Достапни линкови

Димитријевиќ: „ТМ“ е искрен порив да се канализира гневот и преточи во филм


Ивица Димитриевиќ во улогата на Филип во филмот „ТМ“

Работен со буџет од нула денари, „ТМ“ е филм за осаменоста, вербата во невозможното, критика на општеството и политиката како главен кривец за исчезнување на поединецот. Скопската премиера на делото е планирана да се случи на Cinedays, а Ивица Димитријевиќ нагласува дека „не измислиле топла вода“.

В недела на Cinedays 2020 ќе се случи скопската премиера на „ТМ“, филмот што како автори заеднички го потпишувате со Мартин Иванов. Летово го виде публиката на охридскиот Beach Film Festival, но не се сомневам дека со нагласена возбуда ја чекате и средбата со публиката на реномираниот Фестивал на европски филм. Што е она што сега ви се врти во главата?

- Пред се благодарност до Beach Film Festival и до Cinedays што ја видоа, препознаа и валоризираа нашата работа, но посебно и на сите они кои беа вклучени во реализацијата на филмот. Секако дека секоја средба со нова публика која првпат ќе го гледа „ТМ“ предизвикува возбуда, но повеќе би рекол во нашиот случај таа е радост. Инаку тоа што сега ни се врти во главата е ново сценарио за игран филм и како да ги монтираме деловите од документарецот кој веќе некое време е во процес на подготовка.

„ТМ“, по „Копање“ од 2017, е вториот твој филм како режисер снимен со буџет од НУЛА динари. Без било каква помош од институциите, државата... Од идеја, на мускули и со несебична помош на колегите, истомислениците. Каков беше патот до него? Вредеа ли жртвите? Што говори ова за вас како творци, уметници?

- И „Копање“ и „ТМ“ се снимени со огромна помош од сите оние кои биле дел од екипите на двата филма. Тоа несомнено покажува дека колегите , истомислениците и ние имаме јаки мускули. Што се однесува до тоа каков беше патот, можеби по некое време ќе испишеме и книга во која подробно ќе раскажеме за се она низ што сме поминале во овие процеси. Жртвите се ништо во споредба со задоволството, среќата и радоста која ја имавме со колегите за време на снимањето и потоа. А што говори ова за вас како творци, уметници? Не знам, за тоа треба другите да кажат.

Најнапред сценарист, потем режисер...и згора на тоа актер во „ТМ“. Која од трите улоги беше потешката?

- Уф , ова звучи премногу егоистички и мегаломански, но тие се термините кои се утврдени во филмскиот вокабулар. Јас имав една улога и тоа е улогата на Филип, што се однесува до режија и сценарио бевме двајца. Одговорноста е секаде со различен интензитет, но ако морам да издвојам една работа која е по одговорна тоа би било режијата. Имам среќа дека сме двајца, па секогаш ако нешто излезе лошо може да кажам "а тоа беше решение на Мартин". Хаххаха.

Во целиот овој зафат несебично влегоа и вашите колеги Наталија Теодосиевска, Димитар Доксевски, Гораст Цветковски, Драгана Костадиновска, Срѓан Јаничиевиќ... мнозина други. Што ви говори ова вам? Дека со уметноста може да се менуваат апсурдностите на средината во која живееме или...

- Без права екипа не можеш ни саглам кафе да се напиеш, а камоли да направиш филм. Правата екипа е се*, особено во ваквиот начин на правење на работите. Секако дека ваквото екипирање околу една идеја може да смени поедини делчиња од апсурдноста на средината во која живееме и доколку таа иста идеја инспирира и други да почнат да се организираат околу своите идеи можеби во одреден момент ќе почне да се менуваат и поголеми делови од сегашната наша реалност.

Во најавата за филмот ќе биде запишано дека „ТМ е филм за осаменоста, вербата во невозможното, критика на општеството и политиката како главен кривец за исчезнување на поединецот, за исчезнување на една личност, која е цел еден свет“. Сепак, во овој случај политиката и политичарите е „сето она што не би сакале да го има, да се види во филмот“.

- Не измисливме топла вода, мислам дека кај нас на сите им е јасно се околу политичарите и нивното однесување. Чест на исклучоци. „ТМ“ е резултат на неподносливата ситуација во која се наоѓавме и се наоѓаме , искрен порив да се канализира гневот и да се преточи во овој случај во филм кој ќе проба директно, документаристички, да го предочи , прокоментира и искритикува тоа што сите го знаеме а срамежливо го премолчуваме и голтаме се дур не се доведеме до сериозна психоза.

И, кога сето ова ќе биде кажано, ќе имате ли желба, сили, инает... и по трет пат да го поминете истиот пат? Или конечно „некој“ од еснафот, луѓето од културата чија должност е конечно токму тоа... ќе го препознае вашиот ракопис. Подготвувате ли нов филмски проект? Што е она новото што ве скокотка како тема што би било згодно да биде ставена во филм?

- Ние паралелно дури ги работиме овие филмови активно аплицираме во нашиот Филмски фонд. До сега не сме имале проект кој бил помогнат од нив, но тоа како што гледате не не спречува да работиме. А, ова не значи дека и понатаму нема да аплицираме. Погоре споменав дека работиме на ново сценарио за игран филм и се бориме со материјалот што го имаме за документарен филм. Теми има колку сакаш, но тоа што нас не интересира во моментот е она што некако најдобро го знаеме а тоа е личната драма на поединецот.

Ивица Димитријевиќ е актер во МНТ кој, поради пандемијата и мерките за превенција од Ковид-19, повеќе од половина година не се качил на матичната сцена. Како се справувате со жедта за театар, за игра? Ќе остави ли сето ова лузни на театарот на иднината? Каква е вашата визија за него во времево пред нас?

- Целата ситуација со Ковид-19 зададе сериозен удар на досегашното функционирање на целото општество. Исто така оваа ситуација извади на површина многу недостаоци кои до сега "успешно" се заткривале. Едноставно се исцепаа веќе зацепаните гаќи. Театарот не беше поштеден. Но колку и да е тешко секогаш и од се*, доколку се сака може да се извлече поука и да се стане појак, да се проба да се пристапи сериозно и аналитички на проблемите и да се најдат нови решенија. За цело време на карантинот будно следев како се справуваат театрите низ околината и светот со ситуацијата и можам да кажам дека имаше интересни обиди и дела кои излегоа како резултат. Можеби застана физичкото присуство на сцена на актерите и на публиката во гледалиштето, но не престана размислувањето и барањето начин за творење. Се изнагледав куп разговори кои ги водеа луѓето од фелата низ светот кои бараа начини како да се продолжи да се функционира. Што се однесува кај нас поставеноста на целиот систем на функционирање на културата, а тука е и театарот и на тоа додаден, менталитетот целосно не парализира. Секако и кај нас имаше луѓе од театарот кои исто така пркосеа на оваа состојба. Инаку, имав среќа да бидам учесник на една онлајн работилница на Даниел Ветзел од „Римини протокол“ и да одам да играм на фестивал во Австрија со претстава која ја работев минатата година во Швајцарија. Тоа некако ми помогна да се одржам во кондиција. Од друга страна, театарот низ годините има веќе собрано доста лузни така да оваа нова се надевам нема да биде фатална за него во формата во која сега го знаеме. За иднината не можам да давам прогнози само знам дека ако свесно и будно гледаме на работите ќе успееме полесно да се фатиме во костец со тоа што ни носи новото утре.

И, конечно актерот, режисер и сценарист е и член во три македонски бенда ТБ ТРАЧЕРИ, СИЗ и РИБ со бројни изданија зад себе. Дали можеби тој рокенрол став кон реалноста е она што него го определува како уметник и човек кој не се помирува со искачените висини и поминатите води? Се крчка ли ново дискографско издание, некоја нова музика?

- Рокенрол ставот ако е тоа некоја „карактеризација“ е присутен во моето однесување и доста ми помага во решавањето на разноразни ситуации кои животот и професијата ми ги приредува. Кога би одговорил со НЕ на прашањето дали се крчка ново издание би излажал. Тука би искористил пар наслови од моите сакани филмови како некој крај на овој разговор. „До последниот здив“ како „Персона“ која понекогаш делува како „Разјарен бик“ продолжуваме до конечната „Апокалипса сега“

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG