014 година и им дава поддршка на проруските сепаратисти во источниот украински регион Донбас каде што повеќе од 13 200 луѓе загинаа од почетокот на конфликтот до денес. Западните земји воспоставија санкции кон Русија поради анексијата на Крим, односот кон затворениот опозициски руски активист Алексеј Навални, изборните мешања и сајбер напади врз американската инфраструктура.

ФФМ се соочува со казна од УЕФА поради можно кршење на здравствените протоколи од македонски фудбалери

Букурешт- Македонските фудбалери на натправерот со Австрија на Европското првенство, 13.06.2021

Северна Македонија се соочува со казна од УЕФА за можно кршење на здравствените правила од страна на играчите на репрезентацијата иако веќе е елиминирана од Европското фудбалско првенство, јавува агенцијата Асошиејтед прес.

УЕФА наведува дека назначиле дисциплински истражител кој треба да провери дали имало “лошо однесување и можно прекршување“ од фудбалерите на здравствените протоколи на ЕУРО 2020. Тоа, како што јавува Асошиејтед прес, се однесува на земањето на примероци од играчите во Амстердам во саботата за задолжителни тестови за ковид19 пред почетокот на натпреварот со Холандија кој македонската репрезентација го загуби со 3-0.

Каква било дисциплинска одлука на УЕФА ќе биде насочена кон Фудбалската федерација на Македонија, а не индивидуално, кон играчите, пишува агенцијата.

Инаку македонската фудбалска репрезентација вчера се врати во Скопје, по последниот натпревар во рамките на Европското фудбалско првенство на кое не успеа да обезбеди понатамошен пласман.

Се спремаат протоколите за училишна настава од септември

Министерот за здравство, Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче смета дека учениците би можеле да се вратат во училиштата од септември, а за две недели целосно ќе бидат завршени протоколите за новата учебна година.

„Протоколите за учебната година се речиси готови. Има уште некои технички детали, на кои работи работната група, во која членуваат претставници од Министерството за образование и наука и епидемиолози од Комисијата за заразни болести. Планирано е да присуствуваат сите деца, сто отсто од вкупниот број во класовите. Така се подготвуваат и протоколите. Мерките се: дезинфекција, често проветрување на училниците, немешање на различни класови. Протоколите ќе бидат целосно завршени за две недели“, изјави Филипче.

Тој соопшти дека со пристигнувањето на големата количина вакцини викендов, се планира имунизација и на сите наставници. Филипче рече и дека одлуката на Бирото за развој на образованието да не се делат сега свидетелства на учениците оти нема услови, не е донесена во координација со министерството.

„Свидетелствата можат да се делат во дворовите. Се што може да се организира надворешни услови, може да се направи“, смета Филипче.

Бирото за развој на образованието на училиштата им прати известување дека во „вакви услови“ не може да се делат свидетелства па ја одложија процедурата за до крајот на учебната година.

Сијарто: секогаш ќе се појави некое прашање заради кое не може да почнат преговорите со С. Македонија

Штип- македонскиот и унгарскиот министер за надворешни работи Бујар Османи и Петер Сијарто,23.06.2021

Го почитуваме ставот на Софија дека прашањата кои тие сега ги наметнуваат се важни за нив. Нашето барање е да дадат доволно време да се најде решение за прашањето со Скопје и паралелно со тоа да започнеме преговори за зачленување во ЕУ. Овие две работи да течат паралелно, изјави министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто во Штип.

Тој на новинарско прашање кои земји застанаа во одбрана на С. Македонија вчера во Луксембург и дали навистина имало тензични расправи, потврди дека атмосферата била тензична, но оти не би сакал да потпалува поголеми огнови од она што е неопходно.

„Едно е сигурно дека навистина атмосферата била многу напната на состанокот на Советот вчера, бидејќи државите кои се залагаат за проширувањето, како Унгарија, почувствувавме доста голема фрустрација, затоа што секогаш ќе се појави некое плус прашање, некоја работа заради која не може да се започнат преговорите со Северна Македонија. Со години водевме преговори со Грција и кога тоа се случи, се заврши, кога помисливме дека е готово, тогаш се појавија Бугарите“, изјави Сијарто во Штип каде заедно со шефот на дипломатијата Бујар Османи учествуваа на македонско-унгарски бизнис форум.

Министерот Османи, пак, рече дека процесот оди понатаму и според него ќе зависи од исходот на Самитот на лидери на ЕУ утре и задутре во Брисел и дали блокадата за старт на преговорите ќе биде потврдена и од бугарскиот претседател Румен Радев.

Официјална Софија вчера одлучи да не ја промени позицијата за македонската евроинтеграција и остана на ставот дека не се исполнети нивните барања за преговарачката рамка меѓу С.Македонија и ЕУ и условите за одржување на првата меѓувладина конференција.

Вон дер Лајен: унгарскиот анти ЛГБТ закон е срам

Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен

Претседателката на Европската комисија Урсула вон дер Лајен рече дека новиот унгарски закон со кој се забранува споделување на ЛГБТ содржина со малолетници е дискриминаторски и дека извршната власт на Европската унија размислува за правни активности бидејќи со него се прекршуваат основните вредности на блокот.

„Унгарскиот закон е срам“, рече Вон дер Лајен денеска.

Таа додаде дека предложениот закон јасно ги дискриминирани луѓето врз основа на нивната сексуална ориентација.

"Им дадов инструкции на одговорните комесари да напишат писмо до унгарските власти во кое ќе ги искажат правните проблеми пред да влезе законот во сила“, рече таа.

Контроверзниот закон кој според критичарите преставува напад врз правата на ЛГБТ заедницата се соочи со меѓународни критики откако беше усвоен од унгарскиот парламент минатата недела. Со него се забранува прикажување и промоција на хомосексуалност на лица под 18 години, се забрануваат дискусии и ширење на информации во училишта за кои ќе се оцени дека промовираат хомосексуалност, а се воспоставува и забрана за реклами кои се смета дека се наменети за лица под 18 години, а во нив се покажува солидарност со хомосексуалците.

На вчерашниот состанок на Советот за општи работи на Европската унија во Луксембург 13 земји членки ја осудија Унгарија за законот, а некои од нив побараа Европската комисија да ја повика Будимпешта на највисокиот суд на унијата. Унгарскиот премиер Виктор Орбан рече дека коментарите на Вон дер Лајен за законот се срамни и дека се основани врз лаги.

Заев: со Ахмети не сме разговарале за државните симболи

Архивска фотографија- средба на премиерот Зоран Заев со коалицискиот партнер Али Ахмети

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека со лидерот на ДУИ Али Ахмети не разговарале за државните симболи или поконкретно за химната.

„Со колегата Али Ахмети не сме разговарале за државните симболи. Треба да се фокусираме на економијата, зелената агенда, како и главниот фокус да остане на европеизацијата на Северна Македонија“, рече Заев на заедничката прес-конференција со премиерот на Албанија Еди Рама, одговарајќи на новинарско прашање.

Темата дали е разговарано или не за државните симболи се наметна откако на социјалните мрежи беше споделено кратко видео од подолгото интервју на лидерот на ДУИ Али Ахмети за телевизијата Клан. Во него Ахмети вели дека „се разговарало и за химната и за грбот и за знамето“, без да прецизира со кого и кога.

Вчера реагираа и од владата наведувајќи дека „ниту во Владата, ниту во владејачката партија СДСМ, ниту со премиерот Зоран Заев не е разговарано за промена на знаме, грб или химна на државата.

„Во изјавата на г. Ахмети не забележавме дека тој изјави дека наводно било разговарано со премиерот Заев или со било кој друг претставник на политичките субјекти во власта. Сметаме дека државата треба да се фокусира со сите свои капацитети на политиките кои носат развој, економија и повеќе пари за граѓаните. Владата ќе продолжи на тој пат“ се вели во одговорот од Владата.

Пет нови случаи на ковид19, еден починат

Пункт за тестирање за коронавирус во Скопје

Во последните 24 часа се направени 2.466 тестирања, а регистрирани се пет нови случаи на ковид-19, информираат од Министерството за здравство. Од нив во Скопје три и во Куманово и Тетово по еден. Пријавено е едно починато лице од Кичево на 39 години, починато во болнички услови.

За истиот период регистрирани се осум оздравени пациенти. Со ова вкупната бројка на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 155.645, бројката на оздравени пациенти е 149.916, на починати е 5.478, а бројот на активни случаи изнесува 251.

Бесплатен ПЦР тест за туристите во Црна Гора

Илустрација - Плажа во Будва, Црна Гора

На сите туристи кои ќе ја посетат Црна Гора ова лето ќе им се обезбеди бесплатно тестирање за ПЦР, доколку им треба за да се вратат во нивната матична земја, објави црногорската влада на 23 јуни.

„Тестирањето е можно за туристи кои имаат доказ за платена такса за престој во хотел или регистрирано приватно сместување на територијата на Црна Гора“, соопшти Министерството за економски развој.

На почетокот на мај, црногорското Министерство за здравство објави дека ќе има бесплатно лекување за туристите кои страдаат од ковид-19.

Алкохолот забранет на Олимпијадата во Токио

Илустрација

Организаторите на Олимписките игри (ОИ) во Токио, кои започнуваат за еден месец, одлучија да забранат продажба на алкохол на сите места каде што ќе се одржат натпреварите, бидејќи претходно тие одобрија присуство до 10 000 гледачи по натпревар.

Подготовките за Олимпијадата продолжуваат и покрај тоа што лекарите се грижат дека коронавирусот може повторно да се прошири.

Медиумите јавуваат дека организаторот размислувал за одобрување алкохол, но се откажал по негативната реакција на јавноста, пренесува Гласот на Америка.

Рама до Заев: Се надевам дека нема да бараат да се викате Западна Бугарија

Зоран Заев и Еди Рама

Повторно ќе треба да чекаме, но ќе продолжиме да го правиме истото, и да се потпираме на себе, а не само на тоа што го кажува Брисел, изјави премиерот на Албанија Еди Рама на панел на Првиот Економски форум во Скопје на кој учествува и премиерот Зоран Заев коментирајќи го неупсхехот вчера на ЕУ да испорача почеток на преговори за Скопје и Тирана.

„Но, за мене ова не е чекање, едноставно треба да продолжиме да го правиме истото, да одиме напред и не само да се потпираме на тоа што го кажува Брисел, меѓутоа да се потпираме на самите себе, на нашата сопствена енергија да направиме максимум со цел да ги споиме мисиите во една мисија, народите во еден народ, земјите во една зона каде што нема да има ограничувања на соработката“, рече Рама.

Според него, по решавањето на спорот со Грција и потпишувањето на Преспанскиот договор, сите имаат право да се чувствуваат фрустрирано од блокадата која, овој пат, доаѓа од Бугарија.

„Сите имаат право да се чувствуваат целосно фрустрирани затоа што одеднаш сега се појавува Бугарија и бара нешто повеќе. Му реков на Зоран се надевам дека нема да бараат да се наречете Западна Бугарија затоа што тогаш ќе треба да се вратите пак кај Грците да преговарате“, рече на шега Рама.

Меркел примила две различни вакцини против ковид-19

Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел ја прими втората доза на вакцината Модерна против Ковид 19, иако како прва доза ја прими Астра Зенека, соопшти нејзината канцеларија.

„Потврдуваме дека г-ѓа Меркел прими втора доза на вакцина и дека е тоа е од Модерна“, изјавија за АФП од Кабинетот на Меркел.

66-годишната канцеларка ја прими првата доза на вакцина Астра Зенека на 16 април, откако привремено беше прекината нејзината употреба во Германија поради тврдењата дека предизвикува згрутчување на крвта.

Сепак, АстраЗенека се врати во употреба за оние над 60 години, а потоа беше примена од германските политички лидери, вклучувајќи го и претседателот Франк-Валтер Штајнмаер.

Некои земји, вклучително и Германија, избраа да им дадат на граѓаните втора доза на Фајзер или АстраЗенека, иако прва доза добиле АстраЗенека.

Втора Парада на гордоста викендов во Скопје

Архивска фотографија од првата Парада на гордоста во Скопје

Втората Парада на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни. Парадата, според организаторот, ќе почне со собирање на учесниците во паркот „Жена Борец“ од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде покрај Влада, сѐ до Школка во Градскиот парк.

Организатор на парадата е Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.

Според агендата, Парадата ќе ја отвори македонскиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани на сите комуникациски канали.

Австрија ја стави Македонија на листата ковид безбедни земји

Илустрација

Австриското Министерство за здравство денеска соопшти дека 11 нови држави се вклучени на листата безбедни земји поврзани со пандемија на Ковид-19, со што се овозможува полесно патување на нивните граѓани во Австрија.

Новата уредба на Министерството за здравство на Австрија стапува во сила утре (24 јуни), а граѓаните на Северна Македонија, Албанија и Србија ќе можат да патуваат во оваа европска земја.

Покрај балкански држави, на листата безбедни земји се додадени и САД, Хонг Конг, Јапонија, Макао, Саудиска Арабија, Тајван, Тајланд и Виетнам. Граѓаните на тие земји ќе можат да влезат во Австрија со потврда за вакцинација или негативен тест, или лекарско уверение дека прележале Ковид-19.

САД се разочарани што ЕУ не ја усвои преговарачката рамка за Македонија

Американската амбасадорка во Македонија, Кејт Брнз

Американската амбасадорма во Македонија, Кејт Брнз, денеска изјави дека остануваат разочарувањата што членките на Европската унија (ЕУ) не успеаа да ја усвојат преговарачката рамка за Северна Македонија на вчерашниот состанок.

Сепак, додаде таа, „нема сомнеж дека државата ги исполни неопходните задачи за отворање на пристапните преговори со Унијата и тоа е чекор што веруваме дека ќе ја зголеми рагионланата стабилност и ќе ги подобри политичката и економска активност“, рече амбасадорката Брнз, на првиот Скопски економски форум.

САД, нагласи Брнз, ќе бидат со Северна Македонија на секој чекор од ова патување, бидејќи тоа е од интерес за нашите заеднички стратешки цели.

„Северна Македонија ги надмина политичката нестабилност и презема важни демократски реформи. Стана стабилен партнер за безбедноста и напредокот на целиот регоон и покажа дека е подготвена да ги заврши тешките задачи неопходни за остварување на стртаешките цели. Потпишувањето на Договорот од Преспа, членството во НАТО и отворање на патот кон ЕУ се само дел од позначајните успеси и сега е време за инвестициите и трговијата да почнат да носат економски бенефит од овие политички победи. Време е за економскиот раст да се зголеми“, истакна Брнз и додаде дека „целите на САД на Балканот остануваат јасни и не променети, посочувајќи дека во иднина регионот го гледаат во мир со своите соседи, стабилен и целосно интегриран во евроатлантската рамка.

На крај на денот, порача Брнз, Северна Македонија припаѓа на Европската унија и иако е долг патот, важно е да се продолжи со напредок.

Вчера во Луксембург, Бугарија остана на својот став дека Македонија не ги исполнила условите за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ по што не беше постигнат консензус за прва меѓувладина конфереција на Унијата со Македонија и Албанија.

Боинг издвои 500 милиони долари за отштета на семејства на загинати патници

Илустрација

Авиокомпанијата Боинг создаде фонд од 500 милиони долари за да ги обештети семејствата на 346 лица загинати во несреќите на Боинг 737 Макс, пренесува Гласот на Америка. Фондот е дел од договорот со Министерството за правда на САД. Во јануари, Боинг вети дека ќе им исплати надомест на семејствата на загинатите во несреќата на Лајон Ера 2018 и Етиопијан Ерлајнс во 2019 година.

Секое семејство ќе добие околу 1,45 милиони долари и ќе ги добие парите веднаш штом ќе биде завршено документирањето, соопшти Боинг.

Фондот е само дел од зделката што Боинг ја склучи 2,5 милијарди американски долари со Министерството за правда, бидејќи обвинителите ја обвинија компанијата за лажно издавање на сертификати за безбедност на авиони. Договорот му овозможи на Боинг да избегне судски постапки, но не и тековните граѓански тужби.

„Катимерини“: Грчката Влада лута поради твит на Заев

Премиерот Зоран Заев

Грција го замрзнува ратификувањето на три меморандуми за соработка со Северна Македонија поради објава на премиерот Зоран Заев на „Твитер“ за фудбалската репрезентација, во која не го користи уставното име на државата, објави грчкиот весник „Катимерини“. Под наслов „Гнев во Атина, замрзнуваат меморандуми со Северна Македонија“, грчкиот весник пишува дека станува збор за три меморандуми кои грчкиот Парламент требало да ги ратификува идниот месец, но дека сега процесот ќе биде одложен, најверојатно, за септември, а можеби и за подоцна.

Во „твитот“ од понеделникот, кој, според грчкиот весник, ја налутил грчката влада, Заев напиша дека фудбалскиот натпревар (Македонија - Холандија, н.з.) го следи заедно со холандскиот премиер и дека без оглед на резултатот ѝ дава поддршка на „македонската фудбалска репрезентација“.

Повикувајќи се на владини извори, „Катимерини“ пишува дека грчката влада не може да „замижи“ пред „двојната игра“ на „соседите“, потенцирајќи дека изминатиов период имало неколку „инциденти“ поврзани со Договорот. Во текстот се пренесува изјава на портпаролката на грчката влада, Аристотелија Пелони, која вчера, според весникот, испратила предупредување до премиерот Заев дека мора да го почитува Договорот од Преспа во сите контексти, вклучително и меѓународните спортски настани.

Твитот на Заев со содржина која, според објавата на „Катимерини“, е спорна за властите во Грција

Одложена главната расправа за случајот „Моќник“

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски, е третообвинет во случајот „Моќник“

За денеска закажаната главна расправа за случајот „Моќник” е одложена на барања на јавниот обвинител кој го застапува овој случај. Следното рочиште за овој предмет е закажано за 14 јули. Судењето за овој случај го води судијката Ленка Давиткова, а застапник на обвинението се јавниот обвинители Гаврил Бубевски.

Според Обвинителството, прво и второобвинетиот се товарат дека сториле „измама”, третообвинетиот дека сторил „измама” и „злоупотреба на службената положба и овластување”. Со обвинителниот акт останатите 10 опфатени лица се товарат дека сториле „злоупотреба на службената положба и овластување”.

Прво и второобвинети во случајот се Милош Милошоски и поранешниот градоначалник на Македонски Брод, Милосим Војнески, а третообвинет е пратеникот Антонио Милошоски. Меѓу останатите обвинети се и Томе Аџиев, Јанаке Витановски, Новица Велјановски, Ѓорѓи Милошевски, Шпенд Винца, Агим Мехмети и Даут Даути.

За „Моќник“, кој е еден од случаите отворени од поранешното СЈО, истрагата ја водеше обвинителката Фатиме Фетаи.

Во Берлин конференција за Либија

американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Германија и Обединетите нации денеска во Берлин ќе бидат домаќини на конференцијата која треба да претставува обид да се запрат борбите во Либија и да се поддржи стабилна влада. На конференцијата ќе учествува и американскиот државен секретар Ентони Блинкен кој денеска пристигна во Берлин. Специјалниот пратеник на САД за Либија Ричард Норланд рече дека разговорите ќе ги поттикнат напорите да се одржат избори во Либија во декември, истовремено воспоставувајќи уставна и правна основа за гласање.

Околу 130 мигранти се удавиле во близина на либискиот брег


Норланд рече дека на конференцијата ќе стане збор и за странските борци кои ја напуштаат Либија по десет години граѓанска војна. Блинкен во Берлин ќе разговара со неговиот германски колега Хајко Мас за борбата против негирањето и антисемитизмот на холокаустот.

Европол: Екстремистите се обидоа да шират омраза за време на пандемијата

зградата на Европол во Хаг

Екстремистите во минатата година се обидоа да ја искористат глобалната пандемија на коронавирусот за да „шират пропаганда на омраза и недоверба во јавните институции“, според новиот извештај на Европол за тероризмот во Европската унија. Во извештајот се наведува дека пандемијата и економската криза придонесле за поларизација на општеството, предизвикувајќи „зголемено прифаќање на заплашување, вклучително и повици за насилство“.

Приведени 14 луѓе за терористичкиот напад во Виена, Европол бара помош и од БиХ

„Најновиот извештај на Европол за тероризмот во ЕУ илустрира дека ризикот од радикализација преку интернет се зголемил во годините на пандемија на ковид-19. Ова е особено точно за десничарскиот тероризам", изјави еврокомесарот за внатрешни работи Илва Јохансон. Европол изброи 57 „терористички напади извршени, неуспешни или спречени“ во шест земји на ЕУ и 62 „терористички инциденти“ во Британија во 2020 година. Вкупно 21 лице биле убиени во екстремистички напади во минатата година - девет од десничарите во Германија и 12 во шест џихадистички напади.

Вархеји: Белград направи многу во последните месеци

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји

Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји по вечерашната Меѓувладина конференција ЕУ-Србија во Луксембург рече дека Белград направи многу во последните месеци за да ги забрза реформите за владеење на правото. „На првата политичка меѓувладина конференција под ревидираната методологија вечерва разговаравме за тоа што сè уште треба да се направи и заклучивме дека Србија направи значителна работа во последните месеци и ги забрза реформите во областа на владеењето на правото“, напиша Вархеји на Твитер, додавајќи дека според новата методологија, кластерот 1 е веќе отворен и дека за време на словенечкото претседателство може да се зајакне динамиката на пристапниот процес и тој очекува отворање на кластерите 2 и 3.

Софија останува на ставот- нема напредок за Скопје во ЕУ

Српската делегација на меѓувладината конференција беше предводена од премиерот Ана Брнабиќ. Таа изјави дека Белград „стори сé“ и оти „гарантира дека ниту една земја не сторила повеќе од Србија во областа на владеењето на правото во последните неколку месеци“.

Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генералот Волтерс во Скопје

Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генералот Тод Волтерс

Командантот на Врховната сојузничка команда на НАТО за Европа, генералот Тод Волтерс, денеска, ќе престојува во официјална посета на Република Северна Македонија.

Заев на самит на НАТО- заедно ќе носиме стратегиски одлуки за прилагодувањето на Алијансата


Како што соопшти Министерството за одбрана, врховниот командант на сојузничките сили за Европа, генералот Волтерс, ќе има официјални средби со министерката за одбрана Радмила Шекеринска и со началникот на Генералштабот на Армијата, генералот Васко Ѓурчиновски.

Мобилни екипи на Црвен крст за справување со топлотниот бран во Скопје

Црвениот Крст ќе им помага на скопјани да се справуваат со топлотниот бран

Црвен крст во соработка со Град Скопје од денеска ќе започне со теренски активности во насока на справување со најавените топлински бранови. Согласно искуства од претходните години, од Црвениот крст информираат дека мобилните екипи составени од волонтери од тимот за одговор при катастрофи од петте општински организации во Скопје, ќе патролираат низ градот и ќе дистрибуираат вода и информативни летоци наменети за граѓаните.

Неделава топлотен бран со температури до 40 степени

Од Црвен крст соопштија дека ќе бидат ангажирани 16 волонтери распоредени во четири тима со четири возила. Почнувајќи од денеска, па се до 25 јуни мобилните тимови имаат предвидено дистрибуција на 800 шишиња или 400 литри на дневна основа.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG