Достапни линкови

„Не постојат срамни прашања, срамни се омразата и осудата“


Илустрација - Сеопфатно сексуално образование

Сеопфатното сексуално образование и негово вклучување во формалното образование е долгогодишно залагање на невладината организација ХЕРА. А во интерес на зачувување на сексуалното и репродуктивното здравје на младите, тие отворија и центри „Сакам да знам“, каде младите можат да се информираат и да закажат прегледи.

Според координаторката по сеопфатно сексуално образование во ХЕРА, Мери Цветковска, изучувањето во училиштата ќе биде адаптирано на нивна возраст и ќе е биде опфатено: род, врски и односи, тело и слика за тело, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност, насилство и граѓански аспекти.

Минатата година, тие спроведоа и истражување за ставовите на родителите и наставниците за воведување на сексуално образование. Во рамки на истражувањето, 800 родители биле телефонски анкетирани за тоа дали треба да се изучуваат темите кои ги опфаќа сексуалното образование во училиштата.

„Исклучително висок процент од испитаниците, кој се движи помеѓу 88 и 96 проценти, се согласуваат дека младите на училиште треба да ги изучуваат сите 12 понудени теми кои беа предмет на ова истражување, а кои се дел од моделот на сеопфатното сексуално образование. Вкупно 88 отсто од испитаните родители/старатели се согласуваат дека младите треба да знаат кое е значењето од давање согласност при влегување во сексуален однос, особено при првиот, а бројките неслучајно се поклопуваат со бројките од истражувањето спроведено оваа година, овојпат помеѓу 600 наставници. Ставовите на наставниците ни покажуваат дека во основните училишта во нашата земја постои генерално позитивно расположение и потреба за воведување формална настава за сексуално образование. Патем, на темата кое е значењето од давање согласност при сексуален однос, особено првиот, 89 проценти од наставниците одговараат афирмативно, па така нема значителна разлика во ставовите помеѓу родителите и наставниците, што значи сите сметаат дека ова е важно да се изучува“, објасни Цветковска.

Мери Цветковска, програмска координаторка по Сеопфатно сексуално образование и млади во ХЕРА
Мери Цветковска, програмска координаторка по Сеопфатно сексуално образование и млади во ХЕРА

РСЕ: Зошто е важно воведувањето на сеопфатно сексуално образование во формалниот образовен систем?

Цветковска: Сексуалното образование ќе им обезбеди на децата и на младите луѓе можност за стекнување знаења, вредности и вештини кои ќе ги оспособат во текот на животот да знаат како да носат информирани одлуки, да го заштитат сопственото здравје и дигнитет, да бидат запознаени со сопствените права меѓу кои и оние од сферата на сексуалноста. Со правилното информирање ќе умеат да препознаат кога некое право им е повредено односно ќе знаат како да се заштитат себе, но и останатите. Емпатијата е нешто кое може да се научи, со какви ставови и вредности се растени младите во такви личности ќе се изградат. Кога млад човек е свесен за последиците од сопствените постапки, кога е запознаен со своето тело, потреби и желби, тогаш тој млад човек ќе биде способен со почит да се однесува и со останатите и ќе може да гради здрави врски и односи кои ќе се темелат на толеранција и прифаќање. Преку сексуалното образование ќе ја разберат важноста од родовата еднаквост, слобода на избор и автономија, а сите тие се нераскинлив дел од едно инклузивно и отворено општество, општество кое се залага за еднаквост и правичност, општество какво што сакаме да изградиме. Воведувањето на сексуалното образование во училиштата кажува за тоа дека државата е одговорна и грижлива кон својата младина и преку системски решенија се грижи за нивното физичко и ментално здравје, ги образува и ги штити од лоши и трауматични искуства. Само преку инстуционални решенија, можеме да им гарантираме еднаков и фер третман на сите млади.

РСЕ: Според искуството од вашите теренски активности, колку младите имаат познавање за сексуалното и репродуктивното здравје? Покрај тоа, колку се заинтересирани за овие теми?

Цветковска: Според интересот кој го сведочиме досега преку неформално образование односно врсничката ССО едукација, немаме повеќе доволно капацитети да ја покриеме бројката на сите млади кои сакаат да бидат едуцирани со оваа програма. Телефоните ѕвонат, пораки добиваме на сите канали, а тоа за жал се крици за помош од нашата младина која со децении не беше приоритет. Тоа се млади кои бараат одговори за прашања и проблеми кои некогаш се и животно загрозувачки. Се обидуваме максимум колку можеме да одговориме, во последниве 3 години едуциравме повеќе од 2000 млади од различни националности и средини, но сепак тоа не се сите млади кои би можеле да бидат доколку ССО е предмет во училиште.

За жал, секој еден пропуштен и игнориран повик од млад човек е нечија запечатена судбина. Судејќи по компаративните искуства од држави кои веќе имаат генерации од млади кои го изучувале сексуално образование во училиштата, можеме да забележиме дека стапката на абортус кај мaлолетните девојки рапидно опаѓа, зголемен е бројот на млади кои користат контрацепција што е тесно поврзано со намалениот број на абортуси, но и намалениот број на случаи од сексуално преносливи инфекции и ХИВ. Сексуалното образование несомнено е најсоодветната превенција за младите да одбегнат трауматични искуства, да не бидат под ризик и да живеат во благосостојба. Па оттука, немањето на доволно информации кај младите во Македонија, доведуваат до поразителни бројки кај молетничките бремености, врсничкото насилство и сѐ обратно од она погоре кое беше спомнато како позитивно искуство.

РСЕ: Што е најчестата забуна на младите и кои теми би ги навеле како табу теми? Предизвикуваат ли овие табу теми последици меѓу младите, поради ограничената комуникација на таа тема и какви се тие последици?

Цветковска: За жал, не е една забуна во прашање, на терен гледаме секакви прашања кои ги мачат младите, а најчесто се поврзани со нивната безбедност, врсничкото насилство и насилството во врски, сексуалното преносливи инфекции и уште многу други. Како тема за која имаат најмногу срам и отпор да зборуваат, како младите така и возрасните, дефинитивно е задоволството. За жал уште од најрана возраст сме потиснувани, репресирани и замолчувани од сите страни кога станува збор за нашата секуална слобода, лична среќа и благосостојба. Стравот од сопствените потреби и желби е страв преку кој најлесно е да се контролира и злоупотребува човек од помоќните. ССО меѓудругото сака да каже дека не постојат срамни прашања, најсрамни се омразата и осудата. Стравувам дека сѐ додека ССО не стане дел од формалниот образовен систем, младите ќе бидат жртви на дезинформациите кои се машина за продуцирање табуа и правење забуни. Што е уште пострашно, најпогодени ќе бидат младите кои се веќе на маргините, дали е тоа заради социо-економската положба или некоја друга различност и исклученост. Социјалните разлики се калемат токму во периодот кога младите учат и се оформуват, па оттука нееднаквите можности и пристап до информации од најмали нозе многу често ги дефинира и ги става во понеповолна положба од останатите млади и понатаму во животот. Најголемниот виновник за длабоко вкоренетите табуа и забуни кај младите сметам дека се медиумите и образовните институции. Очекувано е дека средината во која растат игра голема улога, но бидејќи не може детето да одбере во каква атмосфера ќе расте, мора да сме сигурни дека училиштето ќе ја надомести таа празнина и на секое дете и млад човек подеднакво ќе му овозможи квалитетно образование и пристап до информации, без разлика на нејзиниот/неговиот пол, род, сексуална ориентација, етничка или расна припадност, социо-економска положба итн. Конечно, во сите закони и судски одлуки важи дека здравјето на детето стои на највисоко место, а според ООН и Конвенцијата за заштита на детето која ја имаме ратификувано и ние, должни сме на децата и младите да им дадеме пристап до бесплатно основно образование, точни и адекватни информациии. Државата мора да внимава да не им е повредено човечкото достоинство на децата односно да не бидат мета на злоупотреби со лажни вести, токсични информации, популизам и сеење на омраза. Токму тука ја гледам и најголемата одговорност на медиумите, кои не само што и самите тие не се доволно информирани и сензибилизирани со овие теми, туку неретко заради лична корист тенденциозно ги дезинформираат младите и им прават огромна штета. Овој однос од возрасните на младите им создава грч и аксиозност кој ги прави несигурни, кршливи и несреќни.

РСЕ: Каков е одговорот на надлежните за воведување на сеопфатно сексуално образование во формалното?

Цветковска: Добрата вест е дека сме на прав пат, само треба да останеме будни и што побрзо да ги го видиме ССО во училиштата. Имено, Владата минатата година на 162 седница донесе одлука за воведување пилот програма за сеопфатно сексуално образование во 9. степен на основното образование, па во моментов ХЕРА задно со експерти и претставници од Министество за образование и наука и Биро за развој на образованието, активно работи на подготовка на програмата.

Цветковска дополнува дека „училиштето е место кое овозможува да се воспостави и да се одржи врската меѓу наставниците, децата/младите, нивните родители, а и сервисите во заедницата во чија надлежност се проблемите поврзани со сексуалното репродуктивно здравје и права“.

Во насока на сексуално и репродуктивно здравје, особено за младите и граѓаните од ранливи и маргинализирани заедници, во 2005 и 2006 година ХЕРА отворија младински центри „Сакам да знам“.

„Во фокусот отсекогаш ни беа превенцијата, советувањето и третманот за сексуално преносливи инфекции и ХИВ, вклучувајќи и целосна заштита на правата на лицата кои живеат со ХИВ и нивните најблиски, контрацепцијата, сексуалните и репродуктивните права. Двата центри „Сакам да знам“ се наоѓаат на различни локации во Скопје – на Водно и во Шуто Оризари. Нудат бесплатни услуги како што се: гинеколошки прегледи, дерматовенеролошки прегледи, дијагноза и третман на сексуално преносливи инфекции (кламидија, гонореја, сифилис, трихомонас, ХПВ кај мажи), бесплатно и доверливо ХИВ советување и тестирање, психолошка поддршка, поддршка од психијатар преку

Кристина Михајловска, координаторка на младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА
Кристина Михајловска, координаторка на младинските центри „Сакам да знам“ на ХЕРА

Советувалиштето за заштита од ризици и употреба на супстанци кај млади, родители и партнери. Сите услуги се и доверливи, што значи дека корисниците можат да ги добијат без да приложат здравствена книшка или каков било друг документ за лична идентификација, и независно од тоа дали се здравствено осигурани. Она што е значајно да се напомене е и фактот дека центарот на Водно е пристапен и за лица со попреченост. Пред доаѓање во центрите препорачливо е да се закаже точен термин кој е на располагање. Младински центри „Сакам да знам“, објасни Кристина Михајловска, координаторка на младинските центри.

РСЕ: Колку често и најчесто поради што доаѓаат младите во центрите?

Михајловска: Двата центри нудат исти услуги, но се на различни локации, па и потребите на корисниците се разликуваат. Така, во младинскиот центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари најпотребни се гинеколошки услуги, дистрибуција на бесплатна орална и итна контрацепција, кондоми и лубриканти. Бесплатни и доверливи гинеколошки прегледи во овој центар се достапни за жените два пати во неделата - понеделник и среда од 17 до 19 часот. Младинскиот центар „Сакам да знам“- Водно пак, е центар кој најчесто го посетуваат лица од заедницата, поради што најбарана услуга е прегледот од дерматовенеролог. Освен тоа, во овој центар значајно е поголема потребата од тестирање и советување за ХИВ, па затоа центарот оваа услуга ја нуди дури 4 дена во неделата - од понеделник до четврток од 15 до 18 часот.

Младински центар „Сакам да знам“
Младински центар „Сакам да знам“

XS
SM
MD
LG