Достапни линкови

Глад за игра и прогресивен театар


Сцена од претставата „Дел од колекцијата“ во продукција на театар Вагабонди од Софија, Бугарија
Сцена од претставата „Дел од колекцијата“ во продукција на театар Вагабонди од Софија, Бугарија

Со претставата „Црна кутија“ на Театар Миѓени од Скадар, Албанија, овој четврток на 17 септември во Куршумли Ан во Скопје, ќе започне 14-то издание на Меѓународниот театарски фестивал Скупи. Од сабота, пак, на платото пред МНТ, ќе се одвива 13. Фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ.

Безмалку истовремено, покрај другите фестивали, промоции и културни настани на отворено кои некому во овој пренатрупан „пандемиски“ септември му доаѓаат како мелем на рана, ќе се одржат и два театарски. Од 17 септември, во Куршумли Ан во Старата скопска чаршија, ќе се одвива 14. Меѓународен театарски фестивал Скупи, а во деновите од викендот, на платото пред Македонски народен театар – 13- то издание на Фестивалот на пантомима и физички театар ПАНФИЗ.

СКУПИФЕСТ ќе започне утревечер со „Црна кутија“ во продукција на Театар Миѓени од Скадар, Албанија. Во неа авторот Паоло Џеновезе се обидува да се нурне во една тема која наедноставно ја опишал со реченицата: Сите имаме јавен живот, приватен живот и ... таен живот.

В петок, на 18 септември, Српскиот народен театар од Нови Сад ќе ја прикаже „Граматички нарушувања“ од Фрањо Петриновиќ, за која е забележано дека се бави со „неусогласениот, каприциозен, пргав, исплашен, агресивен, летаргичен, бездушен и пред се вознемирен свет“ и која се обидува да не потсети на она што постојано го забораваме – љубовта кон нашите најблиски. Сараевскиот воен театар од Босна и Херцеговина, наредниот ден, ќе ја прикаже „Целата моја љубов“ на Лаурент Мовиние, текст во кој ликовите стануваат жртви на сопственото минато и сеќавањата, а веќе в недела на 20 септември, на програмата е „Будење на пролетта“ од Франк Ведекинд во продукција на Косовскиот национален театар од Приштина, проект кој во суштина говори за колективната и личната слобода и за солидарноста што го крепела духот на колективниот отпор.

Следува „Кокошка“ од А.П. Чехов и Николај Кољада зад која како не стандардна претстава која ги опфаќа проблемите на современите уметници во државните театри и проблемот со агресивниот материјализам што не опкружува овојпат застана СПАМ СТУДИО од Софија, Бугарија, а во вторник, на 22 септември, на програмата е „Златна лопата“ од Фердинанд Хуси и во продукција на Театар МЕРГИМТАРИ од Загреб, Хрватска. Станува збор за драма за обичниот човек кој целиот свој живот го поминал низ страдања, напори, понижувања и разни потценувања oд општеството што го опкружува.

Истата вечер, на сцената во Куршумли ан ќе биде прикажана „Дел од колекцијата“ на Театар ВАГАБОНДИ од Софија. Во најава за неа ќе биде забележано дека станува збор за една „прозаична игра“, инспирирана од стихови, фрагменти и песни на Димитар Воев од книгата „Поздравете ги боговите од мене“. Авторот и режисер на претставата Иван Јуруков, актерите Николај Димитров, Стојан Младенов и Милен Апостолов изградиле претстава што го „фаќа“ гледачот со длабочината, но и бунтовниот дух на поетскиот збор, со огнено чувство на љубов но и остар сарказам, со болка од осаменост, но и со романтичен поглед на ѕвездите.

- Ова 14-то издание на СКУПИ ФЕСТ, и покрај условите во кои живееме и твориме во оваа пандемиска 2020 година, согласно изградената традиција и реноме, програмски нуди значајни средби со претстави од регионот. На тој начин претставува и еден актуелен поглед врз иновативниот театар желен за ризик и прогресивно размислување. Всушност овој избор се состои од претстави, каде што новите тенденции во театарот не се единствено уметничка цел, туку се одвиваат и заедно со критичкото размислување за социјални и политички предизвикувачки прашања, вели Музбајдин Ќамили, актер и директор на СКУПИ ФЕСТИВАЛ.

Кон ова само уште информацијата дека како и досега Фестивалот има натпреварувачки карактер, а годинава за наградите ќе одлучува жири комисијата во која се актерката Амернис Нокшиќи Јовановска, режисерката Наташа Поплавска и новинарката Евис Халили.

Плакатот за годинешното издание на ПАНФИЗ - автор Олга Ѓорѓиева

Од друга страна, притеснет во само две вечери, на отворено на Северната страна од платото пред Македонскиот народен театар, на 19 и 20 септември, со сите пропишани здравствени протоколи и поделба на билети по принципот „прв дојден прв услужен“, ќе се одржи и 13. Фестивал на пантомима и физички театар ПАНФИЗ.

Во пресрет на ова случување кое херојски повеќе од една деценија се бори да ги постави пантомимата и физичкиот театар на вистински заслуженото место на домашнава културна сцена, актерот, пантомимичар и режисер Трајче Ѓорѓиев, знае да каже дека тие како организатори се решиле да излезат пред публиката и со три претстави на кои ќе имаат можност да присуствуваат само по 30 посетители да ја оправдаат укажаната доверба и статусот на Фестивалот како значајно интернационално случување.

- Иако беше многу тешко и се соочивме со многу проблеми како и останатите организатори на културни манифестации, сепак успеавме да обезбедиме гости од Србија и од Бугарија кои заслужуваат особено внимание. Така, на самото отворање в сабота ќе ја имаме српската атракција – дуото АЛИС ИН ВОНДЕРБЕНД со претставата „Кис“ која што е музичка комедија и која се фокусира на професионалната игра и спонтаност, а самото дуо Врбашки-Дуњашки всушност го потсетува гледачот дека телото е постаро од нашата глава, дека памети и дека може толку многу да каже, вели тој.

Сцена од претставата „Кис“ на дуото АЛИС ИН ВОНДЕРБЕНД од Србија

Ѓорѓиев и со информација дека наредниот ден, в недела напладне, гостинката од Србија Ана Загребашки ќе одржи работилница насловена како „Телото како инструмент“, а од 20 часот најнапред ќе биде прикажана „Лакомиот“ на Филип Дончев од Бугарија, претстава со класична пантомима која само пред два дена ја имаше својата премиера во Софија и ова ќе и биде втора изведба. За неа, авторот и изведувач забележува дека „лакомоста е јама без дно која не истоштува со бескрајните напори да постигнеме задоволство од кое никогаш не сме задоволни до крај“. Конечно, на затворањето на ова издание на ПАНФИЗ ќе биде претставена македонско-српската копродукција, буто перформансот „Страница“ - „Кабаре на апсурдот“ во кореографија на Марко Нектан и Ирена Лозинска каде што играат артисти и балетски уметници од Македонија.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG