Достапни линкови

Балканска мигрантска рута - огради и шверцери


Архивска фотографија - Мигранти и бегалци се движат да ја поминат границата од Грција во Македонија во близина на грчкото село Идомени. 30.08.2016.

Во 2015 година, стотици илјади мигранти и бегалци го минаа Балканот во колони, пристигнувајќи на полуостровот преку Грција пред да тргнат кон север. Рутата беше официјално затворена според договорот меѓу Брисел и Турција во 2016 година. Но, во реалноста, движењето никогаш не запре.

Со црн џемпер и избричено лице, Јоунс Кермуа се присетува на неговиот прв обид да стигне до Европа пред пет години, на врвот на бегалската криза на Стариот континент.

Половина деценија подоцна, светското внимание се зголеми, но 35-годишниот Мароканец се врати на Балканската рута, каде што криумчарњето на луѓе ова лето се зголеми, дури и во услови на пандемија на коронавирус.

По неколку години одење напред и назад низ регионот во обиди со брод, пеш, па дури и над тркалото на камион, целта на Кермуа останува непроменета.

„Сакам да живеам во земја каде што можам да работам и да добијам плата за мојата работа, земја во која се почитуваат законите, каде што има болници, училишта“, вели тој за АФП во центарот за мигранти надвор од Сараево, каде што се одмора малку пред да продолжи кон запад, односно Хрватска која е членка на ЕУ.

„Ќе останам тука две, три недели, ќе се одморам и потоа ќе продолжам кон Хрватска“, вели тој.

Балканската мигрантска рута повторно атрактивна

Во 2015 година, стотици илјади мигранти и бегалци го минаа Балканот во колони, пристигнувајќи на полуостровот преку Грција пред да тргнат кон север.

Рутата беше официјално затворена според договорот меѓу Брисел и Турција во 2016 година. Но, во реалноста, движењето никогаш не запре.

Иако бројките се помали, десетици илјади сè уште поминуваат низ регионот годишно, бегајќи од војната и сиромаштијата во Азија, Средниот Исток и Северна Африка.

Кермуа, кој во својот прв обид не успеа да замине од Грција, сега напредува на новата рута што оди преку Босна за да ги избегне засилените контроли во Унгарија, која изгради ограда на границата во 2015 година.

Тој се придружува на летниот бран на патници на Балканот, кои се во движење од пролет, но беа блокирани од коронавирусот, кога движењето беше ограничено, а некои логори за мигранти беа затворени.

АИ: Хрватската полиција злоставува мигранти кои бараат азил

Адил Усалах, марокански мигрант кој е смесетен во Сараево вели дека мора да го продолжи патот на север:

„Уште малку пари и ќе заминам, бидејќи во Босна ќе паѓа снег. Ќе падне снег за еден месец или месец и половина и ќе биде многу тешко да се заработат пари, за хостелот, за храна“, вели тој.

Во јуни, Западен Балкан беше најактивната миграциска рута кон Европа, додека првите шест месеци од 2020 година беше забележано 73-процентно зголемување на бројот на мигрантите откриени на границите во споредба со истиот период минатата година, соопшти граничната полиција на ЕУ Фронтекс.

Насилно отфрлање

Некои траси на Балканската рута се покомплицирани отколку што беа пред пет години, а мигрантите се принудени да поминат низ тежок терен за да ги избегнат граничните бариери и зајакнатите патроли.

Извештаите за насилни турканици на границите, исто така, станаа вообичаени, како и поплаките од мигрантите дека биле тепани и ограбувани, па дури и од страна на полицијата.

Откако ја премина копнената граница на Турција со Грција, Кермуа одеше околу 700 километри (претежно сам), како што рече тој, за да избегне да биде откриен, преку Албанија и Црна Гора за да стигне до Босна.

Но, следниот чекор од неговото патување може да биде уште потежок, бидејќи северозападот на земјата - кој се наоѓа на границата со Хрватска - повторно станува ќорсокак.

Локалните власти започнаа да го блокираат влезот на нови пристигнувања во регионот, каде што се полнат официјалните кампови, а илјадници други мигранти спијат во напуштени домови и фабрики.

Додека локалните жители првично беа приемчиви за странците, сега некои протестираат против приливот, повикувајќи ги властите да ги „расчистат“ улиците.

Локални толпи неодамна запреа автобуси со мигранти и баратели на азил. Расположението се влоши и во Србија, каде што десничарските групи стануваат се погласни против мигрантите.

Во парк во близина на автобуската станица во Белград, голем број мигранти се собираат на тревата. Паркот е место за средби и поврзување со шверцерите. Многумина со своите рани од спречените обиди за преминување на хрватската, унгарската или романската граница: повреди на нозете и искршени мобилни телефони што им го припишуваат на насилното протерување од страна на полицијата.

По пет години заглавен на Балканот, 24-годишниот Ариф од Пакистан, е еден од оние чија надеж полека исчезнува.

„Во Пакистан е исто како и во Србија. Имам тројца браќа во Пакистан и немаат работа. Мајка ми и татко ми ми велат да се вратам дома. Им велам дека ќе се вратам штом ги добијам документите“, вели Ариф.

По пет години, Балканот сè уште е пат на надеж за мигрантите
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:53 0:00

Преку Табановце до Западна Европа

Слично како Мароканецот Јонуз Кермуа, стотици други бегалци и мигранти и натаму минуваат низ „Балканската рута“ во обид да стигнат до развиените западноевропски земји.

Деновиве, дваесетина бегалци и мигранти минуваат низ Транзитниот центар „Табановце“ на македонско-српската граница - луѓе од Сирија, Авганистан, Пакистан и Бангладеж, кои ја минале јужната граница на земјата, преку Грција.

Повеќето од нив пристигнале со помош на криумчари, според кажувањата на активистите во Табановце. Дел од нив, откако ќе влезат во Македонија, доброволно доаѓаат во транзитниот центар, а други со полициска придружба.

„Постојат луѓе кои одат сами. Тие се помлади, немаат финансиски средства и можат да го издржат патот. Но, повеќето мислам дека ги употребуваат тие шверцерски услуги. За нив има посебни рути како да се избегне безбедносниот апарат. Сега со поставувањето на оградата од страна на Србија, ќе биде уште еден предизвик, бидејќи постои можност луѓето овде да заглават подолго време“, вели Фатон Мехмеди – волонтер од граѓансата организација „Легис.“

Во последните неколку години македонската полиција известуваше за бројни случаи на нелегално минување на границите со помош на криумчарски групи.

Таков е и случајот од оваа недела кога кумановската полиција приведе 70-годишен штипјанец кој превезувал над 20 мигранти од Сирија, Авганистан, Пакистан и Бангладеж, од кои десет биле малолетни.

Возилото на штипјанецот било запрено во кумановското село Матејче, а откако тој бил приведен, мигрантите биле сместени во Транзитниот центар „Табановце“, како што соопшти МВР.

МВР- криумчари пренеле 400 мигранти за седум месеци

Само во август оваа година, над 200 бегалци или мигранти побарале помош во Транзитниот центар „Табановце“. Мехмеди посочува дека немаат точни податоци за вкупниот број на луѓе кои транзитираат низ земјава, со оглед дека станува збор за нелегална рута.

Дека не е запрено минувањето на бегалците и мигрантите низ змејава, потврдуваат и волонтерите кои работат во Транзитниот центар „Табановце“.

Според нив, во последните пет години и по затворањето на „Балканската рута“ протокот на бегалците и мигрантите низ Македонија не е сопрен, туку дека само се менува интензитетот на транзитирање.

Сандра Томовска е координатор на мобилните тимови на северната граница при Црвен Крст на Град Скопје. Таа пет години работи на терен обезбедувајќи помош за мигрантите и бегалците кои транизтираат низ Македонија.

Томовска вели дека од 2018 година наваму има континуирано движење на лица од јужната кон северната граница.

Само мобилните тимови на Црвен Крст на Град Скопје во липковската општина, згрижиле околу 1.700 лица во текот на август оваа година, вели Томовска.

„Тоа е можеби еден доволен индикатив дека рутата и понатаму е активна на некој начин“, вели Томовска.

Таа раскажува дека во последните два-три месеци, мигранти и бегалци главно од воените подрачја во Сирија, се враќаат на рутата низ Македонија.

„Сретнуваме и згрижуваме луѓе коишто навистина се трауматизирани од воените дејствија во нивните држави и од патиштата низ коишто поминуваат и фактот што веќе талкаат низ овие простори барајќи подобра иднина за своите семејства“, вели Томовска.

Жичана ограда на границата меѓу Србија и Северна Македонија

Но, движењето на мигрантите и бегалците низ „Балканската рута“, според волонтерите, може дополнително да биде отежнато, откако српските власти започнаа со поставување на жичана ограда на границата со Македонија.

Србија во август го започна поставувањето на жичаната ограда, за да спречи евентуални масовни илегални премини.

Оградата со бодликава жица на горниот дел е поставена кај селото Митровац во Општина Прешево, недалеку од македонската граница.

Во официјалните српски документи за изградбата на оградата се наведува дека се работи за спречување на евентуално масовно поминување на границите заради превенција од ширење на ковид-19.

Томовска смета дека со подигнувањето на ваквите огради е можно да биде успорено движењето на мигрантите и бегалците.

Факт е дека страдањата на луѓето се веќе доволни и мислам дека секое подигање на огради и секое ставање на бариери само може уште повеќе да го зголеми страдање и ранливоста на лицата во движење“, вели Томовска.

Орбанизација на Европа или заштита на границите?

Од друга страна, пратеникот Павле Трајанов, кој е и поранешен министер за внатрешни работи, вели дека иако тоа е еден од начините за спречување на илегални минувања, посочува дека со оградите не може целосно границите да бидат заштитени.

„Се проценува дека е еден од ефикасните начини за спречување на илегални преминувања, меѓутоа и тоа не е стопроцентно, бидејќи тие ги сечат жиците, под нив копаат ровови, меѓутоа сепак ги одвраќа бегалците и потешко може да поминат доколку има вакви пречки“, вели Трајанов.

Целта на мигрантите и бегалците е да пристигнат во западните земји на Европа, вели Мехмеди. Тоа според него го покажува и не толку големиот интерес на барателни на азил.

Тоа право го искористуваат тие луѓе што се изложени на некој одреден ризик или тие што веќе се предале дека не можат да одат нагоре па се помириле да си останат тука, што е многу мал број“, вели Мехмеди.

Но, тој вели дека за многу мигранти и бегалци Македонија е една од најдобрите замји за транзитирање.

„Колку што сум можел да разберам од мигрантите, Македонија е едно од најдобрите места за транзитирање и тие се најзадовлно за разлика од сите други земји, бидејќи третманот кон нив овде е многу подобар“, вели Мехмеди.

Причина за тоа, според него, делумно се и прифатливте услови во Транзитниот центар „Табановце“ иако како што вели инфраструктирата е направена во 2015 година. Се обидуваме кампот да биде безбедно место за мигрантите и бегалците, каде можат да се обратат за помош, вели Мехмеди.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG