Достапни линкови

Вести

Времето денеска: сончево и потопло

Ќе биде сончево и потопло со слаб до умерен ветер од северозападен правец, особено вдолж Повардарието. Во утринските часови по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла. Дневната температура ќе биде од 12 до 21 степен. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 16 степени.

види ги сите денешни вести

Симовски: На сите пописи од 1948 наваму има код за бугарска етничка припадност

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски

Од 1948 година па наваму, во сите пописи, имало код за бугарска етничка припадност. Имаме податоци во однос на таа етничка припадност и ќе има и понатаму. Кој како ќе се произнесе е исклучиво негово право и ние не смееме да влијаеме, изјави за МИА, директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

Изјавата на Симовски следува откако денеска шефот на дипломатијата Бујар Османи напиша на Фејсбук дека претставниците на бугарските здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница.

Симовски појаснува дека полето во кое се впишува етничката припадност во формуларите за попис е празно. Во електронската апликација откако ќе се впишат првите три букви на припадноста, се појавува поле за избор на етничка припадност од кодната листа на сите етнички припадности кои досега се регистрирани на сите пописи кај нас. Тој нагласи дека во пописот, кој официјално ќе почне на 1 април, а ќе трае до 21 април, секој слободно може да се изјасни за својата етничка припадност.

Сите овие реакции следуваат по состанокот на бугарскиот претседател Румен Радев со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои тој побарал мерки за заштита на Бугарите во Македонија, по наводни жалби од битолското здружени „Иавн Михајлов“ дека во Македонија имсе кршат правата на Бугарите за национално самоопределување. На тоа реагираа македонските власти дека нема кршење на ничии права, а потегот на Радев го оценија како мешање во туѓа земја.

Субвенции за „етнички вработувања“ само за долго невработени

Владиниот портпарол Душко Арсовски

Владиниот портпарол, Душко Арсовски, на денешната прес-конференција информираше дека во Оперативниот план на Агенцијата за вработување за 2021 ќе има и програма за субвенционирање на вработувања по етнички критериум во приватните компании, но само за лица кои се долго време надвор од работниот процес.

„Субвенции или поддршка ќе добиваат оние компании кои што ќе вработуваат лица според одредени критериуми кои што ќе се најдат на таа листа и на тој начин ќе биде направен изборот. Целта и фокусот се сите граѓани кои што се засегнати со оваа мерка а се подолго време надвор од работен процес, без разлика на етничка, религиозна, полова, расна или друга разлика, рече Арсовски.

Ова е дел од Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година што Владата го прифатила на 50-тата седница.

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се утврдуваат програмите, мерките и услугите за вработување кои ќе обезбедат создавање на нови работни места, поддршка за креирање на нови работни места и зголемување на вработливоста на невработените лица, посебно на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените лица на кои престанокот од работен однос е регистриран во периодот на кризата предизвикана поради КОВИД-19, односно од 11 март 2020 година.Во Оперативниот план на Агенцијата за вработување ќе бидат предвидени 1, 516 милијарда денари и ќе бидат опфатени 10.279 лица.

Партијата на Орбан ја напушти групата на народните партии во ЕП

Унгарскиот премиер Виктор Орбан

Унгарската партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, ја напушти групата европски народни партии во Европскиот парламент (ЕП). Одлуката донесе кратко откако членовите на Европската народна партија (ЕПП) со големо мнозинство гласаа за промена на деловникот, дозволувајќи исклучување на политичките партии кои се дел од групата, отворајќи го патот за протерување на партијата Фидес.

Европската народна партија е најголемата политичка група во Европскиот парламент. На состанокот на оваа политичка група, што се одржа во среда, на 3 март, 148 пратеници гласаа за имињата, што претставува над 80 проценти од членовите. За да се направат промените, беше потребно двотретинско мнозинство.

Во писмото испратено до шефот на ЕПП во Европскиот парламент, Манфред Вебер, унгарскиот премиер Орбан оцени дека гласањето во средата е „непријателски потег против Фидес и нашите гласачи“.

ВМРО-ДПМНЕ поднела предлог закон за поништување на Законот за попис

Иванка Василевска, пратеничка на ВМРО-ДПМНЕ

Сите факти и аргументи ни говорат дека власта подготвува политички фалсификат и нерелевантен и фингиран попис и затоа како пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, денеска во Собранието поднесовме Предлог на закон за престанување на важење на Законот за попис, по итна постапка, информираше денеска Иванка Василевска, пратеничка на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Според опозицијата, Владата не сакала да дебатира за пописот туку „од редовна и статистичка операција направила политичка операција за пазарење, додворување и враќање на коалициски долгови“.

„Нашите издржани забелешки и секојдневни укажувања за недостатоците и аномалиите на овој закон беа и се’уште се: Злоупотреба на европското знаменце и европските вредности и скратената можност за стручна и опширна дебата, недостиг на консензус од сите политички партии, проблематична и недоречена методологија за спроведување на пописот, нефункционален и небезбеден систем за електронска евиденција на дијаспората и погрешен тајминг за одржување на пописот, иако многу европски земји поради КОВИД кризата го одложија пописот за една година“, изјави денеска пратеничката Василевска.

Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ не е против попис на населението, туку, како што рече, против „фингиран и наместен попис“.

Од Владата и од владејачкиот СДСМ неколку пати потенцираа дека обвинувањата на опозицијата во врска со пописот се неосновани и дека попис ќе има.

Првата фаза од пописот почна пред неколку дена и преку посебна интернет апликација веќе се одвива првата фаза со самопопишување на македонските државјани во странство.

Бугарија барала да види како некои лица се изјасниле на попис, но не добила

Апостол Симовски

Директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски, денеска информираше дека „Бугарија, но и други земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјаснувале на одреден попис, но дека такви податоци не смеат да се даваат“.

„Никој не може да добие формулар од некој како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок“, рече денеска Симовски, одговарајќи на новинарско прашање.

Ваквиот одговор на Симовски следи откако претходно битолското здружение „Иван Михајлов“ побара да им се даде бугарски пасош на оние македонски граѓани кои на пописот ќе се изјаснат како Бугари. Неколку дена подоцна, бугарскиот претседател Румен Радев побара помош од шефовите на безбедносните бугарски служби за заштита на Бугарите во Македонија, на кои, наводно, им биле скратувани правата во Македонија. За македонските власти тоа е „мешање во туѓа држава“.

Тој рече дека досега во дијаспората се регистрирале и попишале околу 18.000 граѓани и дека бројката за него е одлична.

Тој информираше и дека бугарската фирма која ја изработила апликацијата за самопопишување на македонските државјани во странство „не може да има пристап до базата на податоци“.

„Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите“, додаде Симовски.

„Меѓународен сојуз“ - Обвинителството изнесува докази, Боки 13 бара изземање на Русковска

Обвинетиот Бојан Јовановски - Боки 13 на едно од рочишатата за „Меѓународен сојуз“

Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска продолжи судењето за случајот „Меѓународен сојуз” со изведување на материјални докази, предложени од Обвинителството. Обвинителството презентираше материјални докази од Управата за финансиско разузнавање, за банкарските сметки и реализираните трансакции на обвинетите во периодот на интерес за случајот, како и документи од Управата за јавни приходи и Централен регистар за здружението „Меѓународен сојуз”.

За случајот со невладината организација Меѓународниот сојуз, основана од Бојан Јовановски-Боки 13, преку која според обвинението биле измамени бизнисмени за наводни центри за возрасни лица, обвинети се и поранешната пратеничка и висока функционерка на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, таткото на Боки 13 и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Според обвинението, Јовановски е обвинет за измама и перење пари, Ременски за помагање во делото измама, Мандиќ за помагање во измама и перење пари, а Миле Јовановски за помагање во перење пари и за неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје. Како правно лице обвинета е и невладината организација.

Одбраната реагираше на начинот на изведувањето на денеска презентираните докази, како и дека некои од нив немаат сметки во некои од посочените банки или во однос на направените трансакции.

На почетокот на рочиштето, обвинетиот Бојан Јовановски побара изземање на обвинителката Вилма Русковска и побара републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да каже кој е застапник на обвинението, бидејќи, како што рече Јовановски, Русковска не се појавува на секое рочиште, туку „од рочиште на рочиште се менуваат обвинителите“.

Земјотрес во Грција од 6,2 степени, почувствуван и во Македонија

Илустрација

Земјотрес со јачина од 6,2 степени според Рихтеровата скала ја погоди денеска Грција, а потресот беше почувствуван и во Македонија.

Според податоците објавени на веб-страницата emsc-csem.org, земјотресот се случил во 10 часот и 16 минути по локално време, односно во 11 и 16 часот по македонско време. Потресот бил на длабочина од 10 километри, со епицентар на 23 километри од градот Лариса.

Претходно утрово имало два послаби земјотреси во Грција, со јачина од 2,8 и 2,6 степени според Рихтер.

Последен посилен земјотрес кој ја погоди Грција беше оној во октомври лани, кога беше зафатен островот Самос, каде загинаа двајца тинејџери и беше предизвикана голема материјална штета. Епицентарот на тој земјотрес беше во близина на турскиот град Измир, каде, пак, имаше над 30 човечки жртви и беа разурнати стотици објекти.

Експлозија пред центар за ковид тестирање во Холандија

Фотографија од обезбедениот центар во Холандија каде се случила есплозијата

Холандската полиција денеска, 3 март, соопшти дека центарот за тестирање на вирусот корона северно од Амстердам, наводно, намерно бил цел на напад - имало експлозија на местото пред да се отвори центарот за тестирање, објави Ројтерс.

Експлозијата во градот Бовенкарспел, 55 километри северно од главниот град, скрши прозорци, и, за среќа, нема поврдени луѓе, се вели во соопштението на полицијата од провинцијата Северна Холандија.

@Металните остатоци од експлозивната направа, со димензии околу 10 см на 10 см, беа пронајдени на предниот дел од зградата и „мораше да бидат поставени таму. Сè уште не знаеме што точно експлодира, експертите за експлозиви мора прво да го испитаат тоа. Нешто такво не се случува случајно, туку мора некој да го постави“, изјави за Ројтерс портпаролот на полицијата Мено Хартенберг.

Од локалната холандска полиција информираа дека ја оградиле областа за да испитаат што се случило.

Инцидентот се случи непосредно пред националните избори на 17 март, кои се сметаат за референдум за решавање на владата на проблемот со пандемијата. Конзервативната партија ВВД на премиерот Марк Руте најверојатно ќе остане во водство како што покажуваат анкетите, пишува Ројтерс.

Во болниците има 750 ковид пациенти и 360 слободни места

Илустрација - Ковид-19 центар во Скопје

Во изминатите 24 часа во ковид центрите во болниците низ земјава е пријавено дека се лекуваат вкупно 443 пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот, соопшти денеска Министерството за здравство (МЗ).

Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 750 и има околу 360 празни болнички кревети во ковид центрите.

„Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород. Министерството има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени“, соопшти МЗ.

Дијаспората да биде поактивна на пописот, апелира Владата

Муамед Хоџа, портпарол на Владата на Северна Македонија

Владата денеска, преку портпаролот Муамед Хоџа, упати апел до македонските државјани кои живеат во странство да земат активно учество на Пописот на населението, домаќинствата и становите, што започна на 1 март и ќе трае до 21 април. Владиниот портпаролот Хоџа на денешната прес-конференција посочи дека пописот на 1 март започна и за затворениците, вработените во ДКП-та и војниците што се на мисии во странство.

Хоџа информираше и дека на предлог на Комисијата за заразни болести, Владата на вчерашната 50. седница го усвои Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите 2021 година кој ќе предвидува мерки во сите три фази на пописот, односно во фазата на тестирање, фазата на обука и во фазата на спроведување на пописот на терен со посебен Протокол за попишување на лицата кои во периодот на спроведување на пописот се позитивни на Ковид-19.

Османи: Бугарските здруженија да побараат посебна пописна графа

Илустрација - Шефовите на дипломатиите на Македонија и на Бугарија, Бујар Османи и Екатерина Захариева

По последните реакции од Бугарија за „жалби за непочитување на правата на Бугарите во Македонија“, денеска се огласи македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, со став дека Македонија има успешен модел на мултиетничко оптество и дека граѓанските организации треба да побараат од пописните органи да се внесе графа за оваа заедница на пописот.

„Република Северна Македонија има исклучително успешен модел на мултиетничко општество. Покрај колективните права на поголемите заедници, постојат функционални механизми за заштита и на помалите етнички заедници. Во ова смисла никој не смее да ги загрозува правата на бугарската заедница во земјава. Уште веднаш, претставниците на овие здруженија треба да ги контактираат пописните органи и да побараат соодветна графа во рамките на пописот, со цел утврдување на квантитативната, демографската и географска дистрибуција на оваа засебна заедница, што би придонело значајно при формирањето на идните политики и на Владата, и на соодветните единици на локалната самоуправа и воопшто на државата“, вели Османи во реакцијата која ја објави денеска на неговата официјална страна на Фејсбук.

Пред неколку дена бугарскиот претседател Румен Радев имаше состанок со шефовите на бугарските безбедносни служби од кои побарал мерки за заштита на правата на Бугарите во странство, а по жалби од здружението на граѓани од Битола, „Иван Михајлов“, кое наводно се жалело дека во Македонија Бугарите не можат слободно да ја кажат својата национална припадност. На тоа рагираа македонскиот претседател Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев кои рекоа дека во Македонија се почитуваат правата на сите заедници и малцинства и дека тоа е мониторирано и од Брисел, а дека свикувањето на безбедносни служби за заштита на права на заедница во туѓа држава „е мешање во внатрешните работи“.

Пандемијата го наруши образованието на 880 милиони деца во светот

Илустрација - Ученичка на час во авганистанско училиште на отворено

За време на карантинот поради пандемијата на коронавирус, училиштата беа затворени за речиси 168 милиони ученици ширум светот на една година, објави УНИЦЕФ, предупредувајќи на катастрофалните последици за иднината на тие деца. Училиштата во 14 земји низ светот останаа затворени од март минатата година до февруари, се вели во извештајот на УНИЦЕФ. Од нив, две третини се во Латинска Америка и Карибите, каде што се погодени скоро 98 милиони училишни деца.

„Катастрофа на образованието. Секој ден што поминува, децата кои не можат да посетуваат настава лично, заостануваат сè повеќе, а нај маргинализираните плаќаат најскапа цена“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ, Анриета Форе.

УНИЦЕФ предупредува дека постојното затворање на училиштата има катастрофални последици и на најранливите деца им се заканува принуден детски брак или детски труд наместо часови. Се додава дека повеќе од 880 милиони деца ширум светот се соочуваат со нарушувања во образованието поради целосно или делумно затворање на училиштата.

Столтенберг ќе учествува на Интерпарламентарната конференција за европска безбедност

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ќе има главно обраќање на Интерпарламентарната конференција за заедничка надворешна и безбедносна политика и заедничка безбедносна и одбранбена политика, организирана од Португалскиот парламент во контекст на Португалското претседателство на Советот на Европската унија. Во средината на минатиот месец се одржа состанок на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана.

„Нови идеи за НАТО 2030“ - младински собир

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг ги претстави плановите за реформи за модернизација на Алијансата по четири години спорење со Вашингтон и за соочување со предизвиците, вклучително и воениот подем на Кина и Русија како противници. По спротивставената реторика меѓу Вашингтон и неговите сојузници за време на претседателството на Доналд Трамп, Столтенберг постави осум области каде што НАТО може да се модернизира на среден рок, од климатските промени до одржливо финансирање на воените операции.

Брнабиќ и Вархеји за примена на новата методологија во преговорите меѓу Србија и ЕУ

Еврокомесарот Оливер Вархеји

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ разговараше со европскиот комесар за проширување, Оливер Вархеји за примената на новата методологија во преговорите за членство меѓу Србија и ЕУ. На средбата преку видео-врска, Вархеји ги поздрави реформите во областа на владеењето на правото, велејќи дека тие остануваат на врвот на приоритетите на Европската унија во процесот на претпристапните преговори со Србија, соопшти Владата на Србија.

Борел: Земјите од Западен Балкан мора да ги завршат своите домашни задачи

Брнабиќ оцени дека Србија постигнала значителен напредок, особено во областа на владеењето на правото, медиумските слободи и заштитата на новинарите и во економската сфера и рече дека смета дека динамиката на пристапните преговори треба да се усогласи со реформските напори на Србија. Белград ја прифати новата методологија, верувајќи дека тоа ќе и овозможи поконкретен и поволен начин за водење преговори со европски претставници, оцени Брнабиќ.

Порфириј: Важно е да се надмине расколот со Македонската црква

Новиот поглавар на Српската православна црква, патријархот Порфириј дава благослов по мисата во Белград, 19 февруари 2021 година

„Суштински ми е важно да се надмине расколот со Македонската црква. Оваа тема останува отворена и верувам дека ќе се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без мешање на политиката“, изјави новиот патријарх на СПЦ Порфириј во интервју за РТС. Запрашан за изјавата на митрополитот Преспанско-пелагониски Петар дадена неодамна за МИА дека очекува новиот српски патријарх да покаже повеќе разбирање за да биде решен статусот и МПЦ-ОА да добие автокефалност, Порфириј одговори дека „нема да има ни помалку ни повеќе разбирање од неговите претходници”, цитирајќи латинска поговорка: „нема да биде нова работа, но може да биде нов начин“.

Г. Петар: Порфириј не држи до српството по секоја цена

„Нашата црква по Нишкиот договор најде решение за охридски архиепископ да го постави Јован, и сите православни верници имаат можност за учество во литургиски живот, но таа тема останува отворена. Верувам дека нашиот собор секогаш ќе биде спремен да се дојде до решение кое ќе биде во согласност со каноните, без какви било политички притисоци кои уште од самиот почеток на расколот, а и денес за тоа прашање ги има“, изјави патријархот Порфириј.

Меркел на средба со претставници на сојузните држави за мерките против ковид-19

Германската канцеларка Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел денеска ќе разговара со претставници на 16-те германски сојузни држави за продолжување на мерките за спречување на ширењето на коронавирусот. Германија, како што се најавува, планира да ја продолжи блокадата до 28 март, но оти некои ограничувања ќе бидат ублажени почнувајќи од 8 март. Бројот на заразени со а коронавирус во Германија достигна над 2,4 милиони. Во нацрт-документот, како што јавува Ројтерс, се наведува дека почнувајќи од 8 март ќе им биде дозволено да се состануваат најмногу пет лица од две домаќинства, со исклучок на деца помали од 14 години, што е повеќе од две лица според сегашните правила.

Германија со нови ограничувања за движење

Продавници за цвеќиња и книги, градинарски центри, салони за тетовирање и нокти, како и салони за масажа, исто така, ќе имаат дозвола за повторно отворање. Со приближувањето на Велигден, нацрт-договорот, исто така, апелира до Германците да избегнуваат домашни и странски патувања, додавајќи дека, сепак, ќе бидат дозволени ограничени посети на роднини во текот на празничните денови.

Бугарија го прославува Денот на ослободувањето

Софија

Денеска во Бугарија се одбележува државен празник чиј целосен наслов е Бугарски ден на ослободување од османлиската доминација. Овој празник е национален ден на Бугарија и им оддава почит на бугарските доброволци кои за време на Руско-турската војна од 1877-1878 година со помош на руски и романски сили ја ослободија Бугарија од скоро 500 годишното османлиско владеење. 3 март го означува датумот на потпишување на Договорот од Сан Стефано во 1878 година. Со овој мировен договор заврши војната, а беше потпишан меѓу Русија и Отоманската империја кои ја прогласија Бугарија за независна држава, иако вазал во рамките на Отоманската империја.

Жестоки реакции на предлозите на Георгиевски за решавање на спорот со Бугарија

Овој празник традиционално се одбележува со церемонии низ Бугарија. 3 март во 1978 година го доби својот статус на Национален ден на Бугарија и беше прогласен за официјален празник.

САД ќе ѝ помогнат на ЕУ да го забрза распоредувањето сили пред предизвикот од Русија

Американски тенковите Абрамс на железничката станица Мокава во Литванија, 5 септември 2020 година

Новата американска администрација сака да ѝ помогне на Европската унија побрзо да ги премести трупите и опремата низ цела Европа за да се справи со потенцијален конфликт со Русија. Масовните руски воени игри на источното крило на воениот сојуз НАТО во последниве години предизвикаа загриженост за потенцијален конфликт случајно активиран во источна Европа, пред да пристигнат засилувањата од САД и Канада. Европски воен извор изјави дека САД, Канада и Норвешка, сите членки на НАТО надвор од ЕУ, во минатата недела испратиле барање за учество во европски проект наречен „воен Шенген“.

Состанок на ЕУ и НАТО за новата администрација на САД

Тој е еден од 46-те проекти на „постојана структурирана соработка“ (ПЕСКО) насочени кон продлабочување на воената соработка во рамките на Европската унија. На земјите надвор од блокот им е дозволено да се приклучат на овие проекти од ноември 2020 година. Барањето на Вашингтон да се приклучи се смета за знак на желбата на претседателот Џо Бајден за поблизок ангажман со европските сојузници по застојот предизвикан од неговиот претходник Доналд Трамп. Европски воен извор рече дека помошта на САД може да дојде во форма на финансиска поддршка и оти министрите за одбрана на ЕУ ќе разговараат за понудата во мај.

Симовски: Пристапот преку VPN апликација се регистрира како доказ за упаѓање во системот

директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски

Тврдењето дека многу граѓани се попишале преку користење на VPN апликација е невозможно, бидејќи тоа се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за телевизија „Сител“. Со самото влегување на веб страницата за самопопишување, нагласи Симовски, лицата се предупредени за ваквата работа и се сложуваат со условите, поради што и сносат одговорност. Тој посочи дека тука има и злоупотреба на лични податоци, затоа што тој што се обидува да упадне користи туѓ матичен број, бидејќи ако упадне со својот матичен број може многу лесно да се лоцира и да сноси одговорност.

ДЗС: Апликацијата за попис не е пробиена, за злоупотреба 3 години затвор

Последниот податок, според Симовски, е дека вчера во 10 часот има 11.149 вклучувања во базата, но тоа не значи пополнета апликација, бидејќи во овој момент никој нема овластување да влегува во базата за тоа да го провери. Во однос на лицата кои ќе се самопопишат преку Апликацијата, а потоа ќе бидат попишани и од нивните семејства како лица во странство, Симовски рече дека е можно да се случи двојно попишување, но во тој случај за тоа лице ќе бидат земени податоците од самопопишувањето. Апликацијата што ја користат попишувачите на терен, Симовски рече дека не е иста со апликацијата за самопишување преку интернет, и дека станува збор за систем што е работен од друга софтверска компанија, но содржината на прашалниците е сосема идентична. Симовски, исто така, нагласи дека податоците од пописот не може да се дадат ниту на граѓанинот, ниту на било кое друго лице или институција и дека тие служат само и исклучиво за статистички цели.

Фридом хаус: Македонија и натаму делумно слободна земја

Фридом хаус: Слобода во светот 2021 година

Во најновиот годишен извештај на Фридом хаус „Слободата во светот“, објавен денеска, а се однесува на политичките права и граѓанските слободи во минатата година, Северна Македонија и натаму е во групата на земји со делумна слобода иако бележи пораст од три поени од претходниот извештај. Во забелешката за Македонија се наведува дека „реформаторската влада на Северна Македонија беше реизбрана и нејзините „институции во голема мера се опоравија од штетата нанесена од поранешниот премиер во бегство, Никола Груевски“. Исто така се додава дека „владата на премиерот Зоран Заев го смени долгогодишното демократско уназадување, но на земјата и понатаму ѝ се ускратува шансата да стане членка на Европската унија“. Во истата група со Македонија меѓу другите се и: Ерменија, Босна и Херцеговина, Грузија, Унгарија, Косово, Молдавија, Црна Гора, Србија и Украина. Од регионот во групата слободни земји се најдоа Бугарија, Хрватска и Романија.

Фридом Хаус: Транснационалната репресија е растечка закана за демократијата во светот

Годинашниот извештај на Фридом хаус открива дека помалку од една петтина од луѓето во светот живеат во целосно слободни земји. Авторитарните актери станаа похрабри во текот на 2020 година, бидејќи најголемите демократии своето внимание го свртеа дома, придонесувајќи за 15-та последователна година на пад на глобалната слобода. Извештајот открива дека уделот на земјите назначени како неслободни го достигнал највисокото ниво од почетокот на влошувањето на демократијата во 2006 година и дека земјите со пад на политичките права и граѓанските слободи се помногубројни, што е најголема разлика забележана во текот на 15-годишната период. Извештајот ги намали оценките за слободата во 73 земји, што претставува 75 проценти од глобалното население.

Времето денеска: сончево со слаб ветер

Ќе биде сончево со слаб до умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде од 9 до 18 степени. Во Скопје и околината слично време. Дневната температура ќе биде 16 степени.

Владата ја усвои Концепцијата за основно образование

Илустрација. Ученик и наставничка.

Владата на денешната седница даде целосна поддршка и ја усвои Концепцијата за основно образование, соопшти владината прес-служба. Во објавата на Владата се наведуава дека во подготовката на документот беа вклучени сите засегнати страни, се слушнаа и се прифатија стручни мислења од експерти, универзитетски професори, претставници од МАНУ, наставници граѓански и меѓународни организации.
"Во подготовката на документот од самиот почеток активно беше вклучен и репрезентативниот синдикат СОНК, а се одржаа низа консултативни состаноци со засегнати страни и широка јавна расправа во Собранието. Со дел од усвоените стручни мислења, Концепцијата за основно образование во фокусот ги става учениците и нивното право на квалитетно образование", стои во соопштението од Владата.

Заев - Царовска: Доцниме со образовните реформи, ама нема да избрзуваме

Според најавите новата концепција треба да почне да се применува од новата учебна година во прво и четврто одделение.

Општествени науки се преименува, сексуално образование - изборен предмет

Оваа најавена реформа предизвика силни реакции во јавноста особено поради идејата да се спојат историјата и географијата како еден предмет во основните училишта, нешто што во дел од јавноста беше оценето како обид за бришење на историјата во време кога Бугарија спори токму со дел од македонската историја.

Во Грција е зголемен бројот на новозаразени

Илустрација. Грција.Корона вирус

Во изминатото деноночие во Грција е регистриран зголемен број нови случаи на Ковид-19, вкупно 2.353, а се зголеми и бројот на пациенти приклучени на апарати на Одделите за интензивна нега во грчките болници, јави МИА од Атина.

Според официјалните податоци од Националната организација за јавно здравје на Грција, приклучени на апарати се 422 лица, 16 повеќе од вчера, а регистрирани се уште 23 смртни случаи.

Од 2.353 новозаразени, половина- 1.159 случаи се во областа Атика, поширокиот регион на Атина.

Минатата недела, по подолг период беа регистрирани над 2.000 нови случаи, а денешната бројка на новозаразени е иста со податоците од средината на ноември, две седмици по почетокот на карантинот.

Грција од 7 ноември 2020 година е во карантин, со мали временски периоди кога постоеше олабавување на мерки, а областа Атика, поширокиот регион на Атина, 19 дена е во строг карантин.

Побаран притвор за тројца учесници во протестите за „Монструм“

Илустрација. Протест на роднините и поддржувачите на осудените во случајот „Монструм“, Скопје 26 февруари 2021

Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлози за определување мерка притвор за трoјца учесници во протестот за пресудата за случајот „Монструм“ што се одржа во петокот, а на кој беа повредени 11 полицајци.

„Осомничените, од кои двајца на возраст од 29 години и еден 22-годишник, на 26 февруари учествувале на јавниот собир на граѓани во Скопје – протест за пресудата во предметот „Монструм“. Притоа тие биле дел од толпа која со заедничко дејствување сторила насилства кон полициски службеници и други присутни лица. Осомничените и повеќе други лица започнале заеднички да дејствуваат кон полициските службеници, фрлајќи со камења, бекатон плочки, метални шипки и други предмети, во обид да го пробијат полицискиот кордон. Како резултат на ова, со тешки телесни повреди се здобил новинар присутен на местото на настанот, а повредени биле и 11 полициски службеници“, се наведува во денешното соопштение на Обвинителството.

Во објавата се дополнува дека јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за тројцата осомничени зашто постојат околности кои упатуваат дека осомничените би можеле да избегаат или да го повторат делото.

МВР-осум приведени, седум полицајци повредени на протестот за „Монструм“

Претходно за истиот настан Основното јавно обвинителство Скопје веќе поведе постапка за двајца други учесници во протестите.​

Сите се осомничени за учество во толпа која ќе изврши кривично дело.

САД и ЕУ со санкции за Русија поради Навални

Опозицискиот лидер на Русија Алексеј Навални.

Соединетите држави и Европската унија објавија координирани санкции против руски официјални лица во врска со труењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални.

Вашингтон денеска соопшти дека санкцииите се насочени кон седум високи руски функционери откако разузнавачите заклучиле „со голема доверба“ дека офицери од Руската федерална служба за безбедност (ФСБ) стојат зад труењето со нервен агенс на Навални во август.

Експерти на ОН бараат меѓународна истрага за Навални

САД соопштија дека ќе ги објават имињата на седумте лица подоцна во текот на денот.

Официјални лица од администрацијата на претседателот Џо Бајден изјавија дека Вашингтон воведува и ограничувања на извозот на 14 субјекти вклучени во биолошко и хемиско производство.

„Ние ги користиме нашите овластување да испратиме јасен сигнал дека употребата на хемиско оружје од Русија претставува кршење на нејзините меѓународни заложби за човекови права и има сериозни последици“, рече висок службеник на администрацијата за време на денешниот брифинг.

Вчитај повеќе

XS
SM
MD
LG