Достапни линкови

57. Драмски аматерски фестивал во Кочани


Плакатот за 57-то издание на Грамскиот аматерски фестивал
Плакатот за 57-то издание на Грамскиот аматерски фестивал

Петнаесет настани, од кои 11 театарски претстави и уште четири во придружната програма, се на програмата на 57-от Драмски аматерски фестивал, кој наместо во последната недела на мај, во деновите од викендите на септември и октомври, ќе се одржи на неколку локации во Кочани.

Драмското студио при Дом на културата „Тошо Арсов“ од Виница со „Класен непријател“ од Најџел Вилијамс во режија на Столе Мицов, Драмското студио Спотлајт од Штип со претставата „Who The Fuck Is Sunday?“ од Весна Куслеска во режија на Ефтим Трајчов Ѓаурски, многупати наградуваната „Дневникот на лудиот“ од Николај Васиљевич Гогољ со актерот Бобан Алексоски и Ѓорѓи Ризески како режисер, битолскиот Интимен театар со „Процес 180“ на Никола Ристевски со Ана Жежовска и Валентин Дамчевски, „Вејка“ од Коле Чашуле во режија на Слободан Елисеев и продукција на Градски театар - Сцена 71 од Свети Николе...се само некои од 11 проекти од програмата на 57-от Драмски аматерски фестивал во Кочани.

Фестивалот, наместо во последната недела на мај, ќе се одвива во деновите од викендите почнувајќи од 7 септември и се така до првата недела од октомври на неколку одбрани локации на отворено во градот кој безмалку цели шест децении силно пулсира заложбата за драмскиот аматеризам и љубовта кон театарот. Згора на ова придружната програма вклучува четири настани како поезија на Марина Гоцева, ликовен перформанс за кревање на еко свеста, концерт на THE QUARTET, детска претстава со марионетите на Валентин Георгиевски... и гостување со две претстави на ДАХ театар од Република Србија, а отворањето на манифестацијата ќе биде сторено во понеделник пред Споемникот на Слободата со Театарска Работилница Прилеп. Ќе биде изведена монодрамата „Лидија, или сѐ што знам за жените" од Тихомир Јанчовски во адаптација, режија и сценски настап на Игор Трпчески – Трпче.

Проектот, како што самиот автор објаснува, е напишан во пет дена како љубовна преписка помеѓу вистински актери, писателот Тихомир Јанчовски и Лидија со која се запознале на една промоција на книга во Битола. Станува збор за поетски роман кој јас го адаптирав за театарска претстава и се надевам дека делото ќе доживее повеќе преводи, а монодрамата повеќе изведби на разни сцени затоа што е податлива за различни видувања. Дури, слободно ќе кажам, дека би било убаво да се најде на филм ако за тоа се обезбедат средства и услови за тоа да се случи, вели Трпчески.

Игор Трпчески на минатотгодишното издание на ДАФ во Кочани

Дарко Спасов, пак, претседател на Управниот одбор на Драмскиот аматерски фестивал појаснува дека годинава, во време на светска пандемија и засилени мерки за превенција и заштита од вирусот Ковид - 19, манифестацијата ја организирале во мошне отежнати услови. Дополнува дека во случајов имало многу помалку пријавени театарски групи на отворениот конкурс, но дека сепак се потрудиле да стокмат солидна програма притоа внимавајќи строго да бидат спроведени протоколите за заштита на публиката и на учесниците на ова традиционално случување.

Фестивалот и во минатите години поминувал низ секакви премрежија и сме успевале да останеме на линијата на промоција и стимулација на драмскиот аматеризам. Верувам дека и овојпат, сепак, ќе го измотивираме тој свет, љубителите на театарската уметност, и ќе им покажеме дека Кочани секогаш е отворен за соработка и дека Фестивалот ќе продолжи со својата културна мисија и во следната деценија, дециден е Спасов.

Инаку, случувањата на ДАФ, според организаторот, е планирано главно да се случуваат пред Споменикот на Слободата, на летната сцена пред Центарот за култура „Бели мугри“, на платото пред детското игралиште во Трговскиот центар и во кафе-бар „Рокси“.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG