Достапни линкови

„Брутално“ тепање мигранти на границата меѓу Босна и Хрватска


Еден мигрант кој тврди дека бил тепан и протеран назад во Босна од хрватски полицајци кога се обидел да премине во Хрватска

Додека лидерите на ЕУ размислуваат за контроверзен нов систем за миграција, се појавуваат вознемирувачки извештаи за мигранти кои биле тепани од хрватската полиција, во нивниот обид да влезат во Европската унија преку Босна и Херцеговина.

Според весникот „Гардијан“, кој објави наводи за малтретирање околу Велика Кладуша, близу границата на Босна со Хрватска: „луѓето на мигрантската патека на Балканот, наводно биле камшикувани, ограбувани и… сексуално злоставувани од припадници на хрватската полиција“.

Гардијан го цитираше Данскиот совет за бегалци (ДРК), кој во минатиот месец соопшти дека невладините организации „документирале бројни случаи на луѓе кои биле насилно враќани“ во Босна.

ЕК загрижена за состојбата на границата меѓу Хрватска и БиХ

Се проценува дека најмалку 7.400 лица се уште сместени во кампови пет години по мигрантската криза во Европа.

Според ДРК, „овие практики вклучуваат кражба, изнуда, уништување на имот, физичко малтретирање и понижувачко постапување и одбивање пристап до постапките за азил“.

повреден мигранти во болницата во Велика Кладуша.
повреден мигранти во болницата во Велика Кладуша.

Директорот на ДРК за Босна Никола Беј за РСЕ изјави дека оваа невладина организација примила извештаи за серија брутални напади на хрватската полиција врз мигранти и баратели на азил на хрватско-босанската граница од 12 до 16 октомври.

„Луѓето биле брутално претепани; им беа одземени или изгорени предметите“, изјави тој за РСЕ, додавајќи: „Барем во два случаи, тие пријавија сериозно сексуално злоставување“.

Тешки телесни повреди

РСЕ, исто така, наиде на обвинувања за злоупотреби кога кон крајот на минатата недела го посети босанскиот здравствен центар кој им пружа помош на мигрантите во Велика Кладуша.

МВР уапси 10 криумчари на мигранти

Според медицинските работници во установата, меѓу 12 и 22 октомври тие лекувале околу 150 мигранти од разни повреди, за кои рекоа дека ги добиле при преминување на границата со Хрватска.

Мустафа Хоџиќ, лекар кој работи во амбулантата во прифатниот камп „Мирал“, изјави за РСЕ дека во последните денови видел „поголем број пациенти кои се појавуваат со хематоми или модринки и на грбот или потколеницата и надколеницата “. Тој вели дека тие се предизвикани од „голем број удари“ со „тап предмет“.

Мухамед, мигрант по потекло од Пакистан, се појави во логорот Мирал на 21 октомври со модринки на стомакот.

Мухамед додава дека повредите ги добил кога со еден пријател биле приведени од хрватската полиција откако нелегално ја преминале границата со Босна.

„Хрватската полиција ме тепаше. Немавме јадено веќе пет дена“, рече тој за РСЕ.

Пријателот на Мухамед, Фарук, кој беше со него кога беше приведен, рече дека хрватската полиција му ги одзела и телефонот и парите. „Немам повеќе пари. Немам ништо. Не можам ни да одам во кампот", рече тој.

повреден мигрант во болницата во Велика Кладуша.
повреден мигрант во болницата во Велика Кладуша.

Ден претходно, група од 26 мигранти од Авганистан и Пакистан исто така беа третирани за повреди и во Велика Кладуша поднесоа извештај до локалната полиција.

„Констатирано е дека едниот од нив има сериозни телесни повреди“, изјави за РСЕ Але Сиљдедиќ, портпарол на Министерството за внатрешни работи на босанскиот кантон Уна-Сана.

Грчки агенти откриле невладини организации кои шверцувале мигранти од Турција

„Кај останатите мигранти беа утврдени полесни телесни повреди“, додава Сиљдедиќ, наведувајќи дека мигрантите и кажале на босанската полиција дека нелегално ја преминале хрватската граница и дека потоа биле приведени од „униформирани лица, најверојатно од хрватската полиција“.

„Потоа, тие беа вратени на територијата на Босна на непозната локација“, вели Сиљдедиќ, кој додаде дека „очигледно е оти овие луѓе имаат одредени повреди на телото, но засега не може да се потврди дека тоа го сториле полицајци од соседна држава“.

Хрватското Министерство за внатрешни работи ги негираше обвинувањата за злоупотреба, иако соопшти дека обвинувањата ги сфаќа „многу сериозно“ и ќе започне истрага.

Во меѓувреме, народната правобранителка Лора Видовиќ одговорна за заштита на човековите права за РСЕ изјави: „Отворивме истражна постапка и ќе го замолиме Министерството за внатрешни работи да даде коментар за деталите, како што правиме во секој случај“.

Мигранти одат кон границата со Босна и Хрватска во обид да ја преминат границата во близина на Велика Кладуша
Мигранти одат кон границата со Босна и Хрватска во обид да ја преминат границата во близина на Велика Кладуша

Како и да е, Сиљдедиќ вели дека властите во Босна треба да се занимаваат скоро секој ден со случаи на насилно враќање на мигранти и бегалци, честопати без соодветна постапка.

„Во одредени случаи, имаме информации дека тие влегуваат подлабоко на територијата на Хрватска, но потоа се пронајдени и вратени на границата со Босна, а не на редовните гранични премини, бидејќи тоа би била редовна постапка за реадмисија“, вели Сиљдедиќ.

Нема вистински обиди да се спречат тепањата

Центар за мировни студии во Загреб, соопшти дека насилството и протерувањето на хрватската граница траат веќе подолго време врз основа на илјадници сведоштва од бегалци и мигранти.

Курц: Отворањето на границите за мигрантите пред 5 години беше грешка

„Најновите сведоштва објавени од „Гардијан“ се комплементарни со сведочењата за постапките на хрватската полиција во изминатите четири години“, изјави за РСЕ Антонија Пиндулиќ, правен експерт во Центарот.

На 22 октомври, еден ден по извештајот на Гардијан за злоупотреби во близина на Велика Кладуша, комесарот за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ изрази загриженост за „веродостојните извештаи“ за злоупотреби на хрватската граница и го повика Загреб да ги испита тврдењата.

Видовиќ и се придружи на Мијатовиќ во повикот за објавување на извештајот на Комитетот за спречување на тортура на Советот на Европа, чија делегација ова лето престојуваше во вонредна посета на Хрватска.

мигранти во близина на Бихаќ, БиХ
мигранти во близина на Бихаќ, БиХ

Пиндулиќ, сепак, вели дека Брисел може да стори повеќе за решавање на проблемот.

„Молчењето на ЕУ во врска со протерувањето не само од Хрватска, туку и од другите земји на Европската унија е индикативна“, рече таа, наведувајќи: „Овде гледаме многу сериски протерувања во кои учествуваат Словенија, Хрватска и други земји. Нема вистински обиди да се спречат овие повреди на човековите права“.

Најновите извештаи за злоупотреби доаѓаат неколку недели откако ЕУ објави контроверзен предлог насочен кон олеснување на побрзиот преглед на мигрантите и брза репатријација на оние чии апликации ќе бидат одбиени.

Орбанизација на Европа или заштита на границите?

Иако предложениот план на ЕУ за миграција има за цел да ги забрза депортациите и да овозможи порамномерна распределба на барателите на азил во земјите членки, Пиндулиќ вели дека тој не го решава прашањето за кршење на човековите права и всушност го легализира „начинот на заобиколување на одговорноста во овие случаи“.

Никола Беј вели дека Данскиот совет за бегалци е „исклучително загрижен за овие извештаи за систематски обрасци на злоупотреба и насилство“.

Тој повика на воспоставување „независни механизми за управување со границите“ „за да се спречат овие злоупотреби и сите тврдења за извештаите на границите на ЕУ да бидат веродостојно и транспарентно истражени“.

Во меѓувреме, неодамнешната анкета на Галуп покажува дека генерално недостига сочувство кон мигрантите во регионот.

Според истражувањето, жителите на неколку земји, вклучувајќи ги Северна Македонија, Унгарија, Србија, Хрватска, Босна и Црна Гора, најмалку ја прифаќаат можноста мигрантите да се населат во нивната земја, во нивното соседство или да стапат во брак со член на семејството.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG