Достапни линкови

Теа Беговска: Ова е револуција на актерите, револуција на театарот


Плакатот за интернационалниот видео проект „Револуција во живо“ на Теа Беговска
Плакатот за интернационалниот видео проект „Револуција во живо“ на Теа Беговска

„Револуција во живо“ е интернационален видео проект на режисерката Теа Беговска со актерска екипа од пет држави во кој се обработуваат пет теми: љубов, верба, надеж, храброст и вистина, а чија онлајн премиера е закажана за ова среда 30 септември.

Можеби многу несвесно ми дојде оваа идеја. Да не беше карантинот веројатно и немаше да ми текне за овој видео проект. Претходно „Револуција во живо“ требаше да се случи во една друга поинаква форма зошто не знам веќе четири години го мислам проектот и го пријавувам, меѓутоа изгледа се досега не му дојде времето да се направи зошто навистина бараше една голема, голема организациска работа, една финансиска поддршка којашто низ годините се обидував да ја добијам, но ете никогаш не се откажав од идејата.

Вака Теа Беговска ќе ја започне својата приказна на едно деноноќие пред онлајн премиерата на интернационален видео проект „Револуција во живо“ закажана за утревечер, на 30 септември. Во него, според режисерката, се обработуваат пет теми: љубов, верба, надеж, храброст и вистина, а играат актери од пет држави Босна и Херцеговина, Франција, Мексико, Турција и од Македонија.

„Прво ги избрав темите, па подоцна ги бирав актерите затоа што ги барав оние кои одредената тема. Тоа не значи дека секој од нив немаше добро да ја одигра било која улога, меѓутоа токму нивниот сензибилитет ме натера за да ја направам таквата поделба. За мене интересно е тоа што тие воопшто не се познаваат меѓу себе. Ме знаат само мене, а меѓу себе досега немале никаков контакт и прват еве сега на еден ваков начин ќе се запознаат. Начинот на којшто работевме беше индивидуален. Јас имав посебни проби со нив на конкретната тема каде што тие ми ги споделуваа нивните идеи, размисли и начини на коишто гледаат на таа проблематика“, вели Беговска.

Дополнува дека се потрудиле колку што можат максимално во можности да го снимаат тоа како што треба, да прозвучи и да изгледа секое парче добро. Истакнува дека нејзе особено и било интересно што сите тие имале различни идеи и за неа бил голем предизвик да ги поврзе сите тие работи во едно. Посебно важно е и тоа што тие прв пат на премиерата ќе го гледаат проектот што подразбира дека и кај нив има една индивидуална возбуда за да видат што стокмиле заеднички.

„Во суштина ова е проект направен од душа. Без никакво негово комерцијализирање. Нам ни беше битно дека со „Револуција во живо“ сакаме да кажеме нешто важно. Нешто што ни е значајно нам, а кое после ќе им стане важно и на другите“, смета режисерката.

Говорејќи за избраните теми, Теа истакнува дека се тоа петте теми кои секој од нас ги живее. Според неа тоа се тие пет елементи по кои трага секој човек во животот. Притоа истакнува дека секој од актерите од различните средини си добил задача да обработи по една тема. Актерката од Босна и Херцеговина - Дина Мушановиќ добила задача да говори за љубовта, Томе Станковски - нејзиниот колега од Македонија за вербата, Пјер Мение од Франција за надежта, актерот од Мексико Хорхе Ангелес размислувал и ја претставил храброста, Зејнеп Нутку од Турција во своето видео проговорил за вистината, а нејзината мајка актерката Руиш Беговска, како што вели, ги заокружува сите овие пет елементи на животот со една идеја за трагањето по светлината.

„Ова се петте елементи на животот кој можеби во играта со него сме ги заборавиле и често ги забораваме. Често забораваме и зошто ја работиме оваа професија, љубовта што ја имаме кон неа. Често знаеме да ја изгубиме вербата кон она што го правиме и тежнееме како да ја вратиме. Надежта. Се прашуваме колку храброст ни треба во ова лудо време за да се бавиме со уметност. И на крај, која е вистината. Дали сме ние доволно вистинити за да го прикажеме тоа што го правиме. Како не перцепира публиката. Дали не перцепира како една вистина или како една голема лага“, ќе рече Беговска.

Теа Беговска
Теа Беговска

Таа и со информација дека долго размислувале на која платформа да биде промовиран „Револуција во живо“ и се решиле за една ваква – отворен и слободен линк без билети на 30 септември и 1 октомври. Потоа, појаснува дека линкот ќе биде отстранет но дека е во план тој да учествува на фестивали којшто се наменети токму за вакви видео проекти, а се планира и тн. „втора премиера“ за оние што нема да успеат да ја видат првата. Истакнува дека нејзе, иако техничкиот квалитет на материјалот е низок бидејќи секој снимал одделно и според можностите што ги имал, би и било драго, би била среќна кога сето тоа би се прикажало на платно.

„Во овој случај е битна идејата и она што сакаат да го кажат актерите. Се надевам дека публиката е свесна оти ние не се видовме во живо за да го снимиме ова како филм туку дека секој снимаше со своите можности и способности. И сите се ангажираа максимално за да го направат во највисок квалитет. Ова е еден вид на актерска револуција. Ова воопшто не треба да се сфати како класична „револуција“, дека ние сакаме и сме запнати нешто да промениме. Мислам дека можеме само на некаков начин да извршиме влијание, да промениме нечие мислење барем за момент, за миг да се почувствува препознаен. Не сум сигурна дека може да се случи некоја голема, универзална промена. Ова е едно влијание. Ова е една револуција на актерите. Револуција на театарот“, заклучува Теа Беговска.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG