Достапни линкови

Пандемијата ги зголеми обидите за самоубиства со труење


илустрација
илустрација

Претходниот месец за 20 проценти се зголемил бројот на пациенти кои по секоја цена решиле да си го одземат животот, велат од Клиниката за токсикологија. Обидите на труење се резултат на сериозните последици од депресивното однесување предизвикано од пандемијата, вели доктор Нико Беќаровски.

Бројот на граѓани кои претходниот месец се обиделе да си го одземат животот преку различни обилици на труење пораснал за 20 проценти во однос на истиот месец лани. Стручната фела објаснува дека за разлика од порано кога некои тоа го правеле само за да бидат во центар на вниманието поради некое разочарување, годинава причина за таквите обиди за самоубиства се сериозните последици од депресивното однесување поттикнато од пандемијата со ковид 19.

„Во последниот период посебно во ноември приметивме појава на многу потешки труења и труења со посериозни препарати, како што се корозивните труења( труења со киселини, хемикалии за одржување хигиена), коишто за разлика од порано, ние ги имавме сепак многу, овој период гледаме дека количината на венсениот отров е многу поголема, а со тоа и целокупниот натамошен клинички тек“, вели доктор Нико Беќаровски.

Во однос на труењата со лекови Беќаровски вели дека за разлика од порано кога 95 проценти од случаите со труење биле со лековите дијазепам или лексилиум, периодов бројот на такви труења се намалува, но за сметка на нив расте бројот на труења со потешки лекарства.

Во пораст психолошките растројства

„Имаме благ пораст на труења со лекови коишто се за потешки психолошки растројства, како антидепресиви, антиепилептици, хипнотици итн. Значи имаме малку прераспределба внатре, на самиот тип на труење. Од оние безопасни порано, сега доминираат многу потешки труења со многу посериозна клиничка слика кои ангажираат многу поголем дел од персоналот за нивно успешно третирање“, вели доктор Беќаровски.

Според упатените, очекувано е пандемијата со ковид 19 да предизвика последици врз менталното здравје на луѓето. Во услови на криза се појавуваат психички проблеми во општата популација, но и кај лицата кои веќе имале одредени проблеми со менталното здравје, вели универзитетскиот професор Али Пајазити.

„Масовното користење на антидепресиви заборува за феноменот нестабилна единка и нестабилно општество. Се соочуваме со проблеми коишто го терааат поединецот да ги користи тие средства кои се всушност бегање од реалноста, а не и решавање на проблемот. На ова влијае и глобалната тенденција на едно депресивно општество во кое граѓаните се обидуваат да ги избегнуваат семејните, социо-економските проблеми. Масовните обиди на самоубиства и користењето на антидепресиви само кажува дека ние сме едно болно општество“, вели професор Пајазити.

Секоја втора тинејџерка во земјава е депресивна

Од Клиниката за токсикологија забележале и дека се зголемил бројот на труења со дезинфициенси и антисептици, кога случајно поради безбојноста на растворите, биле погрешно консумирани како вода. За среќа, најголемиот број од тие труења биле случајни и со лесна клиничка слика.

Она што ,исто така, се забележува периодот е порастот на таканаречени инхалаторни труења кои настанале при неправилна употреба на корозивни средства во домаќинствата, при зголемено внимание на домашната хигиена. Лекарите од клиниката за токсикологија советуваат граѓаните да не ги мешаат хемиски средства при чистење во домаќинствата бидејќи на тој начин создаваат токсични пареи кои влијаат на дишните патишта.

Што треба да се превземе?

Според лекарите, треба да се преземат разни превентивни активности, како што се на пример, психијатриски и психолошки услуги преку телефонски линии или преку видео врска. Тие велат дека е неопходно навремено да се побара психолошка поддршка во состојби на стрес и намалено расположение, а преку взаемното почитување на лекарските препораки и здравствените потреби на пациентите, да не се дозволи да има пораст на бројот на акутни труења и полесно и поуспешно да ја надминеме оваа кризна состојба.

Од почетокот на пандемијата во земјава Клиниката за психијатрија нуди телефонска психолошка поддршка за лица во самоизолација, за родители на деца од предучилишна и училишна возраст, родители на деца со посебни потреби, поддршка за адолесценти и жени во бременост и после породување. Услугата е телефонска со тим од психијатри и психолози во одредени временски термини. Стручната фела укажува на тоа дека кризата може да се искористи и за подигнување на свеста за менталното здравје и за разбивање на предрасудите дека не е срамно да се побара помош за своето ментално здравје.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG